Само во првите 48 часа откако беше пуштен во употреба, првиот дигитален асистент во јавниот сектор АДА услужил 1321 граѓани, се пофали вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Тој соопшти дека за да се заврши оваа работа би требале 6 вработени кои ќе работат по 8 часа дневно.
Битиќи претходно соопшти дека „за разлика од озборувањата дека јавниот сектор не е ефикасен, АДА ќе биде достапна 24/7“.
Кога вештачката интелигенција ќе сфати дека таа е единствената во јавниот сектор која всушност работи, прво ќе земе боледување, па ќе извади бугарски пасош и ќе замине да вози камион во Германија, се шегуваат граѓаните на социјалните мрежи.
Други се прашуваат што ќе прави АДА кога пред избори ќе треба да агитира по комшии да гласаат за да ѝ го продолжат договорот, а трети коментираат дека ова е првиот административец за кој се сигурни дека не е вработен преку партија.
Дел од граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека помпезно најавуваната АДА е далеку од вештачка интелигенција, и оти многу фирми веќе имаат такви дигитални асистенти за продажба.
Владата се пофали дека ова е прв дигитален асистент во јавниот сектор, но скопски Водовод лани ја промовираше АНА, како прв дигитален асистент во јавниот сектор.
Некои се прашуваат на кого личи АДА.
АДА е дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција, кој дава информации и услуги за граѓаните и бизнис секторот. Во оваа прва фаза, АДА ќе им ги нуди на граѓаните и фирмите сите информации за поддршка на инвестиции и условите за инвестирање во Технолошко индустриските развојни зони. Во моментов може да одговори на повеќе од 260 прашања и продолжува да учи, рече вицепремиерот Битиќи на настанот на кој го промовираа дигиталниот асистент.
Крајната цел на разговорот со АДА е да ги поврзе инвеститорите и граѓаните со вработените административни службеници од соодветната институција за да завршат работа. Во иднина АДА ќе дава и други услуги од јавниот сектор, велат во владата.
Инаку, АДА „зборува“ на македонски, албански и англиски јазик, а ја изработила македонската софтверска компанија Кодвел. Се вика АДА по грофицита Ада од Лавлејс која се смета дека е првата програмерка во историјата. Ада Лавлејс е британска математичарка и писателка од првата половина на 19 век, главно позната по својата работа на предложениот механички компјутер на Чарлс Бебиџ.