Достапни линкови

Сајбер булингот продолжува и надвор од училиштата


Илистративна фотографија - сајбер булинг.
Илистративна фотографија - сајбер булинг.

Расте бројот на пријави за сајбер булинг откако е отворена адреса за пријавување во Министерството за образование. Како училиштата можат да го спречат и каква поддршка треба да добијат жртвите? Едно е сигурно - одговорот против малтретирањето во училиште треба да дојде од сите: педагозите, наставниците, родителите и институциите.

По случувањата во Србија кога на 3 мај ученик посегна по животите на свои врсници во училишето „Владислав Рибникар“ во Белград, за само неколку дена до електронските адреси на македонското Министерство за образование (МОН) се пристигнати околу 20 пријави од ученици кои биле жртви на одредена форма на „меѓуврсничко насилство“, велат од институцијата за Радио Слободна Европа.

МОН овие електронски адреси ги отвори како дел од кампањата за подигнување на свеста кај младите за ненасилно и толерантно однесување во и надвор од училиштата, веднаш по трагедијата со нападот на ученикот во Белград во кој загинаа осум ученици и еден чувар, а шест деца и еден наставник беа ранети.

Младата охриѓанка Симона Ковачевски сведочи како се соочила со булинг, но не со оној традиционалниот, туку со малтретирање на интернет. Таа за Радио Слободна Европа раскажа дека била жртва на сајбер булинг, кога деца на интернет ја напаѓале со погрдни зборови, но коментари со омраза исто така добивала и од возрасни луѓе.

„Не кријам дека буквално се чувствував како да сум на дното, дозволив и емотивно да ми влијаат и да се нервирам и бев во ситуација во која не знаев што да правам“, раскажа Ковачевски.

Сајбер булингот е понова и поподмолна форма на агресија, за разлика од традиционалните форми на булинг што обично се случуваат во училишниот двор или на улица. Сепак, без разлика дали е онлајн или во реалноста, силеџиството или таканаречениот булинг е распространет проблем кој остава катастрофални последици за жртвите. Тој може длабоко да влијае врз менталното здравје на децата, да доведе до анксиозност, депресија, па дури и до посериозни последици.

Пријавите од страна на учениците кои биле жртви на булинг до македонското Министерство за образование и наука сега ги разгледува Државниот просветен инспекторат. На адресите на МОН пристигнале и сугестии од поранешни професори за тоа како да се влијае на овој вид на насилство, според одговорот кој го добивме од МОН.

Министерството за образование и наука веќе изработува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, поврзани со употребата на социјалните мрежи во училишна средина. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири рече дека по случувањата во Србија, треба да се намалат сите можни ризици и закани за безбедноста на учениците и наставниците во училишна средина. На седница на Влада следниот вторник ќе се дискутира за изработка на „најбитни безбедносни препораки“ за образовниот процес.

„Една од препораките ќе биде стручниот кадар од училиштата, да соработува со стручните лица од центрите за социјални работи, заеднички да бидат во контакт со учениците и нивните родители. За сите, да можат да проценат што е ризик во одреден момент“, изјави Шаќири.

Има ли решение за ученичкиот булинг во Македонија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:34 0:00

Засега учениците, наставниците и родителите можат да пријават било каков облик на насилно однесување во училиштата на електронскате адреси prijavinasilstvo@mon.gov.mk и на paraqitdhune@mon.gov.mk коишто ги отвори Министерството или пак до стручните служби во училиштата.

Тамара Ќупева, просветен работник која долги години предавала во средно училиште, вели дека на жртвите на булинг први треба да им помогнат нивните блиски, бидејќи малтретираните често проблемот го чуваат во себе.

„Она што најчесто се случува е деца коишто се сведоци на таков вид насилство, да ги испратат првите знаци дека нешто се случува со некое дете во одделението. Жртвата обично последна, или веќе кога нема да има механизми да се справи со тоа, реагира кај блиските: дома, кај другарчињата и потоа се обраќа кај службата“, вели Ќупева во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.

Психолошките служби се оние кои треба да реагираат први, додава Ќупева, која нагласува дека проблемот со булингот полесно се решава во училишта со мал број на ученици. Но, посочува дека има многу училишта со над 1.300 ученици и само еден психолог кој не може да следи се што се случува.

Дефиницијата за булингот во научните кругови е секаква форма на непосакувано и агресивно однесување во училиштата. Во ера на интернетот и социјалните медиуми оваа дефиниција еволуира како малтретирање кое не застанува во училиштата или на улица, туку продолжува и во домот на децата преку интернет. Тоа е сајбер булинг.

Проблемот со сајбер булингот потешко се решава, бидејќи често се случува во приватни онлајн простори каде што може да биде тешко за возрасните или авторитетите да интервенираат. Професор Ќупева се согласува дека булингот на социјалните мрежи е поголем предизвик.

„Разликата меѓу овој тип на насилство, онлајн или на социјалните мрежи, и на оној на којшто претходно бевме навикнати, е апсолутно различен. Овој тип насилство е прилично невидлив, трае постојано“, вели Ќупева.

Меѓу дел од мерките за кои размислуваат македоснките власти се и ограничување на социјалните медиуми, как на пример ТикТок, но дебата се види и за воведување на забрана за употреба на паметни телефони во училиштата.

Министерот за образование Јетон Шаќири изрази загриженост дека наставниците од основните училишта комуницираат со учениците преку апликации за пораки како Viber или WhatsApp. Тоа според него може негативно да влијае во процесот на учење.

„Идејата за забрана на телефоните во процесот на учење е позитивна. Самите наставници треба да придонесат во овој аспект бидејќи, треба да ценат дека мобилниот телефон може негативно да влијае на процесот на учење“, вели Шаќири.

Се чувствувате ли безбедно на интернет?
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:08 0:00

Булингот е сложено прашање кое остава далекусежни последици за жртвите и нивните семејства. Традиционалните форми на булинг како физичка или вербална агресија сè уште се присутни во училиштата, но сајбер булингот се појави во последниве години. Истражувањата покажаат дека булингот остава длабоки траги врз менталното здравје на детцата.

Напорите за борба против булингот во училиштата треба да бидат фокусирани на превенција, интервенција и поддршка за жртвите. Стратегиите за превенција треба да вклучуваат кампањи за подигање на свеста, едукација за емпатија и училишни политики кои промовираат позитивно однесување. Како што нагласува Ќупева, справувањето со булингот бара заеднички напор од сите во училишната заедница: од педагозите и наставниците, до родителите и учениците - сите имаат улога во создавање на безбедна средина каде малтретирањето и силеџиството нема да се толерира.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG