Достапни линкови

Застрелан премиерот на Словачка


Министерството за внатрешни работи посочи дека ова е „обид за атентат“.

Словачкиот премиер Роберт Фицо бил застрелан додека се движел меѓу толпа луѓе во градот Хандлова откако претходно бил одржан состанок на владата во Братислава, објавија локалните медиуми на 15 мај.

Инцидентот се случил пред Дом на културата во Хандлова каде премиерот имал средба со симпатизерите.

Фицо е пренесен во болница, објави новинската агенција ТАСР повикувајќи се на информација од потпретседателот на парламентот Лубос Блаха.

Министерството за внатрешни работи инцидентот го квалификуваше како „обид за атентат“.

Премиерот на Слованчка, Роберт Фицо
Премиерот на Слованчка, Роберт Фицо

Засега нема информации колку се сериозни раните на Фицо.

Новинарите кои беа на местото на настанот рекоа дека се слушнале неколку истрели од пиштол пред да настане метеж околу премиерот.

Тие додадоа дека безбедносните службеници брзо втурнале лице во автомобил и заминале.

Се смета дека лицето е осомничениот напаѓач иако засега нема потврда од полицијата.

Засега нема коментар за ова ниту од кабинетот на премиерот.

Претседателката на Словачка, Зузана Чапутова, го осуди пукањето како „брутален и безмилосен напад“ над премиерот Фицо.

„Шокирана сум“, напиша таа на мрежата Икс и му посака брзо закрепнување.

Местото на нападот врз словачкиот премиер
Местото на нападот врз словачкиот премиер

Претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула Фон дер Лајен, рече дека за вакви акти на насилство „нема место во нашето општество“.

Шефот на ЕУ, Шарл Мишел реагираше дека ништо не може да го оправда насилството и ваквите напади.

Фицо во октомври 2023 по четврти пат беше именувам за премиер за Словачка откако во предизборната кампања ветуваше дека ќе ја прекине воената поддршка за Украина и ги критикуваше санкциите кон Русија.

Обвинувајќи ја либералната претседателка во заминување, Зузана Чапутова, за „либерален фашизам“ успеа да ги убеди граѓаните дека миграцијата и правата ЛГБТИ популацијата се поголема закана за Словачка од масовната корупција, поради која мораше да се повлече во 2018 година.

Тој имаше и пофали зборови за премиерот на соседна Унгарија, Виктор Орбан, како политичар кој ги брани интересите на својата земја.

Од друга страна, и покрај стравувањата на Брисел и Вашингтон, Фицо во повеќе наврати посочи дека не планира земјата со 5,5 милиони жители да ја извлече од ЕУ или НАТО.

XS
SM
MD
LG