По успесите во градежниот и туристичкиот бизнис, црквата сега влегува и во медиумскиот бизнис, иронизираат граѓаните на социјалните мрежи.
Владиката Петар отвора локална телевизија во скопскиот регион. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на седницата одржана во понеделникот, ѝ даде дозвола на компанијата „Преобразба“, чиј основач, сопственик и управител е теологот Петар Каревски, кое е световно име Митрополитот преспанско-пелагониски Петар.
Телевизијата доби дозвола за општ, претежно забавен формат, каков што имаат најголемиот дел од телевизиските станици во државава. Според неофицијалните информации на Телма, зад проектот стои Македонската православна црква.
Според информации на Телма, опремата за телевизијата на компанијата „Преобразба“ чиј сопственик е Владиката Петар, е од поранешната скопска локална ТВ Амазон, која во 90-тите години беше позната по филмовите за возрасни во вечерните часови.
Македонската православна црква е една од најимотните институции во земјата. Според истражувањето на Радио Слободна Европа, на името на МПЦ има над 3400 имотни листови. Црквата поседува милиони метри квадратни во плацеви, пасишта, ниви, шуми, овоштарници, лозја и станови.
Црквата дојде во фокусот на јавноста и по аферата со изградбата на спорните висококатници кај Холидеј ин во центарот на Скопје. Сопственик на земјиштето беше фирмата „Обновители“, која пак е во косопственост на МПЦ. Антикорупциската комисија тврди дека дозволата за градба е незаконски издадена.
МПЦ исто така е сопственик на луксузниот струшки хотел Изгрев, кого исто така го следеа бројни афери. Во 2008 година сопствениците на струшката фирма „Миладинови“, која заедно со МПЦ стопанисуваше со хотелот, беа обвинети дека направиле злоупотреби затоа што зеле кредити од странски банки за реновирање на хотелот, но ги користеле за други цели, без намера воопшто да ги вратат парите, а ставајќи го хотелот како залог. Браќата беа на суд, добија затворски казни, но подоцна беа ослободени од повисоките инстанци. Ниту едно лице од МПЦ не беше обвинето. Во 2013 година, хотелот под концесија го зеде туристичка агенција од Скопје.
Инаку, црковните медиуми не се нешто ново или непознато во светот. Католичката црква има свои радија и телевизии ширум светот. Руската православна црква ja има ТВ Спас, Српската православна црква ТВ Храм итн.