Достапни линкови

Зеленски вети победа на двегодишнината од руската инвазија


Белгискиот премиер Александар Де Кро, претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, украинскиот претседател Володимир Зеленски, италијанската премиерка Џорџа Мелони и канадскиот премиер Џастин Трудо, од десно кон лево, Киев, Украина, 24 февруари 2024.
Белгискиот премиер Александар Де Кро, претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, украинскиот претседател Володимир Зеленски, италијанската премиерка Џорџа Мелони и канадскиот премиер Џастин Трудо, од десно кон лево, Киев, Украина, 24 февруари 2024.

Украина ќе ја победи Русија, вети Зеленски на двегодишнината од почетокот на руската инвазија. Во Киев се многу странски државници во знак на солидарност. Претседателката на Европската Комисија, Фон дер Лајен рече дека сè додека е потребно ЕУ ќе обезбедува финансиска поддршка и муниција за Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на втората годишнина од почетокот на руската инвазија вети дека Украина ќе ја победи Русија кога војната ќе влезе во третата година.

„За ова се боревме 730 дена од нашите животи. Ќе победиме на најдобриот ден од нашите животи“, рече Зеленски на 24 февруари на церемонија за одбележување на годишнината, пренесува Агенцијата Франс прес (АФП).

На аеродром „Антонов“ во Гостомел, во близина на Киев, кој беше цел на Русија во првите денови од војната, Зеленски рече дека војната мора да заврши „по наши услови“ и со „праведен“ мир.

„Секој нормален човек сака војната да заврши, но никој од нас нема да дозволи Украина да исчезне“, рече Зеленски.

Одбележување на годишнината од воената агресија на Русија во Украина на воениот аеродром Гостомел во близина на Киев
Одбележување на годишнината од воената агресија на Русија во Украина на воениот аеродром Гостомел во близина на Киев

ЕУ ќе обезбедуваша поддршка сè додека е потребно

Претседателот на Украина денеска во Киев се сретна со лидерите на ЕУ, Италија, Канада и Белгија, кои дојдоа во главниот град на Украина по повод две години од руската инвазија.

„Сè додека е потребно, ЕУ ќе обезбедува финансиска поддршка и муниција за Украина и ќе продолжи со обуката на украинските војници, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред припадниците на украинските Вооружени сили кои се распоредени во одбрана на аеродромот „Антонов“ .

„Ја спасивте вашата земја и му дадовте шанса на отпорот на Украина. Само минатата недела соборивте седум борбени авиони, се вративте во Црното Море и ја продолживте трговијата. Ова се чинеше невозможно пред две години“, нагласи Фон дер Лајен, која денеска престојува во посета на Украина во придружба на премиерите на Белгија, Александер Де Кро, на Италија, Џорџа Мелони и на Канада, Џастин Трудо.

„Денес сме тука да им се заблагодариме на овие мажи и жени кои на 24 февруари пред две години не побегнаа, туку се бореа. Ова место е симбол на неуспехот на Москва, симбол на украинската гордост“, изјави италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Западните лидери ја подджуваат Украина посета на Киев

Мелони треба да биде домаќин на видео-конференција во која ќе бидат вклучени лидерите на Групата седум (Г7) за време на која се очекува украинскиот претседател Володимир Зеленски да ја охрабри тековната поддршка за да се победи првата воена инвазија во Европа по Втората светска војна.

По пристигнувањето во Киев, Фон дер Лајен објави, заедно со нејзина фотографија на железничката станица Киев, дека е таму за да ја одбележи мрачната годишнина „и да го прослави извонредниот отпор на украинскиот народ“.

„Повеќе од кога било, ние цврсто стоиме покрај Украина“, рече таа, „Финансиски, економски, воено, морално...додека земјата конечно не се ослободи“.

Пред да пристигне во Украина, Трудо преку „Х“ го сподели мислењето на неговата министерка за надворешни работи Мелани Џоли „дека Канада и нејзините сојузници испраќаат јасна порака до [Русија]: „Украина нема да биде поразена пред илегалната војна на Путин“.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, преку изјава по повод годишнината, рече дека Русија „исто така го уништува мирот во Европа“. Тој ги повика Германците и сите Европејци „да направат уште повеќе за да можеме ефикасно да се браниме“.

Шолц рече дека Германија целосно ја исполнува целта на НАТО за инвестирање од 2 отсто од вкупното економско производство да вложи во својата војска, за прв пат по децении.

Американскиот претседател Џо Бајден ја пофали решителноста на Украинците и рече дека „глобалната коалиција од 50 нации предводена од Соединетите Држави, останува посветена на обезбедување критична помош за Украина и бара Русија да одговора за нејзината агресија“.

„Американскиот народ и народот ширум светот разбираат дека влогот на оваа борба се протега многу подалеку од Украина“, рече тој.

Неодамна поставениот полски премиер Доналд Туск на „Х“ напиша „Две години украинско херојство. Две години руско варварство. Две години срам за оние кои остануваат рамнодушни“.

Маја Санду, претседателката на украинскиот сосед Молдавија, им се заблагодари на „Украинците за нивната неуморна борба за слобода и за заштита на мирот и во Молдавија“.

Британскиот премиер Риши Сунак рече: „Мораме да ја обновиме нашата решителност...на оваа мрачна годишнина. Ова е моментот да покажеме дека тиранијата никогаш нема да триумфира и уште еднаш да кажеме дека ќе бидеме со Украина денес и утре“.

Сирски им се заблагодари на војниците и на сојузниците

Мрачно расположение надвисна над земјата додека војната против Русија влегува во третата година, при што украинските трупи се соочуваат со зголемени предизвици на линијата на фронтот поради намалените резерви на муниција и предизвиците со персоналот, како и повлекувањето од стратешкиот источен град Авдијивка, кој и донесе на Москва една од нејзините најголеми победи.

Годишнината доаѓа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски го разреши врховниот воен командант Валериј Залужни, заменувајќи го со генерал-полковник Олександар Сирски, што ја означи најзначајната промена на врвот од почетокот на војната.

Русија сè уште контролира околу една четвртина од земјата, откако Украина не ги исполни очекувањата со нејзината летна контраофанзива која донесе мал напредок. Во меѓувреме, милиони Украинци продолжуваат да живеат во несигурни околности во вкрстен оган, а многу други се соочуваат со тековни борби под руска окупација. Повеќето сè уште го чекаат украинското ослободување, кое не дојде.

Во пораката по повод втората годишнина од војната, генерал-полковник Олександр Сирски, врховен командант на вооружените сили на Украина, им се заблагодари на украинските војници за нивната жртва и на западните сојузници за нивната поддршка.

„Секој проектил, секој тенк, секое оклопно возило, пред сè, го спасува животот на еден украински војник“, рече Сирски.

Посетата на функционерите доаѓа еден ден откако Соединетите Американски Држави и Европската Унија објавија нови рунди од стотици санкции насочени кон Русија и официјални лица одговорни за војната. Украинските власти очајно ја молат меѓународната заедница да не ја прекинува поддршката или да ги „исцрпи емпатијата. "

Украинците жестоко се бореа откако започна руската инвазија на стотици илјади војници на 24 февруари 2022 година, откако рускиот претседател Владимир Путин се обиде да фрли сомнеж врз украинската нација и на крајот рече дека целта на Москва е „денацификација“ и демилитаризација на владата на Украина.

Но, тоа беше и кулминација на одземање на земјиштето што започна осум години порано во 2014 година, кога Русија тајно го нападна, а потоа го анектира Крим од Украина и почна интензивна поддршка на вооружените украински сепаратисти во источна Украина.

Обединетите нации со големо мнозинство гласаа за поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

Но, огромниот пакет помош предложен од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден беше блокиран првенствено од републиканците во Конгресот.

Европската унија успеа да го усвои својот пакет помош од 54 милијарди долари за Украина претходно овој месец и покрај неволноста од нивната членка Унгарија и разговорите за заморот во Украина.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во снимената изјава за годишнината рече дека „ситуацијата на бојното поле останува исклучително сериозна“ и „Целта на претседателот Путин да доминира во Украина не е променета и нема индикации дека се подготвува за мир. Но не смееме да се обесхрабриме“.

Столтенберг: НАТО сојузниците се решителни да и помогнат на Украина да победи
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:38 0:00


Претходно оваа недела, Столтенберг за украинскиот сервис на РСЕ изјави дека Алијансата е предност што ниту Русија, ниту Кина не можат да ја остварат.

На Генералното собрание на ОН на 23 февруари, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба рече дека „Целта на Русија е да ја уништи Украина и тие се прилично отворени за тоа“, додавајќи дека „Единствената причина за оваа војна беше и останува руското негирање на правото на Украина да постои и нејзиното континуирано колонијално освојување“.

Руските сили минатата недела го зазедоа претежно уништениот источен град Авдијивка, додека преостанатите украински војници се повлекоа поради пријавениот недостиг на муниција за да и ја предадат на Москва првата значајна придобивка на територија за речиси една година.

Шојгу во посета на војниците

Руската војска на 24 февруари соопшти дека министерот за одбрана Сергеј Шојгу ги посетил војниците во окупирана Украина во јасен обид да испрати порака до Украина и нејзините бранители, како и до руската јавност подложена на тешка цензура и казни за антивоените неистомисленици како се одвива „специјалната воена операција“.

„Денес, во однос на соодносот на силите, предноста е на наша страна“, официјалните претставници ја цитираа изјавата на Шојгу пред војниците во рускиот команден центар.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го искористи интервјуто на конзервативниот канал Фокс њуз за да го повика американскиот Конгрес да усвои пакет помош од 60 милијарди долари за да и помогне на неговата земја да се одбрани, велејќи дека тоа е поевтино од последиците од руската победа.

Зеленски ги повтори предупредувањата и на другите соседи на Русија дека Путин ќе продолжи понатаму во Источна Европа доколку ја освои Украина.

Зеленски зборуваше од бомбардирана зграда во источниот град Харкив, а во позадина се слушаа експлозии.

„Дали Украина ќе опстане без поддршката на Конгресот? Се разбира. Но, не сите ние“, рече Зеленски.

Украинската војска соопшти дека уништила руски авион за набљудување А-50 по новата рунда руски напади со беспилотни летала и ракетни напади врз неколку украински региони на 23 февруари, што доколку се потврди ќе означи загуба на вториот А-50 за нешто повеќе од еден месец. .

Генералот назначен неодамна од Зеленски за врховен командант на вооружените сили на Украина, Олександр Сирскиј, на 24 февруари рече дека е „убеден дека единството е наша победа“.

„Тоа дефинитивно ќе се случи“, рече тој, „бидејќи светлината секогаш ја победува темнината!

Колкави се жртвите?

Земајќи ја во предвид двегодишнината од инвазијата, украинскиот Генералштаб тврди дека Русија претрпела жртви од околу 409.000 војници од 24 февруари 2022 година.

Двете страни ги класифицираат бројките за жртвите, а РСЕ не може да ја потврди точноста на извештаите на двете страни за развојот на бојното поле во областите на тешки борби или тврдењата за жртви.

XS
SM
MD
LG