Достапни линкови

И Велес е далеку ако одиш со воз


Архивска фотографија: Воз на железничка станица во Скопје
Архивска фотографија: Воз на железничка станица во Скопје

Брзината на дел од пругата Скопје – Велес е ограничена на 20 километри на час. Со оваа брзина човек не мора да се секира за промаја. Башка може да го стигне возот ако му избега, коментираат граѓаните на социјалните мрежи. Дете да пратиш на екскурзија, полнолетно ќе се врати.

За педесетина километри со воз од Скопје до Велес се потребни два часа, маратонците за толку време ќе стигнат со трчање. Ако човек оди пешки, во Велес ќе стигне за десетина часа, но до тогаш возот може да биде веќе во „далечната“ Битола, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Јавното претпријатие Македонски железници Инфраструктура ја ограничи брзината на возовите на делницата Скопје – Велес.

„Максималната брзина на пругата Скопје - Велес меѓу станиците Рајко Жинзифов и Велес ќе биде 20 километри на час. Истата важи до нејзино отповикување“, соопштија од Македонски железници Инфраструктура.

Наместо еден час, патувањето сега ќе трае скоро 2 часа.

Не е соопштена причина за намалувањето на брзината. Искуството на патниците вели дека во летниот период брзината на одредени делници се намалува поради топлото време и можноста од ширење на шините, но сега ограничувањето почна уште во март.

Повикувајќи се на свои извори, Плусинфо објавија дека раководството на Македонски железници - Инфраструктура склучило договор со Железници од Бугарија и оттаму изнајмило „мерна кола“, односно машина со која се утврдува состојбата на железничката пруга во Македонија. Резултатите биле застрашувачки.

„Мерната кола покажа дека е пругата на потегот Скопје-Велес е катастрофална. Целата е пропадната и уништена. По неа е опасно да се движат возови со брзина над 20 километри на час“, брифирале нивните извори.

Патниците веќе постираат видеа од „брзиот“ воз на социјалните мрежи.

Граѓаните се шегуваат дека брза кучка, слепи кучиња раѓа. Со оваа брзина човек не мора да се секира за промаја. Башка може да го стигне возот ако му избега.

Можете да слезете од возот, да наберете печурки или шумски плодови и повторно да се качите во истиот.

Статистиката покажува дека бројот на патници во железничкиот сообраќај за 20 години се намалил за три пати. Веројатно им е побрзо со велосипед.

Во ноември минатата година, возот од Скопје до Битола, на релација од 175 километри, патуваше 10 часа поради расипана локомотива која ја блокирала пругата кај Богомила. Пет часа се чекало да ја тргнат локомотивата. За споредба, од Пекинг до Шангај пругата е долга 1.300 километри, а патувањето со воз трае четири и пол часа. Да помисли човек дека Македонија е голема колку Русија.

Да испратиш дете на екскурзија, ќе се врати полнолетно, се шегуваат на социјалните мрежи.

Други, пак, потсетуваат дека ограничувањето не е на целата пруга, туку само на една помала делница.

Трети се шегуваат дека единствениот воз кој функционира во Македонија е само бугарскиот, кој вози само за избори.

Македонски железници е еден од најголемите загубари во државата. Долгот на фирмата се трупа со години и според податоците на Министерството за финансии, Македонски железници – Транспорт заклучно до крајот на 2022 година должи над 68 милиони евра. Македонски железници – Инфраструктура, пак, должи скоро 32 милиони евра.

Партиите скоро во секоја предизборна кампања ветуваат инвестиции во македонската железница. Но, сето тоа останува само напишано во нивните партиски програми. Се менуваат само директорите.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG