Достапни линкови

Вести

Ураганот Милтон ја погоди централна Флорида

Флорида, САД
Флорида, САД

Ураганот Милтон го погоди западниот брег на Флорида во средата навечер (9 октомври) и донесе екстремно силни ветрови, обилни врнежи и торнада, а некои медиуми објавија дека има и жртви во областа Тампа, пренесува Гласот на Америка.

На 3,3 милиони луѓе им беше наредена евакуација, а повеќе од 1,6 милиони луѓе во Западна Флорида се без струја.

Националниот центар за урагани соопшти дека Милтон е „исклучително опасен“.

Ураганот ослабе на категорија 2 од можни пет околу 90 минути по падот на копното, но бурата и понатаму е исклучително опасна.

Се предупредува дека ураганот може да предизвика бранови високи од 2,7 метри до четири метри, а Националната океанска и атмосферска управа регистрираше бранови високи до 8,5 метри на отворено море.

Во одредени области се очекува да наврнат од 150 до 300 милиметри дожд на метар квадратен.

види ги сите денешни вести

Украина ќе добие заем од 2, 4 милијарди долари од Велика Британија

Знамињата на Велика Британија и Украина
Знамињата на Велика Британија и Украина

Велика Британија ќе и обезбеди на Украина заем од 2,26 милијарди фунти (2,4 милијарди долари) за набавка на повеќе системи за оружје, изјави министерот за одбрана Џон Хејли на 22 октомври.

Соопштението доаѓа во период кога силите на Киев се борат со жестока руска офанзива на исток, додека се соочуваат со секојдневни напади врз градовите и енергетската инфраструктура.

Во последниот таков напад, три лица, меѓу кои и едно дете, беа убиени на 22 октомври во југоисточниот регион Суми, кој граничи со Русија, објавија регионалните власти.

Сумата на која се осврна Хејли е дел од поголемиот заем од 50 милијарди долари за Украина објавен во јуни од Групата седум развиени земји (Г7). Заемот треба да се сервисира од приходите генерирани од руските суверени средства замрзнати на Запад по почетокот на неиспровоцираната инвазија на Москва на Украина во февруари 2022 година. Замрзнатите руски средства се проценуваат на околу 300 милијарди долари.

„Заемот е „наменет како буџетска поддршка за воените трошоци на Украина, овозможувајќи им на Украинците да инвестираат во клучна опрема за поддршка на нивните напори против Русија, како што се противвоздушна одбрана, артилерија и поширока поддршка за опрема“, рече Хејли во соопштението објавено од британската Влада.

Заемот е дополнување на постоечката годишна програма на Велика Британија за воена помош од 3,9 милијарди долари за Украина и доаѓа покрај 16-те милијарди американски долари што Лондон веќе ги посвети за воена, економска и хуманитарна поддршка за Киев.

Русија рече дека употребата на нејзините замрзнати средства е незаконска и се закани со одмазда.

Хелји и британската министерка за финансии Рејчел Ривс го објавија заемот при посетата на обуката на украинските војници во Британија.

„Нашата поддршка за Украина и нејзините мажи и жени во нивната борба за слобода од агресијата на рускиот претседател Владимир Путин е непоколеблива и ќе остане таква се додека е потребно“, се вели во соопштението од Владата.

Европската Унија, каде што се наоѓаат најголемиот дел од блокираните руски средства, веќе има преземено 35 милијарди евра (38 милијарди американски долари) како дел од уделот на 27-члениот блок во рамките на шемата за вонредно забрзување на приходите (ЕРА) за Украина на групата Г7.

Тројца цивили, меѓу нив и дете, загинаа во руски напад со дронови врз Суми

илустрација
илустрација

Тројца цивили, меѓу кои и едно дете, загинаа во текот на ноќта во руски напад со дронови врз станбена зона во украинскиот град Суми, соопшти регионалниот гувернер Ихор Калченко, пренесуваат украинските медиуми.

„Три лица, меѓу кои и едно дете, беа убиени во ноќен напад на непријателските беспилотни летала врз станбени згради“, наведе Калченко во порака на каналот Телеграм.

Гувернерот додаде дека руските сили изутринава продолжуваат да го гранатираат Суми, пренесува Укринформ.

„Утринава непријателот погоди станбена зграда и витални инфраструктурни објекти. Се утврдуваат последиците од утринскиот напад“, изјави украински функционер.

Воената управа на овој регион соопшти дека украинските сили утринава собориле 25 руски беспилотни летала, пренесе Укринформ.

Борел и ЕК ги пофалија резултатите од изборите и референдумот во Молдавија

илустрација
илустрација

Високиот претставник за надворешна политика на Европската Унија, Жозеп Борел и Европската комисија ги поздравија резултатите од првиот круг од претседателските избори во Молдавија, како и уставниот референдум за продолжување на патот на поранешната советска република кон членство во Европската Унија.

Во соопштението на дипломатската служба на ЕУ (ЕЕАС) се наведува дека „Русија и нејзините полномошници активно се обидувале да го поткопаат демократскиот и изборниот процес во Молдавија“.

„Без оглед на тоа, ги пофалуваме молдавските власти за успешната организација на изборите и уставниот референдум“, се додава во соопштението.

Исто така, се истакнува дека двата гласачки процеси, „според прелиминарните наоди и заклучоци на меѓународната мисија за набљудување на изборите при Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), биле добро организирани“ и дека „кандидатите имале слободни кампањи во средина оптоварена со стравови од недозволено странско мешање и активни напори за дезинформации“.

Борел и Европската комисија особено ги поздравија резултатите од уставниот референдум на кој, како што се наведува, „молдавскиот народ изрази желба да ја врзе својата иднина со Европската унија“.

Како што се додава, „Европската Унија внимателно ќе ги следи настаните за време на вториот круг од претседателските избори на 3 ноември и пред парламентарните избори во 2025 година“.

„Посветени сме да продолжиме да го поддржуваме демократскиот развој, реформите и економскиот раст на Молдавија, како и да ја зајакнеме отпорноста на Молдавија, особено на нејзиниот пат кон Европската унија. Европската унија и Молдавија споделуваат заедничка иднина“, се вели во соопштението.

На уставниот референдум за вклучување на членството во ЕУ во Уставот како државна цел, европската опција победи со многу тесно мнозинство, а актуелната, проевропска шефица на државата, Маја Санду, доби најголем број гласови во првиот круг од претседателските избори.

Хезболах испукал ракети кон базата на израелската разузнавачка служба

илустрација
илустрација

Либанското исламистичко движење Хезболах синоќа (21 октомври) соопшти дека истрелало „ракети“ врз база на израелското разузнавање во предградие на Тел Авив.

Борците на движењето поддржано од Иран пукаа врз „базата Глиот на воената разузнавачка единица 8200“.

Нападот бил посветен на нивниот лидер Хасан Насрала, кој беше убиен од Израел на крајот на септември.

Хезболах е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговото политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.

Шест загинати по невремето што ја погоди Куба

илустрација
илустрација

Најмалку шест лица загинаа откако тропскиот циклон „Оскар“ удри во источна Куба, изјави синоќа претседателот Мигел Дијаз-Канел, бидејќи поголемиот дел од островот е главно во мрак четврта ноќ по ред.

Во провинцијата Гвантанамо, цели области се поплавени, а спасувачките екипи не можеа да стигнат до погодените области, рече Дијаз-Канел. Властите соопштија дека најмалку 1.000 домови се оштетени, јави ДПА.

Колапсот на застарената електрична мрежа во земјата поради невремето резултираше со мнозинството од околу 10 милиони жители да останат без струја четврта ноќ по ред. Застарената електрична мрежа на Куба откажа во петокот наутро.

Дијаз-Канел рече дека само една третина од снабдувањето со електрична енергија во земјата е обновено досега. Во Хавана околу 90 отсто од приклучоците повторно имаат струја.

Претседателот рече дека повеќе нема да присуствува на самитот на меѓувладината организација БРИКС во рускиот град Казан, кој започнува денеска, поради вонредната состојба предизвикана од невремето.

Оскар ја погоди Куба како ураган изминатиот викенд, а потоа беше намален на послаба тропска бура додека минуваше над островот.

Според американскиот национален центар за урагани, невремето продолжува да предизвикува обилни врнежи во источна Куба и југозападно од Бахамите.

Зголемено ниво на подготвеност во БиХ поради заканата од „терористички напади“

Вооружени сили на Босна и Херцеговина
Вооружени сили на Босна и Херцеговина

Министерството за одбрана на Босна и Херцеговина нареди зголемување на нивото на безбедносна подготвеност со цел да се намали ризикот од потенцијални закани за безбедноста не само на воените објекти, туку и на граѓаните на БиХ, соопшти Министерството.

Како што наведуваат во денешното соопштение (21 октомври), тие реагираат „во согласност со неодамнешните закани за терористички напади врз воените локации на Вооружените сили (ОС) на Босна и Херцеговина“.

„Посебно внимание се посветува на можна употреба на беспилотни летала (дронови) при вакви напади“, наведуваат од Министерството и потсетуваат дека со закон се забранети летови со беспилотни летала над воени објекти и подрачја на Вооружените сили на Босна и Херцеговина без нивно одобрување.

Тие додаваат дека „во последно време е забележано зголемено присуство на беспилотни летала над воените локации на вооружените сили на Босна и Херцеговина, што дополнително го зголеми безбедносниот ризик“.

Посочуваат дека се во постојан контакт со агенциите за спроведување на законот, како и со меѓународните партнери, меѓу кои ЕУФОР и седиштето на НАТО во Сараево.

„За заштита на воените објекти се применуваат различни безбедносни мерки и процедури, меѓу кои и безбедносни протоколи за реагирање на неовластени упади, набљудување и снимање на воени локации“, соопшти Министерството.

Во соопштението заклучуваат дека „ќе продолжат да ги преземаат сите неопходни мерки и дејствија за да се обезбеди целосна заштита на воената инфраструктура и безбедноста на граѓаните на Босна и Херцеговина“.

Вооружените сили на Босна и Херцеговина на 2 октомври годинава го зголемија нивото на будност, откако добија заканувачки извештаи за бомби.

Министерот за одбрана, Зукан Хелез, тогаш најави дека мерките се од „превентивен карактер“, но дека ќе останат на сила до натамошно известување.

Мицкоски: Ако Преспанскиот договор е „ремек дело“, зошто да не се преслика во спорот со Бугарија

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски

Државата ни е блокирана од нерационален и билатерален спор, порача македонскиот премиер Христијан Мицкоски во своето обраќање на 20. Европски самит во Салцбург посветен на ЕУ и реформите.

Тој изјави дека дури и Бугарите да се внесат во Уставот, никој не гарантира дека тоа е последен услов за исполнување на некоја обврска и дека за шест месеци од сега нема да се бара нешто дополнително.

„ Ако Преспанскиот договор беше „ремек-дело“ на европската дипломатија, нешто што е, да речеме, 'брилијантно', зошто тогаш ова 'ремек-дело' не го повториме за изнаоѓање на конечно, трајно и одржливо решение за овој вештачки спор“, рече тој во својот говор.

Албанија на 15 октомври го отвори првиот кластер од преговорите со Европската Унија, додека Северна Македонија беше одвоена од тој пакет затоа што не го исполни условот да го смени Уставот и да ја внесе бугарската заедница во Преамбулата.

Ставот на Мицкоски е дека треба да се репреговара т.н. француски предлог од кој произлезе условот за уставни измени, односно тие да се направат, но со одложено дејство – да важат од моментот на зачленување на Северна Македонија во ЕУ. Идеја, којашто според претходното објаснување на Мицкоски, не е прифатена од ЕУ.

Мицкоски во својот говор во Салцбург истакна дека Бугарија досега не спровела и испочитувала вкупно 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права за регистрирање на здружение на Македонците кои живеат на тие простори, додека, како што вели , од друга страна бараат внес на Бугарите во македонскиот Устав, што, според него покажува отсуство на волја за приближување на работите.

Претходно на 15 октомври шефицата на германската дипломатија, Аналена Баербок, вели дека таа се залага за укинување на едногласност во ЕУ, но додека тоа не се случи, Северна Македонија мора да ги почитува компромисите, а тоа значи дека уставните измени се клучен чекор кон почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.

Таа порача дека вметнувањето на бугарското малцинство во македонскиот Устав е последниот чекор за отворање на првиот преговарачки кластер со ЕУ.

„Правилата во ЕУ се такви, се одлучува едногласно, и тука не се работи за некаква неправда. Ние не се согласуваме со нашите европски партнери во сѐ, но такви се правилата. Сѐ додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат“, изјави Баербок.

Средба Путин-Гутереш на последниот ден од самиот на БРИКС

Илустрација - Самитот на БРИКС во Казан
Илустрација - Самитот на БРИКС во Казан

Рускиот претседател Владимир Путин има намера да одржи средба со генералниот секретар на Обединетите Нации (ОН), Антонио Гутереш, на маргините на самитот на БРИКС во Казан, објави денеска (21 октомври) помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, јавуваат агенциите ТАСС и Интерфакс.

Самитот од 22 до 24 октомври, кој ги собира лидерите од Бразил, Русија, Индија, Кина, Јужна Африка и неколку други земји, Москва го смета за можност да покаже дека напорот на Западот да ја изолира Русија поради нејзината воена офанзива во Украина не успеа.

И покрај средбата Путин-Гутереш, планирана да се одржи на 24 октомври, нема индикации дека ниту Киев ниту Москва се подготвени за пошироки мировни преговори за ставање крај на конфликтот.

Гутереш постојано ги критикуваше постапките на Русија, наведувајќи дека тековната воена операција на Москва во Украина претставува „опасен преседан“ за светот. Шефот на ОН постојано повикуваше на „праведен мир“ кој го почитува меѓународното право и „територијалниот интегритет“ на Украина.

За време на состанокот со Путин во април 2022 година, само два месеци откако Русија ја започна својата инвазија на Украина, Гутереш го повтори ставот на ОН и разговараше за предлозите за хуманитарна помош и евакуација на цивили од конфликтните зони.

Путин тврди дека Украина мора да отстапи повеќе територии на нејзиниот југ и исток како предуслов за каков било прекин на огнот, барање што украинскиот претседател Володимир Зеленски категорично го отфрли.

Зеленски, во обраќањето пред Советот за безбедност на ОН минатиот месец, тврдеше дека Москва може да биде принудена на мир само преку меѓународен притисок.

Покрај средбата со Гутереш, Ушаков потврди дека Путин планира билатерални разговори со неколку клучни лидери, меѓу кои и индискиот премиер Нарендра Моди, кинескиот претседател Си Џинпинг, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и палестинскиот лидер Махмуд Абас.

Овие состаноци ги нагласуваат напорите на Русија да ги задржи и зајакне врските со влијателни земји и лидери надвор од западната сфера, користејќи го самитот на БРИКС како стратешка платформа за да се врати назад против дипломатската изолација.

ОН:Израел ја попречува помошта за Палестинците

Персоналот на УНРВА го проверува дворот на училиштето Ал-Јавни откако израелски воздушен напад го погоди местото, во Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа, 11 септември 2024
Персоналот на УНРВА го проверува дворот на училиштето Ал-Јавни откако израелски воздушен напад го погоди местото, во Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа, 11 септември 2024

Филип Лазарини, шеф на агенцијата на Обединетите Нации (ОН) која пружа помош на Палестинците, денеска (21 октомври) го обвини Израел дека ја скратил помошта за северните делови на Појасот Газа и повика на прекин на огнот како чекор „да се стави крај на овој бескраен кошмар“.

„Израелските власти продолжуваат да одбиваат хуманитарни мисии да стигнат на север со клучни резерви, вклучително и лекови и храна за опколените луѓе“, напиша тој во објавата на X.

Лазарини повика хуманитарните организации да добијат пристап до северниот дел на Појасот Газа, вклучително и онаа што ја предводи, односно Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА).

Израел во последните две недели спроведува голема операција на северот на Појасот Газа, со тврдење таму се прегрупирани членови на Хамас - организација означена како терористичка од САД и ЕУ.

Палестинските власти соопштија дека стотици луѓе загинале, а здравствениот сектор на северот е на работ на колапс.

Хуманитарните организации предупредуваат дека во појасот Газа практично не пристигнала помош во последните неколку недели. Израелската статистика покажува тотален колапс на пристигнувањето помош во Газа, во споредба со септември.

Високиот хуманитарен претставник на Обединетите нации, Џојс Мсуја, во саботата рече дека Палестинците во северниот дел на Газа трпат „неискажливи ужаси“ и побара „злосторствата“ да престанат.

Израел постојано негираше дека го блокира пристапот на хуманитарната помош во Газа, но САД велат дека треба да го подобрат пристапот до помош или да ризикуваат да загубат дел од својата воена поддршка.

Најмалку 42.519 луѓе се убиени, а десетици илјади се повредени во Појасот Газа од почетокот на војната во октомври минатата година, според властите под контрола на Хамас.

Војната започна по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, а 251 завршија во Газа како заложници. Како одмазда, Израел вети дека ќе го уништи Хамас.

Ерменија уапси руски активист, Москва го бара за „тероризам“

Плоштадот на Републиката во Ереван
Плоштадот на Републиката во Ереван

Роман Шкловер, 34-годишен активист од руската дијаспора во Ерменија (РДА), денеска (21 октомври) беше приведен во Ереван, на централниот плоштад на Републиката, се вели во соопштението на РДА.

Ерменските власти го уапсија врз основа на меѓународна потерница од Русија, каде што се бара за „јавно оправдување на тероризмот користејќи Интернет“.

Шкловер, чие име е додадено на руската листа на „терористи и екстремисти“, е во тридневен притвор и може да биде екстрадиран во Русија, соопшти групата.

Апсењето е дел од трендот на апсења во Ерменија на руски државјани кои ги бара Москва. Во декември 2023 година, руските безбедносни сили го приведоа Дмитриј Сетраков во Ерменија, а во април оваа година Анатолиј Шчетинин беше приведен во градот Ѓумри.

Двајцата се префрлени во Русија. Активистите и организациите за човекови права изразија загриженост поради овие апсења и вмешаноста на руските безбедносни сили во Ерменија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG