Достапни линкови

„Вајмарската тројка“ министри уверува - уставните измени нема да донесат нови бугарски барања


Посета на „Вајмарската тројка“ министри од Франција, Германија и Полска, на покана на вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, 17 јули 2023 (Фотографија од Фејсбук страницата на вицепремиерот Маричиќ).
Посета на „Вајмарската тројка“ министри од Франција, Германија и Полска, на покана на вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, 17 јули 2023 (Фотографија од Фејсбук страницата на вицепремиерот Маричиќ).

Тројцата министри од Германија, Полска и Франција, при денешната посета, како што ја нарекоа „во критична фаза за иднината“ на Северна Македонија, побараа сите политички лидери да ги подржат усгтавните измени. Тоа, според нив, ќе значи “да“ за подобра европска иднина.

Разбирање за разочарувањето на Северна Македонија во бавниот напредок кон Европската унија, но, и силна поддршка во нејзиниот пат кон донесување на уставните измени за да продолжат пристапните преговори со ЕУ по кластери. Оваа порака денеска, 16 јули, во Скопје ја пренесоа Лоранс Бун, државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Франција, Ана Лирман, министерка за Европа и клима на Германија и министерот за Европска Унија на Полска, Шимон Шинковски вел Сенк.

Тројцата министри по средби во Скопје со политичките лидери посочија дека Северна Македонија нема време за губење и дека одлуката за иднината на земјата е во рацете на политичарите.

„Уставните измени ќе ја покажат Северна Македонија како пример за мултиетничко општество, а потврдувањето и заштитувањето на малцинствата е темелот на европските права и обврски. Измената на македонскиот Устав ќе ги зацврсти заложбата и посветеноста кон европските вредности. Ги поттикнувам сите политички сили да го поддржат изменувањето на Уставот и да ја поддржат просперитетната иднина на македонскиот народ. Се друго ќе биде штетно за амбициите за членство во ЕУ. “, истакна германската министерка Ана Лирман. Таа обраќањето пред новинарите го почна со неколку реченици на македонски јазик.

Лирман кажа дека едвај чека да се сретне и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, чија партија се противи на уставните измени.

„Сега е време за следните чекори, нема време за чекање. Сите опозициски политичари ќе ги прашам - каква е вашата идеја за иднината на земјава. Дали сакате земјата да ја пропушти уникатната шанса. Возот се движи бргу и ако Северна Македонија не се движи со уставните измени ќе го пропушти возот“, дополни Лирман.

Лидерот на опозицијата Мицкоски вчера изјави дека ако министрите доаѓаат за уставните измени “навистина ќе бидам разочаран и загрижен бидејќи овој народ овде а и низ цела Македонија последна работа која што им паѓа на памет се уставните измени. Луѓето имаат реални, суштински проблеми

Лоранс Бун, француската државна секретарка задолжена за Европа кажа дека во текот на француското претседателство со ЕУ е откочена блокираната состојба за Северна Македонија и со договорот со ЕУ е овозможено државата да го отвори патот кон европското семејство.

„Исто така, се заштитуваат најчувствителните прашања околу идентитетот. Македонскиот јазик ќе биде службен јазик во ЕУ. Ако сакате да упатите на методологијата, промените се токму за да се забрза и намали фрустрацијата при патот кон ЕУ. Она што беше направено се тоа е спротивното, наместо работите да се отежнат, беа олеснети. Оваа дискусија околу Уставот нема да повлекува нови барања од Бугарија. Автоматски Северна Македонија ќе се најде на патеката на пристапување. 2030-та година како цел е доста реална и овде сме да ја испратиме пораката на пријателство, поддршка и увереност дека Северна Македонија ќе успее“, рече Бун.

Полскиот министер, Шимон Шинковски вел Сенк го разбира разочарувањето на Северна Македонија во слабиот напредок кон пристапување кон Унијата, но, ја посочи цврстата поддршка од Полска за сите земји од Западен Балкан.

За „Вајмарската тројка“, 2030 година е реална цел за членство на Северна Македонија во ЕУ.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ не се откажува од дијалог за најважниот политички консензус.

„Важен е и одговорот на прашањето кога можеме да го чекаме следното проширување. На целиот регион му е потребна јасна реформска рамка“, изјави Маричиќ.

Ова е втора министерска тројка што за нецела недела пристигна во Северна Македонија. Минатиот четврток на 13 јули, во посета беа министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка, Александар Шаленберг, Јан Липавски и Мирослав Влаховски. Пораката која пренесоа од ЕУ е дека уставните измени се неопходни за продолжување на европскиот пат на Северна Македонија, а одржувањето на евентуални предвремени парламентарни избори сметаат дека би биле контрапродуктивни.

Формалното почнување на преговорите на Северна Македонија за членство во Европската унија е условено со вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав. За да се донесат уставните измени во законодавниот дом, потребно е двотретинско мнозинство во Парламентот кој брои 120 пратеници. Мнозинство кое засега, владејачката коалиција го нема, а најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ е со став против “уставни измени под бугарски диктат“.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG