Достапни линкови

 
Ќе ги „победи“ ли Ердоган протестите поради апсењето на неговиот ривал?

Ќе ги „победи“ ли Ердоган протестите поради апсењето на неговиот ривал?


Истанбулскиот градоначалник Екрем Имамоглу
Истанбулскиот градоначалник Екрем Имамоглу

Пред повеќе од четвртина век, на популарниот градоначалник на Истанбул му беше одземена функцијата и беше затворен под обвинение што неговите приврзаници ги оквалификуваа како политички мотивирани, а подоцна повторно стана лидер со најдолг стаж во модерната историја на неговата земја.

Тоа беше Реџеп Таип Ердоган, актуелниот претседател на Турција.

Но, Ердоган сега се соочува со политичка криза која може да биде најсериозна во неговото сè поавторитарно владеење од повеќе од две децении.

И како соодветна симетрија, сега апсењето на уште еден популарен и отворен градоначалник на Истанбул го предизвика токму него.

Повеќе од една недела беснеат протести во Истанбул, Анкара и други градови и провинции низ земјата по приведувањето на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу на 19 март под обвинение за корупција и помагање на терористичка група.

Немирите се најголемите и најшироки што ја зафатиле земјата од протестите во паркот Гези кои доминираа со недели во светските наслови во 2013 година, забрзувајќи го, како што велат групите за права, процесот на авторитаризам под Ердоган.

Иако не се пријавени смртни случаи во тековните демонстрации, имаше речиси 1500 апсења - вклучително и некои поради навреди кон Ердоган и неговото семејство - при што некои новинари беа затворени, а репортерот на БиБиСи беше депортиран откако беше информиран дека е „закана за јавниот ред“, објави британската телевизија.

Но, главната причина поради која аналитичарите велат дека актуелната криза може да се покаже како уште поголем пресврт за Ердоган и за турската демократија е променетата економска и политичка средина.

„Тогаш Ердоган навистина немаше харизматичен ривал, економијата беше во подобра состојба и што е најважно, конзервативните гласачи останаа лојални на Партијата на правда и развој“, вели Димитар Бечев, автор на книгата „Турција под Ердоган: Како една земја се сврте од демократија и запад“ од 2022 година.

„Сега анкета по анкета ги идентификува трошоците за живот како главен проблем за турските граѓани. Имамоглу зборува токму за тоа и затоа се поврзува со поширокото гласачко тело“, рече Бечев за РСЕ.

„Силата е во бројките“

Тешко да се преувеличи обемот на предизвикот што харизматичниот Екрем Имамоглу го претставува за Ердоган и неговата партија.

Неговиот притвор дојде само неколку дена пред прелиминарните избори на 23 март за да се потврди како кандидат на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП) за претседателските избори закажани за 2028 година.

Околу 15 милиони граѓани излегоа на првичните избори, односно повеќе од бројот што гласаа за ЦХП на парламентарните избори во 2023 година, за да изразат поддршка за единствениот кандидат на гласачкото ливче.

ЦХП ја објави номинацијата на Имамоглу на 24 март.

Во моментот на притворањето, 53-годишникот веќе се бореше со осудата и затворската казна од 2022 година затоа што ги нарече изборните службеници „будали“ откако тие ги откажаа резултатите од неговата градоначалничка победа во 2019 година, принудувајќи го да победи во повторен избор.

Казната од две и пол години не стапи на сила поради неговата жалба.

Непосредно пред апсењето на Екрем Имамоглу контроверзно му беше одземена универзитетската диплома од Универзитетот во Истанбул, лишувајќи го од доказот за високо образование што е предуслов за претседателските кандидати во Турција.

Акумулацијата на потези против политичарот поттикна широко распространето сомневање за тврдењето на властите и провладините медиуми дека последната истрага насочена кон него и повеќе од стотина сопартијци е аполитична.

„За среќа на Имамоглу овие постапки само ќе го направат попопуларен“, изјави за РСЕ Ихор Семиволос, директор на Центарот за блискоисточни студии во Киев.

Никогаш познат по деескалаторна реторика, Реџеп Таип Ердоган (71), ја обвини ЦХП за поттикнување „движење на насилство“ со поддршка на протестите, кои главно беа ненасилни, и за „потонување на економијата“ со „шоу“ за кое тој предвиде дека ќе избледи.

ЦХП го осуди апсењето на Имамоглу како „пуч“ и одржа, како што рече, последен партиски митинг пред градското собрание на Истанбул ноќта на 25 март, пред големиот митинг планиран за 29 март.

Но, студентските протести продолжија, при што група студенти кои демонстрираа пред Техничкиот универзитет на Блискиот Исток во Анкара беа нападнати од полицијата со водени топови, солзавец и пластични пелети на 27 март, објави Асошиетед прес.

Движење кон „избрана диктатура“?

Каков пресврт и да добијат настаните на улица, ЦХП, партијата која е најтесно поврзана со основачот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк, се чини дека го има моментумот.

Тоа е во голема мера благодарение на Имамоглу, кој успеа да ги надмине урбаните, секуларните и образованите сегменти на општеството кои ја формираат базата на партијата, со фразата „сè ќе биде добро“ што ја усвои во силен контраст со реториката на поделби на актуелниот претседател.

Уставните ограничувања налагаат Ердоган да не може да се кандидира повеќе од неговиот сегашен мандат, освен ако парламентот не распише предвремени избори или не се измени основниот закон.

Но, малкумина се сомневаат дека една од тие работи ќе се случи, што објаснува зошто ЦХП ги одржа првичните избори толку рано.

Во јануари, портпаролот на партијата на Ердоган потврди дека четвртиот претседателски мандат за турскиот лидер, кој претходно беше премиер пред да стане претседател, е „на нашата агенда“.

Во својот извештај Слобода во светот за 2025 година, Фридом Хаус ја именуваше Турција меѓу 10-те земји кои беа сведоци на најостриот пад на демократските слободи во последната деценија.

Во 2024 година, кандидатите на ЦХП освоија поголем дел од гласовите на локалните избори на национално ниво од Партијата за правда и развој, со што на владејачката партија која Ердоган ја коосноваше во 2001 година и зададе еден од најголемите удари откако дојде на власт.

Во колумна за „The Conversation“, Ахмет Т. Куру, директор на Центарот за исламски и арапски студии на Државниот универзитет во Сан Диего, рече дека долгогодишниот лидер на Турција се покажал како „мајстор за изборно водење во смисла на промовирање популистички политики и манипулирање со медиумите и изборните практики за да работи против опозициските партии“.

Но, со економија дефинирана од висока инфлација и вистински популарен ривал, Ердоган сега е „навистина загрижен“ дека овие тактики нема да бидат доволни, напиша Куру.

„Ако владејачката елита ризикува понатамошна репресија, „тоа би можело да го префрли политичкиот систем на Турција од погрешна демократија во „избрана диктатура“ слична на Русија на Владимир Путин“, предупредува Куру.

XS
SM
MD
LG