Реалните плати во Македонија во изминатата година се намалија за скоро 5 отсто, иако луѓето просечно добиваат повеќе пари.
Главна причина за падот е зголемувањето на трошоците за живот од скоро 19 отсто. Тоа значи дека 30 илјади денари денеска вредат колку 24 илјади денари лани.
Македонија има најголема стапка на инфлација во регионот, па затоа и има најголем пад на вредноста на платата.
Црна Гора има голем раст на просечната плата од 35 отсто, па дури ни инфлацијата не успеа да ја обезвредни. Реалниот раст е над 15 отсто.
Вредноста на просечната плата во Србија и во Босна и Херцеговина е намалена за 1 до 2 проценти во изминатата година, а во Албанија е зголемена за 1 процент, главно затоа што нашиот западен сосед има најниска инфлација.
За Косово нема податоци.
Изминатата 2022 година беше година на рекордна инфлација, прво поради забрзувањето на глобалната економија по укинувањето на антиковид мерките во светот, а потоа и поради руската инвазија врз Украина, која предизвика драстично зголемување на цените на енергенсите.
Инфлацијата изеде 90 евра од просечната плата во Македонија
Просечната плата во Македонија во ноември била 33011 денари (535 евра), што е за над 13 отсто повеќе од истиот месец во 2021 година, кога била 29.130 денари. Сепак, овие 33 илјади денари денеска, вредат колку 27.600 денари лани, односно за 5.400 денари помалку.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека реалната плата е за 5,2 отсто пониска од лани.
Инфлацијата во Македонија во декември била 18,7 отсто и е највисока во регионот.
Невработеноста во земјава во третиот квартал била 14,3 отсто.
Минималната плата во Македонија е 18 илјади денари (292 евра), а од март треба да се зголеми на 20 илјади денари (324 евра).
Во Народната банка велат дека има низа причини зошто Македонија има највисока инфлација во регионот – Земјава е многу трговски отворена, најголем дел од платите се трошат на храна и сметки, земјава е зависна од увоз на енергија и троши многу енергија за помало производство.
Пониската инфлација ги спаси просечните плати во Србија
Просечната плата во Србија во ноември била 78.326 динари (667 евра), што е за 13,3 отсто повеќе од истиот месец претходната година. Сепак, вредноста на платата е за 1,6 отсто пониска од лани. Со оглед на тоа што зголемувањето на платата во Србија е исто како во Македонија, помалиот пад на вредноста се должи на пониската инфлација, која во декември била 15,1 отсто.
Минималната плата во Србија во 2022 година беше 35 илјади динари (околу 298 евра), а за 2023 треба да биде околу 40 илјади динари (341 евра).
Невработеноста во третиот квартал била 8,9 проценти, покажуваат податоците на српскиот Завод за статистика.
Црна Гора со најголем раст на платите во регионот
Просечна плата во Црна Гора во декември била 727 евра, што е за 35,4 отсто повеќе од истиот месец претходната година, покажуваат податоците на тамошната Управа за статистика. Платата во Црна Гора во изминатата година се зголеми за скоро 200 евра, па дури ни инфлацијата, која во ноември беше над 17 отсто, не успеа да ја обезвредни, па така реалниот раст е над 15 отсто.
Главна причина за толку големото покачување на просечните плати во Црна Гора беше одлуката на владата од јануари 2022 година да ја зголеми минималната плата од 250 на 450 евра. Во буџетот за 2022 година, владата исто така ги укина придонесите за здравствено осигурување, а за платите до 700 евра не се плаќа данок.
Од друга страна, тоа предизвика проблеми со полнењето на здравствената каса.
Невработеноста во Црна Гора во третиот квартал била 13 отсто.
Босна и Херцеговина е скоро на нула
Просечната плата во Босна и Херцеговина во ноември била 1.175 конвертибилни марки (600 евра), што е зголемување од 14,9 проценти во однос на минатата година. Со оглед на инфлацијата од 16,3 отсто, вредноста на просечната плата е намалена за 1,2 отсто.
Минималната плата во 2022 година беше 543 конвертибилни марки (278 евра), а годинава треба да достигне 590 конвертибилни марки (302 евра).
Невработеност е 7,8 отсто, покажуваат податоците на босанската Агенција за статистика.
Албанија со најниска инфлација, мал раст на платите
Албанија има најниска инфлација во регионот од 7,4 проценти во декември, и една од најниските во Европа. Затоа, и покрај тоа што има најмало зголемување на платите од 9,2 отсто, има реален раст од 1 отсто. Албанија, покрај Црна Гора, има поголемо покачување на платите од инфлацијата.
Просечната плата во Албанија во третиот квартал била 61.613 леки (527 евра), покажуваат податоците на тамошниот институт за статистика.
Невработеноста во третиот квартал била 10,6 проценти.
Минимална плата во Албанија е 32 илјади леки (274 евра).
За Косово нема нови податоци
Податоците објавени на Државниот завод за статистика на Косово се стари, па не може да се прати споредба со останатите земји од регионот.
Нов податок има само за инфлацијата, која во декември била 12,1 отсто.
Податоците за просечната плата и за невработеноста на Косово се од 2021 година. Просечната плата била 484 евра, а невработеноста 20,7 отсто.
Пресметките од националните валути во евра се правени според средниот курс на 15 декември за платите од ноември. За Албанија е земен средниот курс на лекот од 15 октомври, со оглед на тоа што податоците за просечната плата се за третиот квартал.