Експремиерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, води на парламентарните избори во Бугарија, објави бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Сепак, партијата предводена од Борисов веројатно нема да добие доволно пратенички места за самостојно да формира влада, па тој ќе мора да коалицира.
Се очекува ГЕРБ да освои околу 27 отсто од гласовите, додека останатите партии имаат помалку од 15 отсто поддршка, покажуваат првите резултати од излезните анкети.
ГЕРБ објави дека Бојко Борисов ќе биде нивниот кандидат за премиер доколку освои најмалку 80 од вкупно 240 пратенички места.
Излезните анкети покажуваат дека седум партии го надминуваат прагот од 4 отсто, а уште две се блиску до прагот.
Реформистичката прозападна коалиција „Продолжуваме со промените/Демократска Бугарија“ во моментов е втора.
Тие се изјаснија дека нема да го поддржат Борисов за премиер и бараат независен кандидат со силна антикорупциска агенда за да се одржи владата.
Излезноста на гласачите во 16:00 часот била 26,25 отсто, покажуваат податоците на Централната изборна комисија. На изборите на 9 јуни, во истото време, излезноста на гласачите била 20,44%.
Ова се седми избори од април 2021 година, кога Борисов поднесе оставка.
Оттогаш, ГЕРБ победи на пет од седум избори, но никогаш немаше доволно гласови за самостојно да формира парламентарно мнозинство и не можеше да ја добие поддршката од другите партии за својата влада.
Според излезните анкети, на второ место е коалицијата „Продолжуваме со промените/Демократска Бугарија“, а по неа е проруската екстремистичка партија „Препород“.
Изборите, како што се оценува, даваат мала надеж за ставање крај на политичкиот ќорсокак во најсиромашната држава на Европската Унија (ЕУ).
На изборите учествуваа 22 партии и девет коалиции, а Бугарија не можеше да воспостави стабилна влада, после големите антикорупциски протести кој го соборија кабинетот на Борисов во 2020 година.
Оттогаш, шест избори не успеаја да ја пробијат политичката блокада.
Последните избори во јуни беа неуспешни бидејќи политичарите три пати не успеаја да формираат коалициска влада.
Гласањето на јунските избори го означи најниското ниво на излезност на гласачите досега забележано во посткомунистичка Бугарија, само 34 отсто.
Во август, претседателот Румен Радев го прифати предложениот кабинет на вршителот на должноста премиер Димитар Главчев, давајќи и привремена влада на Бугарија, која е погодена од сиромаштија и корупција.
Главчев беше именуван за привремен премиер по падот на владата во март под слични околности.