Достапни линкови

 
Седумнаесет општини не аплицирале на вториот повик за пари од унгарскиот кредит

Седумнаесет општини не аплицирале на вториот повик за пари од унгарскиот кредит


Mинистерот за локална самоуправа, Златко Перински
Mинистерот за локална самоуправа, Златко Перински

Вкупно 450 апликативни формулари од 63 општини се доставени до архивата на Министерството за локална самоуправа на вториот јавен повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти.

Како што информира министерот за локална самоуправа Златко Перински, 36 општини аплицирале со проекти во вредност од максимумот на финансиски средства кои им следуваат согласно формулата по глава на жител, 27 општини имаат можност да аплицираат со уште проекти до максимум предвидената сума, а 17 општини воопшто немаат поднесено апликации.

Воопшто не аплицирале општините Сарај, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Липково, Пробиштип, Валандово, Росоман, Боговиње, Врапчиште, Маврово Ростуше, Теарце, Дебар, Струга, Битола, Крушево и Долнени.

„Апелираме до сите локални самоуправи да ја искористат оваа можност и да го запазат законскиот предвиден рок за пријавување кој истекува на 30 април годинава“, рече Перински.

Тој вели дека во вториот јавен повик биле предвидени и ставени на располагање до 15 милијарди денари за капитални и инфраструктурни проекти.

„Се покажа од првиот повик дека најголем интерес има за подобрување на патната инфраструктура, бидејќи од 288 проекти дури 225 се за подобрување на патната инфраструктура и се реализираат преку Министерството за транспорт. Согласно информациите кои ги имаме и во вториот јавен повик во најголем дел фокусот на локалните самоуправи е во делот на подобрување на патната инфраструктура“, рече Перински во одговор на новинарско прашање.

Од досега пристигнатите 450 апликации на вториот јавен повик, повеќе од 330 се за подобрување на патната инфраструктура.

„Има и проекти кои се за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во делот на животната средина, изградба на училишта, градинки спортски сали“, истакна Перински.

Роковите за изведба на проектите од првиот јавен повик ги одредуваат локалните самоуправи.

Од првиот јавен повик 251 проект е со склучен договор, 140 се веќе воведени во работа, 30 се целосно завршени, 33 се во постапка на тендерирање и само за четири воопшто не е започната постапка, истакна Перински и појасни дека кај дел од овие четири проекти била почната постапка која се поништила заради одредени фактори и сега повторно треба да се обнови.

Сите пари кои им се доделуваат за реализација на проектите на општините се од кредитот кој Северна Македонија го зеде од Унгарија. Вкупно се задолжи за милијарда евра, од кои 250 милиони се предвидени за општински проекти.

XS
SM
MD
LG