Достапни линкови

Половина од јавниот сектор на минималец


Деаноски - Со плата од 400 евра тешко ќе се привлечат работници од странство
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:46 0:00

Деаноски - Со плата од 400 евра тешко ќе се привлечат работници од странство

Околу 110.000 вработени во јавниот сектор земаат плата која е скоро колку минималната во државата, а токму ниските плати се главна причина поради која работниците заминуваат во странство, вели претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Во ваква ситуација администрацијата се повеќе останува без стручни кадри.

Г-не Деаноски, дали последното зголемување на минималната плата на 20.000 денари ќе даде ефект со оглед на растечката инфлација?

Мислам дека не. Минималната плата се зголемува на оваа сума токму заради инфлацијата. Во Законот за минимална плата имаме два критериуми по кој се предвидува порастот на минималната плата секоја година, од претходната година. Тоа се порастот на трошоците на живот и порастот на просечната плата. Токму поради големата инфлација што ја имавме во 2022 година, имаме пораст од 12,5 на минималната плата. Дали тоа ќе има некаква помош на граѓаните и на вработените во државата? Мислам дека помошта ќе биде апсолутно никаква, бидејќи ние од лани до сега имавме огромна инфлација. Иако Државниот завод за статистика вели дека инфлацијата е само 14 проценти, сите сме сведоци цените на основните производи за живот во маркетите се зголемени за над 100 процени на одредени производи. Така што, усогласување на минимална плата во износ од 2.107, апсолутно нема да помогне на никој во државата, имајќи ја предвид минималната кошничка која моментално изнесува над 50.000 денари. Тоа значи дека две и пол минимални плати ќе бидат доволни да се прехрани едно четиричлено семејство, без автомобил, според параметрите по кои се пресметува минималната плата.“

Со покачувањето на минималната плата пред еден година на 18 илјади излегоа многу проблеми, како на пример со изедначување на платите? Што се очекувате сега да се случи?

Истите проблеми ќе останат. Од наша страна се укажува со години наназад, особено УПОЗ укажува од 2015 година кога веќе ја имавме онаа урамниловка, односно преклоп на платите на најниските нивоа во администрацијата. Проблемот исто така останува што во последните закони за исплата на плата во администрацијата, нас веќе не поврзаа со минималната плата. Сега, со усогласувањето со оваа минимална плата, усогласување ќе добијат 27.000 вработени во јавниот сектор, додека другите 110.000 што остануваат нема да добијат никакво усогласување со порастот на минималната плата. И оние вработени кои што ќе го добијат, ќе бидат многу поблиску до минималната плата, отколку до просечната плата. Нашето укажување како УПОЗ од 2016 е дека ние мораме да бидеме поврзани со растот на просечната плата, а не со усогласувањето на минималната плата, од причина што моментално во администрација 97 проценти и повеќе се со потпросечна плата, а се поблиску до минималната плата. Кога ќе земете предвид дека цела категорија на референти, пет до шест илјади вработени само во администрација, се на разлика од 800 денари до минимална плата, ќе видите дека минималната плата е предоминантна во јавниот сектор и во администрацијата и нашата математика е дека околу 80.000 вработени во јавниот сектор се на ниво на минимална плата или 800 денари над минималната плата.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи изјави дека недостасуваат 10.000 работници во земјава. Верувате ли дека можат да привлечат работници од надвор со овие плати?

Мислам дека можат да привлечат работници кои ќе работат еден месец, но кога ќе дојдат тие вработени, како што кажа вицепремиерот од Бангладеш или Пакистан, ќе останат во нашата држава еден месец и потоа ќе им биде отворена врата за да заминат во западно европските земји каде што исто така имаат голема потреба за работници, а имаат поголеми плати. Жално е да се каже, бидејќи ние предупредуваме на тоа, дека во секоја област на државата ни фалат работници, особено во градежништво, угостителство и туризмот, а државата спиеше. Моментално фалат работници буквално секаде: јавен сектор, приватен сектор имаме недостиг на работници. Имаме информации дека моментално текстилни компании даваат парични награди на моментално вработените доколку привлечат нови вработени. Државата тоа не го прави. Во администрација ни фалат стручни кадри: ни фалат ИТ инженери, правници, економисти, архитекти, цивилни инженери... Нив не можете да ги привлечете да дојдат да работат во администрација кога почетната плата што ја добиваат тие вработени е 23.000 денари. Ако одат во приватен сектор изнесува 50.000 денари, а ако заминат од границите на државата веќе тоа е многу повеќе. Пред неколку дена излезе податок од Синдикатот на градежници дека само во една година бројот на градежни работници се намалил за 12.000 луѓе кои заминале во странство. Сега ќе дојде лето и македонските административци се јавуваат како сезонски работници во странство. Источниот дел на државата заминуваат на неплатено отсуство и работат во Италија и Австрија, западниот дел во Германија и Швајцарија и сега најново е заминуваат да работат на јадранскиот брег како готвачи и келнери за да можат со тие пари што ќе ги донесат да ја поминат годината во Македонија.

Веќе работата во администрацијата, особено за стручњаците, не е атрактивна и луѓето си заминуваат? Дали администрацијата е под закана да остане без стручен кадар?

Апсолутно. Веќе имаме голем број на вработени кои заминаа во пензија. Најстручните кадри немаа можност да обучат прием на нови кадри. Веќе не е атрактивно работењето во администрацијата како порано, меѓутоа за жал не се слуша нашиот апел. Ние бараме со години наназад мораториум за вработување во јавен сектор, да се даде можност на моментално вработените, преку унапредување и мотивација, да добијат поголеми плати и да ги задржиме во државата. Ние секогаш имаме прием на нови и нестручни кадри и нема кој да ги обучи.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG