Разорната 13 годишна граѓанска војна во Сирија главно беше во мирување со години.
Но, големата офанзива на милитантите во северозападна Сирија го оживеа конфликтот и ги вовлече регионалните сили, вклучително и Русија.
Од крајот на ноември, Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) и неговите сојузниција презедоа контролата над поголемиот дел од Алепо, вториот по големина град во Сирија и над околните села.
ХТС се смета за терористичка група од Соединетите Американски Држави (САД), Велика Британија, Канада и од Европската Унија (ЕУ).
Офанзивата претставува голема закана за претседателот Башар ал - Асад, кој ја задржа контролата на власта со поддршка на клучните сојузници Русија и Иран.
Конфликтот ги спротивстави Москва и Техеран против Турција, која ги поддржува вооружените групи вклучени во офанзивата предводена од ХТС.
Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС)
ХТС е милитантна исламистичка група која се обидува да формира држава во Сирија управувана со исламскиот закон. Многу од нејзините членови се следбеници на салафизмот, ултрарадикална секта под сунитскиот ислам.
Групата првпат се појави во 2012 година под името Џабхат ал Нусра или Фронт Нусра, сирискиот огранок на Ал Каеда.
Со седиште во северозападната провинција Идлиб, подоцна неколку пати го менуваше името и се дистанцираше од Ал Каеда. Во 2017 година, таа се спои со други опозициски групи за да ја формира ХТС.
ХТС има меѓу 5.000 и 10.000 борци, според проценките на американското разузнавање.
ХТС е во сојуз со неколку помали милитантни исламистички групи, вклучувајќи ги Фајлак ал-Шам, Џејш ал-Иза, Харакат Ахрар ал-Шам и Туркистанската бригада.
Сириската национална армија поддржана од Турција
Турција, северниот сосед на Сирија, е главен играч во конфликтот.
Анкара ја поддржува Сириската национална армија (СНА), бунтовничка група вклучена во тековната офанзива во северна Сирија. Турција, исто така, има одредено влијание врз ХТС, велат експертите.
Главната цел на СНА беа Сириските демократски сили (СДФ) поддржани од САД и предводени од Курдите.
СНА неодамна ја презеде контролата врз Тел Рифат, претежно курдски град во северна Сирија. Курдите се долго угнетувано етничко малцинство во Сирија, земја со мнозинско арапско население.
Од 2016 година, Турција започна неколку прекугранични копнени операции против СДФ, клучниот западен сојузник во кампањата против екстремистичката група Исламска држава (ИД).
СДФ е коалиција која ги вклучува курдските Единици за заштита на народот, или ЈПГ. Турција ја гледа ЈПГ како продолжение на Курдистанската работничка партија (ПКК), која Турција и САД ја прогласија за терористичка група.
Иран
Иран има долготрајна врска со Сирија, каде значително го зајакна своето влијание по избувнувањето на граѓанската војна во 2011 година.
Техеран воено интервенираше во 2013 година и одигра клучна улога во зајакнувањето на силите на Асад.
За Иран, Сирија обезбедува клучен копнен коридор до Левантот кој се смета за логистички столб на таканаречената „Оска на отпорот“, лабавата мрежа на регионални сојузници. Сирија е единствениот друг државен актер во оската.
Хамидреза Азизи, соработник на Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања, рече дека обезбедувањето на Асад да остане на власт е „уште поважно сега за Иран отколку што беше порано“.
„Тоа е затоа што Техеран има намера да го искористи копнениот коридор низ Сирија за повторно вооружување и снабдување со својот либански сојузник Хезболах, чии воени капацитети беа деградирани по неодамнешната војна со Израел“, рече Азизи.
Иран потроши милијарди долари за да го задржи Асад на власт и веројатно нема да се откаже од инвестицијата, велат експертите.
Русија
Воената интервенција на Русија во граѓанската војна во Сирија во 2015 година го промени текот на војната. Воздушните кампањи на Москва против позициите на бунтовниците ѝ помогнаа на сириската армија и на про-иранските милиции да повратат делови од територијата, но исто така предизвикаа и цивилни жртви.
„Кога Русија првпат интервенираше во граѓанската војна во Сирија, главно беше за поддршка на сојузник во регионот, сакајќи да го поддржи постоечкиот режим и избегнувајќи нестабилност“, рече Џени Матерс, виш предавач по руска политика на Универзитетот Абериствит.
Но, сега тоа е и прашање на гордост, рече Матерс, бидејќи Москва ќе го „изгуби образот“ доколку владата на Асад падне по долгогодишна руска поддршка.
Русија има две големи воени постројки во Сирија: воздухопловна база во Хмејмим и поморска база во Тартус, која на Москва ѝ обезбедува пристап до Средоземното Море.
Експертите велат дека губењето сојузник во Сирија би било удар за престижот на Русија на меѓународната сцена и за нејзините регионални амбиции.
Откако ХТС и нејзините сојузници ја започнаа својата ненадејна офанзива, Русија изврши десетици воздушни напади во областите под контрола на милитантите.