Достапни линкови

Првиот европски Самит надвор од ЕУ во соседство на Украина


Педесет лидери на европските земји и на Европската унија, вклучително и Србија, се во молдавското село Булбоака кај Кишињев, на вториот самит на европската политичка заедница. Ова е прв самит во земја која не е членка на ЕУ и која граничи со Украина, што е симбол на поддршка за Молдавија.

Молдавската претседателка Маја Санду денеска (1 јуни) е домаќинка на Самитот во Кишињев каде меѓу другото се разговараше за ситуацијата во Косово на 1 јуни, како дел од меѓународните напори да се стави крај на кризата. На Самитот во Молдавија присуствуваа лидерите на 27 земји од Европската унија и 20 други европски земји од Европската политичка заедница за да разговараат за низа прашања, вклучително и тензиите на северот на Косово, јавува новинската агенција Ројтерс.

Претседателката на Косово Вјоса Османи на самитот на ЕУ, 01.06.2023
Претседателката на Косово Вјоса Османи на самитот на ЕУ, 01.06.2023

Кризата на северот на Косово една од темите на Самитот

Лидерите на Европската унија дискутираа за меѓународните напори да се стави крај на кризата во северот на Косово и испратија силни пораки вклучително и САД. Државниот секретар Антони Блинкен повика на „итна деескалација“ и од Србија и од Косово.

Во Молдавија високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел, требаше да се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и со косовската претседателка Вјоса Османи.

Еден ден претходно, Борел во Братислава се сретна со премиерот на Косово, Албин Курти. Во објава на Твитер по средбата, Борел рече дека ситуацијата на северот на Косово е „опасна и нестабилна“ и повика на итно решение преку дијалог и повтори дека насилството во Косово мора да се осуди

Во изјава за Ројтерс на маргините на самитот во Молдавија, Османи рече дека Косово не сака да ги наруши односите со Вашингтон и дека ќе продолжи да ги координира чекорите со САД. Но, таа ја обвини Србија за дестабилизација на Косово.

„Предизвикот доаѓа од Србија, земја која сè уште треба да се помири со своето минато“, изјави Османи за Ројтерс.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави на 1 јуни дека Белград ќе направи се за да ја деескалира ситуацијата во Косово.Оваа информација е објавена на официјалниот профил на Вучиќ на социјалната платформа Инстаграм.

„Се согласивме дека треба што поскоро да се најде решение за актуелната криза за да се зачува мирот и стабилноста. Разговаравме за понатамошни чекори кои ќе придонесат за изнаоѓање решение за сегашната тешка и сериозна ситуација. Со надеж дека разумот ќе надвладее, за доброто на сите“, напиша Вучиќ по средбите со колегите од ЕУ.

Лидерите на Франција и Германија, исто така, најавија дека планираат да се сретнат со високи српски и косовски претставници на Самитот во Молдавија.

Во меѓувреме, неколку стотици граѓани се собраа во јужна Митровица, во која доминираат етнички Албанци, и покрај барањето на косовската полиција да не одговори на повикот на социјалните мрежи за протест.

Дописниците на РСЕ на терен јавија дека меѓу демонстрантите има и граѓани од Албанија. Полициските сили го опколија јужниот дел на мостот на реката Ибар што ги дели двете заедници во Митровица, етничките Срби на север и етничките Албанци на југ.

Зеленски - Украина е подготвена да се приклучи на НАТО

На самитот на 1 јуни учестуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој и се заблагодари на Молдавија што ги прими Украинците кои бегаат од војната откако Русија ја започна својата инвазија. Молдавија прими над 700.000 бегалци од февруари 2022 година, а над 100.000 сè уште се во земјата, според податоци на ОН.

„Украина денес ја чува Молдавија безбедна, и ние сме многу, многу благодарни за тоа“, рече Санду по кусата средба со Зеленски, чија земја се наоѓа меѓу поранешната советска република Молдавија и Русија.

Самитот на ЕУ во Молдавија и украинскиот претседател Володимир Зеленски
Самитот на ЕУ во Молдавија и украинскиот претседател Володимир Зеленски

Говорејќи на самитот на Европската политичка заедница (ЕПЗ) во соседна Молдавија, Зеленски рече дека Украина е „подготвена да се приклучи на НАТО“ и групата треба да донесе одлука на самитот во Вилнус следниот месец.

„Во лето во Вилнус на самитот на НАТО, потребна е јасна покана од членките на Украина“, рече тој, додавајќи дека се потребни и „безбедносни гаранции на патот кон членство во НАТО“.

Зеленски по Самитот рече дека „слушнал моќна поддршка од многу земји“ за коалицијата на земји кои обезбедуваат борбени авиони Ф-16. Тој истакна дека авионите Ф-16 што ги бара се испорачани од Соединетите Држави, додавајќи дека „со помош на САД ќе ја создаде оваа коалиција“.

„Русија ќе продолжи да има надмоќ во воздухот додека Украина нема соодветни борбени авиони, рече Зеленски.

Главните теми на самитот

Педесет лидери на европските земји и на Европската унија, вклучително и Србија, се во молдавското село Булбоака кај Кишињев, на вториот самит на европската политичка заедница. Станува збор за неформален дипломатски форум формиран минатата година на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон.

Трите главни теми за кои се разговараше на самитот беа безбедноста, енергијата и поврзаноста, а фактот што во главниот град на Молдавија се собраа лидери на 46 европски земји, според француското претседателство, е силна политичка порака до Москва, известува новинската агенција Бета.

На состанокот, кој беше најавен како најголем политички состанок во историјата на Молдавија, учествуваа претседателот на Европскиот совет, претседателот на Европската комисија и на Европскиот парламент.

Првиот самит надвор од ЕУ и на границата со Украина

Акредитирани беа повеќе од 600 новинари од цела Европа, а комплексот замок Мими каде се одржува состанокот е опколен со силни безбедносни сили. Замокот се наоѓа во селото Булбоака, на 35 километри од главниот град Кишињев и 20 километри од границата со Украина.

Според организаторите, тоа е прв самит во земја која не е членка на ЕУ и која граничи со Украина, каде војната продолжува, што е симбол на поддршка за Молдавија. Од средата на улиците во Кишињев има многу полицајци. Првиот состанок се одржа минатата година во Прага, а следниот ќе се одржи во Гранада во октомври.

На самитот на европската политичка заедница во Кишињев нема да има дискусија за пристапните процеси на земјите кандидати за Европската унија, соопштија од Елисејската палата.

Како што беше речено, „од почетокот е јасно“ дека Европската политичка заедница е политички форум чија цел е да се разговара за безбедносни прашања, регионални кризи и сега војната во Украина, за да се изрази поддршка за неа.

XS
SM
MD
LG