Протестот се одржа додека пратениците во зградата на парламентот гласаа за одземање на одлучувачката улога на прозападниот претседател на земјата во назначувањето премиер.
Законот беше поттикнат од просрпското и проруското мнозинство во парламентот, што ја налути прозападната опозиција. Црна Гора, клучен западен сојузник на Балканот, е парализирана од повеќемесечната владина криза која го закочи процесот на интеграција на земјата за членство во Европската унија.
Откако стана независна во 2006 година од многу поголема Србија - клучниот сојузник на Русија во Европа - Црна Гора остана длабоко поделена меѓу прозападните и просрпските и проруските групи.
Последните тензии се зголемија откако прозападниот претседател Мило Ѓукановиќ ја отфрли номинацијата на премиерот од просрпската коалиција, наведувајќи процедурални грешки и велејќи дека наместо тоа треба да се одржат предвремени избори.
Противниците на Ѓукановиќ тогаш одговорија со промена на законите кои му даваат клучна улога во назначувањето на премиерот. Оваа партија оцени дека кризата во Црна Гора е оркестрирана од Белград.
Спорни законски измени и Уставен суд
Организаторите на вчерашниот протест најавија блокирање патиштата низ Црна Гора, а в сабота и голем митинг во Подгорица. Протестот го поддржаа опозициските партии предводени од најголемата, Демократската партија на социјалистите на претседателот Мило Ѓукановиќ.
Црна Гора протера уште 28 странски државјани поради соработка со странски служби
Оваа партија соопшти дека ќе дејствува надвор од институцијата по вчерашното повторно усвојување на измените на Законот за претседател, кои ги нарекоа уставен пуч.
Пратениците на црногорскиот парламент повторно ги усвоија измените на Законот за претседател со кои Собранието презема дел од надлежностите на шефот на државата при предлагањето на мандатот за состав на новата влада и го отвора патот за парламентарното мнозинството да го изберат својот кандидат.
Измените на законот беа усвоени и покрај препораките на Венецијанската комисија и Европската унија да се откажат од него.
Претходно Собранието на Црна Гора ниту во вториот круг од гласањето не избра четворица судии на Уставниот суд, со што ја продолжи блокадата на таа институција. Уставниот суд на Црна Гора од 13 септември нема кворум за одлучување, бидејќи има само тројца од седум судии.
Демократската партија на социјалистите пред седницата најави дека ќе поддржи избор на судија, во случај парламентарното мнозинство да се откаже од спорните измени на Законот за претседател на Републиката, кои беа одбиени.
ЕУ и САД бараат смирување на ситуацијата
Европската унија ги повика сите политички актери во Црна Гора итно да преземат активности за да се обезбеди функционирање на Уставниот суд и да се поништат измените на Законот за претседател.
Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро, изјави дека од витално значење е сите во Црна Гора да покажат максимална воздржаност од понатамошни провокативни дејства. Таа оцени дека Црна Гора пропуштила уште една можност да именува членови на Уставниот суд и да стави крај на институционалната криза.
„Целосно функционален Уставен суд составен од надлежни членови е клучот за Црна Гора да ги заштити основните права на своите граѓани и да напредува на европскиот пат“, рече таа во објавата на Твитер.
Амбасадата на Соединетите држави повика на итно враќање на мирниот и конструктивен дискурс.
„Ги повикуваме сите црногорски лидери и граѓани да ги продолжат разговорите и да најдат мирни решенија за политичките проблеми“, напишаа од Амбасадата на Твитер профилот.
Прегласување на ветото
Парламентарното мнозинство предводено од Демократскиот фронт (ДФ) на 2 ноември ги усвои измените на Законот за претседател на Републиката, со кои Собранието презема дел од своите надлежности во областа на предлагање кандидати за состав на влада.
Но, претседателот Ѓукановиќ не го потпиша, туку го врати на повторно разгледување и побара мислење од Венецијанската комисија. Венецијанската комисија препорача да не се усвојат измените на Законот за претседател на Црна Гора, бидејќи тие во суштина ќе претставуваат промена на Уставот и тоа со помало (парламентарно) мнозинство од пропишаното.
Таа ги повика институциите, пратениците и политичките партии да учествуваат одговорно во решавањето на кризата и да најдат „конструктивни компромиси за важни одлуки, вклучително и за избор на судии на Уставниот суд“.
Илјадници граѓани синоќа протестираа во Црна Гора со барање за нови избори
После тоа, Европската унија ги повика политичките лидери на Црна Гора целосно да ги следат препораките на Венецијанската комисија. Парламентарното мнозинство посегна за измени на Законот за претседател откако Ѓукановиќ од формални причини одби да му го додели мандатот за состав на новата влада на нејзиниот кандидат Миодраг Лекиќ.
Тој му предложи на Собранието да му се скрати мандатот, за да може да се распишат предвремени избори. Мнозинството одби, инсистирајќи на формирање нова влада откако претходните две, на Здравко Кривокапиќ во февруари и на Дритан Абазовиќ во август годинава беа соборени.
Венецијанската комисија тие процеси ги оцени како непочитување на институциите и лоша политичка култура. ДПС и социјалдемократите ги повикаа пратениците на парламентарното мнозинство да не гласаат за измени на Законот за претседател по негативното мислење на Венецијанската комисија за тој Закон.