Вести
Маричиќ: Од Џафери ќе зависи смената на министри од АА
Техничкиот премиер Талат Џафери ќе треба да процени и оцени дали ќе побара разрешување на актуелните министри од Алијанса на Албанците, Азир Алиу и Фатмир Меџити, смета вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по средба со претставници на германскиот Бундестаг. Тој во одговор на новинарско прашање истакна дека прашањето за предлагање, избори и разрешување на членови на Владата е во надлежност на премиерот, односно мандаторот.
Иако Алиу и Меџити се уште ги обавуваат своите функции, од Алијанса на Албанците пристигна соопштение во кое се предлагаат нови министри за информатичко општество и здравство , Илир Демири кој засега е директор на клиничката болница во Тетово и Наим Бајрами кој е магистер по политички науки. Во соопштението е наведено дека оваа одлука е донесена од Управниот одбор на Алијанса за Албанците со пет од вкупно седум гласа „за“.
Во меѓувреме закажани се два паралелни состаноци на Централното собрание на партијата, едното во Куманово, а второто во Тетово. Причината е несогласувањето на актуелниот претседател Арбен Таравари и поранешниот претседател на партијата Зијадин Села поради настапот на претстојните избори.
Маричиќ изјави дека исходот во техничката влада од оваа внатрепартиска битка во АА ќе зависи од проценката на Џафери, од тоа какви се сигналите од Алијанса за Албанците и какви се ставовите, но и какви се бројките во Собранието.
Мандатарот Талат Џафери го предложи составот на Владата, Собранието го поддржа и оттогаш сме членови на Владата, предводени од премиерот Џафери. Ќе видиме во однос на тоа што дошло од Алијанса, претпоставувам дека премиерот на техничката Влада, Џафери ќе постапи согласно тоа што е политичка индикација“ изјави Маричиќ.
Алијанса е „значаен партнер во Владата и треба да се чујат нивното мислење и нивните предлози“, додаде тој, истакнувајќи дека на вчерашната владина седница биле донесени одлуки во кои учествувале и актуелните министри на АА.
На вчерашната владина седница беше донесена одлука за разрешување на директорката на Пошта, Бујаре Абази и на Газменд Абдија од должноста в.д. директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на кои доаѓаат од Алијансата за Албанците.
„Важно е, нормално, кого поддржуваат партиите и како, бидејќи Владата се составува врз основа на волјата на партиите. Но, ако Алијанса влегла во техничката Влада затоа што била дел од мнозинството и ги задржала истите места како што била дел во мнозинството, тогаш треба и така и очекуваме да се постапи. Доколку Алијанса, или дел од Алијанса го промениле мислењето, тоа сепак зависи од внатрепартиските одлуки, ќе треба исто така да се изјаснат, многу е тешко да имате двојна позиција во исто време“, изјави Маричиќ.
Од кабинетот на Џафери се уште нема одговор за пристигнатите предлози за смена на двајцата министри од Алијанса за Албанците кои го поддржуваат актуелниот лидер на партијата Арбен Таравари.
Според претходното искуство во пресрет на изборите во 2020 година, разрешување на министер од техничка влада бара техничкиот премиер. Таков беше случајот со тогашната техничка министерка за труд и социјалната политика од ВМРО -ДПМНЕ Рашела Мизрахи чие разрешување го побара тогашниот технички премиер Оливер Спасовски. Предлогот се разгледуваше во Собранието, по што со 62 гласа „за“ и 26 „против“ беше донесена одлука за нејзино разрешување.
види ги сите денешни вести
Украина и Блискиот Исток во фокус на европскиот Совет за надворешни работи
Последните случувања поврзани со руска агресија врз Украина, состојба на Блискиот Исток и односите меѓу Европската Унија и САД, се главните теми на денешното заседание (27 јануари) на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.
Состанокот на министрите за надворешни работи ќе започне со неформална размена на мислења преку видео конференциска врска со нивниот украински колега Андриј Сибиха за најновиот тек на настаните во Украина поврзани со руската агресија и актуелните приоритети на земјата.
По ова европските министри ќе дебатираат за начините за засилување на воената поддршка на ЕУ за Украина, која опфаќа снабдување со муниција и системи за противвоздушна одбрана и обука и опремување на украинските вооружени силите.
Министрите ќе дискутираат за можностите за зголемување на притисокот врз Русија, вклучително и за 16-тиот пакет на санкции чија подготовка е во тек, како и за напорите за обезбедување одговорност и за финализирањето на работа на Основната група за Специјалниот трибунал за злосторства извршени при руската агресија.
ЕУ и нејзините претставници досега во повеќе наврати ја потврдуваа непоколебливата посветеност за обезбедување континуирана политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка на Украина и нејзиниот народ онолку долго и интензивно колку што е потребно, како и поддршката за постигнување сеопфатен, праведен и траен мир заснован на принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право, во согласност со клучните принципи и цели на украинската формулата за мир.
За време на работниот ручек министрите за надворешни работи ќе разменат мислења за односите ЕУ-САД, во светло на стапувањето на должност на новиот американски претседател Доналд Трамп.
Целта на дискусијата е да се идентификуваат предизвиците, да се договорат приоритетите, да се мапираат можностите за позитивна агенда и да се координира ангажманот меѓу земјите-членки во односите со САД.
Земјите членки на ЕУ се согласни околу потребата од изградба на „блиски и позитивни односи“ со новата Американска администрација и заеднички ангажман за приоритетите на надворешната и безбедносната политика и за одржување позитивни трговски и економски односи меѓу Унијата и САД.
Во попладневното продолжените на заседанието на Советот ќе се дискутира за најновите случувања на Блискиот Исток по договорот за прекин на огнот во Газа меѓу Израел и Хамас, како и за состојбите во Сирија и во Либан.
Покрај ова, шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ на состанокот ќе разговараат и за прашања поврзани со безбедноста и одбраната и за случувањата во Молдавија и Грузија, а планирано е и да ги одобрат заклучоците за приоритетите на Унијата на форумите на ОН за човекови права во текот на 2025 година.
Колумбија се согласува со условите за депортација на мигранти
Владата на Колумбија се согласи со условите на американскиот претседател Доналд Трамп за депортација на мигранти, соопшти Белата куќа.
Трамп вчера и се закани на Колумбија со царини и санкции, откако на два американски лета за депортација со мигранти им беше одбиена дозволата да слетаат.
„Колумбија сега се согласи со сите услови на Трамп, 'вклучувајќи го и неограниченото прифаќање на сите илегални мигранти од Колумбија вратени од Соединетите Држави, вклучително и со американски воени авиони, без ограничување или одложување'“, се вели во соопштението на Белата куќа.
Тарифите и санкциите ќе бидат потпишани само доколку Колумбија не го почитува договорот, се вели во соопштението.
Визните санкции издадени од Стејт департментот и засилените гранични инспекции ќе останат во сила сè додека првиот авион со колумбиски депортирани не биде успешно вратен, додаваат од Белата куќа.
Трамп на својата платформа за социјалните мрежи „Truth Social“ напиша дека летовите биле блокирани да слетаат од колумбискиот претседател Густаво Петро, акција што ја „загрози“ националната безбедност и јавната безбедност на САД.
Петро ја оправда својата одлука со тоа што мигрантите не се криминалци и треба да се третираат достоинствено.
Сиљановска-Давкова на одбележување на годишнината од ослободувањето на Аушвиц
Шефицата на македонската држава Гордана Сиљановска-Давкова денеска ќе престојува во посета на Република Полска, по повод одбележувањето на 80. годишнината од ослободувањето на германскиот нацистички концентрационен и логор за истребување Аушвиц-Биркенау, во предградието на Освиенцим, близу Краков.
На настанот ќе присуствуваат бројни шефови на држави и влади, членови на кралски семејства и високи претставници на Европската Унија.
Меѓу присутните ќе бидат и членови на кралски семејства, како што се Кралот Чарлс III од Обединетото Кралство, кралот и кралицата на Белгија, кралот и кралицата на Данска, кралот Вилем-Александар, кралицата Максима и принцезата Катарина-Амалја од Холандија, принцот престолонаследник Хокон од Норвешка, кралот Филип VI и кралицата Летиција од Шпанија, како и принцезата Викторија од Шведска.
САД ќе бидат претставени од специјалниот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, додека од Израел ќе присуствува министерот за образование Јоав Киш.
Присуство најавија и високи претставници на меѓународни организации, меѓу кои претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, заменик генералниот секретар на НАТО, Радмила Шеќеринска, генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азуле и заменик секретарот на ООН за политички и мировни прашања, Розмари ДиКарло.
Како што соопштија од Музејот „Аушвиц-Биркенау“, оваа годишнина ќе биде без говори на политичарите. Говорите ќе ги одржат само преживеаните од логорот, бидејќи, според директорот на музејот, Пјотр Цивињски, тоа ќе биде можеби последната голема комеморација на која тие ќе можат да сведочат лично за своите искуства.
Русија, која во 2005 година беше претставувана од Владимир Путин, овој пат нема да има делегација, поради тековната војна во Украина.
Логорот Аушвиц, ослободен на 27 јануари 1945 година од страна на советските сили, е симбол на страдањата за време на Холокаустот. Од околу 1,3 милиони луѓе испратени во логорот, повеќе од 1,1 милион беа убиени, главно Евреи.
Летонија: Оптички кабел под Балтичко море веројатно е оштетен од „надворешно влијание“
Подводниот кабел со оптички влакна меѓу Летонија и Шведска беше оштетен во неделата, на 26 јануари, веројатно како резултат на надворешен удар, јави Ројтерс.
Морнарицата на Летонија испратила патролен брод за да го прегледа бродот за кој се сомнева дека е вклучен во предизвикувањето штета на кабелот.
Два други брода во областа исто така беа под истрага, соопшти летонската морнарица.
„Утврдивме дека најверојатно има надворешна штета и дека е таа е значителна , изјави летонската премиерка Евика Силина по вонредната владина седница.
Летонија се координира со НАТО и со земјите од регионот на Балтичкото Море за да се разјаснат околностите, напиша Силина во посебна објава на социјалната мрежа Икс.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави дека неговата земја тесно соработува со Летонија и со НАТО за ова прашање.
„Шведска ќе придонесе за тековните напори за истрага на сомнителниот инцидент“, напиша Кристерсон на мрежата Икс.
НАТО минатата недела соопшти дека ќе распореди фрегати, патролни авиони и поморски беспилотни летала во Балтичко Море за да помогне во заштита на критичната инфраструктура и да го задржи правото да преземе акција против бродовите за кои постои сомневање дека претставуваат закана за безбедноста.
Воената алијанса презема акција, наречена „Балтичка гарда“, по серијата инциденти во кои беа оштетени енергетски кабли, телекомуникациски врски и гасоводи по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Финската полиција минатиот месец заплени танкер со руска нафта и соопшти дека се сомнева дека бродот го оштетил финско-естонскиот далновод Естлинк 2 и четирите телекомуникациски кабли влечејќи го сидрото на морското дно.
Кабелот што пукна во неделата го поврзува летонскиот град Вентспилс со шведскиот остров Готланд и беше оштетен во ексклузивната економска зона на Шведска, соопшти латвиската морнарица.
Портпаролот на шведската управа за пошта и телекомуникации рече дека е запознаена со ситуацијата, но нема дополнителни коментари.
Шведската морнарица и крајбрежната стража не одговориле веднаш на барањата за коментар на инцидентот.
Српското собрание на 29 јануари ќе расправа за гласање доверба на владата, најави Брнабиќ
Претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ потврди дека на 29 јануари ќе биде закажана вонредна седница на Парламентот и дека ќе се расправа за гласање доверба на Владата.
Брнабиќ за ТВ Прва изјави дека е јасно дека Владата на Србија има доверба, но дека пратениците од мнозинството ќе обезбедат кворум за таа дискусија.
Таа додаде дека „детинесто што некои пратеници кои ја побараа таа дискусија, одлучуваат да не учествуваат во неа“.
„Утре имаме колегиум и тогаш ќе слушнам дали некој сака да учествува во работата или не“, рече Брнабиќ и додаде дека блокирање на парламентот нема да биде можно.
Брнабиќ изјави и дека за неа најважно е пратениците да го донесат законот за станбени кредити за млади, што Владата го испрати во собраниска процедура.
Опозиционерите на 15 ноември до Собранието поднесоа предлог за изгласување недоверба на премиерот на Србија, Милош Вучевиќ.
Предлогот што го потпишаа 71 пратеник од опозицијата е испратен по смртта на 15 лица при падот на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад, а како причини се наведуваат „неискористување на надлежноста и неизвршување на должноста за утврдување одговорност“.
Претседателката на Собранието тогаш не ја закажа седницата, наведувајќи дека претстои седница за државниот буџет и дека таа во политичка смисла „може да се гледа како седница за доверба на Владата“.
За гласање недоверба на Владата е потребно мнозинство од вкупниот број од 250 пратеници.
Опозициската Демократска партија најави бојкот на Собранието. Лидерот на партијата, Срѓан Миливојевиќ за агенцијата Бета изјави дека партијата одговорила на повикот на студентите за генерален штрајк и дека во моментов тоа е најефективната алатка во борбата против „мафијата и криминалниот режим“.
Студентите кои ги блокираат факултетите ширум Србија бараат политичка и кривична одговорност за падот на настрешницата, но не и промена на власта.
Владините претставници тврдат дека се исполнети сите услови и ги повикуваат студентите да ги отворат факултетите.
Академиците, пак, велат дека барањата се делумно исполнети и дека прекинот на работата на факултетите продолжува до дополнително известување.
Украина презеде одговорност за напад со дрон врз руска нафтена рафинерија
Украина презеде одговорност за напад со беспилотно летало вечерта меѓу 25 и 26 јануари врз руска рафинерија јужно од Москва, јави агенцијата АФП.
Тоа е втор напад на истата локација за помалку од две недели.
Украинската армија соопшти дека „одбранбеното разузнавање на Украина повторно ги погодило објектите на рафинеријата „Рјазан“.
Рафинеријата „Рјазан“ е една од четирите најголеми во Русија и ја користат московските воздушни сили.
„Експлозии и пожар беа регистрирани во целната област“, се вели во соопштението од украинската армија, пренесе АФП.
Регионалниот гувернер во Рјазан, Павел Малков, рече дека руската воздушна одбрана „уништила“ беспилотни летала над регионот и дека властите ја проценуваат штетата.
Украина постојано се обидува да ја нападне руската нафтена инфраструктура-која финансира значителен дел од воената економија на Русија.
Израел го обвини Хамас за две прекршувања на договорот за прекин на огнот
Израел ја обвини палестинската група Хамас, означена за терористичка од Соединетите Американски Држави(САД) и од Европската унија (ЕУ), за две прекршувања на договорот за прекин на огнот, оправдувајќи ја забраната за раселените жители од јужниот дел на Појасот Газа да се вратат на север, јави агенцијата АФП.
Арбел Јехуда, израелски цивил чие ослободување Израел го бараше во саботата, не е ослободен, а списокот што укажува на состојбата на заложниците што требаше да бидат ослободени во првата фаза не е доставен, соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Одделот за заложници во кабинетот на премиерот за ова ги информираше семејствата на заложниците, пренесе АФП.
Во соопштението се додава дека се очекува „Хамас да постави пречки и да продолжи со маневри за психолошка војна на патот кон спроведувањето на договорот“, но оти Одделот за заложници е решен да обезбеди враќање на сите заложници, и живи и мртви.
Милитантите на Хамас во саботата предадоа четири израелски жени- војници, а за возврат Израелослободи 7 0 Палестинци од затвор како дел од договорот за прекин на огнот што стапи на сила минатата недела.
Во првата фаза од прекинот на огнот, кој ќе трае 42 дена, треба да бидат ослободени 33 заложници од Појасот Газа во замена за 1.900 Палестинци од израелските затвори.
Во војната на Израел против Хамас во Појасот Газа загинаа повеќе од 47.280 Палестинци, според здравствените власти на палестинската територија.
Војната започна по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, при што беа убиени околу 1.200 луѓе и беа земени околу 250 заложници.
Маск преку видеолинк се обрати на собир на германската десничарска партија АфД
Американскиот милијардер Елон Маск преку видеолинк ѝ даде поддршка на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) на централниот предизборен собир во градот Хале, Германија, каде за февруари се закажани предвремени парламентарни избори, јави агенцијата АФП.
„Во ред е да се гордееш што си Германец. Бори се за светлата иднина на Германија“, рече најбогатиот човек на светот пред неколку илјади собрани поддржувачи на АфД. Маск ја повтори својата поддршка за партијата, за која рече дека претставува „најдобра надеж за Германија“.
Во својот говор, милијардерот ја пофали „германската нација, која датира илјадници години наназад“, пренесе АФП. Според него, актуелната влада „агресивно ја задушува слободата на изразување и поради тоа АфД мора да се бори за самоопределување на Германија и на земјите од Европа“.
Маск ги коментираше внатрешната политика во Германија и во другите европски земји во последните неколку недели преку изјави на својата платформа Икс (поранешен Твитер), со кои отворено ја поддржува АфД.
Антимигрантската партија е на второто место во анкетите за парламентарните избори на 23 февруари со околу 20 отсто поддршка, зад конзервативната ЦДУ/ЦСУ (Христијанско-демократска унија и Христијанско-социјална унија), која ја поддржуваат околу 30 отсто испитаници.
Маск претходно го нарече социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц „лудак и неспособен имбецил“, а претседателот Франк-Валтер Штајнмаер – тиранин, потсетува АФП.
Претседателски избори во Белорусија, се очекува седми мандат на Лукашенко
Во Белорусија денеска (26 јануари) се одржуваат претседателски избори, на кои се очекува претседателот Александар Лукашенко неприкосновено да освои седми мандат, продолжувајќи го неговото тридецениско авторитарно владеење, јави агенцијата АФП.
Лукашенко од 1994 година е на власт во изолираната Белорусија која е сојузничка на Москва.
Избирачките места беа отворени во 8 часот. Тоа е прво гласање за претседател откако Лукашенко ги потисна масовните протести против неговото владеење во 2020 година. Оттогаш тој дозволи Москва да ја користи белоруската територија за да ја нападне Украина во 2022 година, пренесе АФП.
Опозицијата и Западот рекоа дека Лукашенко ги наместил последните избори, а властите ги разбиле демонстрациите, при пшто повеќе од илјада луѓе сè уште се во затвор.
Сите политички противници на Лукашенко се или во затвор или во егзил заедно со десетици илјади Белоруси кои избегаа од 2020 година.
Во предизборието, администрацијата на Лукашенко помилува околу 200 политички затвореници. Но, поранешни затвореници „Франс прес“ изјавија дека ослободените се под близок надзор на безбедносните служби и не се во состојба да водат нормален живот.
Обединетите нации проценуваат дека околу 300.000 Белоруси ја напуштиле земјата од 2020 година, главно во Полска и Литванија, од вкупно девет милиони жители на Белорусија. Тие нема да можат да гласаат, бидејќи Белорусија го укина гласањето во странство.
Протераната опозициска лидерка Светлана Тихановскаја го осуди гласањето како „фарса“ во јануарското интервју за АФП.
Додека Лукашенко претходно внимателно ги балансираше односите меѓу Европската унија и Москва, од 2020 година тој политички и економски се потпира на Русија.
Сообраќајот по влажни коловози, магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, соопштија од Авто-мото Сојузот на Македонија.
Намалена видливост од 50 до 100 метри поради магла има на патните правци Демир Капија и Петровец – Велес.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете