Достапни линкови

Гоце Делчев работел за иднината, ние што правиме?


Сотир Габеловски, член на Секретаријат за меѓународна соработка на СДММ
Сотир Габеловски, член на Секретаријат за меѓународна соработка на СДММ

Наместо да извлекуваме поуки од минатото, ние остануваме заглавени таму. Само учениците кои се отпишале од училиште пред второто полугодие се со умот во иднината, пишува во младинската колумна Сотир Габеловски, член на Секретаријат за меѓународна соработка на СДММ

Додека се расправаме за историја ученици се отпишуваат од училишта и фамилијарно ја напуштаат Македонија. Ова е само доказ колку повеќе зборуваме за минатото отколку иднината, и последиците се такви какви што се.
2023-та година започна со објавување на податоци од градови од источна, западна и централна Македонија кои велат дека десетици и десетици ученици се отпишале од училиште. Тоа го направиле за да отпатуваат во странство, најверојатно, на долг рок. Овие луѓе се изгубени за нашата држава.

Овие настани дојдоа кога во земјава се одбележуваше 4-ти февруари, голем ден од нашата историја кога повторно актуелна стана темата на предавници и патриоти, а односите со Бугарија на оваа тема повторно беа во фокусот.

Проблемот е во тоа што од преголемиот фокус на историјата, како последица на заладените односи со Бугарија, забораваме на процесите кои негативно ќе ја одредат нашата иднина. Гоце Делчев е наш идентитет и треба да ја негуваме неговата оставина и Даскалот да не биде никогаш заборавен.

Но, треба да земеме пример од него и како тој што се борел за иднината, да се бориме и ние. Тој работел и се борел за слободна република, ние за што се бориме? Знаеме ли?

Навлеговме толку длабоко што податоците за отпишани ученици и најава за увоз на работна сила помина без многу искажани впечатоци, превирања, статуси и твитови. И овие два аспекти зборуваат многу за тоа што ќе се случува со нашата држава. Најпрво, реториката посветена на историјата ќе продолжи да доминира во јавниот дискурс, иако многу информации алудираат на многу повисоки и геополитички интереси кои ги нарушуваат односите со Бугарија.

Второ, замавот на иселување ќе продолжи затоа што процесите на увоз на работна сила се многу порано започнати во европските земји кои нудат можност за наши државјани релативно лесно да најдат работа надвор. И трета работа е што веќе правиме планови за увоз на работна сила, затоа што ако тоа го немаме нема инвестиции, нема производство, нема опстанок на државата.

Овие процеси се застрашувачки. Од една страна, реториката сè уште не е она што треба да биде. Не се научивме да работиме заедно за иднината, а не разбираме дека секој нареден ден може да биде предоцна. Од друга страна, квази-патриотизмот и чукањето во гради продолжува. Но, тоа не придонесува младите да не се иселуваат, корупцијата да се намали, повеќе пари да влегуваат во домаќинствата. Наместо да извлекуваме поуки од минатото, ние остануваме заглавени таму. Само учениците кои се отпишале од училиште пред второто полугодие се со умот во иднината.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG