Достапни линкови

Бесплатно летување за социјално загрозени граѓани преку „Куќа на среќата“


Илустрација
Илустрација

Некои семејства не знаат што е тоа летен одмор. Дури и да се вработени, платите не стасуваат за сè, вели Маргарета Куртиќ-Талески од македонското здружение „Куќа на среќата“, преку кое социјално загрозени семејства можат да отидат на бесплатно летување.

Самохрана мајка од Скопје пет години немала летувано со своите деца, на возраст од 4 и 7 години. Заработува 23.000 денари месечно, па не стасуваат пари за летен одмор.

Кога ја видела иницијативата на здружението „Куќа на среќата“ што овозможува бесплатен одмор за семејства кои тоа не можат да си го дозволат, си рекла- ова не е можно! Сепак, решила да се обиде и се пријавила на повикот.

„Бевме во Грција, добивме и храна и платено осигурување. Преубаво си поминавме, децата беа пресреќни. Постојано ме прегргнуваа велејќи: 'Мама, фала ти за овој одмор’. Душата ми e преполна. Навистина има луѓе со големо срце“, вели мајката.

Друга мајка, пак, во пријавата напишала: Користам социјална помош и имам дете со аутизам. Не можеме да си дозволиме одмор, невработена сум бидејќи детето нема кој да го чува и гледа, а почесто се разболува.

Вакви и слични пораки стигнуваат во здружението, основано од тим ентузијасти, пред седум години.

Охрид
Охрид

„За жал, сè поголем е бројот на луѓе кои не можат да си дозволат одмор. Ако во минатото не можеа само социјално загрозените семејства, сега и во семејства со вработени, повторно не можат затоа што сè е поскапо“, вели Маргарета Куртиќ-Талески од здружението.

По застој во активностите за време на пандемијата, ова лето, велат, повторно се активирале целосно. На почетокот, праќале по 15-20 семејства на одмор. Оваа година, се надеваат дека ќе бидат 30. Вака, досега на бесплатен одмор биле над 150 македонски семејства.

Најчесто одат во Охрид или Дојран, но и во Грција или Албанија, Некои немаат пасоши, но немаат ни големи апетити. Пресреќни се со која било дестинација и задоволни со само неколку дена, сведочи соговорничката.

„Само да отидеме некаде, малку да одмориме, тоа е нивниот одговор, за жал. Некои никогаш не биле на одмор како семејство. Имаше семејство каде мајката ми вели, го праќам детето преку училиште да оди, се снаоѓаме некако, за да не се дели од другите деца, ама ние како семејство немаме можност и не сме биле никогаш“, вели Маргарет во разговорот со Радио Слободна Европа.

За хуманост, а не за реклама

Граѓаните донираат пари, превоз, патничко осигурување, реквизити за плажа, козметика за на одмор. Оние кои издаваат апартмани и соби, донираат сместување. Но, вклучени се и туристичките агенции. Некои ги бара здружението, други се обраќаат сами. Има и такви кои инсистираат да бидат анонимни.

„Од агенција со која сме соработувале претходно, оваа година кажаа дека не сакаат да бидат спомнати воопшто, дека ова го прават од хуманост, не за реклама. Имаше и агенција од која освен што сакаа да бидат анонимни, дадоа патување во Грција, но дополнително донираа и 100 евра за да им се најдат, за таму“, вели хуманитарката од „Куќа на среќата“.

Семејствата се пријавуваат сами, преку апликација, но и во пораки или преку други лица. Од здружението велат дека се внимателни за да нема злоупотреби.

„Бидејќи подолго време се занимаваме со хуманитарни активности, голем дел од семејствата веќе ни се и познати. Ако не го познаваме семејството, правиме проверка или бараме определена документација како оправдување на тоа што е напишано“, додава Куртиќ-Талески.

Да се најде превоз е поголем проблем отколку да се најде сместување. За домашните туристички места соработуваат со компанија, но за преку граница, оди потешко.

Агенциите донираат превоз и сместување во пакет. Но, кога сопственик на апартмани на пример донира сместување, превоз се бара дополнително. Тогаш купуваат карти од донациите во пари или се користи можноста граѓани да донираат превоз.

Бил на нивно место, па знае како е

Скопјанецот Горан е еден од превозниците со големо срце, како што ги нарекуваат. Тој, вели, многу добро знае што значи да немаш, затоа се нуди да помогне.

„Спаѓав во групата на оние на кои некој требаше да им помогне, но, дојдов во ситуација во која јас можам некому да помогнам. Господ ги сврте работите. Кога ја видов иницијативата, си реков-ќе однесам некого на море ова лето, па што сака нека е. Па и да ми се поклопи со работните обврски, тоа ќе ми биде приоритет“, изјави превозникот за РСЕ.

И самохраната мајка која летово беше на одмор после пет години би сакала еден ден таа да биде во позиција да помогне.

„Се надевам дека во иднина ќе имам можност да донирам средства и ќе направам што можам за да усреќам семејства, како што мене ме усреќија 'Куќа на среќата'“, истакна мајката од Скопје

Народни кујни: Добро е што има кој да даде
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:25 0:00

Награда за душата

Тие немаат, а гледаат море додека вие ја гледате насмевката и радоста. Може да имате пари колку сакате, ама од топлината што ќе ја почувстувате, нема поубава и повредна работа, сигурен е превозникот Горан.

И тимот од здружението од овој ангажман нема финансиска корист, но и за нив, туѓата среќа е повредна од пари.

„Ја користиме моќта на социјалните мрежи, од дома, со објава на постови, контактираме со агенции, сместувања, така што нема ни потреба ние да имаме некаква корист, кога не се ни трошиме на некој начин. Само добиваме повеќе среќа, радост, дури и благослови и тоа нема цена“, истакна хуманитарката Куртиќ-Талески.

Податоците на Светската банка од изминативе години покажуваат дека илјадници луѓе во Северна Македонија живеат во сиромаштија.

Минатата година завршила со над 86.000 луѓе во екстремна сиромаштија, а повеќе од половина милион или, над 519.000, биле умерено сиромашни.

Поповолното сценарио за минатата, 2023 година, предвидело да има околу 70.000 екстремно сиромашни и 439,022 кои живеат во умерена сиромаштија.

Северна Македонија е меѓу земјите со најниски минимални примања во Европа.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG