Во првите три недели од изборната кампања во Косово, четворицата кандидати за премиер: Албин Курти од владејачката партија Самоопределување, Бедри Хамза од Демократската партија на Косово, Лумир Абдиксику од Демократската лига на Косово и Рамуш Харадинај од Алијансата за иднината на Косово ја фокусираа својата кампања исклучиво на внатрешните прашања со меѓусебно обвинување.
Редовните парламентарни избори во Косово ќе се одржат на 9 февруари.
Нормализирањето на односите со Србија, барањето меѓународна поддршка и сојузници, очигледно не се доволно популарни теми за привлекување гласачи, пишува косовскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Дијалогот, поточно нормализацијата на односите со Србија, е услов што меѓународната заедница му го постави на Косово за членство во Европската Унија и другите меѓународни организации како НАТО, Советот на Европа и други.
Кандидатите за премиер дебатираат за поскапување, просечна плата од 570 евра и невработеност поголема од десет проценти, давајќи ветувања насочени кон подобрување на животниот стандард, верувајќи дека на тој начин ќе влијаат на волјата на гласачите.
Дијалог со Србија – меч со две острици
Радио Слободна Европа испрати прашања до канцелариите на сите кандидати за премиер како ќе пристапат кон дијалогот со Србија доколку победат на изборите. Сепак, никаков одговор не доби од никого.
Партиите на четворицата кандидати ја водеа владата во различни периоди кога Косово потпишуваше или склучуваше договори со Србија, како дел од дијалогот за нормализација на односите.
Многу од овие договори, дури и денес, не се спроведуваат од ниту една страна а тензиите се високи.
Доника Емини, од Советодавната група за европска политика на Балканот, вели дека актуелниот премиер Албин Курти ниту за време на кампањата пред четири години не го вклучил меѓу своите приоритети дијалогот со Србија, со што, како што вели, покажал дека не е конструктивен во односите со меѓународните сојузници.
Кога станува збор за кандидатите на опозицијата, чии партии се претставија како флексибилни во однос на соработката со Западот, тие во актуелната изборна кампања не го спомнуваат дијалогот со Србија.
„Да кажете нешто во корист на Заедницата на општините со мнозинско српско население (ЗСО) сега е многу непопуларно во Косово, бидејќи тие би можеле да бидат обвинети за предавство. Од друга страна, доколку опозицијата директно објави дека е против Заедницата на општини со српско мнозинство, партиите ќе ја изгубат довербата од меѓународните актери. Значи, тоа е меч со две острици“, вели Емини.
Договор стар 12 години
Основањето на Заедницата на општините со мнозинско српско население на Косово е една од најчувствителните точки во спорот со Србија.
Двете земји го постигнаа првиот договор за ова во 2013 година, кога власта на Косово беше во рацете на тогашниот премиер Хашим Тачи. Две години подоцна, беше постигнат уште еден договор за принципите на Заедницата кога Иса Мустафа беше на чело на косовската влада. Договорот никогаш не беше спроведен, поради стравувањата на косовските власти дека може негативно да влијае на внатрешната функционалност на државата.
Во меѓувреме беа подготвени нацрти на статутот на Заедницата, беа дадени гаранции од меѓународната заедница и се вршеше притисок, но без успех.
Актуелниот премиер Албин Курти не се сретнал со претседателот на Србија, Александар Вучиќ од септември 2023 година.
Тој не одговори на поканата на ЕУ за средба, бидејќи истиот месец се случи вооружен напад во Бањска кај Звечан.
Курти постојано бараше од Србија, која ја сметаше за одговорна, прво да ги предаде напаѓачите.
Аналитичарите за дијалогот со Србија
Демус Шаша, од Косовскиот институт за политички студии, вели дека кој и да биде избран за нов премиер на Косово ќе мора да ги исполни барањата на меѓународната заедница и во исто време да контролира ЗСО да не отстапи од уставната рамка на Косово.
Сепак, тој предупредува дека наоѓањето на ова „златно решение“ нема да биде лесно.
„Србија повеќе не е црната овца на регионот, не е веќе непријател на Западот кој бомбардираше. За разлика од 1999 година, Србија е сојузник на Западот во 2025 година, а овој сојуз само се шири. Денес тие имаат политички, воени и економски односи кои ги немаше порано“, вели Шаша.
Од друга страна, Бесар Герги од Групата за правни и политички студии во Приштина не очекува дека напорите за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија наскоро ќе бидат во фокусот на меѓународните актери.
Затоа, тој препорачува новиот косовски премиер да се фокусира на три итни надворешнополитички приоритети:
„Првата е националната безбедност, која Србија секојдневно е сè позагрозена поради нејзината милитаризациска и експанзионистичка политика. Втората е консолидација на меѓународното признавање на Косово. И третата е економскиот статус на граѓаните преку привлекување странски капитал за развој на економијата на земјата“.
Дејвид Филипс, директор на Програмата за градење мир и човекови права на Универзитетот Колумбија, вели дека динамиката на дијалогот Косово-Србија може да го наметне и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, од кого не очекува многу трпение.
„Новата американска администрација ќе ги следи политиките што ги водеше во минатото. Ќе се обиде да создаде специјални економски зони во северно Косово, или правна поделба, поврзувајќи ги заедниците северно од Ибар со Србија. Трамп е бизнисмен и човек кој се занимава со недвижности“, вели Филипс.
Тој додава дека секоја прогноза е неизвесна во околностите на војната во Украина, непријателствата на Блискиот исток, подемот на Кина и другите геополитички предизвици.
Граѓаните на Приштина на преговори со Србија
Косовските граѓани кои одговорија на анкетата на Радио Слободна Европа се свесни дека дијалогот со Србија ќе биде неизбежно прашање порано или подоцна.
„Без разлика кој ќе ја формира владата, тие нема да можат да обезбедат стабилност без преговори и договори со Србија“, вели Фадил Пацоли од Приштина за Радио Слободна Европа.
Неговиот сограѓанин Абдул Гаши вели дека прашањето за нормализирање на односите со Србија „претставува процес од кој не може да се побегне, без разлика која влада ќе дојде“.
„Дури и со сосед кога имате некоја нејасна или незавршена работа - треба да преговарате, а не пак со соседна земја. Работите треба да се решаваат со дијалог“, вели Валбона Баловци, исто така од Приштина.
Кандидатите за премиер на Косово имаат рок до 9 февруари да ги убедат гласачите дека имаат јасна и ефикасна визија за иднината на земјата.
По тој датум, нивната листа на приоритети може да се промени во зависност од новите околности.