Вкупно 22 предмети за прекршување на Изборниот законик досега отворила Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), а станува збор за претставки за функционери кои користеле државни ресурси во корист на нивните партии. Антикорупциската комисија работи на предметите, додека истовремено експертите укажуваат дека партиите се одамна влезени во предвремена изборна кампања, на што постојано укажува и мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во своите извештаи.
Од ДКСК за Радио Слободна Европа велат дека меѓу претставките се постапката за набавка на хеликоптерите во Министерството за одбрана, набавка на медицински возила во Министерството од здравство, исплати на додатоци за плата во Министерството за информатичко општество и администрација и претставка против Академијата на судии и јавни обвинители поради огласи за вработувања. Исто така, предмети се отворени за злоупотреба на возила и канцелариски материјали во други институции и за предвремено рекламирање на кандидат за претседател.
„Постапуваме по пријави во однос на непочитување на забраните коишто се уредени во Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, односно оние во членовите 8-а и 8-б кои се однесуваат од денот на распишување на изборите“, вели за РСЕ претседателката на ДКСК Татјана Димитровска.
Сите предмети се отворени по распишувањето на двојните избори, претседателски и парламентарни, за кои првиот круг на претседателските избори е закажан за 24 април, а вториот круг ќе се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај.
Дел од предметите се отворени по сопствена иницијатива на ДКСК, а дел по допрен глас од медиумите и доколку бидат утврдени прекршоци или кривични дела, Димитровска вели дека предметите ќе бидат доставени до надлежните институции како Јавното обвинителство или Финансиската полиција.
Иако актуелниот Изборен законик ги забранува овие активности, препораките на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР се дека со измените на законот потребно е да се добие прецизен механизам кој точно ќе ги дефинира санкциите во однос на користењето на државните ресурси.
Празни ветувања за Изборниот законик
Но, партиите иако ветуваа дека пред овие избори ќе ги донесат измените на Изборниот законик во делот на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, тоа досега не го сторија.
Наместо тоа, тие донесоа измени на Изборниот законик кои само овозможија граѓаните да можат да гласаат со неважечки лични карти, во услови кога повеќе од 100.000 граѓани со право на глас немаат важечка лична карта.
Во овие измени не беа вклучени препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а беа поднесени од координаторите на пратеничките групи СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса за Албанците во Собранието.
Препораките на ОБСЕ/ОДИХР, освен за ограничувањата за користење на државните ресурси според членовите 8-а и 8-б, требаше да се направат и во делот на јасно утврдување што значи предизборна кампања.
Исто така требаше да ја подобрат транспарентноста на целиот изборен процес и да спречат злоупотреби во делот на рекламирањето на партиите со државни пари во медиумите, што според многу експерти претставува континуирана корупција и влијание врз медиумите.
Ваквите измени на Изборниот законик по препораките на ОБСЕ/ОДИХР ги подготви работната група на барање на Министерството за правда и уште во ноември 2023 година беа доставени до Собранието, но и покрај тоа пратениците не ги усвоија.
Нон-стоп во кампања
Освен претставките за користење на државни ресурси за партиски цели на кои работи ДКСК, партиите редовно пред секој изборен циклус почнуваат предвремено со изборна кампања, како што постојано укажуваат многу експерти и набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР скоро во сите извештаи коишто ги изработува по завршувањето на изборите во земјава.
„Неколку изборни кандидати започнаа да ги вклучуваат гласачите во активности пред официјалниот почеток на кампањата“, се вели во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори во 2021 година.
Според законот, кампањата официјално започнува 20 дена пред гласањето, но партиите редовно многу порано започнуваат со истакнување на билборди за политичко рекламирање, а политичарите и функционерите одат на собири со граѓани, како што се случува и за овие избори. Низ градовите веќе се забележуваат билборди за политичко рекламирање.
Адвокатот Александар Новаковски, кој е поранешен претседател на Државната изборна комисија (ДИК), вели дека постои сива зона во правниот систем којашто ја користат партиите за постојано да бидат во кампања, иако таа официјално не е започната.
Поради недореченостите во законот, партиите се нонстоп во изборна кампања и ниту една институција не може да утврди дали е тоа редовна партиска активност или изборна кампања, вели тој.
„На пример, истакнуваат билборд со содржина, а нарачател стои одредена политичка партија. Потоа таа партија официјално се пријавува во ДИК како коалиција и таа листа се потврдува. Така правното лице кое може да биде санкционирано за време на изборите е само онаа листа која е потврдена од страна на ДИК. Затоа тој вакуум простор немилосрдно се користи, исто како и периодот пред распишување на избори и за тоа надлежните многу тешко може да направат граница дали се работи за редовна партиска активност или се работи за предвремена кампања“, вели Новаковски.
Изборна кампања или редовни партиски активности?
Освен политичкото рекламирање, лидерите на партиите секојдневно се на терен каде пред граѓаните даваат секакви ветувања - од подобрување на животниот стандард, до евроинтеграциите, повисоки плати, подобро образование.
Тоа се забележува и во нивните партиски соопштенија, иако лидерите на големите партии неколку пати рекоа дека нивните активности не може да се поврзат со изборна кампања.
Тоа во февруари го кажа премиерот на техничката Влада Талат Џафери кога се уште не беа распишани избори, а присуствуваше на почеток на изградба на обиколница, порачувајќи дека инвестирањето во патната инфраструктура е приоритет на Владата.
„Вие може да си толкувате како сакате, јас си ги извршувам моите дневни обврски. Една од обврските на Владата е да организира избори, но не е единствена“, рече Џафери.
Лидерот на СДСМ и доскорешен премиер Димитар Ковачевски, во изминатиов период се среќаваше со пензионери, студенти, отвораше партиски штабови и ветуваше инфраструктурни и енергетски проекти.
Претседателот на опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски учествуваше на партиски трибини низ градовите и правеше увид до кај се локалните проекти во општини ка градоначалници се од неговата партија.
СДСМ на 23 март ги објави носителите и ко-носителите на изборните листи и презентираше делови од програмата на СДСМ за парламентарните избори на 8 мај. Претходно на 11 март и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМЕ ги објави носителите на листи на партијата и коалицијата за претстојните избори. Претходно листите ги објави и партијата Левица.
Кампањата за претседателските избори на 24 април почнува на 4 април и трае до 22 април, кога почнува предизборниот молк кој трае до 24 април. Изборната кампања за парламентарните избори почнува на 18 април и ќе трае до 6 мај.