Достапни линкови

Обвинението за финансирање кампања со пари од Гадафи ги зголемува правните проблеми на Саркози


Поранешниот француски претседател, Никола Саркози
Поранешниот француски претседател, Никола Саркози

Судењето на поранешниот француски претседател Никола Саркози под обвинение дека ја финансирал својата претседателска кампања со пари добиени од поранешниот либиски моќник Моамер Гадафи, ги зголеми правните проблеми на конзервативниот политичар кој беше на власт од 2007 до 2012 година.

И покрај тоа, обвинението дека добил пари од лидер поврзан со терористички акти е најсериозното со кое се соочува Саркози, но, е и тест за способноста на француското правосудство да бара одговорност од моќните политичари, пишуваат светските медиуми.

Куфери со милиони евра

Француските судии наложија да му се суди на Саркози по обвиненијата дека примил милиони евра во готовина од режимот на либискиот моќник за да ја финансира неговата кампања во 2007 година.

Саркози, кој беше обвинет за корупција и кршење на правилата за финансирање на кампањата, постојано ги негираше наводите за примање пари од Либија, нарекувајќи ги „гротескни“.

Тој е еден од 13-те обвинети во случајот на кои ќе им се суди помеѓу јануари и април 2025 година, рече францускиот финансиски обвинител на 25-ти август, по истрагата што траеше повеќе од една деценија. Меѓу обвинетите е и Ерик Воерт, благајник за време на кампањата на Саркози во 2007 година, кој сега е член на Парламентот и член на партијата на претседателот Емануел Макрон.

Обвинувањата за финансирање на кампањата од Либија, политичкиот подем на Саркози, како што пишува The Wall Street Journal, е поврзан со лидерот кој е обвинет за уривање на патнички авион над Локерби во Шкотска и други терористички акти.

Наводите првпат се појавија во 2011 година, неколку дена пред западните сили да започнат кампања за бомбардирање за која се залага Саркози во поддршка на бунтовниците кои се борат против владата на Гадафи. Синот на Гадафи, Саиф, тогаш во телевизиско интервју изјави дека „Саркози прво мора да ги врати парите што ги зел од Либија за да ја финансира неговата изборна кампања“.

Тие обвинувања земаа замав во април 2012 година, непосредно пред Саркози да ги загуби изборите од Франсоа Оланд. Францускиот портал „Медиапарт“ извести за документ, кој наводно изготвен од страна на шефот на либиската разузнавачка служба во декември 2006 година, во кој се ветува дека ќе обезбедат 50 милиони евра за кампањата на Саркози.

Саркози рече дека документот е фалсификат, а истражителите оттогаш велат дека не знаат дали се работи за автентичен документ. Истражителите, сепак, почнаа да бараат докази во урнатините на хаотичната граѓанска војна во Либија. Документите се изгубени или уништени, додека многу потенцијални сведоци - вклучително и Гадафи - или се убиени или живеат во земји кои се надвор од дофатот на француските власти.

Француско-либанскиот бизнисмен Зиад Такиедин, кому исто така му се суди, во интервју за „Медиапарт“ во 2016 година изјави дека лично му донел куфери со пет милиони евра готовина на Саркози од Либија и ги доставил до неговата канцеларија во Министерството за внатрешни работи. во 2006 година и во 2007 година.

Срдечни и пријателски односи

Саркози и Гадафи имаа изненадувачки срдечни односи, истакнува агенцијата Франс прес, посочувајќи дека Саркози му дозволил на либискиот моќник да го постави својот бедуински шатор спроти Елисејската палата за време на државната посета на Франција само неколку месеци по неговиот избор. .

Саркози повторно се појави во вестите во Франција во последниве недели, откако го објави вториот том од своите мемоари и сугерираше дека украинските области окупирани од Русија по инвазијата минатата година можеби ќе треба да се признаат како руски територии.

Тој исто така рече дека анектираниот украински полуостров Крим ќе остане руски и дека „секое враќање во претходната состојба е илузија“.

Саркози презеде водечка улога во преговорите за делумното повлекување на Русија од Грузија, откако рускиот претседател Владимир Путин нареди инвазија на таа земја во 2008 година. Саркози и неговиот премиер Франсоа Фијон имале пријателски односи со Путин, според АФП.

Саркози се соочува со посебна истрага за можна трговија со влијанија, откако во 2019 година прими исплата од три милиони евра од руската осигурителна компанија Ресо Гарантиа (Reso-Garantia) додека работеше како консултант.

Еден од низата правни проблеми

Обвинението за корупција против Саркози поради наводите дека неговата кампања незаконски добила финансирање од Гадафи во 2007 година е најсериозниот во серијата правни проблеми што го мачат конзервативниот политичар откако ја напушти функцијата, објави Њујорк Тајмс, наведувајќи дека обвиненијата за пасивната корупција, незаконското финансирање на кампањата, криминалниот заговор и прикривањето на проневерени јавни средства може да му донесат на Саркози 10 години затвор.

По долгогодишни истраги, серија правни случаи неодамна кулминираа со негативни пресуди против Саркози.

Во март 2021 година, тој стана првиот поранешен претседател во поновата француска историја кој беше осуден на затвор поради корупција и трговија со влијание затоа што се обидел незаконски да добие информации од судијата за судска постапка која се води против него.

Во септември 2021 година, Саркози беше прогласен за виновен за незаконско финансирање на неговата претседателска кампања во 2012 година, откако ги надмина строгите ограничувања за тоа колку пари може да се потрошат за кампања.

Откако беше осуден на една година домашен притвор, поранешниот претседател поднесе жалба и судењето за тој случај е закажано за ноември.

Сепак, најексплозивни се обвинувањата за нелегално финансирање со парите добиени од Гадафи, оценува Њујорк Тајмс, додавајќи дека тешко дека Саркози во блиска иднина ќе биде ставен зад решетки. Жалбите може да потраат со години додека поминат низ францускиот судски систем. Дури и ако неговите сегашни казни се потврдат, најверојатно ќе му биде дозволено да ја отслужи казната дома под надзор.

XS
SM
MD
LG