Достапни линкови

Австрија во епицентарот на шпионски скандал


Зградата на австрискиот парламент во Виена.
Зградата на австрискиот парламент во Виена.

Австрија се соочува со најголемиот шпионски скандал во последните децении. Неодамнешното апсење на поранешниот разузнавач Егисто От откри детали за обемна руска инфилтрација, шпионски операции низ Европа и за слабиот официјален надзор, објавија светските медиуми.

От беше приведен откако британските власти заплениле писмени пораки кои го поврзуваат австриски тајкун Јан Марсалек кој е во бегство, со руската разузнавачка агенција ФСБ (Федерална служба за безбедност), покажувајќи дека Марсалек веројатно е еден од најмоќните европски разузнавачки средства на Кремљ.

Канцеларот Карл Нехамер повика на зголемена безбедност, свикувајќи состанок на Советот за национална безбедност на 9 април за да се „процени и разјасни безбедносната ситуација“ по „сериозните наводи“ што ја потресоа Виена, еден од главните европски центри на политичка шпионажа.

„Една од најголемите приказни за шпионажа досега“

Егисто От беше уапсен на 29 март. Во налогот за апсење од 86 страници до кој дојде агенцијата Асошиејтед прес, меѓу другото се наведува дека тој им дал на руските разузнавачи податоци за мобилни телефони на поранешни високи австриски функционери, помогнал да се планира обивање на стан на познат новинар, а напишал и „предлози за подобрување“ по убиства кои биле нарачани од Руси во Германија.

Томас Риглер, историчар и експерт за шпионажа поврзан со австрискиот Центар за разузнавачки, пропагандни и безбедносни студии, рече дека случајот има „потенцијал за една од најголемите шпионски приказни во поновата австриска историја“.

„Случајот е посебен со оглед на неговата меѓународна димензија и фактот дека не се работи само за шпионажа, туку и за инфилтрација во австрискиот политички систем и слабеење на безбедноста на земјата“, рече Риглер.

От, поранешен полицаец, беше разузнавач во Турција и Италија од 2001 до 2012 година пред да се пресели да раководи со тајните агенти во сега веќе непостоечката домашна разузнавачка агенција на Австрија БВТ.

Тој беше суспендиран од БВТ во 2017 година кога првпат се појавија обвинувања дека можеби шпионира за Русија, но следната година беше префрлен да работи за австриската полициска академија.

Тој беше суспендиран во 2021 година во очекување на понатамошна истрага за неговите наводни врски со Русија и беше одведен во притвор. Властите одлучија дека доказите се недоволни и го ослободија околу четири недели подоцна.

От служеше во БВТ под водство на Мартин Вајс, поранешен шеф на австриските разузнавачки операции. Обвинителите тврдеа дека От и Вајс биле „блиски пријатели“.

Во налогот за апсење се наведува дека Вајс почнал да работи за Марсалек и Вирекард, откако ја напуштил разузнавачката агенција во 2018 година, како и дека на От му пренесувал наредби од Марсалек и од руските оперативци. Според налогот за апсење, Марсалек во СМС порака рекол дека помогнал да се „евакуира“ Вајс во Дубаи.

Додека тврдењата дека От барал информации за Русија првпат се појавија во 2017 година, британското разузнавање неодамна и достави на Австрија значајни нови информации.

Петмина бугарски државјани кои наводно работеле како дел од мрежата со Марсалек беа уапсени во Британија минатата година, а уште еден во февруари годинава.

Според налогот за апсење на От, пораките меѓу Марсалек и еден од осомничените во случајот, Орлин Русев кои биле запленети од британската разузнавачка агенција МИ5, укажуваат на понатамошни операции на Марсалек и неговите австриски поддржувачи.

Само пет недели откако От беше ослободен од притвор во 2021 година, обвинителите велат дека тој ја побарал адресата на бугарскиот истражувачки новинар Кристо Грозев во Виена и му ја дал на Марсалек. Оттаму велат дека Марсалек подоцна наредил екипа да упадне во станот на Грозев и да украдат лаптоп и УСБ.

Грозев, кој следеше руски офицери наводно вклучени во труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и рускиот опозициски лидер Алексеј Навални во 2018 година, се пресели од Виена минатата година откако австриските власти му рекоа дека повеќе не можат да ја гарантираат неговата безбедност.

Шпионирање на европските граѓани за Москва

Избеганиот генерален директор на „Wirecard“, Јан Марсалек, користел компромитирани разузнавачи во Виена за да ги шпионира европските граѓани и да планира кражби и атентати од страна на елитните руски одреди. Тој, исто така, според Фајненшл тајмс, ја купил врвната криптографска машина на НАТО и прошверцувал украдени телефони на високи австриски државни службеници во Москва.

Обвиненијата, врз основа на нови докази добиени од британското разузнавање, се содржани во налогот за апсење на австриската полиција за поранешниот претставник на австриската полиција и разузнавач Егисто От.

Според весникот, ова се најобемните официјални обвинувања до сега дека 44-годишниот Марсалек не само што бил компромитиран од Русија, туку можеби бил еден од најмоќните европски разузнавачки ресурси на Кремљ.

Откритијата предизвикуваат загриженост дека Wirecard - компанија за обработка на плаќања која некогаш беше миленик на европската сцена, пред да биде откриена од Фајненшл тајмс дека прави измами, со години се користела како финансиска мрежа во сенка за плаќања и овозможување руски тајни операции.

Врските на Марсалек со Русија и сомнежите на три европски разузнавачки агенции дека тој бил руски шпион првпат беа откриени од Фајненшл тајмс во 2020 година, набргу по колапсот на „Wirecard“.

Дополнителни детали за врските на Марсалек со Москва, каде што сега живее по бегството од Европа со помош на неговата австриска мрежа, полека се појавија во текот на изминатите неколку години, додека инспекторите и новинарите ги проучуваа остатоците од „Wirecard“.

Потерницата против неодамна уапсениот От содржи значајни нови информации и сугерира дека Австрија - земја со длабоки врски со Москва, ги олеснува законите за шпионажа и за политичкиот естаблишмент опфатен со корупција и скандали во последните години - била во срцето на оперативната мрежа на Марсалек.

Австриската министерка за правда, Алма Задиќ од Партијата на зелените, на почетокот на април вети дека итно ќе го разгледа австрискиот закон за шпионажа како одговор на откритијата.

Дебатата за промена на законите за шпионирање во Австрија, кои им дозволуваат на странските агенти слободно да работат во земјата се додека не ја шпионираат самата австриска држава, се одолговлекува со месеци, но законот сè уште не е предложен и покрај зголемениот притисок од сојузниците и опозициските политичари.

Како резултат на тоа, Виена е еден од главните европски центри на политичка шпионажа, посочува весникот, укажувајќи на проценките на западните претставници дека една третина од 180-те акредитирани руски дипломати стационирани таму, се тајни разузнавачки агенти.

Обвинувања против крајната десница

Откритијата по апсењето на От ги обновија обвинувањата против екстремно десничарската Партија на слободата (ФПО), која моментално води на анкетите пред парламентарните избори што се очекуваат во септември.

По неговото апсење, според Ројтерс, двете владејачки партии го обвинија шефот на ФПО Херберт Кикл, министер за внатрешни работи од 2017 до 2019 година, дека е виновен за пропусти во безбедносниот апарат.

„Имаме потенцијална инфилтрација на руски агенти во нашите тајни служби. Тоа е многу, многу сериозно и Партијата на слободата и Кикл се директно поврзани со неа“, изјави за новинарите лидерката на Зелените во парламентот, Сигрид Маурер.

Нејзината партија ја обвини Партијата на слободата (ФПО) дека дејствува како „продолжена рака на Русија“ во Австрија.

ФПО зазеде проруски став, противејќи се на санкциите наметнати кон Москва од Европската унија (ЕУ) поради нејзината инвазија на Украина. За време на претходниот лидер, таа склучи договор за соработка и со партијата Единствена Русија на Владимир Путин.

Кикл негира дека е проруски ориентиран и вели дека неговата партија ја брани австриската неутралност. ФПО ги отфрли сите обвиненија за Марсалек.

Гнездо на шпиони

Апсењето на поранешниот австриски разузнавач под сомнение дека шпионирал за Русија ја стави Виена во центарот на вниманието како жариште на шпионажа во новата ера на конфликт меѓу Истокот и Западот, објави агенцијата Франс прес, додавајќи дека главниот град на Австрија долго време бил жариште на шпионажа за време на Студената војна.војна.

Канцеларот Карл Нехамер минатата недела повика на зголемена безбедност, свикувајќи состанок на Националниот совет за безбедност на 7 април за да се „процени и разјасни безбедносната ситуација“ по „сериозните обвинувања“ против Егисто От, кој беше контактиран од АФП пред неговото апсење, кога тој негираше дека шпионирал за Русија.

Додека рускиот претседател Владимир Путин води војна против Украина повеќе од две години, „кртови“ сè уште оперираат во Виена, вели извор близок до австриските разузнавачки служби со кои разговараше АФП.

Алпската земја со девет милиони жители (и домаќин на бројни агенции на ОН), традиционално се сметаше за мост меѓу Истокот и Западот, но беше позната по пријатни односи со Русија пред нејзината инвазија врз Украина во 2022 година и нејзините лабави закони за шпионирање.

„Ние со децении бевме премногу пријателски расположени кон Путин“, изјави историчарот и експерт за разузнавачките служби Зигфрид Бер за АФП.

Бир потсети и на „слабата“ разузнавачка служба на Австрија со регрути од полицијата и војската, а не од елитните универзитети. Тој процени дека во Виена има околу 7000 странски агенти, која е „омилено место“ поради високиот квалитет на живот.

XS
SM
MD
LG