Вести
Владата даде 32,5 милиони евра за проекти во 44 општини

Две милијарди денари или 32,5 милиони евра ќе искористат 44 општини за да реализираат 66 проекти од областа на образованието, здравството, спортот, патната инфраструктура…
Станува збор за пари од шест министерства и од Агенцијата за млади и спорт, кои Владата одлучи да ги пренамени и да им ги додели на општините раководени од градоначалници од разни политички партии и од власта и од опозицијата.
Министрите од Владата и градоначалниците денес (19 ноември) ги потпишаа договорите, а премиерот Димитар Ковачевски рече дека се собрале заедно „како никогаш до сега“ и се заблагодари на успешната соработка на сите политички партии.
„Сакам да се заблагодарам на сите пратеници во Собранието кои учествуваа во амандманската расправа на прераспределбата на Буџетот. Тука сакам да се заблагодарам пред сè и на пратениците кои што го сочинуваат мнозинството бидејќи на крајот нивните гласови одлучуваат, а гласовите одлучија дека без разлика на тоа која општина од кој политичар или градоначалник од било која политичка партија е номиниран и кандидиран добива финансиски средства за реализација на проектите кои што ги има и кои што значат подобро живеење на граѓаните“, рече Ковачевски при потпишувањето на договорите помеѓу министрите и градоначалниците.
Меѓу парите што се пренаменуваат од централната власт раководена од СДСМ и ДУИ се, на пример, 6,1 милион евра од Министерството за образование кои ќе се користат за реконструкција и изградба на училишта и спортски сали во скопските општини Аеродром, Гази Баба и Кисела Вода, како и во Охрид – сите раководени од ВМРО-ДПМНЕ.
Над четири милиони евра, пак, преку Министерството за труд и социјална политика ќе се користат за изградба и реконструкција на градинки во Ѓорче Петров, Аеродром, Бутел, Карпош и Кисела Вода.
Од Министерството за транспорт и врски 16,2 милиони евра ќе се потрошат за улици, патишта и мостови во Скопје, Битола, Богданци, Гостивар, Делчево, Карпош, Кичево, Јагуновце, Крушево, Пехчево, Пробиштип, Центар, Крива Паланка … Од нив, Град Скопје на пример, ќе добие пари за изградба на булевар „Хасан Приштина“ во Визбегово“, како и за довршување на мостот „Љубњанска“ во Карпош.
Селото Матејче во Липково, пак, ќе добие пола милион евра од Министерството за култура за да го реализира проектот Дом на културата, а Агенцијата за млади и спорт ќе пренамени 1,8 милиони евра за спортски сали и терени во Штип, Велес и Ѓорче Петров.
види ги сите денешни вести
Главниот соработник на Марин Ле Пен најави кандидатура за претседателските избори

Претседателот на француската десничарска партија Национален собир, Жордан Бардела, потврди дека ќе се кандидира на француските претседателски избори во 2027 година, доколку неговата менторка Марин Ле Пен, која веќе трипати беше кандидат и важи за фаворит, биде спречена да учествува поради судска пресуда за проневера.
„Јасно е дека Марин Ле Пен е мојот кандидат, но ако утре ѝ биде забрането да се кандидира, мислам дека можам да кажам дека јас ќе бидам нејзиниот кандидат“, изјави Бардела во интервју за „Ле Паризиен“.
Дваесет и деветгодишниот Бардела, кој е и претседател на групата Патриоти за Европа во Европскиот парламент, долго време се сметаше за наследник во Национален собир, но досега немаше јавно изразено подготвеност да влезе во претседателската трка.
Тој се наметна како најочигледен кандидат на најголемата крајнодесничарска партија во Франција откако Ле Пен беше прогласена за виновна за проневера и доби петгодишна забрана за извршување јавни функции.
Ле Пен и уште 23 обвинети се товарат дека незаконски користеле повеќе од 4 милиони евра средства од Европскиот парламент за плаќање на соработници кои формално биле асистенти на пратеници, но всушност работеле за партијата.
„Работам и се подготвувам“, рече Бардела, нагласувајќи ја „апсолутната неопходност за останување обединети“.
Тој истакна и дека „Марин Ле Пен ужива презумпција на невиност“ и најави дека ќе ги искористат сите правни средства за да ја бранат нејзината невиност.
Апелацискиот суд ќе ја донесе конечната одлука за случајот до летото следната година.
Северна Кореја потврди дека испратила војници да се борат против Украина

Северна Кореја за првпат официјално потврди дека испратила свои војници во Русија за поддршка на Москва во војната против Украина, во рамки на нивниот договор за взаемна одбрана, јави јужнокорејската агенција Јонхап.
Според државната севернокорејска новинска агенција КЦТА, испраќањето на војниците било наредено од лидерот Ким Џонг-ун.
Ова е прва официјална потврда на присуството на севернокорејски војници во Русија, неколку месеци откако илјадници нивни војници беа распоредени во Курската област за борбени дејства.
„Операциите за ослободување на Курската област за одбивање на авантуристичкиот упад на украинските власти во Руската Федерација завршија успешно“, соопшти КЦТА, додавајќи дека припадниците на вооружените сили учествувале во операциите по наредба на Ким Џонг-ун.
Претходно и Русија призна дека распоредила севернокорејски војници во борбата за потиснување на украинските сили од Курската област.
На видеоконференција, генералот Валериј Герасимов, началникот на рускиот Генералштаб, му рече на претседателот Владимир Путин дека севернокорејските војници дале значаен придонес во „ослободувањето“ на регионот од украинските војници.
Коментарите го потврдија она што украинските и западните претставници одамна го кажуваа дека Пјонгјанг испратил илјадници војници да се борат заедно со руските сили. Американските претставници изјавија дека повеќе од 11 000 севернокорејски војници учествувале во битката и претрпеле големи загуби.
Герасимов рече дека корејската мисија е во согласност со договорот за партнерство меѓу двете земји.
Во изминатите недели украинските сили се повлекуваа во овој регион, додека руската армија полека напредуваше.
Украинските сили претходно имаа заземено неколку стотици квадратни километри на руска територија, вклучувајќи и клучна пумпна станица за транспорт на руски гас кон Европа.
Украинските лидери ја оправдаа оваа офанзива со цел да добијат подобра преговарачка позиција. Наскоро потоа, претседателот Володимир Зеленски предложи територијална размена, која Москва веднаш ја одби.
Единаесет мртви и над 20 повредени откако возило влета во публиката на фестивал во Ванкувер

Полицијата во Ванкувер соопшти дека 11 лица загинале, а повеќе од 20 се повредени кога возило влетало во толпа луѓе на уличен фестивал во овој канадски град, пренесува Ројтерс.
Полицијата соопшти дека возачот е во притвор по инцидентот што се случил во саботата, 26 април.
Градоначалникот на Ванкувер, Кен Сим, изјави дека е шокиран и тажен од ужасниот инцидент на фестивалот „Денот на Лапу Лапу“ на Филипините.
Канадската полиција соопшти дека возачот е во притвор.
Канадската полиција во недела, 27 април, соопшти дека смртоносниот инцидент на филипинскиот фестивал во Ванкувер веројатно не е терористички напад.
„Во овој момент, уверени сме дека овој инцидент не е терористички чин“, соопшти полицијата во Ванкувер на платформата X.
Полицијата се обидува да утврди зошто 30-годишниот осомничен удрил со своето возило во толпата.
Инцидентот се случи на два дена пред парламентарните избори во Канада што се одржуваат во понеделник )28 април, додека членовите на филипинската заедница се собирале да го прослават Денот на Лапу Лапу, изјави градоначалникот на Ванкувер, Кен Сим.
Фестивалот го одбележува филипинскиот антиколонијален водач од 16 век. Фестивалот, кој особено се слави во Филипини, му оддава почит на Дату Лапу-Лапу, филипински поглавар кој славно ги победи шпанските сили предводени од Фердинанд Магелан во Битката кај Мактан во 1521 година и стана национален херој.
„Скршен сум кога слушнав за ужасните настани на фестивалот Лапу Лапу во Ванкувер“, напиша канадскиот премиер Марк Карни.
Градоначалникот на Ванкувер, Кен Сим и премиерот на Британска Колумбија, Дејвид Еби, објавија слични коментари на социјалната мрежа X.
Еден сведок за CTV News изјави дека видел црно возило како вози неправилно во фестивалската зона, непосредно пред да се удри во толпата.
Џагмит Синг, лидер на Новата демократска партија на Канада, бил меѓу присутните на настанот, но заминал неколку минути пред инцидентот, според CTV News.
„Ова е толку ужасно, дури и не знам што да кажам“, го цитираше Синг телевизијата.
„Бев таму и само ги замислувам лицата на децата што ги видов како се смеат и танцуваат“.
По инцидентот во Ванкувер, е формиран 24-часовен центар за помош.
Полицијата информираше дека полицајците и работниците за поддршка на жртвите се достапни да им помогнат на сите што не можеле да стапат во контакт со некој што бил на фестивалот.
Родителите на загинатите во пожарот во Кочани маршираа за правда и одговорност

Време е да се пресече синџирот на криминалот и да се истера правдата на виделина, затоа што и врапчињата знаат за корупцијата и злото што владее кај нас, порачаа родителите на настраданите во пожарот во клубот „Пулс“ на четвртиот протестен марш „Задоцнета реакција“ што денеска (26 април) се одржа во Кочани.
Во пораката до институциите кои се одговорни за функционирање на системот во државата побараа тие да не ја одбегнуваат одговорноста и да ја сфатат болката што ја чувствуваат по своите деца.
„Дали ќе прикривавте луѓе кои се соучесници ако убиените деца беа вашите? Можеби тогаш ќе сфатите дека единствената причина за којашто се бориме е правдата за нашите млади убиени деца. И претходно, и сега, и во иднина ве потсетуваме дека нема да застанеме тука, ќе се гледаме на други места, посилни. Ова е само почеток на нашата борба за прерано згаснатите животи, за нивните нереализирани соништа, за нивната насилно прекината младост. Правда мора да има и сите соучесници во ова убиство мора да одговараат пред законот“, порача Јулија Златкова, мајка на настрадан во пожарот.
Во краткиот прекин на маршот пред зградата на Општина Кочани, во која се сместени државните инспекциски служби, беше упатено прашање дали им е потребна дополнителна обука за да можат ефикасно да си ги извршуваат работните задачи.
Пред Полициската станица во Кочани, учесниците на маршот побараа одговорност од полициските службеници кои претходно не ја спречиле трагедијата во „Пулс“.
„После таа кобна ноќ дознаваме дека таа дискотека била дувло за многу криминални дејствија, меѓу кои за продавање, купување и консумирање дрога. Дали се правевте слепи и заради нечии профити дозволивте цената да ја платат нашите деца со нивниот прерарно одземен живот. Која е причината за вашето постоење како државен орган воопшто? Затоа бараме одговорност од вас, МВР, затоа што можеби други ве амнестирале, ама ние не“, порачаа од протестниот марш.
Пред Основниот суд и Обвинтелството родителите и блиските на починатите побараа правдата да биде задоволена и да се соопштат вистинските виновници за несреќата.
„Да ги прашаме обвинителите, дали толку вредеа животите на нашите деца, па да постапуваат со „притвори – пушти“. Дали виновните си ја плаќаат слободата? Кој потпишува документи дека децата ни се безбедни на јавни простори? Здравиот разум размислува што ќе потпише, а нечесниот и алчен потпишува без да се плаши пред судот Божји“, рекоа родителите.
Протестниот марш заврши во Паркот на Револуцијата од каде и почна, а роднините на настраданите порачаа дека ќе продолжат со собирите и во наредниот период ќе бидат уште погласни во барањата за правдата.
Вкупно 52 лица и три фирми се опфатени со проширената истрага на Обвинителството за системски пропусти кои доведоа до тешки последици од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Истрагата уште не е готова, а според најавите на државниот обвинител Љупчо Коцевски таа ќе трае уште најмалку два месеца.
Пожарот избувна ноќта на 15 наспроти 16 март при што загинаа 61 млади луѓе, а речиси 200 беа повредени. Дел од повредените сѐ уште се на лекување во странство.
Кратка, но продуктивна средба Трамп-Зеленски пред погребот на папата Франциск

Американскиот претседател Доналд Трамп имаше „многу продуктивен разговор“ со украинскиот претседател Володимир Зеленски пред погребот на папата Франциск во Ватикан, изјави официјален претставник на Белата куќа.
Стивен Чунг, директор за комуникации на Белата куќа, рече дека Трамп и Зеленски „се сретнале приватно денеска (26 април) и имале многу продуктивен разговор“.
„Повеќе детали за состанокот ќе бидат објавени подоцна“, рече тој, а пренесе Ројтерс.
Портпаролот на Зеленски, Сергеј Никифоров, изјави дека двајцата претседатели се сретнале пред да присуствуваат на погребот и разговарале околу 15 минути.
Тој рече дека Трамп и Зеленски се согласиле да се сретнат подоцна истиот ден за понатамошни разговори пред американскиот претседател да го напушти Рим.
„Се надевам на резултати за сè што опфативме. Заштита на животите на нашите луѓе. Целосен и безусловно прекин на огнот. Сигурен и траен мир што ќе спречи избувнување на уште една војна“, напиша Зеленски на X во објава споделена по погребот.
„Многу симболичен состанок што има потенцијал да стане историски, ако постигнеме заеднички резултати.“
Трамп и Зеленски се сретнаа и со францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер на маргините на погребот. Канцеларијата на Зеленски соопшти дека состанокот меѓу четворицата лидери „бил позитивен“.
Појавувањето на Зеленски на погребот било дочекано со аплауз од толпата кога бил виден како пристигнува на плоштадот Свети Петар.
Разговорот меѓу Трамп и Зеленски на погребот се нивна прва средба лице в лице по нивната јавна расправија во февруари во Белата куќа. Исто така, ова се случува во време кога претставникот на Трамп, Стив Виткоф, разговараше со рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ на 25 април.
Потоа, Трамп тврдеше дека договорот за завршување на војната е „многу блиску“ и го повика Зеленски да го „заврши тоа“ во објава на социјалните мрежи.
Тој претходно ги предупреди двете страни дека Вашингтон е подготвен да се откаже од напорите предводени од САД за посредување во мировен договор меѓу Киев и Москва, доколку наскоро не се постигне договор.
ССМ бара итно зголемување на платите во приватниот сектор

Потпретседателот на Сојузот на синдикати на Македонија за приватен сектор, Иван Пешевски, апелира на подобрување на работничките права во приватниот сектор. Тој ги повика работниците да се приклучат на првомајскиот протест. Клучните барања на синдикатот се повисоки плати, безбедни услови за работа и почитување на законските права.
„Приватниот сектор во Македонија е главен двигател за економската состојба на државата. Приватниот сектор е нешто што мора веднаш да се подобри со квалификуван кадар и млади луѓе. Но, за овие две работи потребни се достоинствени односно безбедни услови за работа и повисоки плати. Повисоки плати не се 500 евра плата туку 500 евра минимална плата која ќе се множи со коефициентот на сложеност за да платите во овој сектор надминат 50 и 60 000 денари. Онолку колку што минимум треба да земаат вработените во приватниот сектор, особено вработените во трудо-интензивните дејности“, рече Пешевски на денешната прес конференција.
Нивното барање, како што дополни, се однесува на сите работодавачи од приватниот сектор.
„Особено оние кои пред некој ден се изјаснија дека недостасува кадар во државата. Уште повеќе ќе недостасува доколку не зголемите плата. Со сета почит кон одредени работодавачи исто од приватниот сектор кој почитуваат и Закон и колективен договор па овие проблеми се одамна надминати но тоа е сосема мал процент од вкупниот број вработени“, дополни Пешевски.
Потсети дека ССМ активно работи на правна заштита на работниците и информираше дека во текот на 2024 година, бесплатна правна помош и заштита добиле над 12 000 работници.
Пешевски истакна дека синдикатот се соочува со притисоци и напади врз своите членови.
„Во меѓувреме, додека се разгледува барањето на ССМ за бројот на членови и репрезентативност на ниво на држава, пријавени се повеќе напади кон членовите на гранките во ССМ и притисоци за отчленување и фаворизирање на друг синдикат кој нажалост не бара зголемување на плати па се сомневаме дека затоа е омилен и на владата. Нашиот апел е да не се наседнува на ваков тип притисок и членовите самоволно и доброволно веќе оддамна се определиле во кој синдикат ќе членуваат“, порача Пешевски.
Првомајскиот потест е закажан за 11 часот пред Собранието на Македонија, а ССМ повикува Владата и работодавачите да преземат одговорност за моменталната состојба и да овозможат итно зголемување на платите во приватниот сектор.
Пет пациенти се враќаат од Србија, на лекување во странство остануваат 33

Министерството за здравство информира дека денеска (25 април) уште пет пациенти од повредените во трагедијата во Кочани се враќаат од лекување од Србија.
Согласно протоколот, потоа тројца пациенти ќе бидат под опсервација на Клиниката за пластична хирургија, еден пациент во Хируршка клиника „Св. Наум Охридски“, а еден пациент на сопствено барање лекувањето ќе го продолжи во приватната клиника „Жан Митрев“.
Во земјава во моментот се лекуваат вкупно тројца пациенти, од кои во Хируршката клиника „Св.Наум Охридски“ еден, а во приватната болница Систина двајца пациенти.
Во текот на утрешниот ден е најавено враќање на еден пациент од Белгија, кој ќе биде под опсервација на Клиниката за пластична хирургија.
„Министерството за здравство континуирано ја следи состојбата со повредените пациенти со цел обезбедување најдобар можен третман, како и натамошна рехабилитација“, се вели во соопштението.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна рано наутро на 16 март.
Во трагедијата животот го загубија 62 лица, а близу 200 беа повредени.
Виткоф во Москва, Крим на агендата на разговорите со Путин

Специјалниот претставник на Белата куќа за Русија, Стив Виткоф треба да одржи разговори во со претседателот Владимир Путин во Москва, со мировен предлог што би означил голема промена во политиката на САД, а тоа е: признавање на барањето на Москва за украински Крим.
Предлогот, кој првично беше дистрибуиран од американските претставници по разговорите во Париз минатата недела, е еден од неколкуте што се очекува Стив Виткоф да ги покрене со Путин кога двајцата ќе се сретнат подоцна на 25 април.
Со целосната инвазија на Русија во Украина, која е веќе во четвртата година, планот е да се направи пробив во застојот на преговорите за да se зтави крај на она што прерасна во најголемата копнена војна во Европа од Втората светска војна.
Тоа исто така претставува голема промена во политиката, особено во однос на статусот на Крим, кој Москва го окупираше, а потоа тврдеше дека го анектирала во 2014 година.
Освен мал број земји, анексијата не е признаена никаде во светот. И САД од тогаш - вклучително и за време на првата администрација на Трамп го отфрли ова руското барање.
Во врска со Крим, американскиот план предлага „де јуре“ односно во суштина правно признавање на руското право на полуостровот.
Покрај тоа што претставува голема промена за Соединетите Држави, тоа би била голема победа за Путин, чија популарност порасна меѓу Русите по 2014 година, кога тој нареди прикриена инвазија на Крим, а подоцна и негова анексија.
Признавањето од страна на САД би било и голем удар за украинскиот претседател Володимир Зеленски и повеќето Украинци, за кои руското право е дел од поголема кампања за поништување на суверенитетот и независноста на Украина.
Откако американскиот предлог почна да циркулира во Париз минатата недела, Зеленски јасно стави до знаење дека ќе го отфрли признавањето на Крим. Тоа резултираше со тоа што американскиот државен секретар Марко Рубио нагло се повлече од последователните разговори во Лондон на 23 април.
Во објава на социјалните мрежи истиот ден, американскиот претседател Трамп, кој имаше комплициран однос со Зеленски и многу потопол со Путин, посочи дека постои флексибилност за украинската влада доколку американскиот предлог продолжи.
Тој, исто така, тврдеше дека Украинците требало да се борат кога Русија испрати војници во Крим во 2014 година за да го заземе.
Други елементи од американскиот предлог вклучуваат блокирање на аспирациите на Украина за приклучување кон НАТО алијансата и „де факто“ признавање на украинските територии што Русија моментално ги окупира, вклучувајќи делови од регионите Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје.
Исто така, се бара враќање на руски окупираните делови од Харкивскиот регион под украинска контрола, гарантирање на неограничен украински пристап до реката Днепар и враќање на нуклеарната централа Запорожје под украинска контрола, под услов САД потоа да ја работат и да обезбедат енергија и за Украина, како и за регионите окупирани од Русија.
Исклучувањето на членството во НАТО е исто така проблематично за Украина, каде што тоа е политичка цел запишана во нејзиниот устав.
Според европскиот дипломат, еден елемент од американскиот предлог што не е широко распространет е повлекувањето на САД од инсистирањето Зеленски да одржи нови претседателски избори што е можно поскоро.
Зеленски беше избран во 2019 година со убедлива победа.
Но, Кремљ тврди дека неговиот мандат сега е нелегитимен бидејќи воената состојба прогласена по изборите во февруари 2022 година го оневозможи одржувањето на нови украински избори.
Во услови на јавен судир претходно оваа година, Трамп се чини дека ги прифати руските аргументи, нарекувајќи го Зеленски „диктатор“ и барајќи да свика ново гласање.
Трамп оттогаш ја омекна својата реторика по прашањето за изборите. Сепак, украинската влада презеде тивки чекори за да се подготви за можноста за избори подоцна годинава.
Притвор за првоосомничениот во проширената истрага за „Адитив“

Мерка притвор во траење од 30 дена за првоосомничениот – вработен во едно од обвинетите правни лица определи Кривичен суд, постапувајќи по предлог на Обвинителството во проширената акција за предметот „Адитив“. Мерки на претпазливост се определени за второосомничениот - едно службено лице вработено во Подружница ТЕЦ Неготино.
Како што веќе е познато мерли за претпазливост има и за актуелната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, која е третоосомничена во проширената истрага.
Судија на претходна постапка, постапувајќи по предлог на Основно јавно обвинителство ГОКК за определување мерки за обезбедување присуство и мерки за претпазливост против три лица, поврзани со продолжување на акцијата, од обвинителството означена како „Адитив“, по нивно произнесување во судот, донесе решенија со кои го прифати предлогот на Јавниот обвинител.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Обвинителството, вчера (24 април) информираше дека уште три лица се осомничени во случајот Адитив.
„Во рамките на постапката што се води за предметот Адитив, како резултат на екстрахираните електронски докази обезбедени во досегашната постапка, предметните обвинители донесоа Наредба за спроведување на истражна постапка против три лица“, појаснуваат од Обвинителството.
Обезбедените докази, според Обвинителството, укажуваат дека првоосомничениот бил член на групата што имала за цел вршење на кривични дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело. Како вработен во едно од обвинетите правни лица, од месец јули 2022 до октомври 2024, со умисла извршил две или повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
Второосомничената, во септември 2024 година, како службено лице вработено во Подружница ТЕЦ Неготино АД ЕСМ Скопје на неповикано лице обвинето во предметот Адитив, на друг начин му сторила достапни податоци што во согласност со чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна.
Третоосомничената со умисла извршила две или повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело искористувајќи ист траен однос, исти прилики и други слични околности.
„Како службено лице, претседател на ДКСК од месец мај до месец декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот Адитив на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК,“ појаснија од Обвинителството.
Предметот „Адитив“ се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј.
Обвинети се 31 физичко лице и 5 правни лица.
Според обвинителството, осомничените лица организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да изиграат постапките за јавна набавка, со што овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист.
Штафетен маратон на српските студенти до Брисел

На 25 април, повеќе од 20 машки и женски студенти започнаа штафетна трка до Брисел со цел да им ги пренесат на европските претставници барањата од неколкумесечните протести и блокади.
Тие го започнаа маратонот долг речиси две илјади километри од железничката станица во Нови Сад, каде што 16 лица загинаа при падот на настрешницата на 1 ноември 2024 година. Претходно, тие положија венци и одржаа 16-минутен молк на местото на трагедијата во Нови Сад.
Машките и женските ученици ќе трчаат во групи кои ќе се менуваат по одреден број изминати километри.
На првиот ден од маратонот, тие ќе поминат 105 километри до Осијек. Во тој град во Хрватска, колегите и граѓаните ќе ги пречекаат.
На Инстаграм страницата „Студенти за студенти“ беше објавена покана за тркачи од Осијек да им се придружат на српските маратонци во трчањето на последните осум километри.
„Ајде заедно да трчаме кон еден незаборавен момент. Со чекор на поддршка, глас на надеж, тишина на почит“, беше објавено на Инстаграм.
На 18-дневното патување, маратонците од Србија ќе поминат низ Хрватска, Австрија, Германија, Франција, преку Луксембург до Белгија.
Тие треба да пристигнат во Брисел на 12 мај, пред седницата на Европскиот парламент, до чии претставници носат писма со информации за ситуацијата во Србија.
Студентите маратонци го продолжуваат патувањето на своите колеги кои претходно овој месец со велосипеди поминаа 1400 километри до европските институции во Стразбур.
Фокусот на нивните барања е утврдување на кривична и политичка одговорност за несреќата во Нови Сад.
Властите тврдат дека барањата на студентите се исполнети, повикувајќи ги да ги отворат факултетите.
Академиците, од друга страна, велат дека не се и дека блокадите продолжуваат.
Зад барањата на студентите, покрај стотиците илјади граѓани кои со месеци се собираат на протести, застанаа бројни универзитетски професори, едукатори, земјоделци, адвокати и актери.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете