Достапни линкови

Уставниот суд ја затвори градежната „пандорина кутија“ на Водно


Мапа на Општина Центар во Скопје
Мапа на Општина Центар во Скопје

Уставниот суд денеска донесе одлука со која се укинува Деталниот урбанистички план за Центар донесен пред 8 години со тензии во Советот на општината. Укинатиот ДУП - Ј07 беше дел и од судскиот предмет „плацеви на Водно“, од каде што Агенцијата за конфискација на имот веќе одзела дел.

Градежната „Пандорина кутија на Водно“ се затвори со денешната одлука на Уставниот суд за укинување на Деталниот Урбанистички план ЈО7. Со овој план беа утврдени условите за градба за Старо Водно, Долно Водно, локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Мало Курило и Цвеќара. По оваа одлука општината нема да може да издава нови одобренија за градба, но тие што се веќе издадени остануваат во сила вели портпаролката на Уставниот суд Христина Беловска.

„Се што е претходно издадено останува во сила, затоа што се работи за одлука која укинува, а не поништува, меѓутоа се што понатаму ќе се бара како одобрение нема да има правен основ да се издаде одобрение за градење и слично,“ појаснува Беловска.

Со оваа одлука на Уставниот суд засега се заштитува зелениот појас од багери и нов бетон. По објавувањето на одлуката на Уставниот суд во Службен весник, Општината Центар ќе треба да започне процедура за изработка на нов ДУП за градската четврт ЈО7. Со план ЈО7 кој денеска е укинат беа отворени градежните порти кон Водно за бизнис елитата во тоа време поддржана од политичките моќници со што се закани опасност од бетонизација на дел од планината со нови згради и улици во самата шума.

Сега веќе укинатиот детален урбанистички план во 2014 година овозможи шумата на Водно да се пренамени во градежно земјиште, а кога се носеше ДУП-от парцели во спорната зона купија фирмите „Ексико“, и „Кара“ на Јордан Камчев.

Подготовките за градење во овој дел почнаа пред две години, кога инвеститорот „Маркеза“ исече дел од шумата на парцелата. Тоа го вклучи алармот кај водњанци кои јавно посочија дека градоначалниците на Центар им ветувале дека нема да дозволат градби во тој дел од Водно и покрај планот од 2014 година.

Првата дозвола со која се овозможи „бетонизацијата на Водно“ ја издаде поранешниот градоначалник од редовите на СДСМ Саша Богдановиќ, непосредно пред да стане од фунцкионерското столче.

Жителите на улицата „Питу Гули“ со кои тогаш разговараше Радио Слободна Европа во чија непосредна близина е парцелата на „Маркеза“ беа уплашени дека ако се направи пристапната улица, објектот кој ќе се изгради може да се урне врз нивните домови.

Водњанци јавно се жалеа на лошите решенија во ДУП-от затоа што, како што велеа не само што на секоја празна локација е предвидена градба, туку и поради тоа што е зголемена катноста, па со спојување парцели, куќите се претвораат во станбени згради.

Адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска која ги застапува дел од жителите на улицата „Питу Гули“ за РСЕ изјави дека од проектната документација која ја имаат за објектот на „Маркиза“ може да се заклучи дека има обид да се затскрие поголем комерцијален објект.

„Тие аргументи се наведени во самото барање дека во проектната документација има 20 паркинг места, што само по себе е чудно за едно семејство. Во разработката на санитаријата има 30 моноблок веце шолји што не е јасно за што ќе служат, а има седум купатила. Начинот на кој се изведени собните единици и колку се на број. Дваесет собни единици има во оваа куќа сугерираат на некакво апартманско сместување заедно со купатилата“, вели таа.

По овие постапки во јули минатата година градоначалникот на Општината Центар Горан Герасимовски забрани изградба на пристапен пат поради несоодветна косина на теренот и ги стопираше сите градежни активности.

Според податоците од Катастар кои ги проверуваше Радио Слободна Европа тогаш, а и сега, сосед на „Маркеза“ фирма со плац од 1226 метри квадратни е Благој Механџиски со површина од 827 метри квадратни неизградено градежно земјиште. Во близина сосед им е фирмата „Манд“ за која медиумите пишуваа дека е на поранешниот кошаркар Пеце Наумовски. Според тогашните информации во блиско соседство беа фирмите „Ексико“ со имот од 4400 метри квадратни неизградено градежно земјиште и „Кара“ со 875 метри квадратни неизградено градежно земјиште и шума 732 метри квадратни.

Планот за изградба на плацот во сопственост на фирмата Маркеза на Водно
Планот за изградба на плацот во сопственост на фирмата Маркеза на Водно

При денешна проверка на податоците од Катастар, еден од плацовите со големина од 3380 метри квадратни сега е во сопственост на државата, односно на Агенцијата за конфискација на имот.

Парцела на Водно
Парцела на Водно

Според пресудата во предметот „Плацеви на Водно“, овие две фирми се во сопственост на осомничениот во тој предмет Јордан Камчев, а краен сопственик е Никола Груевски. Поранешниот премиер Груевски за овој предмет беше осуден на 7 години затворска казна за перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот. Нему му се судеше во отсуство оти избега од државата и доби азил во Унгарија. Според обвинението Груевски тие парцели ги купил за себе со партиски пари.

Една година затвор доби Сашо Мијалков, прв братучед на Груевски и поранешен прв човек на УБК. Тој е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело”. А на иста таква казна е осуден и бизнисменот Јордан (Орце) Камчев за перење пари. Во меѓувреме Камчев си ја одлежа затворската казна.

Постапката пред уставните судии ја поведе жителот на општина Центар, Томе Симовски. Поводот за иницијативата беа сомнителните околности во кои се донесе Деталниот урбанистички план пред 8 години на инсистирање на тогашните советници на ВМРО-ДПМНЕ. Седницата на Советот на која се донесе овој план во јули 2014 година мина со тензија и насилство. Планот помина со 11 гласа „за“ и 11 „против“ и еден воздржан, со што немаше мнозинство според законот за локална самоуправа.

Протести за црква, што никој не планира да ја урива
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:28 0:00

За овој според ДУП Уставниот суд веќе еднаш одлучуваше и тоа по иницијатива на тогашниот градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски.

Тогашниот состав на уставните судии пред осум години ја отфрли иницијативата на Жерновски. Но, сегашниот состав на уставни судии ја прекина судската пракса да не расправа за иницијатива која веќе еднаш била одбиена.

Во 2015 година поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, при објавувањето на таканречените „бомби“ изјави дека ДУП – от каде што се наоѓаат парцелите е менуван „за да се задоволат мегаломанските афинитети на премиерот Никола Груевски“.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG