„Мислам дека треба да видиме како владата на Србија и владата на Косово седнуваат заедно и се обидуваат да ги разработат деталите од договорот [за нормализација на односите]. Самоуправата за српската заедница се чини дека е една од главните пречки. Мислам дека ова што сега се случува на север е одвраќање од овој важен чекор од договорот“, вели Капчан во интервју за Радио Слободна Европа.
Според него, проблемот на северот на Косово може да се реши само со широк договор меѓу Приштина и Белград.
РСЕ: Сцени на насилство повторно можеа да се видат на северот на Косово, особено во Звечан. КФОР интервенираше откако локалното население одби да се повлече од протестот. Меѓу повредените има војници на КФОР, веројатно и локални жители. Ова се случи откако косовските власти ги зазедоа општинските згради на северот. Како ги коментирате овие настани?
Капчан: Мислам дека ова е многу вознемирувачки развој на настаните, бидејќи насилството повторно се врати во Косово, особено во односите меѓу Србите на северот на земјата и Албанците.
Исто така, мислам дека дојдовме до точка каде што нормализацијата [на односите] меѓу Србија и Косово има добри шанси за напредок, имаме рамка [предлог] на ЕУ за која се разговара и ваквото насилство е бескорисно.
Мислам дека Владата во Приштина игра тактичка игра која може да биде политички корисна, но, од стратешки аспект, тоа не е мудро.
Преземање провокативни чекори, како што е обидот за поставување албански градоначалници на северот откако српското население ги бојкотираше изборите, потоа менувањето на регистарските таблички... Тоа се прашања кои предизвикуваат проблеми и ги зголемуваат тензиите во време кога треба да видиме смиреност и на двете страните и за да Белград и Приштина напредуваат кон поширок договор.
Така, мислам дека ова е несреќен пресврт на настаните.
РСЕ: И покрај повиците на меѓународната заедница да не се употребува сила, косовскиот премиер Албин Курти испрати полиција да им помогне на градоначалниците да влезат во општинските објекти. Како ја коментирате таа одлука?
Капчан: Мислам дека двете страни треба да избегнуваат дејствија што предизвикуваат проблеми, што создаваат можности за насилство, што предизвикуваат гнев кај двете страни, што предизвикуваат, во случајот со Белград, приказната за ставање сили во готовност. Значи, иако може да се каже дека владата на Косово може да се оправда, бидејќи одржа избори, тоа се потези кои долгорочно се бескорисни и контрапродуктивни.
РСЕ: Што мислите дека сега треба да направи Владата на Косово?
Капчан: Мислам дека решението е да се повлече од напорите за поставување градоначалници. И да земе длабок здив.
Затоа што, како што кажав, постои можност да се искористи договорот што го нуди Европската Унија. Мислам дека ова има потенцијал. Пред КФОР да се соочеше со гневните Срби на северот на земјата, мислам дека требаше да ги видиме Владата на Србија и Владата на Косово како ќе седнат заедно и ќе се обидат да ги разработат деталите од договорот.
Се чини дека самоуправата за српската заедница е една од главните пречки. Мислам дека она што сега се случува на север го одвлекува вниманието од овој важен чекор од договорот.
РСЕ: Но, се чини дека двете земји одат во различни насоки, што се однесува до нормализацијата. Зошто?
Капчан: Домашната политика е исклучително тешка и од двете страни. Како резултат на тоа, еден ден се случува Курти и [српскиот претседател Александар] Вучиќ да одат во вистинската насока. Потоа следниот ден Вучиќ вели: не, нема надеж, а Курти прави нешто провокативно.
Значи, во моментов сме во ситуација кога теоретски, начелно, има нацрт-договор, но политичката ситуација на двете страни оди во погрешна насока.
РСЕ: Да се вратиме на север. Локалните Срби одбиваат да ја примат косовската полиција на терен. Дали за ова прашање може да се преговара?
Капчан: Мислам дека ситуацијата на северот треба да биде дел од пошироко решение или дискусија. А, во меѓувреме, би сакал да ја охрабрам владата во Приштина да ги избегне чекорите што ги презеде во последните денови кои го испровоцираа српското население што живее над реката да протестира и да заврши во судири со КФОР - што, слушаме, резултираше со насилство и повреди на двете страни.
РСЕ: Спомнавте и дека Србија ја зголеми својата воена готовност и рече дека распоредува војници во близина на границата. Каде оди ситуацијата?
Капчан: Мислам дека е малку веројатно српските сили да влезат во Косово, делумно затоа што ќе се соочат со силите на НАТО. Ова ги става Србија и НАТО во многу тешка позиција, во време кога се обидуваме да ја подобриме интеграцијата на Србија во трансатлантските и европските институции. Затоа, не очекувам да видам воен конфликт како резултат на влегувањето на српската војска на северот на Косово.