Достапни линкови

Вести

Косовската полиција пронајде камуфлирани камери на северот

Надзорни камери на улиците на Звечан, Косово (архивска фотографија)
Надзорни камери на улиците на Звечан, Косово (архивска фотографија)

Косовската полиција, во соработка со локалната разузнавачка агенција, идентификуваше две локации на северот од земјата каде што биле поставени камери за надзор.

Заменик-директорот на полицијата за северниот регион, Ветон Елшани изјави за РСЕ дека камерите биле камуфлирани во надворешните единици на клима уредите со цел „да се следи движењето на граѓаните, институциите на Косово и меѓународно присуство на север“.

„Се сомневаме дека овие камери континуирано ги користеле безбедносните институции на Србија“, рече Ељшани.

Тој додаде дека полицијата идентификувала и две лица „за кои постои интерес да бидат сослушани“.

Косовските власти претходно пронајдоа надзорни камери во општините на северот на Косово, за кои не се знаеше кој ги надгледувал.

Исто така, во декември минатата година, косовската полиција отстрани стотици камери од јавните површини, за кои се веруваше дека биле нелегално поставени во неколку српски области.

Како што тогаш беше кажано на РСЕ, полицијата немала пристап до камерите и затоа биле отстранети.

Според законот во Косово, видео надзорот на јавните површини има право да биде инсталиран и контролиран исклучиво од косовската полиција.

види ги сите денешни вести

НАТО вети 40 милијарди евра воена помош за Украина до 2025 година

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Земјите членки на НАТО се согласиле да обезбедат воена помош во вредност од 40 милијарди евра (43 милијарди долари) за Украина до 2025 година, јавуваат светските новински агенции.Според нинвите извештаи до сега не успеале да се обврзат на повеќегодишен воен финансиски пакет за земјата погодена од војна.

Дипломати изјавија за Ројтерс и германската новинска агенција ДПА дека генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг побарал од сојузниците да направат повеќегодишна обврска од 43 милијарди долари пред самитот на Алијансата следната недела во Вашингтон. Но како што тврдат дипломатите, земјите-членки не го поддржале неговото барање.

Сепак, дипломатски извор тврди дека договорот вклучува одредба за реевалуација на придонесите на сојузниците на идните самити на НАТО.

Претходно, членките на НАТО одлучија да испратат специјален пратеник во Киев, со што ќе го прошират цивилното присуство на западната одбранбена алијанса во Украина, потврди портпаролот на НАТО за агенцијата ДПА.

Високиот функционер ќе има задача да ја координира политичката и практичната поддршка на алијансата на терен додека Украина продолжува да се брани од руска инвазија.

Одлуката доаѓа пред самитот на НАТО кој треба да се одржи од 9 до 11 јули во Вашингтон, каде што се очекува лидерите официјално да го усвојат планот на Алијансата за воена координација на помошта за Украина во рамките на формалната мисија наречена НАТО безбедносна помош и обука за Украина.

Гир:Најавеното распуштање на Судскиот совет и Советот на обвинители е директно мешање во судската власт

Евроамбасадорот Дејвид Гир во Скопје
Евроамбасадорот Дејвид Гир во Скопје

Најавеното распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители е дикретно мешање во независноста на судската власт, изјави на 3 јуни евроамбасадорот Дејвид Гир на Конференција за напредокот во спроведувањето на препораките од Оценската мисија на ЕУ од страна на Судскиот совет.

Тој посочи дека доколку тоа се случи ќе предизвика сериозна загриженост кај Европската унија. Гир истакна напорите за засилување на владеењето на правото не треба да бидат направени на начин, на кој, како што вели, би ги нарушил принципите на поделба на властите.

„На пример, распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, ќе значи мешање во независноста на судската власт и ќе биде прашање за сериозна загриженост. Исто и за идејата за раздвојување на Академијата за судии и обвинители, институција која сметаме дека треба да служи како гарант за меритократија и непристрасност во судството“, рече Гир.

Евроамбасадорот во своето обраќање истакна дека потребно е да се продолжи со брзи внатрешни реформи, како и да се потиснат обидите за мешање од страна на политичките структури. Тој бара целосно спроведување во пракса на препораките на Оценската мисија.

„Ова значи надградба на некои од позитивните колективни чекори на кои бевме сведоци во последните шест месеци и значи потиснување на обидите за мешање од политички или деловни интереси“, изјави Гир.


На Конференцијата, која е во организирана од Судскиот совет, се обрати и американската амбасадорка Анџела Агелер, која истакна дека Извештајот од Оценската мисија на ЕУ е вреден патоказ за реструктурирање на Судскиот совет и повторно поставување на неговата улога во рамките на правосудството.

„Судскиот совет е едно важно оружје во арсеналот оружје што ќе биде потребен за вистинско трансформирање на правосудството на Северна Македонија, во една институција која што им служи на своите граѓани, која што ги штити невините и ги казнува оние кои што сметаат дека се над законот“, изјави Агелер.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, во изјава за медиумите рече дека Советот веќе има отпочнато со реформскиот процес во насока на имплементација на препораките од Оценската мисија на ЕУ и е решен да успее во процесите кои што се во негова надлежност.

Oценската мисија на ЕУ во декември минатата година го достави Извештајот за функционирањето на Судски совет со 40 краткорочни и среднорочни препораки за подобрување на неговото функционирање.

Препораките, како што информираа тогаш од Делагацијата на Европската унија се групирани во шест сегменти - структура и компетентност на самиот Судски совет, мандатот на неговите членови, процесот на селекција и изборот на судии, дисциплинските постапки, прашањето на транспарентност и комуникација со јавноста и ресурси и финансирање.

Шолц ќе го следи од стадион натпреварот меѓу Германија и Шпанија

Илустрација, фан зоната на европското фудбалско првенство во Германија
Илустрација, фан зоната на европското фудбалско првенство во Германија

Германскиот канцелар Олаф Шолц ќе присуствува на четвртиот натпревар на националниот тим на Европското првенство кое се оддржува на домашен терен. Натпреварот ќе се одигра в петок, на големата четвртфинална пресметка со Шпанија.

Портпаролката на владата на 3 јуни изјави дека Шолц ќе биде присутен на натпреварот во Штутгарт.

“Канцеларот со нетрпение го очекува продолжението на овој европски фестивал, каде луѓето се среќаваат со почит и благодарност“, изјави портпаролката на герамнскиот канцелари.

Во четвртфиналето, домаќинот на првенството Германија ќе игра против Шпанија, додека два часа подоцна истиот ден Португалија ќе се соочи со Франција. Натпреварите меѓу Холандија и Турција, како и Англија со Швајцарија ќе се одиграат во сабота на 6 јуни.

Четвртфиналните средби ќе се играат во Штутгарт, Хамбург, Берлин и Диселдорф.

Русија го додаде францускиот бизнисмен Филип Делпале на листата на барани

Францускиот бизнисмен Филип Делпал
Францускиот бизнисмен Филип Делпал

Руското Министерство за внатрешни работи на 3 јули го додаде францускиот бизнисмен Филип Делпал, поранешен извршен директор на инвестициската групација „Баринг Восток“, на листата на барани за неодредени обвиненија.

Во август 2021 година, московскиот суд ги осуди Делпало, американскиот инвеститор Мајкл Калви и петмина руски бизнисмени на условни затворски казни под обвинение за финансиска измама.

Калви е основач на руската приватна инвестициска групација Баринг Восток.

Делпал тогаш доби условна затворска казна од четири години и шест месеци, а Калви беше осуден на условна казна од пет години и шест месеци. Сите тие тврдеа дека се невини.

Судот, исто така, им нареди на бизнисмените да не ја напуштаат Русија без дозвола од властите, но забраната беше укината во јануари 2022 година, дозволувајќи им на Делпал и Калви веднаш да се вратат во своите матични земји.

Калви и неговите соработници беа обвинети во 2019 година за измама од 2,5 милијарди рубљи (28,5 милиони долари) на банката Восточни.

Баринг Восток порано беше главен акционер во банката Восточни. Обвинетите тврдеа дека случајот имал за цел да изврши притисок врз Баринг Восток во рамките на деловниот спор околу контролата на банката Восточни.

Случајот ја потресе инвестициската заедница и поттикна неколку истакнати функционери и бизнисмени да изразат загриженост за третманот на извршните директори.

Баринг Восток е една од најголемите и најстарите приватни компании кои работат во Русија. Основана е на почетокот на 1990-тите и управува со имот од повеќе од 3,7 милијарди долари. Компанијата беше првиот голем инвеститор во Yandex, доминантниот руски пребарувач.

Атал: Повлекувањето на кандидатите значи дека можеме да избегнеме апсолутно мнозинство на десницата

Францускиот премиер Габриел Атал
Францускиот премиер Габриел Атал

Францускиот премиер Габриел Атал изјави дека верува оти напорите на повеќе партии да се спречи десничарската партија Национален собир на Марин Ле Пен да добие апсолутно мнозинство во вториот круг од парламентарните избори следната недела, може да успеат.

Атал го порача ова откако повеќе од 200 кандидати од целиот политички спектар се согласија да се повлечат од вториот круг на парламентарните избори за да го отворat патот на оној кој е најдобро позициониран, да го победи екстремно десничарскиот кандидат во нивната изборна единица.

„Овие повлекувања покажуваат дека можеме да избегнеме апсолутно мнозинство за екстремната десница“, изјави Атал за радиото Франс Интер.

За да победи, екстремно десничарската Национален собир треба да освои апсолутно мнозинство од 289 пратеници, од вкупно 577 места.

Француското Министерство за внатрешни работи подоцна треба да го објави списокот со кандидати за вториот круг гласање, но локалните медиуми проценуваат дека околу 218 кандидати се повлекле.

Французите избираат меѓу повеќе од 4000 кандидати за 577 места во Националното собрание.

По еден пратеник се избира во сите 577 изборни единици со мнозинство гласови во два круга. Тој може да биде избран веќе во првиот круг доколку истовремено добие 50 отсто од гласовите на оние кои излегле на гласање и најмалку 25 отсто од бројот на запишани избирачи. Во спротивно, за победникот се одлучува во вториот круг на гласање, закажан за 7 јули, во кој влегуваат двајцата кандидати со најголем број гласови во првиот круг и следните кои добиле најмалку 12,5 отсто од запишаните гласови.

Агелер: Судски совет треба да ги казнува оние кои мислат дека се над законот

Американската амбасадорка Анџела Агелер
Американската амбасадорка Анџела Агелер

Судскиот совет е важно оружје коешто е потребно за вистинско трансформирање на правосудството во Северна Македонија, во една институција што им служи на своите граѓани, што ги штити невините и ги казнува оние кои што сметаат дека се над законот, истакна денеска американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, на Конференцијата за напредокот при спроведувањето на препораките од Оценската мисија на ЕУ од страна на Судскиот совет на Република Северна Македонија.

Агелер во своето обраќање посочи дека Судскиот совет треба да ги следи препораките на Оценската мисија, бидејќи како што рече, довербата на јавноста во правосудството е шокантно ниска.

„Извештајот од Оценската мисија на ЕУ е еден вреден патоказ за реструктурирање на Судскиот совет и повторно поставување на неговата улога во рамките на правосудството. Судскиот совет е едно важно оружје во арсеналот оружје што ќе биде потребен за вистинско трансформирање на правосудството на Северна Македонија, во една институција која што им служи на своите граѓани, која што ги штити невините и ги казнува оние кои што сметаат дека се над законот. Затоа што денес, како што амбасадорот Коп живописно го опиша, довербата на јавноста во правосудството е шокантно ниска“, истакна Агелер.

Агелер: Граѓаните сакаат да видат промени
please wait

No media source currently available

0:00 0:18:43 0:00

Американската амбасадорка додаде дека Судскиот совет треба да го следи законот и да даде отпор на политичките притисоци, затоа што, како што вели, Северна Македонија има добро изработени закони, како и искусни обвинители и судии.

„Северна Македонија има добро изработени закони, добро опремени институции и искусни обвинители и судии, а повеќето од нив и патувале и имале размени со САД. Па се поставува прашањето како да почнеме да го надополнуваме оној јаз или недостиг на доверба на оние на кои треба да им служиме. Пораката е јасна и не се менува. Работете ја работата која што треба да ја работите. Следете го законот, работете за луѓето, дајте отпор на политичките притисоци, заштитете го својот интегритет и прифатете ја транспорентноста. Напорната работа веќе започна и гледаме напредок. Сега дозволете ни да ви помогнаме да стигнете уште понапред на својот пат“, рече Агелер.

Oценската мисија на ЕУ во декември минатата година го достави Извештајот за функционирањето на Судски совет со 40 краткорочни и среднорочни препораки за подобрување на неговото функционирање.

Препораките, како што информираа тогаш од Делагацијата на Европската унија се групирани во шест сегменти - структура и компетентност на самиот Судски совет, мандатот на неговите членови, процесот на селекција и изборот на судии, дисциплинските постапки, прашањето на транспарентност и комуникација со јавноста и ресурси и финансирање.

Најмалку тројца загинати и 18 повредени во руски напад на Дњепар

илустрација
илустрација

Најмалку три лица загинале во руски ракетен напад и напад со дронови врз градот Дњепар во централна Украина, изјави во среда (3 јули) регионалниот гувернер Сергеј Лисак. Тој додаде дека во нападот биле ранети 18 лица.

„Непријателот продолжува со подмолните напади. Испрати ракети и дронови. За жал, тоа не беше без последици. Три лица загинаа“, напиша Лисак на социјалните мрежи.

Официјалниот претставник кој го постави Москва во областа Херсон во Украина, контролирана од Русија, изјави дека двајца цивили загинале во напад на украинско беспилотно летало што погодило пекара.

Во средата, руските сили продолжија со артилериските напади во украинскиот регион Запорожје, каде што еден човек бил ранет, а 14 куќи биле уништени.

Неколку дена претходно седум цивили беа убиени во рускиот напад врз градот Вилњанск во Запорожје.

Руското Министерство за одбрана во среда објави дека соборило 10 украински беспилотни летала над регионите Белгород, Брјанск и Москва, јави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Министерството додаде дека потонале два дрода без екипаж кои се движеле кон Новоросијск во Црното Море.

Лукашенко најави амнестија за неколку политички затвореници

Александар Лукашенко, претседател на Белорусија
Александар Лукашенко, претседател на Белорусија

Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека најверојатно ќе ослободи од затвор неколку од неговите политички противници, а кои сега се тешко болни од рак.

Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, е еден од најблиските сојузници на рускиот претседател Владимир Путин, а неговите противници и западните групи за човекови права го обвинуваат за кршење на човековите права и затворање на противниците по различни обвиненија.

Реизборот на Лукашенко за шести мандат во 2020 година предизвика улични протести на кои тој беше обвинет за местење на изборите. Полицијата масовно апсеше демонстранти, а групите за човекови права велат дека повеќе од 25 000 луѓе завршиле во затвор во месеците по изборите.

„Немојте да се чудите ако луѓето кои ја поткопаа државата во 2020 година бидат ослободени за неколку дена. Тие се навистина болни, главно од рак“, рече Лукашенко на митингот по повод националниот празник на Белорусија, кој се одбележува денеска (3 јули).

Лукашенко не ги идентификуваше оние кои би можеле да се квалификуваат за амнестија.

Опозициската група за заштита на правата „Вјасна“ наведува дека има 1403 политички затвореници во Белорусија. Од мај, бројот на политички затвореници чие здравје е загрозено е 254, вклучувајќи 92 тешко болни и 63 на возраст над 60 години.

Ниту едно министерство или општина не е имуно на корупција во јавните набавки

илустрација
илустрација

Ниту едно министерство или општина во земјава нема високо ниво на заштита од корупција во јавните набавки, соопшти Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

ЦГК го објави рангирањето на Владата, министерствата и општините според 32 индикатора за антикорупциските перформанси во јавните набавки.

„Ниту една институција не се наоѓа во зелената зона, на висока заштита од корупција, со остварување на антикорупциските перформанси од над 80 отсто. Четири министерства и 43 општини се наоѓаат во црвената зона, односно нивните јавни набавки се спроведуваат со ниско ниво на заштита од корупцијата, бидејќи имаат освено помалку од 50 отсто“, наведува ЦГК.

Според рангирањето, најголема изложеност на корупција имаат Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а со најдобри антикорупциски перформанси, чие остварување е 72 отсто, се Министерството за одбрана и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Според Центарот, ниското ниво не мора по секоја цена да значи корупција во јавните набавки на таа институција, туку дека не се преземаат сите можни мерки кои треба да ја спречат, и оттука можноста таа да се случи во овие институции е повисока.

Кај општините, најниско ниво на остварување на антикорупциските перформанси во јавните набавки е утврденo кај Кратово и Гостивар. Во црвената зона е и Градот Скопје, како и 40 други општини. Најдобри антикорупциски перформанси во јавните набавки има Општина Кавадарци, 70 отсто, како и Велес и Пробиштип, 66 проценти.

Рангирањето е изработено во рамките на програмата „Граѓаните против корупцијата“, поддржана од УСАИД.

Деновиве ќе се знае од кои учебници ќе учат седмоодделенците

Искинати учебници за основно образование
Искинати учебници за основно образование

Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието ќе утврдат по кои учебници ќе учат седмоодделенците во претстојната учебна година, бидејќи до 1 септември не ќе може да се отпечатат нови, согласно новите наставни од Концепцијата за основно образование.

Министерката Весна Јаневска изјави дека деновиве ќе информираат како ќе учат основците во седмо одделение, посочувајќи дека иако било соопштено дека учебници на 1 септември ќе има и за седмо одделение, „фактичката состојба е сосема различна“.

„Волшебно стапче да имаме, ние до септември како Влада не можеме да стигнеме да обезбедиме учебници за во седмо одделение. Ниту еден учебник за седмо одделение не е даден во печат. Не само што не се дадени во печат, огромен број од нив не се одобрени. Некои не се ни напишани, значи не е креиран учебникот. Некои не поминале рецензија“, изјави Јаневска пред отворањето на конференција за инклузивно образование организирана од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Во моментот се водат разговори со Бирото за развој на образованието за да се надмине проблемот, а решението веројатно е учениците од седмо и наредната година да учат од старите учебници, односно тие што биле досега во употреба.

Доколку законот, не дозволува, Јаневска најавува одложување на примената на Концепцијата за преостанатите одделенија - седмо, осмо и деветто, за одреден период.

Министерката Јаневска додаде дека наставниците ќе треба да бидат подготвени да им ги предаваат темите со тоа што ќе обезбедат одредени наставни материјали од кои децата ќе учат, и да им посочат друга, интернет литература.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG