Вести
Бајден ги зголеми царините за кинеските електрични возила и други производи

Американскиот претседател Џо Бајден најави нагло зголемување на царините за низа кинески производи, вклучувајќи ги електричните возила, компјутерски чипови и медицински производи. Со овој потег Соединетите Држави ризикуваат судир со Пекинг во изборната година додека се обидува да ги придобие гласачите кои ја оценуваат неговата економска политика со ниски оценки.
Како дел од зголемувањето на царините, давачките за кинеските електрични возила ќе се зголемат од 25 на 100 отсто, за литиум-јонските батерии и делови за батерии за електрични возила од 7,5 на 25 отсто, како и за фотоволтаичните ќелии што се користат за производство на соларни панели од 25 проценти до 50 проценти.
Зголемени се царините и за разни други стоки. На пример, за медицинските шприцеви и игли, тарифите ќе бидат зголемени од нула на 50 проценти.
Зголемувањето на царините беше најавено во услови на жестока кампања меѓу Бајден и поранешниот претседател Доналд Трамп, при што и двајцата се обидуваа да се прикажат себеси како построги кон Кина.
Бајден ќе ги задржи царините воведени од Трамп, а ќе зголеми други, соопшти Белата куќа, наведувајќи ги „неприфатливите ризици“ за „економската безбедност“ на Соединетите Држави, претставена со, како што истакнува, нефер кинески практики што ги преплавуваат глобалните пазари со евтина стока.
Царините ќе бидат постепено воведени во текот на следните три години, а тие ќе стапат на сила во 2024 година и ќе ги покриваат електричните возила, соларни ќелии, шприцеви, игли, челик и алуминиум и многу повеќе. Во моментов има многу малку електрични возила од Кина во САД, но официјалните лица се загрижени дека евтините модели овозможени со субвенции од кинеската влада наскоро би можеле да го преплават американскиот пазар.
„Новите мерки влијаат на увозот на кинески стоки во вредност од 18 милијарди долари, вклучувајќи челик и алуминиум, полупроводници, батерии, критични минерали, соларни ќелии и кранови“, соопшти Белата куќа.
Според американските податоци, во 2023 година САД увезле стоки во вредност од 427 милијарди долари од Кина, а извезле стоки во вредност од 148 милијарди долари.
Новите мерки, според Белата куќа, имаат за цел да ја охрабрат Кина „да ги елиминира своите нефер трговски практики поврзани со трансфер на технологија, интелектуална сопственост и иновации“.
Претставниците на администрацијата рекоа дека мерките биле „внимателно насочени“ и комбинирани со домашни инвестиции, планирани со блиски сојузници и веројатно нема да ја влошат инфлацијата која веќе ги налути американските гласачи и ги загрози шансите за реизбор на Бајден.
Бајден се бори да ги убеди гласачите во ефективноста на неговата економска политика и покрај малата невработеност и економскиот раст.
Аналитичарите предупредија дека трговскиот конфликт меѓу двете најголеми светски економии може да ги зголеми трошоците за електричните возила во целина, што ќе им наштети на климатските цели на Бајден и неговата цел да создаде работни места во производството.
Бајден рече дека сака да победи во ерата на конкуренција со Кина, но не и да започне трговска војна што може да им наштети на нивните економии. Во последните месеци, тој работеше на намалување на тензиите во разговорите со кинескиот претседател Си Џинпинг.
види ги сите денешни вести
Голем пожар кај Струмица, ветрот го отежнува гаснењето

Голем пожар на отворено вечерва беснее кај Струмица на потегот од месноста Софилар, градските гробишта и селото Баница, каде беа загрозени куќи, но веќе е локализиран и повеќе нема опасност за објектите. Сите пожарникари на ТППЕ Струмица се на терен и се обидуваат да ја скротат огнената стихија – јави новинската агенција МИА.
Според командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, пожарот почнал да се шири и во правец на селото Василево.
„Ангажирани се сите капацитети на ТППЕ Струмица, а на помош се повикани и пожарникари од блиските градови, кои пристигнаа и се вклучија во гаснењето. Пожарот е многу голем и преземаме сѐ што е во наша моќ да не дозволиме уште повеќе да се шири, но засега силниот ветар ни ја отежнува работата“, кусо изјави за МИА, Гудев.
Градоначалникот на Струмица, Костадин пред малку информираше дека пожарот е локализиран на струмичка страна и повеќе нема опасност за куќите во селото Баница.
- Пред неколку недели реков дека ги знаеме и дека ги гониме оние кои подметнуваат пожари. Лично ќе се заложам до крај сите да одговараат – објави тој на социјалните мрежи.
Според информацијата од директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, пожарот кај Струмица е настанат од палење на стрништа.
-Гори трска и останата вегетација. Дува силен ветер кој го отежнува или оневозможува гаснењето на пожарот. На терен се екипите на ТППЕ Струмица, Радовиш, Валандово и Богданци, информираше Ангелов.
Инаку, неофицијално пожарот избувнал на повеќе места одеднаш.
Тошковски: Проширување на истрагата за пожарот доколку се обезбедат докази за инволвираност на други лица

Истрагата за пожарот во дискотекта „Пулс“ во Кочани ќе се прошири доколку се обезбедат докази за инволвираност на други лица – потврди министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Апсолутно ќе се шири оваа бројка доколку се обезбедат докази за оние кои имаат директна или индиректна инволвираност во кривично-правниот настан“, изјави Тошковски денеска (21 март).
На денешната прес конференција во ресорното министерство, тој меѓу другото, се осврна и на неодамнешното апсење на градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов. Според Тошковски, дејствијата преземени од Министерството за внатрешни работи (МВР) се целосно во рамки на законските овластувања и се професионални.
„Нема тука наши-ваши, тука има луѓе кои се одговорни и луѓе кои не се одговорни. Но, мора да почитуваме процес на правда и мора темелно и посветено да ја работиме истрагата како што доликува на една држава која што треба да одговори соодветно“, изјави Тошковски.
Одговарајќи на новинарско прашање дали изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, дека Папазов поднел оставка од морални причини е во насока да се оправдаат блиски луѓе до нивната партија, Тошковски одговори дека дејствијата ги преземале согласно конкретните докази во моментот.
Тој додаде и дека во моментот, се истражува и дали претходните две години имало контроли во дискотеката.
Прашан дали актуелниот директор на Државната пазарна инспекција, Влатко Сајкоски правел инспекторски надзори, со оглед на тоа што денеска јавниот обвинител Љупчо Коцевски на прес-конференција посочи дека осомничен е поранешен директор на ДПИ поради непостапување, Тошковски рече дека МВР соодветно ќе постапи во моментот кога ќе бидат утврдени сите потребни факти.
„Истрагата е отворена и практично формално е отпочната вчера со поднесување на кривична пријава од страна на МВР. Во текот на претходниот ден, исто така имавме поднесено кривична пријава против дел од осомничените во рамки на посебна постапка, под надлежност на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, затоа што предметните лица беа полициски службеници и во однос на тие истрагата започна пред два дена, во однос на сите останати истрага започна вчера“, истакна Тошковски.
Измени во легислативата за забрана на пиротехнички средства
То информираше и дека Владата има намера целосно да забрани употреба на пиротехнички средства во затворен простор. Според Тошковски, службите во рамки на МВР се задолжени да изготват документација со која би се направиле измени на легислативата што го уредува тоа прашање.
Одговарајќи на прашања на новинарите, Тошковски истакна дека веднаш со почетокот на истрагата во врска со несреќата во дискотеката во Кочани службите во рамки на Министерството биле задолжени да изнајдат начин за забрана за употреба на такви пиротехнички средства во затворен простор.
Според она што го рече тој, посточеката легислатива што го уредува тоа прашање датира некаде од 60-те години на минатиот век така што, како што посочи, ќе се оди на донесување целосно нов закон.
Поради потребата од итност во уредувањето на тоа прашање, тој рече дека до донесувањето нов закон решение ќе се бара со измени на членови од постоечката легислатива.
„Во иднина ќе следи обновување со нов закон. Целокупниот законски текст поврзан со предметниот закон е при крај, но сега поради потребата од итност ќе се оди на директни измени на одредени членови на постоечкиот закон, дали ќе оди тоа праку Влада или преку некој пратеник во Собранието. Службите работат на предлог-законските измени и истите најбрзо што е можно ќе бидат ставени во процедура. Интенција е на Владата да не се дозволи никогаш повеќе такви пиротехнички средства да бидат употребувани во затворен простор“, додаде министерот за внатрешни работи.
Почина тешко повредено момче, шеснаесетта жртва од несреќата во Нови Сад

Момче родено 2006 година, едно од двајцата тешко повредени при падот на настрешницата во Нови Сад, денеска (21 март) почина по четири месеци и 20 дена борба за живот. Информацијата ја соопшти Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград, каде момчето беше хоспитализирано од јануари.
„И покрај сите преземени мерки и максимална посветеност на персоналот, пациентот им подлегна на комплексните повреди и настанати компликации“, се наведува во соопштението.
Со овој смртен случај, бројот на жртви во падот на настрешницата на Железничката станица од 1 ноември, се искачи на 16.
ВМА во соопштението изразува сочувство до семејството на загинатото момче.
Трагедијата во Нови Сад се случи четири месеци по свеченото отворање на реконструираната зграда на Железничката станица. Реконструкција траеше три години.
До каде е истрагата?
Поради падот на настрешницата се водат неколку постапки. Вишото јавно обвинителство во Нови Сад на 30 декември поднесе обвинение против 30 лица, под сомнение за пропусти во реконструкцијата на настрешницата. Меѓу обвинетите се поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димоски, како и поранешната директорка на Железничката инфраструктура на Србија, Јелена Танасковиќ.
Десетмина од обвинетите се во притвор, Весиќ е на слобода, додека Танасковиќ и Димоски се во куќен притвор. Вишото јавно обвинителство во Нови Сад на 3 февруари соопшти дека врши проверки дали имало корупција во текот на реконструкцијата.
Европското јавно обвинителство (ЕППО) потврди за Радио Слободна Европа дека спроведува истрага за можна злоупотреба на средствата на Европската унија во врска со реконструкцијата на железничката станица.
По смртта на 15 луѓе во падот на настрешницата во Нови Сад на 1 ноември, започнаа серија протести и блокади, предводени од студенти, кои повеќе од три месеци ги блокираат факултетите, инсистирајќи на одговорност за несреќата. Тие добија поддршка во нивните барања од просветните работници, земјоделците, адвокатите и голем број останати граѓани.
Власта предводена од Српската напредна странка и претседателот Александар Вучиќ, ги осудува протестите и блокадите.
Во меѓувреме, Милош Вучевиќ на 28 јануари поднесе оставка од функцијата премиер на Србија откако студентите во блокада во Нови Сад ги претепаа напаѓачи кои излегле од просториите на владеачката Српска напредна странка.
На Токсикологија хоспитализирани седум пациенти кои вдишале отровни гасови во пожарот

На Клиниката за токсикологија досега проциркулирале 20 пациенти кои вдишале отровни гасови при стравичниот пожар во дискотеката во Кочани што се случи во неделата во раните утрински часови – информираше директорот на оваа клиника, д-р Андон Чибишев.
Од овие 20 пациенти, 13 поради влошување на состојбата или поради потреба од механичка вентилација биле префрлени на други клиники, претежно на Клиниката за интензивно лекување, односно на КАРИЛ, а некои се транспортирани надвор од државата. Сепак, сите дваесетмина сега се во добра општа состојба.
Во моментот на Клиниката за токсикологија се хоспитализирани седум пациенти.
Д-р Чибишев изјави дека тие имаат инхалирано голема количина на отровни гасови затоа што биле внатре во дискотеката додека таа горела.
„Немаат термички или механички повреди. Добра вест е што се сите стабилни без клинички манифестации. Меѓутоа ние не сме задоволни до крај од лабораториските, токсколошките наоди и од наодот на метаболната состојба на пациентите“, изјави директорот на Токсикологија.
Сите седум пациенти ќе бидат задржани таму до понеделник, до кога се очекува да бидат собрани сите наоди од иследувањата што се правени во претходните денови, по што докторите ќе донесат заклучок што понатаму.
Можни доцни компликации од труењето со отровни гасови
„Секако дека и откога ќе ги испишеме тие пациенти ќе останат извесен период под наша контрола, затоа што труењето со отровни гасови може да даде доцни компликации“, вели Чибишев.
Најмладиот пациент кај нив е на возраст од 19 години, а највозрасниот има 38 години.
Сите пациенти што се хоспитализирани во медицинските установи во државата се следат конзилијарно од доктори од Клиниката за токсикологија. Се очекува еден пациент кој во моментов е згрижен на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ да биде префрлен на Токсикологија, со што бројката на хоспитализирани на Клиниката за токсикологија ќе изнесува осум.
На прашањето дали овие пациенти кои инхалирале отровни гасови при пожарот во дискотеката може да имаат трајни последици, директорот на Клиниката појасни дека при пожарот горела пластика, текстил, сунѓер при што биле ослободени повеќе видови штетни гасови меѓу кои јаглероден моноксид, јаглероден диоксид и цијанводород кои може да предизвикаат сериозни нарушувања на здравјето практично на целиот организам.
Тој потенцира дека веднаш кај сите пациенти пред приемот се направени токсиколошки и биолошки анализи за да се добијат што побрзо сознанија за колкав степен на труење станува збор.
„Кај сите имаме детектирана покачена концентрација и на карбоксихемоглобин. Тоа е еден спој од хемоглобинот и јаглеродниот моноксид кој се создава кога се внесува голема концентрација на јаглероден моноксид и бидејќи има 270 пати поголем афинитет кон хемоглобинот од кислородот, го зазема неговото место, а бидејќи хемоглобониот е физиолошки пренесувач на кислородот, настанува блокада на дишењето, односно на размена на гасови. При тоа, настанува тежок недостиг на кислород во сите ткива на организмот и последиците што настануваат се поради тоа“, додаде Чибишев.
Според него, среќа е што повредените брзо се донесени:
„Јас сум среќен што досега немаме загуба на човечки живот ни посериозни компликации поради таа хипоксија што настанува што може да биде трагична кога го зафаќа мозокот“.
Во однос на пациентот кој треба да биде префлен кај нив денеска од старата градска болница, тој кажа дека според неговите сознанија пациентот имал тегоби кои укажуваат на тоа дека има вдишано поголема концентрација на отровни гасови, а сите други повреди - термички и механички се санирани. Во договор со колегите од Хируршката болница, утврдено е дека нема потреба таму да лежи, а ќе биде задржан на Токсикологија уште неколку дена заради дополнителни анализи и натамошно следење.
Насилно задушување е причината за смртта кај сите настрадани во пожарот во „Пулс“

Кај сите настрадани во дискотеката „Пулс“ во Кочани е констатирана насилна смрт од задушување што е предизвикано директно од пожарот – изјави денеска (21 март) директорот на Судска медицина, Александар Станков, кој информираше за спроведената обдукција и идентификација на починатите.
Тој на денешната прес конференција рече дека во извршувањето на 59-те обдукции на телата, учествувале експерти од Судска медицина, од патологија, но и тимови од МВР.
„Кај дел од настраданите се утврдени изгореници од прв и втор степен, но кај три лица имало и изгореници од четврти степен. Кај четворица се констатирани скршеници на ребра и задушување од притисок при бегање (стампедо), а повреди од евентуално срушени греди нема“, изјави Станков.
Тој посочи дека кај жртвите при идентификацијата биле користени две методи, ДНК анализа и дактилоскопија. Сепак, кај четворица било невозможно да се добијат отпечатоци поради што била направена само ДНК анализа.
„Во тек се токсиколошките анализи за да се утврди што било присутно во крвта на загинатите, иако според макроскопскиот наод за време на обдукциите, кај најголем број од нив имало јаглерод моноксид“, рече Станков.
Тој очекува сите извештаи за обдукциите да бидат завршени месецов, а за токсиколошките анализи можеби ќе биде потребно повеќе време.
„Ќе се прават и патохистолошки анализи и сѐ што ќе биде сработено, Институтот за судска медицина ќе достави до Обвинителството ќе нареди вештачење“, додаде Станков.
Обдукциите почнале вечерта, на 16 март, а завршиле претпладнето на 18 март. Идентификацијата пак, 99 проценти била завршена во вторникот, на 18 март, а комплетно во утринските часови на 19 март.
Идентификацијата првично се спроведувала во болниците каде што биле жртвите, но само со помош на препознавање и лични документи, а потоа биле применети и ДНК анализа и дактилоскопија при што, за да нема никаква грешка, проверка се правела по неколку пати.
„Од обдуцираните 59 лица, 70 отсто биле меѓу 16 и 29 години, од починатите 16 се жени, а 43 се мажи. Во детали не би влегувал зашто не се завршени сите анализи, но постојат фрактури на ребра и знаци за притисок кои довеле до задушување“, потенцираше Станков на прес-конференцијата.
Во однос на задушувањето, докторот објасни дека под дејство на јаглерод моноксид се јавува главоболка, повраќање, вртоглавица, безсознание, дезориентираност, парализа на мускулите и во вакви случаи, жртвите, вообичаено, се наоѓаат веднаш до местото од кое се обидувале да избегаат.
„Овој гас е многу опасен, нема мирис и вкус, делува на централниот нервен систем, ги онеспособува жртвите и смртта може да настане многу брзо, за неколку минути, зависно колкава е концентрацијата. Во дискотеката каде што се случил пожарот, во тој чад и простор, под дејство на јаглерод моноксид смртта може да настане многу брзо“, рече директорот на Судска медицина.
Тој објасни дека се работи за многу опасен гас кој најчесто се јавува при вакви пожари, поради недоволно, некомплетно согорување.
„Сепак, во овој случај треба да се земат предвид и другите работи како амбиенталното задушување зашто огнот што гори го троши кислородот, па покрај влијанието на јаглерод моноксидот, има и намалено количество на кислород. Во најголем број случаи при вакви големи пожари не е исклучено да се појават и цијан водород и сулфур водород“, додаде Станков.
Одговорајќи на новинарски прашања, тој објасни дека обудкциите се нужни за да се докаже вистината.
-Обдукциите се вид собирање материјални докази зашто со нив се одредува причината на смртта, дали постојат други повреди и дали прчината за смртта е поврзана со настанот. Не може да вршиме идентификација и да одредуваме причина за смрт само со преглед, мора да се направи комплетна обдукција и позитивна идентификација за да излеземе пред судот - посочи докторот.
Црвениот крст прави подготовки за исплата на средствата за настраданите во Кочани

Досега се собрани 48.172.115 денари за поддршка на настраданите во пожарот во Кочани и за нивните семејства - информираше денеска (21 март) Црвениот крст.
- Упатуваме голема благодарност до сите кои донираа и ве информираме дека сме во фаза на подготовка за првична исплата на собраните средства за најитните потреби наменети за настраданите од пожарот во Кочани – наведуваат од Црвен крст во денешното соопштение.
Портпаролката на Владата пак, Марија Митева на прес конференција посочи дека на сите повредени од пожарот во Кочани, лекувањето им е и ќе им биде обезбедено од страна на државата.
Таа рече дека според досегашниот пресек, згрижени се 180 лица од семејствата на повредените кои се хоспитализирани во странство.
„Бевме информирани од страна на Црвениот крст дека се прави формално правно усогласување и проценка преку која на сите семејства кои се погодени од ужасната трагедија за почеток ќе им биде дадена финансиска поддршка во висина од 150.000 денари на секое семејство. Истите средства ќе им бидат на располагање за покривање на тековни, дневни, најитни трошоци“, рече Митева.
Семејствата и на починатите и на повредените ќе добијат по 150.000 денари
Таа истакна дека ова не е еднократна помош и повика на покажување солидарност без шпекулации кои можат наштетат на семејствата на пациентите.
Во однос на финансиска поддршка во висина од 150.000 денари за секое семејство Митева посочи дека моментално се врши проценка и организација на состојбата.
„На секои три часа имаме редовен контакт со семјствата во странство со цел да видиме дали има нови несакани состојби, во постојана комуникација и координација сме и замолуваме да се следат официјалните информации“, додаде таа на денешната прес конференција.
Николоски: Проверени над 600 лиценци за градење, 97 ќе бидат одземени

Од издадени околу 1.100 лиценци согласно Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање, Министерството за транспорт досега извршило контрола на 643 при што кај 97 е констатирано дека по издавањето на лиценците, правните лица престанале да ги исполнуваат законските услови врз основа на кои се издадени. За ова, денеска (21 март) информираше министерот за транспорт Александар Николоски.
На денешната прес конференција тој рече дека ќе бидат донесени решенија за одземање на овие лиценци. Додаде и дека до вторник ке бидат проверени сите издадени лиценци.
„На 13 правни лица одземена им е лиценца А за изведувач на градби од прва категорија, на 34 правни лица одземена им е лиценца Б за изведувач на градби од втора категорија, на две правни лица одземена им е лиценца А за надзор над изградбата на градби од прва категорија“, рече Николоски.
Тој посочи и дека на шест правни лица одземена им е лиценца Б за надзор над изградбата на градби од втора категорија, на три правни лица одземена им е лиценца А за проектирање на градби од прва категорија, на 20 правни лица одземена им е лиценца Б за проектирање на градби од втора категорија.
Ресорниот министер информираше и дека на две правни лица одземена им е лиценца Б ревизија на проектна документација на градби од втора категорија.
Освен тоа, на едно правно лице одземена му е лиценца за управител за одржување на објекти од прва и втора категорија, а на 16 правни лица одземена им е лиценца за изработка на урбанистички планови.
Целиот извештај, ќе биде доставен до органите на прогонот.
Според Николоски, паралелно е почната постапката за контрола и на сите издадени лиценци и овластувања во делот на патен превоз.
„Министерството во моментов спроведува контрола на сите лиценци издадени согласно Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање. Законите за контрола не се јасни и не се исклучиви и затоа контролата сега се прави врз основа на политичка одлука. По завршувањето на постапките ќе следат законски измени со кои ќе има обврска на секои шест месеци да се врши контрола на сѐ што е издадено од страна на институциите“, рече Николоски.
Ќе се прави ревизија на законите
Тој нагласи дека идејата е да се направи поголема ревизија на постојните законски решенија за да се спречи нивната злоупотреба. Како што кажа, ќе поднесат законски измени со кои ќе побараат веднаш да се одзема лиценцата, а жалбата да не го одлага извршувањето.
Тој истакна дека Министерството за транспорт нема надлежности за објектот на клубот „Пулс“, кој е од Б категорија, зашто после донесувањето на Законот за децентрализација Министерството е надлежно само за објекти од А категорија.
„Објектот е изграден во 1999 година според важечки план во рамки на општина Кочани. Изграден е како лесна незагадувачка индустрија и одреден период се користи како фабрика за текстил, а потоа како магацин. Потоа е дограден еден дел од околу 50-тина квадратни метри кој е легализиран во 2011 година согласно Законот за легализација на бесправно изградени објекти и е приклучен на постојниот објект. Тоа значи дека се е испочитувано од аспект на урбанистичко планирање, рече Николоски одговарајќи на новинарско прашање.
Проблемот, како што кажа, настанува во оној момент кога почнуваат адаптации и реконструкции на објектот во внатрешноста без никакво одобрение од никого и дополнително е ставен печат од лице кое или не видело што се случува таму или видело но го игнорирало.
Тој појасни дека согласно актуелниот закон, Министерството за економија по службена должност требало во рок од три работни дена да ги провери исказите во изјавата на поднесувачот на барањето за лиценца дека објектот ги задоволува сите пропишани одредби.
„Сметам дека ваквиот закон не е добар и мора да се смени. Мора да има многу појасна и многу поголема контрола од ова што е сега напишано. Сега е оставено на широко толкување – некој дава заверена изјава на нотар дека сѐ е во ред, а некој службеник од Министерството за економија после тоа по службена должност прибавува документи и за жал ни се случи ова што ни се случи“, нагласи Николоски
Тој порача дека Државниот пазарен инспекторат нема ни капацитет ни знаење да навлегува во сите аспекти на функционалноста на некој објект и токму затоа дел од законските измени ќе одат во таа насока.
Турција ја прошири забраната за протести поради притворот на Имамоглу

Гувернерите на турскиот главен град Анкара и третата по големина провинција Измир денеска (21 март) ги забранија демонстрациите до 25 март, додека продолжуваат протестите против притворањето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу. Ова значи дека забраната сега е во сила во најголемите три турски градови, вклучувајќи го и Истанбул.
Гувернерот на Истанбул во средата веќе воведе забрана за демонстрации, собири и покривање вести за таа тема до недела. Потегот доаѓа откако Републиканската народна партија (ЦХП) на Имамоглу повика на протести низ целата земја, пркосејќи на забраната за демонстрации. Доцна во четвртокот избија судири меѓу демонстрантите и полицијата во неколку турски градови.
Имамоглу, клучниот ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган, беше приведен во средата поради обвинувања за корупција и тероризам. ЦХП се подготвуваше да го именува за свој претседателски кандидат во недела и рече дека ќе продолжи со гласањето.
Во задушувањето на протестите поради притворот, турските власти приведоа 54 лица, објави владата во петокот.
„Вкупно 326 профили се под истрага за објави за поттикнување омраза и охрабрување криминални дејствија“, напиша турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на платформата на социјалните мрежи X.
Во четвртокот Јерликаја рече дека се приведени 37 корисници. Одделно, властите поднесоа кривични пријави против 53 демонстранти кои се приклучиле на протестите. Според државната новинска агенција Анадолу, досега се приведени 88 од 105 барани, заедно со Имамоглу.
Обвиненијата за корупција против Имамоглу вклучуваат измама, местење понуди и мито. Притворот на градоначалникот на Истанбул предизвика домашни и меѓународни критики. Уште не се знае дали и кога Имамоглу, кој моментално се наоѓа во седиштето на полицијата во Истанбул, ќе се соочи со судење.
Обвинителите тврдат дека Имамоглу, во координација со прокурдската партија ДЕМ, ангажирал градски функционери поврзани со забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК)- која е наведена како терористичка организација од Турција и нејзините западни сојузници.
Неколку градоначалници на ДЕМ и некои ЦХП неодамна беа разрешени поради слични наводи за врски со ПКК.
Доколку Имамоглу биде осуден за тероризам, турската влада би можела да го замени со функционер поврзан со владата. Во 2019 година, за прв пат во 25 години, исламските конзервативци во Турција ја загубија контролата над главниот град Анкара. Имамоглу беше реизбран за градоначалник на Истанбул на изборите во 2024 година.
Вучиќ вели дека „на Србија и е доста од оние кои ја тероризираат“ и дека „мора да се спротивстави“

Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени дека „на Србија и е доста од оние кои ја тероризираат четири месеци“, додавајќи дека мора да направат се за да се избегне насилство, но и да се спротивстават на оние кои ја „уништуваат и уриваат“ земјата.
„Врие во Србија, буквално врие, само тие тоа не го гледаат. На Србија и е доста од оние кои ја тероризираат четири месеци. И ние мора да направиме сѐ за да го избегнеме насилството и да се спротивставиме на оние кои ја уриваат и уништуваат нашата земја“, рече Вучиќ во видео-обраќање на својот Инстаграм профил.
Тој додаде дека затоа „во најкраток можен период“ ќе ги повика луѓето на мирен и достоинствен начин да демонстрираат дека сакаат „слободна Србија“.
По смртта на 15 лица при уривање на настрешница во Нови Сад на 1 ноември, следеа низа протести и блокади, предводени од студентите, кои повеќе од три месеци ги блокираат факултетите, инсистирајќи на одговорност за несреќата.
Поддршка во нивните барања добија од просветните работници, земјоделците, адвокатите и голем број граѓани.
Ноќта меѓу четвртокот и петокот (20 и 21 март), студентите го блокираа депото на Градското сообраќајно претпријатие (ГСП) во Нов Белград, поради што, како што наведуваат од ГСП, утрово на градските улици не излегле 150 автобуси и 130 трамваи.
Десетмина од повредените во пожарот во Кочани ќе бидат пуштени на домашно лекување

Десет повредедни лица во пожарот во Кочани кои се хоспитализирани во македонските болници денеска (21 март) ќе бидат испишани и пуштени на домашно лекување, објави министерот за здравство, Арбен Таравари на прес-конференција пред Ургентниот центар.
„Еден ќе биде испишан од Клиничката болница во Штип, еден од Детска хирургија, еден од Торакална и пет од приватните клиники „Систина“ и „Жан Митрев“. Во моментот на лекување се 162 пациенти од кои 47 во домашните болници, а 115 во странство“. Освен едно лице во Турција, кое е во многу сериозна состојба и неколку во покритична состојба, сите останати се во стабилна состојба“, изјави Таравари.
Таравари додаде дека веќе нема да има праќање на пациенти на лекување во странство, туку од наредната недела се очекува дел од нив да почнат да се враќаат во Македонија.
Во странство, како што соопшти Таравари се лекуваат 115 лица од кои, во Србија -30, во Бугарија-15, Грција-12, Турција -12, Шпанија-7, во Австрија-5, во Унгарија-6, во Хрватска-5, Словенија-4, Литванија-4, Белгија-4, Италија-4, Шведска-4, Полска-двајца пациенти.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени. Починатите, кои се на возраст од 16 до 48 години, вчера беа погребани во Кочани, Штип, Струмица и Скопје.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете