Собрани сме да кажеме „ДА“ на животот и на светоста на семејството оформено од еден маж и една жена, за да кажеме дека ќе ги браниме нашите најмили - децата од неприфатливи и нагрдувачки нови идеологии, порача поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), Господин – господин Стефан, на собирот што го организираше.
Македонската црква организираше сенароден собир пред соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, против законите за родова еднаквост и за матична евиденција.
На собирот присуствуваше и претставникот на католичката црква - скопскиот бискуп Киро Стојанов, како и претставници на евангелско-протестантската црква.
Собирот претходно доби поддршка и од Исламската верска заедница (ИВЗ), но претставници на ИВЗ не присуствуваа лично на протестот.
Црквата ги смета законите за матична евиденција и за родова еднаквост за сериозна закана за општеството, а особено за неговата основна клетка – семејството.
„Жените во Македонија верувам не сакаат лажна еднаквост и лажни права, и не сакаат да бидат ослободувани од Црквата каде ја живеат својата вистинска слобода. Црквата е преполна со смели, самостојни и реализирани жени кои доаѓаат самостојно и во неа гледаат сигурно засолништво од овој заразен бунт“, рече г. г. Стефан.
Поглаварот побара да престане, како што рече, унакажувањето на образовниот систем со родова идеологија и сексуализација.
„Да престане крајно неприфатливото да им се одзема на родителите од нивните родителски права и на децата од нивното детство. До кога нашите деца ќе учат од учебници чии содржини се диктираат од туѓи држави и туѓи центри?“, рече поглаварот на МПЦ.
Според него, секуларно општество не значи и безбожно општество.
Во Предлог законот за родова еднаквост се спомнува терминот „родов идентитет“ кој се однесува на внатрешното и индивидуално доживување на сопствениот род што секое лице длабоко го чуствува за себе, што може, но, и не мора да соодејствува на полот што му е определен при раѓање.
Во предлог законот за матична евиденција, пак се отвора прашањето дека транс луѓето имаат неусогласен родов идентитет со впишаниот пол во матичната евиденција при раѓањето. Предлогот предвидува секој полнолетен граѓанин да има право на правно признавање на родот и дека тоа може да се направи со поднеување на барање што би се пополнило на нотар.
Но законите против протестира Црквата, не се во собраниска процедури и се далеку од донесување. Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, во интервју за Радио Слободна Европа посочи дека измените на Законот за матична евиденција се повлечени од собраниска процедура лани во март, а Предлог Законот за родова еднаквост, се уште е во фаза на консултации.
Таа посочи дека Законот за родова еднаквост не е исто што и Законот за матична евиденција.
„Законот за матична евиденција го третира родовиот идентитет, односно можноста на трансродово лице да може да ја смени ознаката во матичниот број онаму каде што се обележува родот, а Законот за родова еднаквост се фокусира на унапредување на положбата на жените во општество. Не губиме ништо од она што во моментот го имаме како право“, изјави Тренчевска.
Според министерката, Законот за родова еднаквост ја унапредува положбата на жените во сите сфери на општественото живеење и што треба да направи државата за да ја унапреди положбата на жените во општеството. Со Законот, како што рече, ниту се третира менувањето на полот, ниту се третираат истополовите бракови.
Невладините организации кои се занимаваат со права на ЛГБТИ лицата велат дека нема политичка волја да се донесат законите за матична евиденција и за родова еднаквост.
„Така што, ние не сме ни оддалеку моќни и влијателни, како што МПЦ и останатите антиродови чинители сакаат да не претстават. Ние, замислете, сме успеале, пет пратеници да собереме на наша страна. Со пет пратеници закон не се носи, знаете“, изјави на 29 јуни Драгана Дрндаревска од Коалиција Маргини на панел дискусија за говор на омраза.
Собирот се одржа под мотото „Имаме должност“, а го организира Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА. На собирот присуствуваат верници од Скопје, но и од други делови на државата, донесени со организиран превоз од месните цркви. Собирот почна со изведба на „Оче наш“ од страна на владиците.