„Дигитален македонски денар - сега за сега тоа е само идеја, но ќе видиме како ќе се развива тоа во иднина. Тоа е иднината и мислам дека ќе бидеме први во регионот кој што ќе се обидеме вакво нешто да направиме“, изјави премиерот Христијан Мицкоски лани во јули по средбата со Хауард Лутник кого претседателот на САД, Доналд Трамп планира да го постави за свој иден секретар за трговија.
Мицкоски на 5 декември изјави дека токму при посетата на Лутик дошле до идеја за дигитален македонски денар и дигитална банка.
Идеја за дигитален денар постои веќе неколку години уште пред доаѓањето на власт на ВМРО ДПМНЕ.
Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во мај 2022 година најави дека Народната банка на Северна Македонија ја истражува можноста за воведување дигитална верзија на официјалната валута на земјата, македонскиот денар.
„По примерот на Европската централна банка, токму годинава, кога чествуваме триесет години откако денарот е наша парична единица, започнавме и со првични активности за разгледување на можноста и потребата од воведување дигитален денар. Ако анализите покажат дека е потребно и соодветно воведување дигитален денар, при некои од следните одбележувања на денот на монетарното осамостојување, се надевам веќе ќе говориме и за дигиталниот денар како официјално платежно средство во земјата“, рече Ангеловска.
Македонските граѓани ќе имаат дигитални паричници
Радио Слободна Европа запраша неколкумина случајно избрани граѓани дали знаат што се подразбира под поимот „дигитален денар“ и дали знаат како би функционирало плаќањето со него, но ретко кој знае за оваа идеја, а уште помалку што се воведува со овој проект.
„Прв пат, слушам за такво нешто, не ми е ни јасно како би можело тоа да функционира. Јас искрено немам доверба ни во македонскиот банкарски систем, а не пак во дигитални валути“, вели Зоран Г.
„Сум слушнала за оваа идеја, ама не знам што е дигитален денар. Не можам да направам разлика од досегашното безготовинско плаќање со картичка“, вели Анета М.
Од Народна банка за РСЕ велат дека всушност дигиталниот денар исто како и готовината, а тоа се книжните и кованите пари ќе ги издава токму банката, со таа разлика што тој би бил достапен за граѓаните и компаниите во електронска форма. Целта меѓу другото била да се избегне готовинското плаќање кое носи ризици, велат од банката.
„Дигиталниот денар би се чувал во дигитални паричници (e-wallets) кои можат да бидат поврзани со апликациите за мобилно банкарство на банките, но и да функционираат независно, преку апликации развиени од страна на финтек секторот. Овие паричници би биле достапни за користење од страна на граѓаните на мобилните телефони или други електронски уреди. Граѓаните би можеле директно да го управуваат своето салдо преку овие паричници, следејќи го во реално време и извршувајќи плаќања или преноси на парични средства на едноставен начин“, велат од НБРМ.
Како посебна карактеристика од банката ја издвојуваат можноста за користење на дигиталниот денар во т.н. офлајн режим. Ова овозможува извршување на плаќања дури и кога нема активна интернет конекција, при што трансакциите би се зачувувале локално и би се синхронизирале кога интернетот повторно ќе биде достапен.
Оваа функционалност е особено корисна за региони со слаб пристап до интернет, кај коишто се очекува да придонесе кон пошироко користење на електронските плаќања наместо готовината, велат од НБРМ.
Нема рокови за проектот
И покрај помпезните најави од владините претставници за дигитален денар, сепак нема конкретен одговор дали технолошки државата е подготвена да го овозможи функционирањето на дигиталната валута.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека сепак целосната дигитализација на банкарскиот систем ќе се прави во неколку фази. Очекувањата се дека ќе заврши до крајот на мандатот на оваа Влада односно до 2028 година.
„Ние во програмата на Владата предвидовме не само дигитализација на валутите туку целосна дигитализација на општеството. Дигитализацијата на банките и платежниот систем е нешто што државата го прави и мора да го прави динамично. Сметам дека ако во фази се движиме кон дигитализација на валутата ќе имаме позитивни резултати. Не смее да се направи неплански и мора да е со постоечката регулатива на Европската Унија“, вели Андоновски.
Економистите Павле Гацов, Александар Стојков и Зоран Јовановски за потребите на Стопанската комора изработија публикација во која се вели дека во дигиталниот денар се гледа можност за намалување на корупцијата и сивата економија.
„Дигиталната трага дефинитивно не се губи, зашто е во зоната на бинарните цифри и таа и по бришењето може да се врати. Поради ова, корумпираните политичари ќе мора да се збогуваат со паричното мито и со паричната корупција. И работодавачите не ќе можат без да остават трага да бараат од вработените да им се врати дел од платата или пак да им исплатат К-15 кои овие ќе го подигнат од банкомат и ќе им ги вратат парите назад“, се наведува во публикацијата „Сивиот дел од македонската економија“.
Според ова секоја дигитална трансакција може да ја алармира Управата за финансиска полиција и даночната управа. Како пример ги даваат и најситните исплати, како на пример на мајсторот за поправка на чешма на кој ако му платите со дигитална валута, тоа ќе остави трага и тој ќе мора да си плати данок.
Исто така и малите градежни фирми би требало да исплаќаат со дигитален денар плати на вработените со што не би можеле да ги сокријат давачките за осигурување, како до сега кога на пример се исплаќа плата на црно.
И еврото ќе се дигитализира
„Дигитално или физичко, еврото секогаш ќе биде евро.“
Со оваа реченица Европската Централна Банка (ЕЦБ) завршува едно од промотивните видеа со кои на европејците им се објаснува што всушност преставува дигиталното евро кое веќе е во подготвителна фаза.
Дигиталното евро е проект ЕЦБ, прифатен во јули 2021 година, за можно воведување на дигитална валута на Централната банка. Тогаш било промовирано дека целта е да се развие брз и безбеден инструмент за електронско плаќање. Тоа би требало да биде надополнување на еврото за поединци и бизниси во неговата постоечка форма што сега е готовина или банкарски сметки. Би се издавало од Европскиот систем на централни банки на еврозоната.
На крајот на мај 2023 година, ЕЦБ ги објавува резултатите од истражување на пазарот и проект за прототип на дигиталното евро.
Истражувањето на пазарот покажало дека има доволно голем број европски фирми способни да развијат дигитални решенија за еврото.
Но, на 18 октомври 2023 година, ЕЦБ објавила дека е донесена одлука да се продолжи со подготвителната фаза, а пилот проектот најавила дека можно е да биде пуштен во оптек 2025-2026 година.
Објаснувањето од банката е дека дигиталното евро би било еквивалент на готовината.
Се прави разлика од крипто-средствата, бидејќи дигиталните евра ќе бидат пари на Централната банка.
Европската централна банка би гарантирала дека се безбедни, дека дигиталното евро има стабилна вредност и дека може да се замени по номинална вредност за евра готовина.
Спротивно на тоа, крипто-средствата може значително да флуктуираат во вредноста и нивната конверзија во готовина во евра не може да се гарантира.
Дигиталното евро би ги понудило можностите што ги даваат картичките и апликациите и денес, но и плаќање без пристап до интернет, што не е можно со картички или мобилни апликации.
„Офлајн“ дигиталното евро ќе овозможи трансакции дури и без интернет-врска доколку другата страна во трансакцијата е физички блиску, било да е тоа лице или продавница. Ова исто така би овозможило плаќање во оддалечени области со несигурна интернет-врска и во случај на недостиг на комуникациски мрежи или прекини на струја.
Законодавните тела во ЕУ, Советот и Парламентот се одговорни за донесување на правната рамка, но конечната одлука за воведување на дигиталното евро ја носи Европската централна банка. Комисијата наведува дека ќе бидат потребни неколку години за да се воведе дигитално евро, во секој случај тоа нема да се случи пред 2028 година.
Дигиталното евро ќе може да се користи насекаде во еврозоната, без разлика каде се наоѓаат плаќачите и која комерцијална банка или давател на платежни услуги го користат. Плаќањето ќе биде можно во секое време, 24 часа на ден, 365 дена во годината.