Вести
ССМ преку отворено писмо ги повика работниците да се приклучат на првомајскиот протест

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска, 27 мај, преку отворено писмо до јавноста посочува дека работничкото движење во Македонија е исправено пред сериозен предизвик поради, како што наведува, односот на креаторите на политиките, за кои тврди дека „се грижат строго за себе, а не и за работничките права и интереси“.
„Денеска, работниците во Македонија се соочуваат со се поголем притисок за нивната егзистенција поради високите трошоци за живот и ниските плати. Синдикатите покажаа дека можат напорно да работат во интерес на нивните членови и во интерес на работниците. Синдикатите покажаа дека секој сам може да постигне резултат, но имаме можност сплотени да покажеме одлучност во работничката борба, онака како што вашите и нашите членови очекуваат и онака како што работниците очекуваат од нас“, наведува тој во писмото повикувајќи го членството на протест.
Трендафилов посочува дека на 1 мај работниците имаат можност и шанса да покажат дека се незадоволни и дека сите тие кои претендираат да ја водат државата треба да го слушнат гласот на работниците.
„Имаме можност да го покажеме нашето, работничкото незадоволство и заедно да излеземе на голем работнички протест на 1 Мај, особено поради можноста, пораките, нашите и работничките барања да ги упатиме на неколку денови пред парламентарните избори до сите тие кои претендираат да ја водат Државата. Како Претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија ве замолувам да покажеме одлучност во борбата, борбата која е заедничка, за подобро утре и за подобри работнички права“, наведува Трендафилов.
На протестот очекува на ССМ да му се придружат и членови на други синдикати и граѓани. На Меѓународниот ден на трудот - 1 Мај, протестот ќе започне во 11 часот од пред Работничкиот дом до Собрание - Стопанска комора - Влада.
види ги сите денешни вести
Обинителство отвори истрага против пет лица за убиството во Штип

Постои осовано сомнение дека првоосомничениот 21-годишник, на почетокот на месецов во Скопје, од непознато лице за сума од 1.100 евра купил пиштол со калибар од 9мм, со избришани податоци за модел и сериски број.
Потоа со тој пиштол, на 8 мај во вечерните часови, во кафе-бар во Штип, со умисла и од безобѕирна одмазда лишил од живот едно лице, исто така турски државјанин со престој во Штип, се вели во соопштението од Обвинителство.
Сите осомничени се турски државјани, од кои тројца имале пријавено престојувалиште во Штип, додека извршителот на убиството и еден од помагачите биле без пријавен престој во државава.
Постои осовано сомнение дека првоосомничениот 21-годишник, на почетокот на месецов во Скопје, од непознато лице за сума од 1.100 евра купил пиштол со калибар од 9мм, со избришани податоци за модел и сериски број.
Потоа со тој пиштол, на 8 мај во вечерните часови, во кафе-бар во Штип, со умисла и од безобѕирна одмазда лишил од живот едно лице, исто така турски државјанин со престој во Штип.
Преку мобилни апликации се договориле со жртвата да се сретнат за наводно да ги надминат долготрајните недоразбирања меѓу нив. Но, по 15-минутен разговор во угостителскиот објект, осомничениот влегол во тоалетот и веднаш излегол, па на вратата која го дели отворениот од затворениот дел од кафулето го извадил пиштолот и испукал неколку куршуми во правец на оштетениот, нанесувајќи му повеќе огнострелни повреди од кои подоцна починал.
Истата вечер, останатите четворица осомничени – тројца мажи и една жена, сите на возраст од 22 до 28 години, му помогнале на сторителот по извршеното кривично дело за кое е запретена казна доживотен затвор.
На точно неутврдена локација во Штип го качиле во автомобил БМВ со кој управувала осомничената девојка и сите заедно се упатиле кон Скопје.
Кај наплатната станица Миладиновци на автопатот Штип-Скопје биле пресретнати и запрени од полициска патрола и се дале во бегство, но биле уапсени.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип достави предлог за определување мерка притвор за осомничените.
На парадата во Москва, Русија ги претстави дроновите што ги користи против Украина

Русија денеска (9 мај) на Црвениот плоштад во Москва ги претстави борбените беспилотни летала што ги користеле нејзините сили во војната во Украина, што е првпат да ги изложи, објави државната телевизија, а пренесе Ројтерс.
Претседателот Владимир Путин, кинескиот претседател Си Џинпинг и повеќе од 20 други странски лидери гледаа како разни дронови од руско производство, монтирани на камиони, се транспортираат на нивните лансери низ пространиот плоштад, заедно со друга воена опрема.
Во својот говор, Путин ја пофали храброста на руските војници ангажирани во Украина, велејќи дека „целата земја, општество и народ ги поддржуваат учесниците во специјалната воена операција“ во Украина.
„Горди сме на нивната храброст и решителност, на нивната сила на умот што секогаш ни носеше победа“, додаде тој, велејќи дека Русија „беше и ќе биде неуништлива бариера против нацизмот, русофобијата и антисемитизмот“.
Коментаторот на државната телевизија, кој ја пренесуваше парадата во живо, рече дека беспилотните летала биле широко и ефикасно користени во руската операција во Украина.
Дроновите „Лансет“, „Геран-2“, „Орлан-10“ и „Орлан-30“ се меѓу прикажаните на парадата по повод 80-годишнината од победата на Советскиот Сојуз и неговите сојузници над нацистичка Германија.
Ројтерс потсетува дека беспилотното летало „Орлан“ е широко користено за извидување и избирање цели. Ракетата „ZALA Лансет“ се користи за ударни и извидувачки мисии и, според извештаите, нападнала и уништила бројни парчиња украинска воена опрема, вклучувајќи тенкови и воен авион.
Геран-2 е руски камикази дрон дизајниран во Иран. Тие се користат за таргетирање на енергетската инфраструктура на Украина, а Киев ја обвини Москва дека ги користи за напади врз станбени згради.
Русија негира дека намерно ги гаѓа цивилите, тврдејќи дека ги гаѓа само воените или воено-поврзаните објекти.
Украина, исто така, разви свои напредни беспилотни летала и ефикасно ги користи против руските трупи на бојното поле и цели во Русија, како што се нафтени депоа и рафинерии, објави Ројтерс.
Папата Лав XIV: Црквата мора да ги осветли „мрачните ноќи на овој свет“

Поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Лав XIV во петок (9 мај) ја одржа првата миса во Систинската капела во Ватикан, заедно со кардиналите кои го избраа.
Папата Лав XIV ја започна мисата со обраќање на англиски јазик, велејќи дека: „Господ направи чудесни дела“.
„Додека денес славиме заедно, ве поканувам да ги славите чудата што ги направи Господ и благословите што тој продолжува да ги излева врз нас“, рече тој.
Истакна дека бил повикан да ја прифати оваа мисија преку службата на Свети Петар.
„Знам дека можам да сметам на секој од вас да оди со мене“, изјави тој.
Обраќајќи се до кардиналите, папата Лав XIV додаде: „Бог, по твој избор, ме повика да го наследам кнезот на апостолите и ми го довери ова богатство. Затоа што ние сме народ што Бог го избра за свој, за да можеме да ги објавуваме чудесните дела на оној што нè повика од темнината во својата чудесна светлина“, рече тој.
Тој им рече и на кардиналите дека се надева дека неговиот избор ќе ѝ помогне на Римокатоличката црква да донесе светлина во „мрачните ноќи на овој свет“ и дека може да биде „верен управител“ на целата Црква.
Лав XIV беше избран во четврток во четвртиот круг од гласањето. Роден е во Чикаго како Роберт Френсис Превост и голем дел од својот живот го поминал во Јужна Америка. Еден час откако се појави бел чад над оџакот на Систинската капела, тој излезе на балконот на базиликата „Свети Петар“, пред десетици илјади собрани луѓе.
„На човештвото му е потребен Христос како мост преку кој ќе стигне до Бога и неговата љубов. Помогнете ни и да си помагаме едни на други, да градиме мостови“, им рече тој на собраните во Ватикан во четврток.
Новиот папа беше избран од 133 кардинални електори под 80 години.
Претходниот папа, Франциск, почина на 21 април откако 12 години владееше со Црквата, која брои 1,4 милијарди членови.
За време на неговото владеење, тој се обиде да ја отвори сериозната институција кон современиот свет, донесувајќи низа реформи и дозволувајќи дебата за контроверзни прашања како што се ракополагањето на жените и подоброто вклучување на ЛГБТ католиците.
Мерц: За царините со САД, членките на ЕУ можат да преговараат само заедно

Царинска војна им нанесува штети на сите и во таков вид на војна никој не е победник, порача денеска (9 мај) германскиот канцелар Фридрих Мерц на заедничка прес-конференција со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во Брисел.
„Ескалацијата на спорот за царините не е добра идеја. Најдоброто нешто би било тие да се сведат на нула за сѐ и за сите, истакна Мерц говорејќи за царините на увозот на стоки од ЕУ воведени од страна на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Мерц информира дека вчера телефонски разговарал со Трамп, при што му честитал за постигнатиот трговски договор меѓу САД и Велика Британија, но и му порачал дека такво нешто не можно да се прави со земјите членки на ЕУ одделно, бидејќи тие за трговијата преговараат заедно.
„Мојот впечаток беше е дека тој го прифати тоа и сега знае дека може да преговара само со сите нас заедно“, рече Мерц, додавајќи дека Трамп го поканил да го посети Вашингтон.
Според Мерц, во САД започнува дискусијата за штетите од царините по американската економија и луѓето почнуваат да го согледуваат тоа, што би можело да резултира со напредок во трговските преговори меѓу Брисел и Вашингтон.
Мерц меѓудругото, додаде дека во телефонскиот разговор, Трамп го информирал и за неговиот план за 30-дневен прекин на огнот, за кој изрази поддршка.
„Ја повикуваме Русија да се приклучи на патот кон траен договор, а доколку тоа не се случи, нема да се двоумиме да го зголемиме притисокот преку санкции заедно со нашите европски партнери и САД“, изјави германскиот канцелар.
Мерц нагласи и дека ЕУ мора да продолжи со поддршката на Украина во справувањето со руската агресија, потенцирајќи дека тој лично „цврсто стои зад Украина и украинската кауза“.
„Ќе направиме сѐ што можеме за да заврши оваа војна што е можно побрзо, но тоа може да се постигне само заедно со Украина. Украинците треба да бидат вклучени во тоа и треба многу јасно да ставиме до знаење каде стоиме и дека тоа е на страната на Украина. Драго ми е што гледам дека е така низ цела ЕУ, со еден или два исклучоци“, истакна Мерц.
Кошта од своја страна истакна дека Германија е многу доверлив партнер и придонесува во зајакнувањето на ЕУ, во премостување на разликите и во зацврстување на единството и дека од новата германска Влада очекува нова енергија во напорите за продолжување на изградбата на Унијата.
Мерц изрази задоволство што е присутен во Брисел на Денот на Европа кога се одбележуваат 75 години од Шумановата деклатација, која ги постави темелите на политичка соработка во Европа, првично во индустријата за јаглен и челик, но потоа и во други сектори, преку Европската заедница за атомска енергија и Европската економска заедница, па сѐ до Европската Унија каква што е денес.
Амбасадорот на ЕУ во Србија, Жофре: „Денеска треба да бидете во Украина, а не во Москва“

Шефот на делегацијата на Европската Унија во Србија, Емануел Жофре на 9 мај изјави дека геостратешката посветеност на Србија треба јасно да биде насочена кон Унијата и дека денеска „таа треба да биде во Украина, а не во Москва“.
И покрај критиките од Европската Унија, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, е во посета на Москва, каде што присуствува на парадата по повод Денот на победата во Втората светска војна на 9 мај.
Билатералната средба со рускиот претседател Владимир Путин е нивна прва официјална средба од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Жофре, потсети дека денеска (9 мај) се одбележува Денот на Европа, која веќе 75 години гради проект за мир, просперитет и демократија.
„Унијата се темели на клучни вредности и мора да биде способна да ги заштити граѓаните и да им донесе просперитет“, изјави Жофре за Српската радиотелевизија, нагласувајќи дека ова е особено важно денес кога војната се врати на европско тло.
Тој рече дека не треба да заборавиме дека Белград го ослободила Црвената армија заедно со Украинците, но дека треба да разбереме што се случува денес.
„Денес, за жал, имаме агресивна војна што ја уништува Украина, а Украинците се бранат. Мислам дека денес треба да бидеме во Украина, а не во Москва“, рече Жофре, коментирајќи го заминувањето на српскиот претседател Александар Вучиќ на воената парада во Москва.
Шефот на делегацијата на ЕУ рече дека „постои нов моментум за проширување и мора да се разбере дека овој момент треба да се искористи, пред сè преку спроведување на реформи“.
Најавувајќи ја посетата на претседателот на Европскиот совет, Анотнио Кошта на 12 мај и на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, на крајот од месецот, Жофре рече дека Унијата се фокусира на Западен Балкан и на Србија, дека инвестира политички капитал во Србија и дека ја сака Србија во ЕУ.
Тој истакна дека се потребни соодветни услови за тоа да се случи, спроведување реформи и промена на општеството.
„Гледаме дека многу граѓани на Србија бараат промени и реформи на улиците на Белград и Србија“, рече Жофре, осврнувајќи се на месеците студентски протести и блокади, каде што граѓаните бараат одговорност за смртта на 16 лица при уривањето на настрешницата на реконструираната Железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.
Жофре додаде дека Србија има трговска размена со ЕУ, односно 60 проценти од српскиот извоз оди во Унијата, а странските директни инвестиции се главно од ЕУ.
„Мораме да го зајакнеме и да бидеме подготвени за светот денес и утре. Мора да знаеме во која насока сакаме да одиме“, рече тој.
Србија е во преговори за членство во Европската Унија од 2014 година.
Како кандидат за членство во ЕУ, Србија не отворила поглавја од преговорите од декември 2021 година.
Таа е во застој поради одбивањето да ја усогласи својата надворешна политика со онаа на Унијата и да воведе санкции врз Русија за нејзината инвазија на Украина.
Властите во Белград продолжија да ги негуваат односите со Москва и покрај предупредувањата од Брисел.
Средба на министрите за надворешни работи на ЕУ во украинскиот град Лвив

Министрите за надворешни работи на ЕУ се собраа во украинскиот град Лвив во петок(9 мај), каде што се очекува да го поддржат создавањето на специјален трибунал кој ќе истражува и ќе ја повикува Русија на одговорност за злосторствата на агресија извршени во Украина.
Собирот е симболичен знак на поддршка во истиот ден кога Русија со голема воена парада во Москва, го одбележува крајот на Втората светска војна и победата на Советскиот сојуз над нацистичка Германија.
„Важно е и симболично европските партнери да стојат рамо до рамо со Украина на Денот на Европа“, рече украинскиот премиер Денис Шмигал во објава на социјалните мрежи.
Тој ги поздрави делегациите од 35 земји и Советот на Европа, вклучувајќи ја и највисоката дипломатка на Европската Унија, Каја Калас.
„Нема да има неказнивост, ќе има одговорност за извршените злосторства“, рече Калас во четвртокот по состанокот на министрите на ЕУ во Варшава.
Специјалниот трибунал за злосторство агресија против Украина, како што се нарекува, треба да биде формализиран во Луксембург на 14 мај кога ќе се состане Комитетот на министри на Советот на Европа.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг веќе издаде налози за апсење на Путин поради киднапирање на украински деца, како и на четворица од неговите врвни команданти за таргетирање цивили.
Но, МКС нема надлежност да ја гони Русија за пофундаменталната одлука за започнување на инвазијата.
Се очекува новиот трибунал да не може да го суди Путин додека е на функција поради принципот на меѓународното право што им дава имунитет на претседателите, премиерите и министрите за надворешни работи.
Предлозите за формирање на трибуналот беа изнесени пред повеќе од две години, но расправиите околу неговата правна основа и како би функционирал го забавија напредокот.
Враќањето на американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа се чини дека ги забрза напорите, бидејќи европските претставници стравуваат дека неговите планови за мировен договор би можеле да доведат до тоа Москва засекогаш да избега од правдата.
Почнува судењето за сообраќајката во која загина Фросина Кулакова

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска (9 мај) треба да почне судењето против Васил Јованов, осомничен за кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за сообраќајката на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје во која во јануари, животот го загуби младата Фросина Кулакова.
Според обвинението, на 29 јануари 2025 година, Васил Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци.
Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место. За делото за кое се товари Јованов е предвидена затворска казна до 20 години.
Случајот ќе го води судијката Снежана Марковска.
Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог и против таткото на Васил, Зоран Јованов, за кривично дело „предизвикување општа опасност“ од член 288 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на периодот од 04.11.2022 до 30.01.2025 година, во кој Зоран Јованов дозволувал на својот син Васил Јованов да управува патничко моторно возило „Пежо 207“, иако знаел дека синот нема возачка дозвола и е повеќекратен сторител на сообраќајни деликти вклучително и сообраќајната несреќа во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова.
Апелација ги зголеми казните на сопственикот на „Дурмо-турс“, одговорниот за транспорт и контролорите за технички преглед

Апелациониот суд Скопје му ја зголеми затворската казна на сопственикот на компанијата „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, од четири на десет години. Зголемување на казната доби и одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари кому казната му е зголемена од шест на десет години.
Првостепени, четиригодишини затворска казни на Белули и на Мифтари претходно им изрече Основниот Кривичен суд Скопје.
Скопска апелација ги одби како неосновани жалбите на дел од обвинетите за случајот „Ласкарци“. Делумно ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје, со тоа што им ги зголеми казните затвор на сопственикот на компанијата „Дурмо турс“ Дурмиш Белули, на одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари од шест на десет години, и од пет на по седум години казна затвор на двајцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски.
Возачот Мануил Трифуновски останува со 14 години затвор и третиот контролор Јане Боваровски со пет.
„Пресудата на Основниот кривичен суд Скопје ја преиначи према обвинетите Д.Б.од с.Б.Г, И.Г.од Г., Г.Д. од Г., Ј.Б од Г. во делот на кривичната санкција, за обвинетиот Р.М. од с.Ч, Г по однос на засметувањето на мерката куќен притвор во изречената казна и висината на истата и за обвинетиот М.Т од Г. по однос на засметувањето на мерката куќен притвор во изречената казна и се осудуваат и тоа: обвинетиот Д.Б. на казна затвор во траење од 10-десет години; обвинетиот Р.М. на казна затвор во траење од 10-десет години, обвинетиот И.Ѓ. на казна затвор во таење од 7-седум години; обвинетиот Г.Д. на казна затвор во траење од 7-седум години и обвинетиот М.Т. на казна затвор во траење од 14 години“, соопшти на 8 мај Апелациониот суд Скопје.
Обвинети во овој случај се возачот на автобусот на „Дурмо турс“, сопственикот на фирмата, како и вработени во техничкиот центар на истоимената фирма, затоа што знаеле дека автобусот има неисправни сопирачки, а сепак го пуштале да го помине техничкиот преглед.
Автобусот на „Дурмо Турс“ во 2019 година излета од коловозната лента во ендек кај селото Ласкарци при што загинаа 16 луѓе, а 37 беа повредени.
Обвинението беше поднесено уште во јули 2019 година, но предметот остана заглавен во формални процедури во судот. Во кривичниот суд, доказната постапка се одолговлекуваше со месеци, затоа што беше побарано и спроведено супервештачење од Техничкиот факултет во Битола.
Филипче: Преговараме со сите политички партии за соработка на изборите

Лидерот на Социјадемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче не ја исклучува можноста за коалиција со Демократската унија за интеграција (ДУИ) и со Арбен Таравари од Алијанса за Алабанците на претстојните локални избори.
Одговарајќи на новинарско прашање за можна коалиција меѓу СДСМ и ДУИ и крилото на АА на Таравари, тој рече дека коалицијата од 14 партии е веќе потврдена и се прават заеднички советнички листи според неа. Додаде дека процесот за разговори со други партнери допрва почнува и ќе разговараат со сите политички партии.
„Ќе разговараме со сите политички партии, меѓутоа принципите на коалиција значат дека коалиционите партнери прво треба да се почитуваат, понатаму да се целосно согласни околу програмите кои ќе ги ветиме на граѓаните, односно да ги имплементираме научените лекции од претходните коалиции кои на некој начин го оштетија имиџот на СДСМ“, изјави Филипче.
Додаде дека неговата партија е „апсолутно подготвена за каков и да е изборен циклус во претстојниот период“, доколку има и предвремени парламентарни избори.
Не откри конкретни имиња на кандидати за градоначалници затоа што, како што рече, смета дека „не е фер тоа да го прави додека траат внатрепартиските процедури“.
Филипче ги коментираше и последните случувања во владината коалиција, откако Таравари излезе од ВРЕДИ и рече дека е само прашање на време кога таа коалиција ќе се распадне бидејќи како што вели, се покажало дека суштински ништо не ги врзува.
Алијансата за Албанците предводена од Таравари реши на претстојните локални избори да настапат со свои листи за советници. По оваа одлука неговите коалициските партии во ВРЕДИ одлучија коалицијата да стане партија, но без Алијансата.
Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека владината коалиција е цврста, стабилна и со големо мнозинство, а последната средба со Таравари беше оценета како конструктивна.
Неодамна министерот за животна средина и вицепремиер Изет Меџити и лидерот на Демократското движење од коалицијата Вреди изјави дека очекува Таравари исто како што ја напушти коалицијата „Влен“ за претстојните локални избори, така да ја напушти и Владата и му порача дека „не може и да соработува со ДУИ и да биде дел од Владата“.
Индија тврди дека Пакистан извршил воздушни напади со „дронови и ракети“

Индиската влада во четврток (8 мај) соопшти дека Пакистан започнал воздушен напад преку ноќ користејќи „дронови и ракети“, пред Њу Делхи да возврати со уништување на систем за воздушна одбрана во Лахор.
„Пакистан се обиде да нападне голем број воени цели користејќи дронови и ракети“, соопшти индиското Министерство за одбрана. Оттаму додаваат дека „тие биле неутрализирани“ од системите за воздушна одбрана.
Њу Делхи соопшти дека целните области вклучуваат локации во Џаму и Кашмир, кој е под индиска администрација и индиската држава Пенџаб - вклучувајќи ги клучните градови Амритсар, Лудијана, Чандигар - како и Буџ во државата Гуџарат.
„Отпадоците од овие напади сега се собираат од голем број локации“, додаде Министерството за одбрана.
Министерството за одбрана соопшти дека во четврток наутро неговата војска „ги таргетирала радарите и системите за воздушна одбрана на голем број локации во Пакистан“, велејќи дека „одговорот бил во ист домен, со ист интензитет, како и на Пакистан“.
Се додава дека „веќе е дознаено дека системот за воздушна одбрана во Лахор е неутрализиран“.
Индија, исто така, го обвини Пакистан дека „го зголемил интензитетот на неиспровоцираното пукање преку Линијата на контрола користејќи минофрлачи и тешка артилерија“ преку де факто границата во Џаму и Кашмир.
Индија, исто така, соопшти дека бројот на луѓе убиени од пакистанско пукање по ескалацијата на насилството во среда се искачил на 16, вклучувајќи меѓу жртвите три жени и пет деца.
Индија додаде дека останува посветена на „неескалација, под услов таа да биде почитувана од страна на пакистанската војска“.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете