Седницата на Судскиот совет за избор на нов претседател е одложена за 2-ри мај откако за тоа се изјаснија седум членови, а четворица беа против. Предлогот за одложување на седницата беше на заменик претседателот на Судскиот совет Селим Адеми иако на седницата имаше доволно присутни да се гласа, а нов претседател се избира со 8 гласови.
Разрешената претседателка Весна Дамева го обвини дека со тоа го прекршува Деловникот за работа.
„Морам да бидам искрена дека очекував дека ќе имате мнозинство да се изгласа (нов претседател) во овој момент, но ќе оставиме уште два дена да видиме дали вашето незаконско разрешување, без спроведена било каква постапка, на некој начин ќе се легализира“, рече Дамева.
Таа вчера беше разрешена на тензична седница откако потпретседателот Адеми го презеде од неа раководењето на седницата и го стави на гласање нејзиното разрешување за кое се изјаснија 7 членови. Инаку на оваа седница требаше да се расправа за одговорност на апелацискиот судија Енвер Беџети за кого беше констатирано дека девет месеци го чувал предметот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“.
Веднаш по седницата судската фела и правните експерти реагираа дека разрешувањето било незаконско.
Денеска и претседателот на државата Стево Пендаровски соопшти дека вакви сцени не му доликуваат на тело кое има многу одговорна улога, со оглед на неговите надлежности во изборот и разрешување на судии и оценување на работата на судиите.
„Со вакви постапки, дополнително се намалува кредибилитетот, не само на Судскиот совет, туку и довербата на граѓаните во правосудниот систем“, изјави Пендаровски.
Министерстовото за правда, пак, побара Судскиот совет да го достави на увид Записникиот од 438-та седница како, како и усвоениот дневен ред на седницата.
По разрешувањето на Дамева „Коалицијата за правично судење“, која редовно ги набљудува седниците на Судскиот совет, наведе дека во Деловникот за работа на Судскиот совет не е предвидено процедура за разрешување на претседателот, туку дека се предвидени само одредби за дисциплинска постапка и одговорност на член на Советот.
„За да се изрече дисциплинска мерка или разрешување, како што укажуваат од Коалицијата, треба да има формално образложено барање поткрепено со докази и истото да се достави од кој било член на Советот или најмалку 20 судии“, наведоа од „Коалицијата за правично судење“.
На ваквите случувања денеска загриженост изрази Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
„Имајќи ја предвид позиционираноста на Судскиот совет како највисок орган на судската власт кој треба да се залага за бескомпромисно почитување на принципот на владеење на правото и за обезбедување на независноста на судската власт како трет столб на власта“, велат од ДКСК.
„Блупринт групата за реформи во правосудството“ смета дека почитувањето на законот при секојдневното работење на една институција треба да се императив во нејзиното работење, а посебно кога станува збор за Судскиот совет, кој ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт.
Инаку вчерашната седница на Судскиот совет почна со низа обвинувања. Потпретседателот Адеми побара Дамева да биде разрешена, бидејќи како што рече, таа го криела писмото од американската амбасадорка Анџела Агелер и не им го давала на членовите. На ова реплицираше Дамева, која рече дека била на одмор, а тој како нејзин заменик го примил писмото и требало да го презентира.
Во писмото што американската амбасадорка го испрати до извршната и судска власт се изразува загриженост и разочарување околу големиот број предмети, што Апелација ги враќала на повторно судење, поради што во меѓувреме застареа дел од предметите кои се водеа против дел од обвинетите. Ова во изминатите недели се случуваше со пресудите против поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.
Весна Дамева беше избрана за претседателка на Судскиот совет на местото на Павлина Црвенковска во декември минатата година по предлог на претседателот Пендаровски.