Жител на Демир Капија си го убил соседот, кој живеел во стан над него во зградата, па откако стигнал дома се самоубил. 72 годишниот маж имал дозвола за пиштолот со кој го убил 34 годишниот сосед, наводно затоа што му пречело тропањето од горниот кат. Полицијата и Обвинителството соопштија дека отвориле истрага. Во соопштението на Министерството за внатрешни работи е потврдено дека безживотните тела се пронајдени во нивните домови со прострелни рани.
Само неколку часа по ова соопштение од Основното јавно обвинителство известија дека отвориле истрага против 23 годишен скопјанец за обид на кражба на воено оружје во објект на Армијата.
„Со клешта за арматура ја исекол жичената ограда и специјалната бодликава жица, влегол во кругот на објектот Дренов Дол во кој се чувало оружје и воена опрема“, се вели во соопштението на Обвинителството, кое додава дека од Судот побарале мерка притвор за осомничениот.
Според последните проценки во анализата "Истражување на мало оружје“ во земјава има над 620 илјади парчиња огнено оружје од 450 илјади се смета дека е нелегално. Тоа значи дека на сто луѓе, 30 имаат оружје, од кои осумина имаат дозвола за поседување оружје, а 22 немаат. Истражувањето се однесува на земјите од Европската унија, Западен Балкан и Молдавија. Во тоа друштво од 34 земји, Македонија е на седмо место по поседување на нелегално оружје.
Колку има нелегално оружје?
Првото место го делат Црна Гора и Србија каде на сто луѓе 23 поседуваат нелегално оружје, а 17 имаат дозвола за него. Ваквите анализи станаа актуелни во јавноста по двете масовни убиства во Србија, во кои загинаа 18 луѓе.
По тие трагедии,Србија најави дека ќе ги заостри казните за недозволено поседување оружје и даде можност во рок од еден месец да се предаде анонимно и без правни последици.
Македонскиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски неодамна изјави дека македонските граѓани имаат дозвола за поседување на вкупно 180 илјади парчиња регистрирано оружје.
„Не можеме да зборуваме со апсолутни податоци за лицата кои поседуваат, бидејќи за една дозвола може да се дадат 10 одобренија за нарачка на оружје и на годишно ниво работиме не само со нови дозволи, туку и со дозволи кои истекуваат. Важно е дека секоја година паѓаат бројките кои се однесуваат на нарачаното оружје“, изјави Спасовски во интервју за ТВ Алсат.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека проблемот со големата количина нелегално оружје во земјава е поради непостапување на МВР. Бојан Христовски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека во Македонија има повеќе нелегално оружје, отколку легално.
„Во МВР има комисија која одлучува кој може да земе оружје, а според информациите по медиумите, одредени функционери земаат и пари да дадат дозвола за оружје на осуденици за криминални дела. Видовме дека имаше ограбена оружарница во Охрид во сопственост на ПС за општа надлежност Охрид, а не знаеме каде заврши тоа оружје и дали е фатен сторителот“, изјави тој.
Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов вели дека големата количина на оружје во земјите од Западен Балкан е последица на војните во поранешна Југославија и големите кражби на магацините во Албанија во 1997 година.
„Сè на сè, нелегалното оружје претставува своевидна безбедноста закана за стабилноста на државата“, вели Трајанов.
Колку оружје запленила полицијата?
Според него, земјава не е дел од рутата на нелегалната трговија со оружје, туку претставува краен консумент на оружјето.
Само во текот на минатата година македонската полиција запленила 139 нелегални парчиња огнено оружје од кои 73 се пиштоли, неколку автоматски и полуавтоматски пушки и 34 ловни пушки.
„Заплените со оружје и муниција бележат намалување во однос на 2021 година, а по вид на оружје, доминираат запленетите со пиштоли и ловно оружје, додека заплената на автоматски и полуавтоматски пушки останува да биде ниска и е во намалување. Нелегалното оружје најчесто се открива при претрес на објектите за домување или времено престојување на сторителите, при што најчесто се работи за незаконско поседување на едно парче оружје и мал број на муниција“, се вели во годишниот извештај на МВР.
Полицијата лани до Обвинителството поднела кривични пријави за 210 сторители на дело поврзано со нелегално поседување на оружје.
Во последната стратегија за борба со нелегално оружје од 2022 година, илегалната трговија со оружје е идентификувана како сериозен проблем во земјава, поради што ОБСЕ и започна проект за поддршка на властите.
До 4 јуни годинава е крајниот рок кога луѓето кои имаат дозвола за поседување на оружје во Македонија се должни да ја заменат за нова. Во соработка со УНДП, Министерството за внатрешни работи работат на проект за дигитална база на оружје. Целта на проектот е целосна, брза и ефикасна евиденција на секое парче легално поседувано оружје, со што ќе се олесни борбата на полицијата против нелегалната трговија со оружје во државата.
Следење на „патот на оружјето“
Со овој систем е предвидено да се следи „патот на оружјето“ од моментот на влегувањето во државата на граничните премини, па сè до крајниот сопственик.
Според овој проект легалното оружје ќе се следи на пет контролни точки, од влез во државата, преку магацините каде што се чува, па во продавницата за оружје, до издавањето на дозвола за поседување и негова продажба.
Истражувањата покажуваат дека трговијата со оружје на европско ниво се однесува пред сè на криминални и терористички групи. Во случаите на семејно насилство, пак, употребата на огнено оружје е поретко.
Иако постојат големи разлики меѓу земјите, во просек околу дваесет проценти од убиствата во Европската унија се извршени со огнено оружје. Овој процент, според извештајот на Фламанскиот мировен институт, е помал од светскиот просек. Бројот на смртни случаи предизвикани од огнено оружје е релативно висок на Балканот. Последната таква анализа од 2017 година укажува дека 75 проценти од убиствата во Македонија се извршени со огнено оружје.
Само во изминатата година се извршени 18 убиства, што е за 5 повеќе од 2021 година. Од 2010 до 2022 година во земјава се извршени 289 убиства, покажува дата базата на министерството за внатрешни работи.