Патот на Шведска кон членство во НАТО останува блокиран од Турција и Унгарија, додека соседна Финска и официјално се приклучи на 30-члената алијанса, откако нејзината апликација беше ратификувана во рекордно време.
Аналитичарите не очекуваат Турција да ја ратификува апликацијата на Шведска најрано до изборите во Турција на 14 мај. Дури и тогаш, не е јасно што би предизвикало промена на мислењето на претседателот Таип Ердоган. Унгарија пак го следи водството на Анкара.
Руската инвазија на Украина во февруари минатата година ги убеди Шведска и Финска да се откажат од долгогодишната политика на воено неврзување.
Двете земји гледаат на Алијансата и нејзината колективна одбранбена клаузула, како на најдобар начин да се обезбеди нивната безбедност.
Мнозинството членки на НАТО брзо ги ратификуваа апликациите, тврдејќи дека Финска која дели 1.300 километри граница со Русија и Шведска ќе го зајакне сојузот на Балтикот.
По првичните приговори, турскиот парламент даде одобрение за членство на Финска минатата недела. Но, Турција ја одолговлекува Шведска, велејќи дека не ги сфаќа сериозно безбедносните грижи на Анкара и не ги исполнила своите обврски од договорот, постигнат во Мадрид минатата година, а кој постави голем број прашања што Стокхолм треба да ги реши.
Унгарија ја следеше Турција во одложувањето на ратификацијата, која мора да биде едногласна.
Зошто Турција се противи на членството на Шведска во НАТО?
Шведска ја критикуваше Турција за кршење на човековите права и поради демократските стандарди, што ги налути политичарите во Анкара.
Турција вели дека Стокхолм крие припадници на, како што вели, терористички групи, обвинение што Шведска го негира. Турција побара нивна екстрадиција како чекор кон ратификација на шведското членство, а судовите во Шведска блокираа некои протерувања.
Во последниве недели, Турција се спротистави на протестите во Стокхолм на кои беше запалена муслиманската света книга Куран, а во друга прилика беше обесен ликот на Ердоган наопаку.
Официјална Анкара вели дека тие биле злосторства од омраза. Шведска вели дека се работи за слобода на говор.
Во Турција се одржуваат избори на 14 мај, на кои Ердоган се соочува со најголемиот политички предизвик во последните две децении на власт. Прашањето за НАТО може да му помогне да се оттргне вниманието на гласачите од кризата со трошоците за живот.
Победа на опозицијата би била реална можност да се зголемат шансите на Шведска за брз пристап во НАТО.
Зошто Унгарија не го ратификува членството?
Унгарија вели дека Шведска со години има непријателски однос кон Будимпешта. Таа е лута поради шведските критики за премиерот Виктор Орбан за „ерозија“ на владеењето на правото. Орбан ги негира таквите критики. За разлика од Турција, Унгарија нема список со барања, но вели дека поплаките треба да се адресираат пред да може да го ратификува приемот на Шведска во НАТО.
Кога Турција ќе се согласи за членството на Шведска во НАТО?
Штом ќе поминат изборите, патот на Шведска може да биде појасен. Но, нема распоред и одобрувањето не е загарантирано.
Шведска вели дека го имплементирала Мадридскиот договор, вклучително и построги антитерористички закони и дека некои од другите барања на Анкара е невозможно да се исполнат.
Турција имаше претходни судири со сојузниците во НАТО, но се повлече.
„Гледајќи ги тие претходни инциденти, тие беа решени со притисок од сојузниците, преговори и некои отстапки од сојузниците. Моите очекувања се дека истото може да се постигне и овде“, рече Пол Левин, директор на Институтот за турски студии на Универзитетот во Стокхолм.
Може да дојде до промена по изборите или Ердоган можеби ќе сака да види дополнителни докази од Шведска дека ги послушала безбедносните грижи на Анкара.
„Во тој случај зборуваме можеби уште неколку месеци по летото. Но, тешко е да се предвиди“, вели Левин.
Дали е загрозена безбедноста на Шведска со одложувањето?
Шведска рече дека нејзината безбедносна позиција е подобра сега отколку пред нејзината апликација во НАТО. Шведска доби гаранции за поддршка од многу земји вклучувајќи ги Соединетите Држави, Велика Британија и Германија.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека би било незамисливо Алијансата да не ја поддржи Шведска доколку ѝ се заканува некаква безбедносна опасност.
Шведска веќе тесно соработува со НАТО и условите за интеграција се во напредна фаза. Шведска има силни воздушни сили и флота на подморници прилагодени на условите на Балтичкото Море – што е еден вид зајакнување на присуството на НАТО во регионот.
Извор: Ројтерс