Достапни линкови

60 години по земјотресот, Скопје се соочува со нова „катастрофа“


Слика објавена два дена по земјотресот во Скопје што се случи на 26 јули 1963.
Слика објавена два дена по земјотресот во Скопје што се случи на 26 јули 1963.

Скопје одбележува 60 години од земјотресот на 26 јули 1963 година. Визијата по катастрофата беше да биде модерен, но пред се безбеден град. Но, за многумина Скопје одамна не е на тој пат. Архитектот Мишко Ралев смета дека Скопје ја напуштил „модерноста“ и сега е соочен со нова катастрофа – архитектонска и урбанистичка.

Кобното утро на 26 јули 1963 година, скопјанецот Љубомир Дрнковски имал 23 години и бил кај негов другар кој живеел на улица Илинденска, во тоа време една од поголемите улици.

Неговата помала сестра била во нивниот дом кај скопската Пошта, додека неговите родители биле во Охрид на одмор. Веднаш по силниот потрес, Дрнковски во шок, тргнал да ја бара сестра си, која останала дома, и за среќа ја нашол неповредена.

„Језива беше глетката кога дојдов во паркчето пред Пошта. Тоа беше целото разурнато и имаше многу жртви. Луѓето беа извадени надвор, имаше рушевини. Луѓето беа, што се вели народски, стаписани од тоа што се случи. Но, некои веднаш почнаа да помагаат. Се сеќавам дека се качуваа врз рушевините и извлекоа едно дете од урната станбена зграда кај пазарчето“, раскажува Дрнковски.

Фактите за земјотресот интересни и за туристите во Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:55 0:00

Според официјалните податоци, скопскиот земјотрес се почувствувал на простор од околу 50.000 квадратни километри. Од потресот беа урнати 15.800 станови, а оштетени беа 28.000. Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава. Се проценува дека имало над 1000 загинати.

Хуманитарните организации во многу земји собираат помош, со што Скопје го доби епитетот на град на меѓународна солидарност.

Две години по катастрофата, во 1965 година, јапонскиот архитект Кензо Танге започна да работи на урбанистичкиот план на градот Скопје.

Новата ера за Скопје е замислена градот да биде изменет, но да функционира беспрекорно и во делот на сообраќајот и инфраструктурата, но да се запази и квалитетот на животот на граѓаните. Но и по шест децении, нештата не се одвиваат по планираното.

Планот за обнова на Танге само делумно се исполнува. Некои од неговите изградени конструкции се новата железничка станица и линијата на станбени згради во центарот на градот, познати како „градски ѕид“.

Архитектот Мишко Ралев, кој е претседател на Асоцијацијата на Архитекти на Македонија, потврдува дека после 60 години, Скопје е далеку од патеката која била трасирана во 1965 година.

„Скопје денеска можеме да кажеме и дека не го препознаваме. Скопје е населено место и е град по некоја своја номенклатура, но не може лесно да го читаме. Му се случија некои нови катастрофи и потреси во полето на архитектурата и урбанизмот. Но, сметам дека ќе излеземе, можеби побавно, но со едно сосема друго разбирање на тоа што е град, на тоа што е градско општество или градска структура. Ќе треба време“, вели Ралев во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.

Според Ралев, во поранешна Југославија, планот за Скопје бил да биде модерен град, бидејќи модернизмот тогаш е државен стил, идеологија, архитектура, култура и уметност. Денеска модерноста на Скопје тој ја гледа само како „временска одредница“ - „како современ, но далеку од она што беше модерен град“, вели тој.

Додека Скопје се сеќава на земјотресот, речиси секогаш се наметнува прашањето колку е заштитен градот од катастрофи и земјотреси, особено при носењето на урбанистичките планови.

Ралев вели дека легалните градби се проверуваат по неколку пати, и смета дека тука несомнено безбедноста е на високо ново. Но, тој посочува дека зградите сами по себе не нудат 100 отсто сигурност, а тоа треба да го понуди урбанизмот.

„Првата брана било каква катастрофа е урбанизмот. Урбанизмот кој со своите параметри ќе овозможи растојание на урушување, пристапност на интервентни возила, пристапност на помош... Сето тоа е еден комплекс на параметри кои треба да се задоволат, за да кажеме дека градот е безбеден. Сега, гледајќи ја густината и височината на изграденост, ние можеме да покажеме и докажеме дека некаде безбедноста е веќе проблематична, во однос на пост-катастрофичните случувања – помошта, со пристапност до местата каде треба да се помогне и интервенира од сите аспекти“, вели Ралев.

Што со Скопје 2014? Некои објекти недовршени, некои се распаѓаат
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:26 0:00

Сега Скопје целосно го промени својот лик, од онаа визијата пред шест децении кога беше замислен како модерна светска метропола. Граѓаните сега го доживуваат како пренаселен, нечист, со проблеми во сообраќајот, без доволно зелени површини.

Со овој став се согласува и 83-годишниот Дрнковски. За него е пропуштена шансата Скопје да влезе во друштво на најатрактивните градови во регионот.

„Кензо Танге направи фантантастичен проект и сите мислевме дека ако Скопје одеше по тој план, ќе биде еден од најубавите градови. Но, вистината е друга. Сега гледаме што прави урбаната мафија – бетонизација на Скопје“, вели Дрнковски.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG