Вести
Спасовски: Очекувам во текот на денот да биде расчистен инцидентот во Бутел

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со синоќешниот инцидент во Бутел во кој меѓу нападнатите има и полициски службеник, изјави дека се приведени две лица, а се трага по уште тројца.
„Има лица кои со другото возило практично го напуштиле лице местото. Очекувам дека наскоро и тие ќе бидат приведени кон лицето на правдата“, рече Спасовски, на прес-конференција и додаде дека очекува до крајот на денов да завршат сите активности во однос на расчистување на овој случај.
Спасовски вели дека според првичните проценки нема поврзаност на овој со случајот со двојното убиство во старата скопска чаршија што се случи пред неколку дена, но оти треба да се почека истрагата целосно да заврши.
„Мотивите се криминални пресметки на одредени структури, секако дека подетално за мотивите ќе кажеме на крајот од истрагата. Меѓутоа тоа ќе биде во фаза кога ќе бидат прибрани сите докази и кога ќе можеме да соопштиме во јавноста“, одговори Спасовски.
Синоќа повеќе напаѓачи со две возила попречиле пат на тројца скопјани меѓу кои полицаец кој не бил на смена и физички ги нападнале. Како предупредување полицаецот извадил пиштол и испукал во воздух неколку куршуми. Инцидентот се случил на улица Карпош во Скопје во близина на клучката за Радишани. Претходно, на 06 март двајца мажи беа убиени, во вооружена престрелка во кафе бар во Старата скопска чаршија.
види ги сите денешни вести
Белград: Студенти, наставници и средношколци протестираат пред Министерството за образование

Неколку илјади луѓе се собраа пред Министерството за образование во Белград на протестот на просветните работници под паролата „Вие сте одговорни! Од вас зависи!".
На протестот се собраа и средношколците и студентите, а улицата каде што се наоѓа зградата на Министерството е затворена за сообраќај – јави репортерката на РСЕ.
Може да се видат знамињата на факултетите и Универзитетот во Белград, како и транспаренти со училишни обележја.
Учесниците извикуваат „Сите со просветата" и „Сите во штрајк".
На протестот дојдоа просветни работници и од другите градови во Србија.
Граѓаните прочитаа заедничко соопштение во кое организаторите наведуваат дека според нив, најголемата одговорност за моменталната состојба во ресорот, ја носи Министерството кое како што сметаат, на никаков начин не придонело барањата на студентите, учениците и наставниците да бидат исполнети.
Ѓорѓе Марковиќ, актер и доцент на Факултетот за драмски уметности во Белград, се обрати на собирот наведувајќи дека пред зградата на Министерството се наоѓаат претставници на повеќе од 100 училишта и факултети од повеќе градови на Србија.
„Сакаме да им порачаме на вработените во оваа Министерство – вие сте одговори и од вас зависи“, рече Марковиќ.
Како што се наведува во најавата за собирот, ова е првпат да биде организиран протест од претставници на три нивоа во образованието, со поддршка од студентите. Протестот се одржува во неделата кога има целосен прекин на наставата, кој почна на 24 февруари.
Просветните работници кои протестираат бараат да престанат репресивните мерки кон вработените кои штрајкуваат, како и измени и дополнувања на посебниот колективен договор кој синдикатите го потпишаа со Министерството.
Тие бараат и да се подобри материјалната позиција на сите вработени во образованието.
Бараат и да се намали административниот дел од работата, но и да се создаде можност за училишните одбори да бидат избирани од директорите, а не од министрите за образование.
Покрај тоа, тие им даваат поддршка на студентите во блокадата и бараат исполнување на сите нивни барања.
Студентите пак, кои блокираат повеќе од 60 факултети низ целата земја, бараат политичка и кривична одговорност за падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15 лица, а две лица беа потешко повредени.
Колку училишта се во штрајк?
На протестот во Белград, се планира да бидат пречекани професорите од Универзитетот во Нови Сад, кои започнаа штафетен маратон до Белград.
Српското министерство за образование во писмен одговор до Радио Слободна Европа наведе дека денеска (25 февруари) наставата се одвива во 93 проценти од основните и средните училишта, додека во седум проценти од училиштата часовите се во целосен прекин.
Од Министерството не го прецизираа процентот на училишта во кои часовите се во прекин само делумно.
Министерката за образование, Славица Џукиќ Дејановиќ во изјава за Радио Слободна Европа на 21 февруари рече дека секој ќе биде платен „колку што работи".
Ова беше потврдено уште еднаш на 24 февруари, кога Министерството за образование испрати допис до сите основни и средни училишта во Србија, во кое се прецизира на кој начин ќе се пресметуваат платите за февруари, со што ќе се намалат платите на наставниците кои штрајкуваат.
Естонија прва во светот воведува четботови во училиштата

Естонија е првата земја во светот која отпочна иницијатива за интегрирање на четботови и други алатки од областа на вештачката интелигенција специјализирани за образование, во националниот образовен систем – соопшти естонската влада.
Од 1-ви септември односно од почетокот на новата учебна година, 20.000 средношколци во 10-то и 11-то одделение и 3.000 наставници ќе имаат слободен пристап до „ЧетЏиПиТи Еду“ (ChatGPT Edu), алатката на „Опен ЕјАј“ (OpenAI), како и други алатки за вештачка интелигенција, се наведува во соопштението на владата.
Планирано е следната година програмата да се прошири и на стручните училишта, што значи уште 38.000 ученици и 2.000 наставници – пренесе Еурактив.
„Конкурентноста на Естонија зависи од тоа колку добро ги подготвуваме младите луѓе за ерата на вештачката интелигенција", изјави министерката за образование Кристина Калас, додавајќи дека Естонија ќе инвестира многу во обука на наставници како дел од програмата AI Lip (Leap).
Програмата ќе биде финансирана од страна на јавно-приватната фондација AI Lip, развиена од страна на Претседателскиот дигитален совет и Министерството за образование и истражување, и во која учествуваат голем број на приватни претприемачи.
Специфичните задачи, членовите и моделот на финансирање на фондацијата ќе бидат договорени во март.
Во соопштението се додава дека се започнати преговори со OpenAi и Antropik и дека се планира да се вклучат и други провајдери.
Владата го усвои предлогот за разрешување на Коцевски

Владата на денешната седница го усвои предлогот за разрешување на јавниот обвинител, Љупчо Коцевски – јави агенцијата МИА.
Од Владата информираат дека по завршување на владините прцедури предлогот ќе биде испратен до Советот за јавни обвинители од каде согласно законските рокови Советот треба да испрати мислење во рок од 15 дена.
Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Коцевски кој беше избран на оваа позиција пред една година, а неговиот мандат трае шест години.
Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата, го изготви Предлог-мислењето за разрешување на државниот јавен обвинител.
- Во изминатиот период бевме сведоци на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство, соопшти Министерството за правда.
Државниот јавен обвинител, како што велат од Министерството за правда, постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе.
Републичкиот обвинител Коцевски го демантира тврдењето дека незаконски постапил посочувајќи дека го следел законот и роковите во него. Тој изјави дека ќе се произнесе по предлогот за негово разрешување откако Владата ќе го достави до Советот на јавни обвинители.
Во однос на барањето на премиерот Христијан Мицкоски да ја напушти функцијата, Коцевски рече дека ќе одговори откако ќе ги види основите предвидени во Законот за јавно обвинителство. Доколку се утврди дека навистина има тешка дисциплинска повреда, тој рече дека сам ќе се повлече од функцијата.
Премиерот Мицкоски во изјава за медиумите кажа дека постапката може да трае неколку недели или месеци, согласно законот.
Одговарајќи на новинарски прашања за тоа дали на денешната владина седница ќе се разгледа и прифати предлогот за разрешувањето на Коцевски, појасни дека Владата не може да го разреши, туку може само да ја отпочне постапката.
-Апсолутно не можеме ние како Влада да го разрешиме, туку можеме да ја отпочнеме постапката. Како што имам информација треба да се испрати дописот до Советот на јавни обвинители, па таму во рок од 15 дена да чекаме мислење. Оваа процедура ќе потрае, нема да заврши инстант брзо. Таков е законот - рече Мицкоски.
За 20 години, тројца лекари трајно останале без лиценца

Во регистерот на Лекарската комора во моментот се евидентирани 9.900 активни лиценци. Од Комората сепак, велат дека очекуваат бројот да се зголеми со оглед на фактот дека деновиве се полага државен испит.
Лекарската комора денеска (25 февруари) одбележа 20 години од добивањето овластувања да организира полагање на стручен испит, да издава лиценци за работа и да акретитира настани од континуирана медицинска едукација. На одбележувањето на 20-годишниот јубилеј, Комората додели нови лиценци за работа на доктори на медицина.
Претседателката на Комората, д-р Калина Гривчева Старделова рече дека првото лиценцирање во нашата држава било одобрено во 2004 година и се прави во циклуси на секои седум години.
„Од првата до наредната треба да се има четири години работа со пациенти во континуитет и 20 бода годишно, значи дека тие доктори биле на некаква медицинска едукација. Годинава обновуваме лиценци на оние што почнале од први, на 1.500 лекари“, појасни Калина Гривчева Старделова.
Но, покрај издадените лиценци, во изминатите 20 години, по судска одлука тројца лекари трајно останале без лиценци, а кај двајца биле привремено одземени. Најчеста причина за одземањето, според претседатлката на Лекарската комора, било поради утврдена лекарска грешка.
Таа наведе дека важењето на лиценците им престанало на 3.384 лекари, по различни основи.
„Да одземете на некого лиценца тоа значи дека не може никогаш повеќе да работи. Мора да има добра причина за тоа, нашиот Закон кажува дека судската пресуда докажува дека настанале смртни последици од недобро работење на доктор и дека тој не треба да ја работи таа дејност. Постои опција и министер да побара одземање лиценца на доктор од оправдани причини за тоа. Кога добиваме судска пресуда или барање од министер ја свикуваме етичката комисија и таа го проследува до судот во честа“, истакна Гривчева Старделова.
Во однос на тоа колку лекари ја напуштиле државата и колку се вратиле повторно назад, појасни дека во регистерот на Комората влегуваат само оние доктори кои положиле државен испит.
„Тие имаат обврска да пријават промена на работно место, телефон, меил адреси, но за жал тие што не положиле државен испит не се во нашиот регистер (тоа се добар дел од колегите кои си одат од државата), немаат обврска да пријават дали одат за стално“, рече Гривчева Старделова, нагласувајќи дека има и такви кои се враќаат повторно во државата но во помал број.
Од четврток локални врнежи од дожд

Следува период на променливо облачно време со услови за појава на утринска магла по котлините.
Локални врнежи од дожд ќе има од четврток, а поради продор на постудена воздушна маса од север во недела на планините и на некои повисоки места врнежите ќе бидат од снег - соопшти УХМР.
Утре се очекува променливо облачно време со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне во делови од котлината со појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Законските измени за онлајн игрите на среќа поминаа во прво читање во Собранието

Едногласна поддршка дадоа пратениците во првото читање на предлог законот за изменување и дополнување на Законот за електронски комуникации, со кој се пристапува кон регулирање на онлајн приредувањето игри на среќа и санкционирањето на злоупотребите.
На 34. седница на Собранието на која оваа точка се најде на дневен ред, образложение за предложените законски измени даде министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски. Тој нагласи дека главната цел е да се спречи нелегалното коцкање и да се заштитат граѓаните од злоупотреби и финансиски малверзации.
„Измените во овој закон ќе ни овозможат како Министерство да се справуваме со овие прашања, во соработка со Министерството за финансии и Агенцијата за електронски комуникации“, ресе ресорниот министер.
Тој објасни дека по добиено известување од државниот приредувач на игри на среќа за тоа кои провајдери немаат добиено лиценца за приредување онлајн игри на среќа и по верификација од Министерството за финансии на кои ентитети се издадени лиценци, Министерството за дигитална трансформација ќе испрати налог до Агенцијата за електронски комуникации за прекинување на правото на пристап до овие провајдери, односно веб страници.
На овој начин, ќе им се забрани пристапот до нив за граѓаните од Македонија.
„Во втора фаза, ако некој од чинителите не постапува, овој закон ни дозволува можност и за прекршочни одредби и санкции кон оние институции кои нема да сакаат да постапуваат“, истакна Андоновски.
При подготовката на предложените законски измени тој нагласи дека се користени компаритивните искуства од Република Хрватска поради сличниот политички, економски и уставно-правен модел на македонскиот, а таму целата проблематика ја регулирало Министерството за финансии кои открило повеќе од 600 нелегални приредувачи на игри на среќа.
„Кај нас Агенцијата за електронски комуникации ќе води јавен, транспарентен регистар на оние институции коишто имаат забрана, односно на оние веб-страници што се забранети за пристап заради нелегалното приредување игри на среќа“, додаде Андоновски.
Министерот истакна дека по донесувањето законските измени веднаш ќе бидат имплементирани, односно наместо во предвидениот рок од 90 дена за донесување на подзаконските акти, веќе следната недела по објавувањето во Службен весник истите ќе бидат операционализирани.
Во дискусиите по предложените законски измени пратениците нагласија дека во државата се издадени 48 лиценци на компании за организирање игри на среќа, но евидентирани се околу 160 нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа, а граѓаните досега на коцкање потрошиле 210 милиони евра.
Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за електронски комуникации ќе оди на второ читање и ќе се достави до Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање и до Законодавно-правната комисија на Собранието.
СДСМ го обвинува Меџити за корупција, за власта тоа се измислици

СДСМ денеска достави документи до премиерот, Христијан Мицкоски во врска со нивните тврдења за сомнежите дека постои корупција и неправилности во работата на првиот вицепремиер, Изет Меџити.
„Чувствуваме одговорност да реагираме веднаш откако Мицкоски јавно повика да му се достават докази за сомнежите дека постои корупција и неправилности во работата. Еве ги тие документи кои се доставени до нас од свиркачи кои се од државни институции со архивски броеви, печати и со потписи“, рече во изјава за медиумите портпаролката на партијата, Богданка Кузеска пред да ги достави документите во Владата.
-Овде е јасно наведено дека Државниот управен инспекторат констатирал неправилности во работењето дека Меџити ги пречекорувал своите законски овластувања, лично потпишувајќи ги сите предмети. Дали на овој начин сакал да воспостави контрола и да има простор за уцени кон фирмите и кон граѓаните – праша Кузеска.
Таа додаде дека во Министерството за животна средина, според наведеното во приложените документи бил поставен систем за потпис и одлучување спротивно на законите и админстративните процедури што остава сомнеж за корупција и за мито.
Од партијата очекуваат премиерот во најбрз можен рок да ги разгледа и да ги повика надлежните институции да реагираат.
Меџити: Административна или архивска работа не е скандал
Вицепремиерот и министер за животна средина, Меџити смета дека административна или архивска работа да се прикаже како голем скандал.
Одговарајќи на новинарско прашање за денешното доставување документи во Владата од страна на опозицијата, тој рече дека вакви тврдења прво имало од ДУИ.
„Сега за жал, СДСМ оди по нивна памет и се гледа дека се синхронизирани во нападите. Прво се зборуваше за одземање на ингеренции на Министерството за животна средина, а кога увидоа дека Инспекторатот кој бил автономен во нивно време сега е дел од Министерството, како сектор, отидоа на второто обвинување дека има простор за злоупотреба констатиран во Административниот инспекторат“, посочи Меџити.
Сепак, тој истакна дека се работи за редовна контрола која била во програмата на Државниот административен инспекторат.
„Имаат опомена со забелешка за некоја воспоставена пракса, не за ингеренции или за нешто друго. Ваквата пракса е воспоставена од 2016 година кога министер за животна средина бил Нуран Изаири, па продолжила со Башким Ахмети, Садула Дураку, Насер Нуредини и завршила со Каја Шукова. Тоа се редица на министри токму од СДСМ и ДУИ“, изјави Меџити.
Посочи дека Управниот инспекторат е само опоменат и дека веќе ја обжалил опомената.
По денешното доставување на документите во Владата, од ВМРО-ДПМНЕ реагираа преку писмено соопштение во кое обвинија дека опозициската СДСМ е „потоната во корупција и криминал“.
СДС да каже до каде се со Груби, му кажаа ли да се врати или му сугерираат да се крие, како што дозволија да краде?
СДС да каже до каде се со Груби, му кажаа ли да се врати или му сугерираат да се крие, како што дозволија да краде? Ниту една измислена кованица за Изет Меџити, не може да направи паралела, ниту да ги ослободи од вината, дека не го апсеа Груби од страв да не им падне владата, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение.
Во Собранието почна надзорната расправа за аерозагадувањето

Во Собранието почна надзорната расправа за аерозагадувањето што ја организира собраниската Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.
Претседателот на Комисијата, Димитар Апасиев на почетокот на расправата рече дека неа ја побарале 20 пратеници на почетокот на годинава, повикувајќи се на правото на здрава животна средина кое е гарантирано во член 43 од Уставот и на ратификувани меѓународни конвенции.
Пред почетокот на расправата, Апасиев на прес конференција изјави дека доколку собранискиот спикер, Африм Гаши донесеше решение за поништување на надзорната расправа на Анкетната комисија, тоа би било предмет на понатамошна судска постапка пред Уставниот суд.
На надзорната расправа ќе бидат сослушани овластени претставници и сведоци поделени во шест сесии – претставници од невладини организации, академската заедница, единиците на локалната самоуправа, јавни институции, владини претставници и од приватен сектор.
Апасиев соопшти дека владини претставници не се одѕвале на поканата да учествуваат на надзорната расправа, а дека покана добиле премиерот Христијан Мицкоски, министерот за животна средина и прв вицепремиер Изет Меџити и министерката за енергетика Сања Божиновска.
Прв кого пратениците го сослушуваа на расправата е Бојан Трпевски од Здружението на млади правници. Тој рече дека судската практика не предвидува заштита на човековите права и судовите не утврдуваат правна одговорност во областа на животната средина. Според него, тоа е еден од предизвиците со кои се соочува државата.
Нивното здружение има две тужби во судовите во Скопје и Битола, против Влада и против Град Скопје, односно против МЖСПП и Општина Битола, како и поведени други постапки за загаден воздух и диви депонии и неправилно управување со отпад.
За жал, рече Трпевски, сите се отфрлени, а една е пред Судот во Стразбур. Тековно имаат пред Виш управен суд постапка по жалба.
„Нашето истражување од 2023 укажува на намалување на бројот на податоци за среднодневните концентрации на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички што укажува дека државните мониторинг мерки станици се соочуваат со проблеми во обезбедување континуирани податоци за концентрација на честичките“, додаде Трпевски.
Во однос на мерките од Владата за справување со аерозагадуваето, како што рече, воопшто не спорат дека мерки се преземаат, но дека е поважно да се согледаат ефектите и да се има стратешки пристап наместо ад хок мерки.
Според него, клучно е финансирањето за спроведување на законите во областа на животната средина и е нужно поголемо издвојување на средства од Буџетот.
„Она што сметаме дека е многу поважно прашање е кој е ефектот од тие мерки што ги презема не само оваа Влада туку и во подолг период, затоа што граничните вредности за концентрација на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички, кои се најпроблематични, во континуитет се надминуваат секоја годна над дозволеното ниво односно над 35 дена, согласно нашето законодавство“, рече претставникот од Здружението на млади правници, одговарајќи на прашања на пратениците.
Трговците, според законските измени, треба да ги објавуваат цените и на своите веб страници

Трговците на мало (малите, средните и големите) да ги објавуваат цените на производите на своите веб страници за потрошувачите да бидат подобро информирани. Оние пак, што имаат повеќе од еден продажен објект, да ги објавуваат цените на стоките поединечно, за секој свој продажен објект. Ова го налага Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите што денеска го разгледа собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика.
Според законските измени, од ваквата обврска се ослободени микротрговците и трговците-поединци, јави агенцијата МИА.
„Како владејачко мнозинство ќе наметнеме обврска сите мали, средни и големи трговци да креираат веб страница на која ќе ја наведуваат цената на производите за секој нивен маркет на дневно ниво, а Државниот пазарен инспекторат по иста основа да казнува ако тоа не го направат“, нагласи Бојан Стојановски, претседател на Комисијата и еден од предлагачите на законот.
Целта на Предлог-законот, се наведува во образложението, е да се заштитат интересите на потрошувачите и да се обезбеди основа за нивна подобра информираност за цените на производите и за олеснување на споредливоста на цените.
Ваквото законско решение се очекува да доведе до фер конкуренција и пониски цени, особено во секторот на прехранбени производи, при што ќе може да се направат и апликации и веб-страници кои ќе им овозможат на потрошувачите да ги споредуваат цените помеѓу различните трговци на мало.
Продажната и единична цена треба да бидат јасно означени на видлив и читлив начин за потрошувачот да има подобра прегледност и споредливост на цените – се додава во образложението.
Вакви законски решенија не се новина и се содржани во законите од областа на заштитата на потрошувачите и успешно се применуваат во Франција и во други држави. Франција има строги правила за заштита на потрошувачите и фер конкуренција, особено во прехранбениот сектор. Овие правила се регулирани во Законот за заштита на потрошувачите и европските директиви за електронска трговија.
Освен тоа, наведените измени и дополнувања се во согласност со Директивата 98/6/ЕЗ на Европскиот парламент и на Советот од 16 февруари 1998 година за заштитата на потрошувачите при означувањето на цените на стоките што им се нудат на потрошувачите, која е транспонирана во предметниот закон.
Предлог-законот предвидува и соодветно дополнување на прекршочните одредби од Законот за заштита на потрошувачите со глоби за трговците кои ќе постапат спротивно на одредбите од овој закон и на одредбите за овластувањата што ги имаат државните пазарни инспектори.
Разгледани и измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини
Комисијата го разгледа и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини. Целта на законот е менување на начинот на распределба на концесискиот надоместок за експлоатирана количина минералната суровина во случај кога се преработува и/или се одлага јаловината од преработката на територија на друга општина од општината на чија територија се врши концесиската дејност.
Во тој случај, како што објасни пратеничката Моника Трајанова од ВМРО-ДПМНЕ, Владата со одлука ќе го распредели концесискиот надоместок за експлоатирана количина минерална суровина меѓу општината на која се врши концесиската дејност и општините на чија територија се преработува и одлага јаловината од преработката на минералната суровина.
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини се поднесени од група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Законите треба да се донесат по скратена постапка, а ставени се на дневен ред и на денешната 35. собраниска седница.
Српското обвинителство ја проверува работата на невладини организации, полиција во неколку канцеларии

Вишото јавно обвинителство во Белград објави дека отворило случај за сомневање за злоупотреба на средствата на американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) од страна на невладини организации во Србија.
Обвинителството потврди дека на 25 февруари полицијата „започнала да собира информации“ во врска со работата на четири невладини организации: Центарот за истражување, транспарентност и отчетност (ЦРТА), Граѓански иницијативи, Центарот за практична политика и Фондацијата Траг.
„Со цел да се проверат наводите и да се соберат докази во врска со сомневањата за злоупотреба на средства на УСАИД и можно перење пари, Специјалното одделение за сузбивање на корупцијата испрати барање до полицијата да ги собере потребните информации“, изјави главниот јавен обвинител Ненад Стефановиќ.
Тој додаде дека е наредено „засега“ да се земе сета документација поврзана со донациите на УСАИД од четири невладини организации, како и да се направат разговори со одговорните лица.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на 24 февруари изјави дека „Србија ќе му помогне на американското Федерално биро за истраги (ФБИ) во истрагата за финансирањето на српските невладини организации од УСАИД и Националната фондација за демократија.
Невладиното здружение Граѓански иницијативи преку соопштение за медиумите потврди дека полицијата влегла во нивните простории на 25 јануари.
„Ова е сериозен напад врз основните граѓански права и продолжување на незаконскиот притисок врз граѓанското општество во Србија. Владејачките структури се обидуваат да спроведат механизми на заплашување и прогон без да го усвојат Законот за странски агенти“, се вели во соопштението на Граѓанските иницијативи.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја ограничи работата на американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД) кога на 24 јануари нареди замрзнување на трошоците за 90 дена.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете