Достапни линкови

Половина граѓани не веруваат во ЕУ, другата половина е веќе таму


Архивска фотографија: Човек со маица со знамето на ЕУ претура по контејнери во Скопје
Архивска фотографија: Човек со маица со знамето на ЕУ претура по контејнери во Скопје

Бројот на граѓани кои сметаат дека членство на Македонија во ЕУ е добра работа драстично се намалил во изминатата година од 69 на 49 отсто. Од друга страна, над 40 отсто од граѓаните би се иселиле кога би можеле. Бугарската блокада на евроинтеграциите го зголеми негативниот став кон Бугарија.

Драстично опадна бројот на граѓани кои поддржуваат членство на Македонија во Европската унија (ЕУ). Сепак, намерата за иселување не се намалува.

Според истражувањето на Еврометар на Центарот за европски стратегии Евротинк, кое беше објавено вчера, само 49 отсто од граѓаните одговориле дека членството на Македонија во ЕУ би била добра работа, што е намалување за дури 20 процентни поени од лани, кога 69 отсто од граѓаните сметале дека членството во ЕУ е добро за Македонија. Две третини од граѓаните сметаат дека односот на ЕУ кон Македонија е нефер, надмен и уценувачки.

Од друга страна, истражувањето на Брима од минатата недела покажува дека над 40 отсто од граѓаните би се иселиле од државата. Земјите од ЕУ се најчестите иселенички дестинации.

Повеќе од половина од анкетираните одговориле дека владата лошо ја води борбата против корупцијата, а само 3 отсто и дале одлична оценка. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека со вештачка интелигенција ќе се бориме против корупцијата. Оние кои имаат природна веќе кренаа раце и заминаа, реагираат граѓаните на социјалните мрежи.

Желбата за „бегање“ е најголема кај младите. Ланското истражување на Фондацијата за демократија на Вестиминстер покажа дека скоро 60 отсто од младите би се иселиле од државата.

Анкетата на Евротинк покажува дека главна причина се редот и парите. Една третина од граѓаните ја сметаат ЕУ за доминантен економски фактор, 22 проценти за унија базирана на правила и прописи, а само 8 проценти за унија на вредности и норми.

Бугарската блокада на македонските евроинтеграции ја зголеми недовербата дека земјава воопшто ќе влезе во ЕУ. Само 12 отсто од анкетираните одговориле дека Македонија може да очекува влез во ЕУ во наредните 5 години, а една третина сметаат дека никогаш нема да влезе. Пред две години, дури 40 отсто од граѓаните сметале дека членството во ЕУ е на дофат.

Бугарија ги блокира македонските евроинтеграции поради историски, јазичен и идентитетски спор. Услов за откочување на евроинтеграциите е внесување на Бугарите во Уставот, за што во моментов го нема потребното двотретинско мнозинство во Собранието.

Токму затоа, над 27 отсто од граѓаните ја сметаат Бугарија за најголема закана за Македонија. На второ место е Русија со 4 проценти. Од друга страна, 37 отсто од граѓаните ја сметаат Србија за најпријателска земја. По неа се САД со 14,4 проценти, и Турција и ЕУ со над 8 проценти.

Шеесет и еден процент од 1006-те телефонски испитаници во анкетата на Евротинк одговориле дека Македонија не е демократска земја, а 72 отсто дека работите во државата се движат во погрешна насока.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG