Достапни линкови

Вести

19 загинати во израелски напади во Газа

Палестинка облеана во крвта на нејзиниот брат кој беше убиен во израелски напад, болницата Насер во Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, 23 ноември 2024 година.
Палестинка облеана во крвта на нејзиниот брат кој беше убиен во израелски напад, болницата Насер во Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, 23 ноември 2024 година.

Цивилната одбрана во Појасот Газа соопшти дека загинале 19 луѓе во синоќешните израелски напади и гранатирање на неколку места во енклавата, меѓу кои најмалку шест деца.

Портпаролот на цивилната одбрана, Махмуд Басал, изјави за АФП дека 19 Палестинци загинале, а повеќе од 40 се ранети во три израелски напади во Појасот Газа, како и во гранатирање со тенкови во Рафа, на југот на територијата.

Во еден од нападите, беше погодена куќа во Зејтун, населба во градот Газа, при што загинаа седум лица, меѓу кои три деца, а десет други беа ранети, рече Басал.

„Што направија овие луѓе? Тие спиеја дома, тоа се цивили кои немаат никаква врска со Хамас или отпорот“, изјави за АФП Абдала Шалдан, член на семејството чија куќа е целосно уништена.

Во вториот напад, во Кан Јунис, на југот на територијата, загинаа шест луѓе, од кои три деца, а 26 беа ранети. Станува збор за раселени луѓе кои живееле во шатори во близина на целната зграда, рече Басал.

Во кампот Нусејрат во центарот на Појасот Газа, уште четири луѓе беа убиени во напад на семејна куќа, а во Рафа, двајца млади мажи беа убиени во тенковски гранатирање, додаде тој.

Војната во Појасот Газа започна по ненадејниот напад врз израелска територија на 7 октомври 2023 година од страна на палестинскиот Хамас, кој САД и Европската унија го сметаат за терористичка група.

Во тој напад загинаа повеќе од 1.200 луѓе, а 251 лице беа киднапирани. Се верува дека има уште 97 заложници во Газа, од кои израелската војска објави дека 34 мртви.

Повеќе од 44.000 Палестинци, според палестинските власти, потоа беа убиени во израелската воена кампања за одмазда во Појасот Газа.

види ги сите денешни вести

Обвинителството и МВР во потрага на шверцери на скапи автомобили

Илустрација, луксузни автомобили
Илустрација, луксузни автомобили

Криумчарени луксузни автомобили од странство е причината за полициски претреси во Скопје и неколку други градови, кусо соопштија од Основното јавно обвинителство.

„Меѓу осомничените има и службени лица и еден странски државјанин“, се вели во нивното соопштение.

Полицијата врши претреси во Скопје, Битола, Неготино, Дојран, Гевгелија, во потрага по криминална група која шверцувала скапи возила од ЕУ.

За натамошниот тек на постапката и за конкретните дејствија за кои постојат сомненија дека ги сторило секое од инволвираните лица, обвинителството ќе информира по нивното завршување, велат од Јавното обвинителство.

Авион со 181 патник се запали во Јужна Кореја, се стравува дека само двајца преживеале

Авионска несреќа во Јужна Кореја
Авионска несреќа во Јужна Кореја

Најмалку 150 луѓе загинаа откако патнички авион се урна при слетување на аеродром во Јужна Кореја. На летот на нискобуџетната авиокомпанија „Џеџу ер“ со „боинг 737-800“ имаше 181 патник и пристигнуваше на аеродромот Муан, околу 290 километри јужно од Сеул, од Бангкок, Тајланд. Властите стравуваат дека речиси сите патници се загинати, засега само двајца преживеани се извлечени од останките на авионот.

Авионот се излизга од пистата на аеродромот и се удри во бетонска ограда и се запали откако неговата предна опрема за слетување очигледно не успеа да се спушти. Бројот на загинати се очекува дополнително да се зголеми бидејќи останатите луѓе во авионот се исчезнати околу шест часа по инцидентот.

Ова е најтешката и најсмртоносната авионска несреќа во која учествувала јужнокорејска авиокомпанија во речиси три децении.

Двајца членови на екипажот, маж и жена, беа спасени од опашката на запалениот авион, изјави на брифинг шефот на противпожарната служба на Муан, Ли Јунг-Хјун.

Неколку часа по несреќата, членовите на семејството се собраа во областа на пристигнувањето на аеродромот, некои плачеа и се гушкаа додека волонтерите на Црвениот крст делеа ќебиња. Надлежните објавија имиња на 22 жртви кои биле идентификувани по нивните отпечатоци.

Авиокомпанијата е основана во 2005 година и има околу 3.000 вработени. Опслужува голем број линии во Јужна Кореја, како и градови во Азија-Пацификот, вклучително и во Јапонија, Кина, Филипините и Тајланд. Од јануари 2024, авиокомпанијата лета во 44 градови и оперира речиси 220 летови дневно со своите 42 авиони.

Обвинителството бара одземање на пасошот на Деспотовски

Кандидат за лидер на СДСМ Јован Деспотовски
Кандидат за лидер на СДСМ Јован Деспотовски

Против поранешниот директор на Тирз и поранешен потпретседател на СДСМ Јован Деспотовски е отворена истражна постапка поради основано сомневање за злоупотреба на службена положба. Според соопштението од Основното скопско обвинителство, до Кривичниот суд е поднесено барање за одземање на пасошот и обврска привремено да се јавува во Судот како мерки на претпазливост.

„Во предметот се уште се преземаат дејствија од страна на Основното јавно обвинителство Скопје и Управата за финансиска полиција. Со цел да не се наштети на постапката, двете институции координирано ќе ја информираат јавноста кога ќе се создадат услови за тоа“, се вели во соопштението од Обвинителството.

Претходно Деспотовски ги демантираше информациите во дел од медиумите дека е приведен поради проневера на два милиони евра.

„Во моментов, ги преземам сите потребни правни чекори за заштита на мојата чест и углед. Навистина очекувам медиумите да ја проверат точноста на информациите пред нивно објавување, со цел да избегнат понатамошно ширење на дезинформации“, се вели во писмената реакција на Деспотовски.

Претходно, во текот на минатиот месец Телма објави дека Финансиската полиција веќе работи на истрага за фирма која имала 5 тендери во ТИРЗ за изработка на инфраструктура во економските зони во Штип и Струмица, а била учесник и добитник на договори за набавка на јаглен за РЕК Битола.

За „зделки“ во ТИРЗ, минатата година обвинуваше и ВМРО-ДПМНЕ. Во октомври минатата година по ваквите обвинувања Деспотовски кој беше и директорт во тоа време, ги демантираше тврдењата на тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ.

Зеленски го обвини Фицо дека извршува „наредби на Путин“

SLOVAKIA – A poster depicting Russian President Vladimir Putin and Slovak Prime Minister Robert Fico (R) at a rally in Bratislava, November 17, 2024
SLOVAKIA – A poster depicting Russian President Vladimir Putin and Slovak Prime Minister Robert Fico (R) at a rally in Bratislava, November 17, 2024

Заканата на Словачка дека ќе го прекине вонредното снабдување со електрична енергија за Украина е исполнување на наредбите на Кремљ, тврди украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој во денешното обраќање на социјалните мрежи го обвини лидерот на Словачка дека извршува „наредби“ од Кремљ со цел им наштети на Киев и украинскиот народ со засилување на енергетската криза во текот на зимата.

„Се чини дека (рускиот претседател Владимир) Путин му дал наредба на (Роберт) Фицо да се отвори вториот енергетски фронт против Украина на сметка на интересите на словачкиот народ. Заканите на Фицо дека ќе го прекине вонредното снабдување со електрична енергија на Украина оваа зима додека Русија ги напаѓа нашите електрани и енергетската мрежа може да се објаснат само со ова“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.

Овие коментари доаѓаат откако Фицо на 27 декември се закани дека ќе го запре снабдувањето со електрична енергија за Украина доколку Киев го блокира транзитот на руски гас за Словачка.

Украина објави дека нема да го продолжи транзитниот договор на руската државна компанија Гаспром по 1 јануари, со што ќе престане испораката на гас за неколку европски земји, бидејќи Западот сака да го прекине изворот на финансирање на Кремљ за војната.

Договорот за транспорт беше потпишан пред да започне целосната инвазија на Украина на Русија во февруари 2022 година, а повеќето европски земји оттогаш почнаа да развиваат алтернативни извори на гас, иако Фицо вели дека наоѓањето алтернативи би било премногу скапо за Словачка.


Фицо, заедно со унгарскиот лидер Виктор Орбан, го налути Западот со тоа што продолжи да има блиски врски со Путин и покрај санкциите на од САД и ЕУ. Фицо го посети Путин во Москва претходно оваа недела и му понуди да биде домаќин на потенцијалните мировни преговори меѓу Украина и Русија.

Зеленски рече дека Словачка сочинува речиси 20 отсто од увозот на електрична енергија во Украина.

„Словачка е дел од единствениот европски енергетски пазар и Фицо мора да ги почитува заедничките европски правила“, напиша Зеленски.

„Како било произволно решение во Братислава или наредба на Москва до Фицо во врска со електричната енергија не може да го намали снабдувањето со електрична енергија на Украина, но тие секако можат да ги намалат врските на сегашните словачки власти со европската заедница“, додаде тој, сугерирајќи дека овој потег самата Словачка ќе ја лиши од околу 200 милиони долари годишно.

Во меѓувреме, додека руската инвазија во целосни размери се приближува кон својата четврта година, Украина и Русија разменија обвинувања за напади со беспилотни летала во неколку региони додека судирите на бојното поле се интензивираа долж линиите на фронтот, со „најжешките“ борби пријавени околу зафатениот украински град Покровск.

Грузиската претседателка се приклучи кон антивладините протести

Грузиските антивладини демонстранти формираат „синџир на единство“ во Тбилиси на 28 декември.
Грузиските антивладини демонстранти формираат „синџир на единство“ во Тбилиси на 28 декември.

Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили им се придружи на илјадниците прозападни демонстранти на улиците на Тбилиси во знак на протест против потезите на владата предводена од „Грузискиот сон“ да ја одложи поблиската интеграција со Европската унија и нејзиното наклонетост кон Русија.

Протестот на 28 декември се одвива на само еден ден пред очекуваниот „екпслозивен политички ден“, откако претседателката Зурабишвили најави дека нема да се повлече на крајот на нејзиниот мандат на 29 декември.

Таа на 23 декември ја повика владејачката партија Грузиски сон, која важи за блиска до Русија да одреди датум за нови парламентарни избори до 29 декември поради немирите кои беа предизвикани од последните избори и едностраната одлука на партијата да ги одложи преговорите со Европската Унија.

Зурабишвили е во судир со партијата откако победи на парламентарните избори во октомври, за кои имаше обвинувања за изборна измама. Опозицијата одби да го признае гласањето, обвинувајќи го Грузиски сон за фалсификување на гласањето за да се држи до власта.

Зурабишвили и демонстрантите, веејќи грузиски и знамиња на Европската Унија, маршираа во главниот град, а на демонстрантите им се придружија пратениците од сојузничките земји, вклучително Полска и Литванија, за да формираат „синџир на единство“.

Со денешниот собир беше одбележан еден месец од почетокот на неодамнешниот бран антивладини протести, кои беа проследени со насилни полициски акции, повредени и масовни апсења од страна на грузиските власти. Демонстрантите ја обвинуваат владата на партијата Грузиски сон дека ја оддалечува земјата од ЕУ и се приближува до Москва.

Политичката криза избувна откако Грузискиот сон ја објави победата на парламентарните избори во октомври, за кои Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) рече дека биле нарушени со случаи на купување гласови, двојно гласање, физичко насилство и заплашување.

Митинзите се интензивираа по одлуката на владата минатиот месец да ги одложи преговорите за пристапување на Грузија во ЕУ.


На 24 декември, Хјуман рајтс воч повика Грузиските безбедносни сили да бидат под истрага за „бруталното полициско насилство“ врз главно мирните демонстранти кои излегоа на улиците на демонстрациите.

На 27 декември, Соединетите Држави соопштија дека воведоа нови санкции за грузискиот милијардер и пријател на Русија, Бидзина Иванишвили, кој беше поранешен премиер и основач на партијата Грузиски сон, поради поткопување на демократијата во Грузија во „придобивка на Руската Федерација“.

„Под водство на Иванишвили, Грузискиот сон ги унапреди интересите на Кремљ со попречување на евроатлантската траекторија на Грузија - во директна спротивност со она што беше предвидено од грузискиот народ и грузискиот устав“, изјави државниот секретар Антони Блинкен.

Деспотовски: Не сум приведен

Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ
Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ

Поранешниот потпретседател и поранешен директор на ТИРЗ Јован Деспотовски ги демнатира тврдењата во дел од медиумите дека бил приведен по налог на Управата за финансиска полиција (УФП). Според него објавената информација во дел од медиумите дека е приведен поради сомневање за проневера од 2 милиони евра ја смета за намерно дезинформирање на јавноста.

„Во моментов, ги преземам сите потребни правни чекори за заштита на мојата чест и углед. Навистина очекувам медиумите да ја проверат точноста на информациите пред нивно објавување, со цел да избегнат понатамошно ширење на дезинформации“, се вели во писмената реакција на Деспотовски.

Според извори од Управата за финансиска полиција предмет е отворен против Деспотовски, но приведување не е спроведено.

Претходно, во текот на минатиот месец Телма објави дека Финансиската полиција веќе работи на истрага за фирма која имала 5 тендери во ТИРЗ за изработка на инфраструктура во економските зони во Штип и Струмица, а била учесник и добитник на договори за набавка на јаглен за РЕК Битола.

За „зделки“ во ТИРЗ, минатата година обвинуваше и ВМРО-ДПМНЕ. Во октомври минатата година по ваквите обвинувања Деспотовски кој беше и директорт во тоа време, ги демантираше тврдењата на тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ.

Грузискиот милијардер Иванишвили на американската црна листа

GEORGIA -- Bidzina Ivanishvili , American sanctions, cover
GEORGIA -- Bidzina Ivanishvili , American sanctions, cover

Соединетите Држави соопштија дека воведоа нови санкции за грузискиот милијардер и пријател на Русија, Бидзина Иванишвили. Тој е поранешен премиер и основач на владејачката партија Грузиски сон. На американската црна листа се најде поради поткопување на демократијата во Грузија во „придобивка на Руската Федерација“.

„Под водство на Иванишвили, Грузискиот сон ги унапреди интересите на Кремљ со попречување на евроатлантската траекторија на Грузија,во директна спротивност со она што беше предвидено од грузискиот народ и грузискиот устав“, се вели во изјавата државниот секретар Антони Блинкен на 27 декември.

Блинкен додаде дека „дејствата на Иванишвили и Грузискиот сон ги еродираа демократските институции, овозможија кршење на човековите права и го ограничија остварувањето на основните слободи во Грузија“.

„Силно ги осудуваме дејствијата на Грузискиот сон под водство на Иванишвили, вклучително и неговата тековна и насилна репресија врз грузиските граѓани, демонстрантите, членовите на медиумите, активистите за човекови права и опозициските личности. Новите мерки ќе ги блокираат трансакциите во кои се вклучени субјекти во сопственост на Иванишвили“, се вели во соопштението.


Ббогатството на Иванишвили се проценува на 7,5 милијарди долари, а голем дел од него доаѓа преку метали, банкарство и телекомуникациски средства во Русија во текот на 1990-тите, се вели во анализата на Блумберг њуз.

Премиерот Иракли Кобахиџе ја нарече американската акција „уцена“ и дека тоа е „награда“ за Иванишвили поради, како што вели, заштитата на националниот интерес на Грузија.

Американската одлука за санкции за Ивинишвили беше поздравена од опозицискиот грузиски лидер Гиорги Вашадзе, според кој грузискиот милијардер е носител на хаос и мизерија во земјата.

Во претходната акција, Соединетите Држави на 12 декември рекоа дека „ќе го забранат издавањето визи на оние кои се одговорни или соучесници во поткопувањето на демократијата во Грузија“.

Со таа одлука беа погодени околу 20 лица, „вклучувајќи поединци кои служат како владини министри и во парламентот, службеници за спроведување на законот и безбедност и приватни граѓани“.

Во ова соопштение не беа посочени имињата на опфатените со американски санкции.

Грузија, која некогаше беше и близок сојузник со САД, ги налути Вашингтон и Брисел откако во знак на наклоност кон Русија се откажа од евроатланските интеграции и потоа презема насилно мерки за задушување на домашните демонстрации кои настанаа по одлуките на новиот проруски премиер.

Полицијата во Тбилиси се судри со прозападните демонстранти во изминатите неколку недели, при што беа приведени десетици и повредени голем број луѓе кои ја обвинуваат владата на партијата Грузиски сон дека ја оддалечува земјата од Европската унија и се приближува до Москва.

Политичката криза избувна откако Грузискиот сон ја објави победата на парламентарните избори во октомври, за кои Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) рече дека биле нарушени со случаи на купување гласови, двојно гласање, физичко насилство и заплашување.

Два италијански аеродрома мета на проруска хакерска група

Илустрација
Илустрација

Проруски хакери го нападнаа компјутерскиот систем на двата аеродроми во северниот италијански град Милано, јавува германската новинска агенција ДПА.
Хакерската група Нонеим057 ( Noname057 ) ја презедоа одговороста за нападот во соопштение објавено на социјалната платформа „Телеграм“. Во него нападот е опишан како „заслужен одговор на италијанските хејтери на Русија“.

По хакерскиот напад веб-страниците каде што може да се следат полетувањата и слетувањата не се достапни.

Аеродромскиот оператор соопшти дека летовите продолжиле да функционираат нормално. Во истрагата за случајот се вклучи и италијанската Агенција за заштита од компјутерски криминал.

Според дел од италијанските медиуми и неколку други италијански веб-страници, вклучително и почетната страница на Министерството за надворешни работи, биле мета на хакерски напади.

Талибанците погодиле цели во Пакистан

АВГАНИСТАН - Талибанскиот безбедносен персонал проверува оштетен автомобил два дена по воздушните напади на Пакистан во областа Бармал во источната провинција Пактика на 26 декември 2024 година
АВГАНИСТАН - Талибанскиот безбедносен персонал проверува оштетен автомобил два дена по воздушните напади на Пакистан во областа Бармал во источната провинција Пактика на 26 декември 2024 година

Авганистанската влада предводена од Талибанците соопшти дека талибанските сили биле насочени кон, како што тврди, „центри и засолништа за злонамерни елементи“, за кои рече дека биле вклучени во неодамнешниот напад во Авганистан, додека продолжува порастот на прекуграничните борби.

Изјавата на Министерството за одбрана на талибанците следи по извештаите за смртоносните судири во раните утрински часови на 28 декември меѓу талибанските сили и пакистанските граничари.

Тоа се случи неколку дена откако владата соопшти дека пакистански авиони бомбардирале цели во Авганистан во напад, кој според неа, уби десетици цивили.

Талибанските власти дадоа неколку детали за нападите, за кои, како што велат, биле извршени врз цели во неколку области зад „хипотетичката линија“, повикувајќи се на дел од границата со Пакистан што авганистанските власти долго време ја оспоруваат.


Локалните извори за Радио Азади, авганистанскиот сервис на Радио Слободна Европа, изјавија дека три лица во провинцијата Пактија биле убиени, а двајца се ранети од истрели од пакистанските граничари, а дека судири имало и во провинцијата Хост. Извештаите не можеа да бидат независно проверени.

Засега нема коментар од пакистанската влада.

Но, шефот на заедницата во областа Курам за Радио Машаал на РСЕ изјави дека талибанските сили истрелале ракети врз две безбедносни пунктови во близина на границата околу 6 часот, по што започнале борбите кои продолжиле неколку часа.

Министерството за одбрана на Талибанците сугерираше дека нападите врз Пакистан се одмазда за, како што рече владата предводена од Талибанците, пакистански воздушни напади во кои загинаа 46 цивили во провинцијата Пактика, која исто така се граничи со Пакистан, на 24 декември.

Пакистан вели дека милитантите од исламистичката група Техрик-е Талибан Пакистан (ТТП) се кријат преку границата во Авганистан, а Исламабад постојано барал од авганистанските талибанци да преземат акција против нив. Авганистанските талибанци велат дека ТТП е во Пакистан.

Има постојан пораст на нападите на ТТП во северозападната пакистанска провинција Хајбер Пахтунхва откако Талибанците се вратија на власт во Кабул во август 2021 година по повлекувањето на силите предводени од САД од Авганистан.

Путин:Руската воздушна одбрана беше активна кога се урна азербејџанскиот авион

Kazakhstan Azerbaijan Airliner Crash
Kazakhstan Azerbaijan Airliner Crash

Рускиот претседател Владимир Путин му се извини на азербејџанскиот претседател Алиев за смртоносната несреќа на патнички авион која настана на 25 декември.

Путин на азербејџанскиот лидер Илхам Алиев на 28 декември му рекол дека руската противвоздушна одбрана била активирана за да се одбие наводниот напад со украински беспилотни летала додека авион на Азербејџан ерлајнс се обидел да слета во рускиот град Грозни.

„Во ова време Грозни, (градот) Моздок и Владикавказ беа нападнати од украински борбени беспилотни летала, а руската воздушна одбрана ги одбиваше овие напади“, се наведува во соопштението од Кремљ за тоа што му рекол Путин на Алиев.

Меѓутоа, во него не е наведено дека Путин спомнал оти руската воздушна одбрана е одговорна за соборувањето на авионот, поточно дали руски проектил го соборил авионот.

Кога патничкиот авион со 67 луѓе се урна на брегот на Каспиското Море во Казахстан рано на 25 декември, руските власти и државните медиуми беа брзи во посочувањето на можните причини: густа магла, удар од птица и потоа се појавија снимки кои покажуваат оштетување на моторот пред несреќата и експлозија на резервоар за кислород во кабината.

Но, сè повеќе докази покажуваат дека авионот на Азербејџан ерлајнс, кој се движеше од Баку за Грозни - главниот град на руската област Чеченија, можеби бил погоден од противвоздушна одбранбена ракета која бранела наводен украински напад со беспилотно летало врз Чеченија, пред да го премине Каспиското Море и да се урне во близина на Актау, Казахстан, при што загинаа 38 патници и членови на екипажот.

Доказите, од кои голем дел не се потврдени од властите во Азербејџан, Казахстан или Русија, вклучуваат снимки од внатрешноста на авионот пред падот, слики по несреќата од делот од опашката на авионот со дупка, коментари на преживеан и профили кои укажуваат дека имало сомнителен напад со дрон околу времето кога авионот очигледно се обидел да слета во Грозни.

Извештаите за напад со беспилотно летало врз Грозни околу времето кога авионот бил во областа, беа објавени и на каналот на Телеграм на чеченската опозиција и од База - руски медиум со врски со безбедносните служби. База, исто така наведе дека аеродромот во Грозни престанал да прифаќа дојдовни летови поради наводниот напад.

Казахстанските, руските и азербејџанските власти рекоа дека нема да коментираат за причината за несреќата додека не заврши истрагата, а портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, ги повика другите да не објавуваат „хипотези“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG