Достапни линкови

Министрите досега биле во подрум – сите поддржуваат борба против корупцијата


Илустрација
Илустрација

Високи функционери еден по еден изразуваат подготвеност за борба против корупцијата, откако американски тим ја скенираше состојбата во земјава. Дел од функционерите бараат да се направи систем за борба против корупцијата. Кој треба да го направи тој систем, прашуваат граѓаните на социјалните мрежи.

Тимот за „лов“ на корумпирани функционери од Вашингтон дојде и си замина, а домашните функционери почнаа меѓусебно да се покажуваат со прст кој е крив. Сите заедно, пак, го вперуваат прстот кон граѓаните, обидувајќи се да ги изедначат случаите на висока корупција со милионски провизии и 200 грама кафе за шалтерски службеници.

Министрите се растрчаа по медиуми да кажат колку ја поддржуваат борбата против корупцијата и оти американската помош им е добредојдена.

Ако ја поддржувале, зошто и досега не се бореле, прашуваат граѓаните на социјалните мрежи.

Борбата против корупцијата ја поддржа и ДУИ, која е на власт 18 години.

Поранешната потпретседателка на Европскиот парламент Ева Каили пред неколку дена беше уапсена поради корупција во Брисел. Таа се сомничи дека зела мито за да лобира во корист на Катар, а во нејзиниот дом биле пронајдени 600 илјади евра во кеш. Дел од граѓаните коментираат дека такви европски вредности има и во Македонија.

Други, пак, велат дека има една битна разлика – таа е уапсена.

Американската амбасадорка Анџела Агелер пред десетина дена соопшти дека дошол тим за санкции од Вашингтон „за поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани чинители“. Тимот не може ниту да апси, ни да обвинува. Нивна работа е да лоцираат корумпирани чинители, кои би можеле да се најдат на американската листа на санкции. Апсењата се работа на домашни институции. Проблемот со корупцијата почнаа да го посочуваат и други странски дипломати.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изрази загриженост за корупцијата во државата и рече дека полицијата ќе се стави на располагање на Американците. Спасовски, кој веќе 5,5 години е на чело на МВР повика „да се створи систем којшто ефикасно и брзо ќе одговори“. Веројатно таков систем треба да создаде Здружението на лозари, а не владата, иронизираат граѓаните на социјалните мрежи.

Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска минатата недела изјави дека тоа што го кажала американската амбасадорка, го зборува и владата и изрази сериозна загриженост на тема борба против корупција и организиран криминал.

Таа го впери прстот во обвинителот Љубомир Јовески, кој не го постигнал тоа што требало да го постигне. Јовески, пак, одговори дека треба да се укине кабинетот на Грковска, а тие пари да се искористат за поефикасна борба против корупцијата, наместо на организирање конференции и трибини.

Дел од граѓаните, пак, посочуваат дека работите се далеку од идеални, но се мрднати од мртва точка. Двајца поранешни генерални секретари на владата, токму од оваа гарнитура, се на суд за корупција. Беше обвинета поранешна потпретседателка на парламентот, а Специјалната јавна обвинителка, поранешна министерка за внатрешни работи и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање се веќе во затвор.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG