Достапни линкови

 
Зошто има смисла украинските мировни разговори да се водат во Саудиска Арабија?

Зошто има смисла украинските мировни разговори да се водат во Саудиска Арабија?


Украинскиот претседател Володимир Зеленски се среќава со саудискиот престолонаследник Мухамед бин Салман, 10 март 2025 година
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се среќава со саудискиот престолонаследник Мухамед бин Салман, 10 март 2025 година

Чадот од ударот на Овалната соба што ги исфрли од шините американско-украинските односи едвај се исчисти, а војната во Украина е веќе на нова пресвртна точка.

Но, една земја - Саудиска Арабија, се појавува како центар на гравитација за потенцијалните мировни разговори.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски отпатува за Ријад на 10 март за да се сретне со саудискиот престолонаследник Мухамед бин Салман, де факто владетел на кралството во Заливот.

Посетата на украинскиот претседател го постави теренот за нова рунда преговори меѓу американските и украинските делегации кои започнуваат во Џеда на 11 март.

На разговорите е предвидено да присуствува украинска делегација во која ќе бидат и украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, началникот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак и министерот за одбрана Рустем Умеров.

Американскиот државен секретар Марко Рубио исто така треба да дојде во Џеда. Покрај состаноците со украинските колеги, Стејт департментот соопшти дека се очекува тој да се сретне и со саудискиот престолонаследник.

Во изјавите пред посетата, Зеленски вети „многу работа“ на дипломатскиот фронт, велејќи дека неговиот тим бил ангажиран со администрацијата на Трамп на различни нивоа.

„Темата е јасна - мир што е можно поскоро, безбедност што е можно подоверлива. Украина е целосно посветена на конструктивен пристап“, рече Зеленски.

Тоа е помирувачки јазик по катастрофалната средба на Зеленски во Овалната соба на 28 февруари со американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џеј-Ди Венс, средба што го шокираше светот и ја стави украинската дипломатија во позадина.

По тој состанок, администрацијата на Трамп ја казни Украина со запирање на виталниот проток на разузнавачки информации и привремено суспендирање на американската воена помош. Но, оттогаш, Трамп е изненадувачки позитивен и оптимистичен за изгледите на мировни преговори.

„Мислам дека на крајот ќе имате, а можеби и не толку во далечна иднина, ќе имате прилично добри резултати кои ќе излезат од Саудиска Арабија оваа недела“, рече Трамп во изјавата за медиумите.

Уникатна блиска врска со Трамп

Улогата на Саудиска Арабија во потенцијалните мировни преговори се најде во фокусот во февруари, кога американските и руските дипломатски претставници го одржаа првиот круг разговори за ставање крај на војната во Украина. Тие дискусии дадоа ветување за помалку фригидни односи меѓу Вашингтон и Москва, при што двете земји се согласија да започнат со обновување на дипломатските врски.

Украина немаше место на масата во тие разговори, што предизвика загриженост во Киев и европските престолнини дека САД и Русија ќе се обидат да преговараат за договор без Украинците.

Но, метежот во Овалната соба покажа дека склучувањето договори со Трамп е многу лична работа. А саудискиот престолонаследник, нашироко познат по неговите иницијали МБС, има уникатно блиски односи со американскиот претседател.

Пример за ова: првиот повик на странски лидер на Трамп по преземањето на функцијата во јануари беше со МБС. Престолонаследникот го информираше Трамп дека планира да вложи 600 милијарди долари во нови инвестиции во Соединетите Држави во следните четири години. Трамп, исто така, најави дека планира да ја посети Саудиска Арабија во наредните недели.

Но, МБС има уште една клучна врска: долгогодишно пријателство со рускиот претседател Владимир Путин. Русија и Саудиска Арабија воспоставија блиско партнерство во последниве години, особено преку договорот за производство на нафта во ОПЕК +.

А МБС беше почесен гостин на Путин, особено кога беше примен од лидерот на Кремљ на отворањето на Светското првенство во 2018 година.

Така, додека оваа недела дипломатијата се одвива во кралството на Персискиот Залив, вреди да се потсетиме зошто ова би можело да биде експертска улога на МБС:

Саудиска Арабија може да обезбеди форум за склучување договори надвор од опсегот на интензивната медиумска контрола, а за возврат може да ја покаже моќта на принцот престолонаследник во меѓународните работи.

Киев, Вашингтон и Москва можеби се позиционираат за потенцијален мировен процес без јасно решение за конфликтот што сè уште е на повидок. Но, состаноците оваа недела ја нагласуваат позицијата на МБС како моќен посредник во целата работа.

XS
SM
MD
LG