Климатски услови, годишни одмори или подобрување на квалитет на образованието за учениците – се уште не е целосно јасно која е главната причина за најавената промена на датумот за почеток на следната школска година.
Родителите и наставниците со кои разговаравме сметаат дека министерот за образование и наука Јетон Шаќири не нуди убедливи аргументи зошто учебната година 2023/2024 би почнала на 11, наместо традиционално на 1 септември.
Јасмина од Скопје е родителка на дете во прво одделение која за Радио Слободна Европа вели дека е изненадена и тоа особено и пречи што сите промени во образованието се најавуваат во последен момент.
„Еве на пример, ние, како родители на прваче, кое не може да биде оставено само дома и кои немаат расположливи баби 24/7 цело лето, веќе ни е испланирано за да има кој да се грижи за детето. Да, точно е, учебната година во некои земји навистина почнува по 1 септември, но има и случаи каде почнува и на 15 август. Без сериозна анализа и добри аргументи, не треба да се избрзува со вакви промени“, вели Јасмина.
Минатата учебна година беше проследена со бројни проблеми во образованието. Учениците пропуштаа настава поради бројните лажни дојави за бомби, дел ученици учеа без учебници или со застарени, а наставниците се уште бараат да се реши проблемот со нивните плати.
Потребен ли е пролетен распуст?
Во ваква ситуација министерот за образование и наука Јетон Шаќири најави дека ќе дебатираат за можна промена на стартот на следната школска година.
Тој даде три предлози: новата учебна година да остане во досегашниот стандарден модел, да почне на 1 септември; да започне на 11 септември и да заврши до крајот на јуни; или да остане вообичаениот датум 1 септември, а во текот на учебната година да има и краток пролетен распуст.
„На почетокот на септември имаме празник и имаме период во кој голем дел од учениците ги користат летните одмори на почетокот на септември. Второ е дека одмор во пролетните месеци, според кажувањата на наставниците, придонесува во педагошката смисла за учениците и за наставниците. Сите можности се отворени, ќе видиме и ќе се договориме како ќе одлучиме“, рече Шаќири.
Но, и наставниците со кои разговаравме се против воведување на нов датум за почеток на школската година.
Билјана Костова е професорка во средното училиште „Никола Карев“ во Скопје, која вели дека за ова прашање разговарале со 30-тина нејзини колеги од повеќе средни училишта во земјава.
Костова вели дека за нив не е прифатливо следната година да почне толку доцна, биејќи според нив тоа нема да одговара на потребите за средното образование.
„Затоа што во средното образование се полага државна матура којашто е поврзана со други процеси. На пример со прегледувањето, оценувањето, истакнувањето на резултатите и со оглед на тоа што многу од нашите ученици се запишуваат во странство, а државната матура е еден од условите за да може да аплицираат. Така што тие датуми мора да се почитуваат“, вели Костова за Радио Слободна Европа.
Дополнително, додава таа, проблем е што има многу просветни работници кои работат комбинирано, и во основно, и во средно образование и нема да можат да се вклопат во процесот.
„Пожелно е да има некаков пролетен одмор којшто нема да трае повеќе од една седмица, но никако прифаќање учебната година да почне подоцна, ниту на 11 септември, ниту на 1 октомври“, вели Костова.
Министерот Шаќири рече дека за евентуални измени треба да одлучи Владата и тие да бидат во насока на зголемување на продуктивноста на учениците и наставниците.
Школска година од 1 октомври?
Предлогот на Шакири го анализира и Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК). Претседателот на СОНК Јаким Неделков, пак, рече дека можеби треба да се размислува стартот на следната школска година да биде уште подоцна, на 1 октомври, но посочи дека секоја евентуална промена треба да значи повисок квалитет на наставата за учениците.
„Треба да се направат сериозни анализи на сите три предлози. СОНК ќе прифати се што ќе биде во позитивна конотација во неговото работење. Законската рамка се 180 наставни денови и таа може да се манипулира за некакви поместувања на одморите на учениците. Тоа не значи дека ќе имаат одмори и наставниците. За тоа ќе мора да бидеме на чисто, но еве ако зборува за подоцна започнување на наставната година од 11 септември, јас би предложил да биде од 1 октомври“, рече Неделков.
Неделков рече дека веројатно месец јуни веќе не е толку атрактивен месец за годишни одмори, туку септември, но дека од друга страна тешко ќе биде да се работи на високи температури во септември и дека затоа според него подобро е да се размислува од почеток на школската година во октомври.
Според СОНК сите предлози треба да се анализираат со наставниците, професорите, педагозите и психолозите, заедно со синдикатите и Министерството за образование и наука.
Поранешниот заменик министер за образование Сулејман Рушиди вели дека вообичаено поместувања на календарот на школската година државите ги анализираат главно од економски карактер.
На пример, земјите кои се поврзани со туризам или кои имаат различни климатски услови, на тој начин ги определуваат школските распусти, вели тој додавајќи дека треба да се разгледа за опција која ќе биде хармонизирана со државите во регионот.
„Ако се прави некое разгледување, некои експерти велат дека летниот распуст е многу долг и дека би било подобро да биде пократок. Јас мислам дека треба да се отвори дебата и да се вклучат повеќе експерти. Но, повеќе тежи кон тоа нешто да се промени во календарот на распустите“, вели Рушиди.
Допрва ќе се дебатира дали учениците ќе добијат поквалитетно образование со евентуална промена на датумот на новата школска година, додека останува отворено прашањето дали навреме ќе бидат решени проблемите со учебниците и со платите на наставниците.