Министре Андоновски, изјавивте дека дигиталната трансформација мора да се изгради на три столба: поврзаност, сајбер безбедност и инклузивност. Колку од денешна позиција сме далеку од тој пат?
Важно е дека го започнавме патот. Македонија беше еден од предводниците на дигитализацијата во периодот од 2014-2015 година и чувствувам дека има потреба кај граѓаните тој процес да забрза и да продолжи со позасилено темпо за да се вратиме на тие успешни патеки. Зошто велам дека имам такво чувство, ние имаме сериозен ИТ талент во општеството, градиме сериозни кадри од институциите.
Имаме сериозен недостиг на кадар кој треба да работи во тој сектор…
Постои сериозен недостиг на кадар и во приватниот и во јавниот сектор во поглед на ИКТ индустријата, затоа што побарувачката е се уште голема и платите се многу високи и затоа што универзитетите подготвуваат квалитетен кадар кој веднаш си наоѓа место на пазарот на труд. Иако имаме едно запирање на дел од меѓународните проекти кои се однесуваат на приватниот сектор, сметам дека побарувачката ќе продолжи да се зголемува за оние кои се квалитетни.
Како ќе се дојде до кадарот, со оглед на тоа што е воочено дека има недостиг и во Националната сајбер стратегија?
Кај сајбер професионалците имаме и дополнителен проблем. Кога работите на проекти за сајбер безбедност многу е важно да го ангажирате јавниот сектор прво. Многу е потешко да ангажирате приватна фирма на тендер која ќе се грижи за вашата сајбер безбедност, а таа фирма утре е продадена на некоја држава или институција која е противник на Македонија или не е член на НАТО или некоја таква состојба ни се случува и затоа ни е важно да ангажираме и во јавниот сектор сајбер професионалци.
Затоа со новиот закон кој го подготвуваме имаме предвидено дел кој е дополнителен надоместок за луѓето кои ќе бидат сајбер професионалци во сите институции во државата, особено со критична инфраструктура и второстепено, засилена улога на секторот за сајбер безбедност во рамки на Министерството за дигитална трансформација, кој треба да добие уште поголем надоместок за нивната работа.
Државата беше сместена во топ 10 држави коишто се најранли во однос на сајбер безбедноста. Дали преку овие законски решенија за кои што говорите треба да се подобри оваа ситуација?
За жал, ние сме држава без Закон за сајбер безбедност додека сите држави и од регионот и од Европа донесоа такви закони пред 13 години. Ние го правиме напорот да се донесе законот сега, најверојатно до јуни месец. Тој закон ќе биде нашиот патоказ каде треба да се движиме во сајбер заштитата. Сега заштитата која ја нудиме во сајбер просторот е ад-хок. Ако некоја институција сама реши да се заштити, таа тоа го прави. Но, се уште немаме обврска сите институции тоа да го прават и затоа е ваквата невоедначеност која ни се случува да определени институции се многу често мета на сајбер напади.
Меѓутоа, државата изминатите години потроши милиони евра за заштита на институциите. Нема епилог од тоа?
Точно, интересен податок е дека над 20 институции имаат купувано руски антивируси. Десетици институции ненавремено ја зголемиле или надградиле својата заштита , па работеле со истечени лиценци. Голем број на институции сместуваат податоци на граѓаните на сервери кои подоцна не се грижат дали се доволно заштитени или каде им се сместени.
Ова се прашања кои сите институции ад хок ги решавале. За разлика од сите други закони, во законите кои се однесуваат на сајбер безбедноста, ние немавме прекршочни одредби и инспекциски надзор дали тие одредби од законите се почитуваат. Во измените кои сега ги донесовме и новиот Закон за сајбер безбедност, Министерството за дигитална трансформација тоа ќе го контролира и потенцијално ќе казнува онаму каде гледаме дека институциите не постапуваат.
За кои 20 институции што набавиле руски антивирус станува збор?
Може да се забележи во истражувањата од јавните набавки кои институции каква лиценца има купено и за каков антивирус станува збор. Секако, тоа не е противзаконски, не е кривично дело, бидејќи тие компании постојат и функционираат но ставот на државата е дека сме членка на НАТО, дека сме прозападно ориентирани и целиме кон евроатлански интеграции, а во исто време да купуваме руски антивируси.
Дали МКД-ЦИРТ тело кое е под Агенцијата за електронски комуникации ќе биде единственото тело каде ќе се пријавуваат сите електронски закани и напади?
Концептот кој го развиваме со Националанта сајбер стратегија е да имаме два вакви центри. Едниот е МКД-ЦИРТ кој останува во АЕК, а другиот е владиниот ЦИРТ сместен во сајбер секторот на Министерството за дигитална трансформација.
Бидејќи надлежноста над владините институции ја има Владата, тоа се министерствата и органите во состав. Сакавме тука од прва рака да ги имаме на увид сите состојби кои ни се случуваат во владините институции.
МКД-ЦИРТ останува единствена точка за контакт за приватниот сектор и институциите каде ние немаме надлежност. На пример тоа е Собранието, бидејќи има поголема улога со тоа што ја избира Владата, не можете да вршите надзор над работата на Собранието.
Но тоа може да пријавува инциденти во МКД-ЦИРТ. Многу ќе биде важно, тоа го утврдува и сајбер стратегијата, во постојана комуникација сме со АЕК да направиме една заедничка платформа на која овие два ЦИРТ-ови ќе комуницираат постојано. Тоа ќе значи дека независно каде ќе пријавите, информацијата ќе ја добиваат двата ЦИРТ-ови за да можат заеднички да постапуваат.
На крајот на декември се донесе и Законот за електронски документи. Оние кои што се издадени од државни институции електронски ќе важат исто така како и во хартиена форма со печат. Колку државните институции, меѓутоа и приватните компаниии ги почитуваат новите законски одредби, со оглед на тоа што имаше медиуми кои што објавија дека во текот на јануари се уште има проблеми, односно не се почитува законското решение. Дали е даден некој преоден период за тоа да конечно да стапи на сила?
Еве поминуваат веќе два месеци од примената на законот, што се однесува до јавниот сектор, до сега до нас не се стигнати поплаки дека не се признаваат документи во институциите, што значи дека институциите навремено ажурно го увиделе нашето упатство и препораките кои што ги пративме за правилна примена на законот.
Во приватниот сектор постојат определени недоследности, претежно коментарите беа од нотарите и банките. Минатата недела испратив допис до Нотарската комора, се надевам дека и тие ќе го уредат својото поведение во насока на целосна примена на овој закон.
И ова са тие меки мерки за кои што зборував од почетокот, со дописи, со укажувања, со состаноци, со разговори, да ја потикнеме примената на овој закон. Во паралела на тоа работиме на лиценцирање на инспектори за прв пат во поглед на примена на законите кои што се во Министерството за дигитална трансформација и со почетокот на нивната работа, ако гледаме дека институциите не сакат да го сообразат својото однесување, ние ќе примениме и репресивни мерки, што значи прекршачни санкции и платни налози.
Од почетокот на 2025 година, Управата за водење на матични книги, влезе под капата на Министерството за дигитална трансформација. Изминатиот период, Народниот правобранител Зибери, излезе во јавноста и каже дека се уште имаме голем број на фантомски граѓани во државата, 400 или 500 негде, иако негде во 2021 година се донесе законското решение, со кои што тие лица треба да бидат препознаени пред системот. Каде е закочена работата и зашто се уште опстојува овој проблем?
Веднаш ќе се зафатам со ова прашање и ќе формирам една работна група меѓуресурска која што ќе треба да им помогне прво на овие луѓе кои што веќе започнале процедурата, а брзо да ја завршиме. А потоа да ги детектираме оние кои не се регистрирани, но може и не сакаат да се регистрираат. Постои една таков страв кај определени луѓе дека нема простор за нивна регистрација, не сакаат да бидат дел или не му веруваат на системот, наша задача ќе биде да ги разубедиме кога ќе ги завршиме сите оние кои сакаат да си ја завршат работата.
Ова се маргинализирани лица кои што се оставени на работ на општеството и мислам дека можеме со заеднички напор да бидеме првата држава која што ќе има нула нерегистрирани лица.
Тоа беше целта на законското решение и во 2021 година.
Да, за жал, не успеа целосно да се реализира до сега законското решение и покрај напорите, но мислам дека со работата на оваа работна група до крајот на годината ќе успееме најголемиот дел од оние кои што сакаат да се регистрираат да ги регистрираат.
Во планот на Владата во тековната 2025 година е донесување на нов Закон за медиуми. Веќе имаше расправа и помеѓу невладините организации, меѓутоа има претпоставувам дека има и предлог законско решение кој што го изготвува Министерството за дигитална Трансформација. Земени ли се завелешките од новинарските здруженија и во која фаза е донесувањето на законот?
Ќе донесеме две поголеми измени на законот. Првата која што е во моментот во владина процедура е регистрирањето и признавањето на онлајн медиумите. Бевме единствена држава во поширокиот регион која што не препознава онлајн медиуми во својот закон за медиуми, што значи дека не им дозволува на онлајн медиумите и во странство и дома да се препознаат како медиум. ова ни е примарна задача да го решиме овој правен вакуум кој што ни се појавуваше и таа измена ќе биде многу скоро во Собранието и се надевам на голема поддршка.
Имавме дебата што јавна, што директна со здруженијата на онлајн медиумите, здруженијата на новинарите и останатите еснафски здруженија за да оваа измена, помала измена на законот помине сега и веднаш што тоа продолжуваме со работа на прилагодување на Европскиот закон за слобода на медиумите, кој што ќе треба да го прилагодиме за нашите услови.
Велите дека е е во владина процедура, до кога може да се очекува да се донесе?
Па очекувам дека ќе биде донесено во текот на месец март, евентуално месец април.
Тоа значи дека до октомври или ноември, кога ги имаме локалните избори, ќе прекине таа пракса на доделување на пари на новоформирани портали, кои важат за портали кои се наклонети кон една или друга политичка партија, немаат македонски домени, немаат работени. Кои воопшто ке бидат условите за да се влезе во тој регистр, односно во тој закон?
Интересно прашање покренувате. Тоа прашање за финансирање на онлајн медиумите за избори е регулирано во Изборниот закон.
И со измени на законот за медиуми, ние не можеме да го допреме прашањето на финансирање на медиумите во рамки на изборната кампања, но, ќе биде моја препорака е воотворена до оние кои што ќе подготвуваат некакви измени ако тие се подготвуваат на Изборниот законник, да ги земе предвид регистрирањето на медиумите, на онлајн медиумите во законот за медиуми и измените што ги правиме.
Регистарот ќе го води Агенцијата за аудио и аудиовизуални медиумски услуги и условот е во моментот како што е напишан условот, е да еден медиум има најмалко тројца вработени за да може да се регистрира во тој регистар и секако да има македонски домен и импресум, во кој што точно се наведени кои се одговорните лица кои што се во медиумот. И мислам дека тоа е еден низок праг кој што може да се достигне од најголемиот дел од медиумите, од онлајн медиумите во државата и без проблем тие ќе се регистрираат во Агенцијата.
Како Министерство за дигитална Трансформација најавивте и 1,5 милиони евра за игран филм, документарец, ТВ серија за Тоше Проевски, во копродукција на МРТ и други балкански национални сервиси. До каде е оваа идеја?
Половина од средствата кои ги предвидовме веќе се исплатени на сметката на МРТ и оттука процесот го оставаме директно целосно на нив како организатори на овој јавен повик на кој ќе се пријавуваат копродукции. Претпоставувам дека процесот е во тек. Ние нема да се мешаме во содржинскиот дел, во изборот на актерска екипа и продукција, но сакаме да бидеме дел од процесот и сакаме да го поддржиме, затоа што сметам дека недоволно се оддолживме на Тоше Проевски како наша македонска икона и најголем репрезент и амбасадор на Македонија во светот, особено на Балканот. Мислам дека ова ќе биде многу успешен проект.
Имате ли зададено временска рамка до кога тоа треба да биде готово?
Според информациите кои што имаме и барањето кое што беше доставено до нас од Македонската телевизија, станува збор за три годишен проект кој што ние го финансираме во оваа прва и потоа во втора или трета фаза кога ќе видиме напредок. Очекувам дека оваа година ќе биде избрана продукциската куќа која што ќе го работи која е продукцискиот проект и веќе ќе започнат подготовките. И се надам дека ќе имаме многу успешен продукт наредните две или три години.
Министрре, како гледате на неодамнешните обвинувања за непотизам од опозициските партии во однос на вашиот татко и на вработувањето на вашиот брат?
Па јас неколку пати ги искоментирав овие прашања, не многу имам што да додадам на темата.
Брат ми е вработен во овие институции повеќе од 10 години, што значи дека никако не може да биде поврзано со мојот ангажман. Тој бил вработен пред јас воопшто да стапам на оваа функција.
Мојот татко е ангажиран како советник за национална безбедност кај премиерот, што значи дека тоа е една директна врска помеѓу канцеларијата на премиерот односно владата со него, како надворешен советник. Така што во ниеден начин не сум бил вклучен во нивниот избор или позиционирање.
За нивните квалитети и квалификации, веќе зборував би било фалбаџиство ако повторно ги повторувам, но со една реченица би кажал дека државата многу може да добија од ваквиот профил на кадри, ако правилно ги искористи.
За жал, тие не беа во минатото доволно искористени, но честа е голема од страна на премиерот, да ги ангажира да помогнат во гарантирање на безбедносната состојба на Македонија.