По 31 година работен стаж, медицинска сестра во Велес останува без работа, бидејќи матичната докторка со која работела оди во пензија.
Докторката поради пензионирањето ја затворила ординацијата, а сестрата која уште има десетина година до пензија, веќе трет месец е под Бирото за вработување.
„Докторката ја затвори ординацијата, а јас во меѓувреме морав еден тон документи да поднесам до Министерството за здравство дека од оправдани причини ординацијата се затвора, па потоа се бараше и потврда дека сум под биро за вработување и сето тоа го направив уште пред два месеци, но еве веќе трет месец како чекам и немам никаков одговор од министерството“, раскажува сестрата за РСЕ.
Според постојните закони, ако докторката како носител на дејноста на приватната здравствена установа, се пензионира, автоматски и медицинските сестри ќе мора да одат како невработени под Агенција за вработување.
„И да сакаш предвреме да ги спремиш документите не можеш затоа што се бара потврда дека сме под биро за вработување, што значи моравме да чекаме да се затвори ординацијата па потоа да ги поднесеме документите и веќе трет месец сме без работа“, раскажува медицинската сестра која сега седи дома без работа.
Во меѓувреме се нашла докторка која што е заинтерсирана да ја преземе ординацијата, но поради долгите административни процедури со месеци се уште чека за да почне со работа.
„Министерството за здравство бара пред време да најават докторите дека сакаат да одат во пензија, така што министерството е веќе запознаено дека тие докторки ќе одат во пензија бидејќи докторите ги известуваат, зошто на пример тогаш ако треба толку месеци за администрација не се почне навреме или на пример пациентите да се водат на амбуланта, а не на лекарот“, додава медицинската сестра.
Проблем и за пациентите, каде ќе одат, кај кој доктор ќе продолжат да се лекуваат
Во ординацијата се лекувале над 3.500 пациенти, кои што автоматски со затворањето и по пезионирањето на докторката останале без матичен доктор.
„И пациентите беа исплашени каде ќе го продолжат лекувањето, да не останат без лекови и терапија, каде ќе одат, со оглед на тоа што и генерално има недостиг на лекари. Има пациенти кои се уште ме контактираат и се со надеж дека ќе отвори амбулантата, други ги чуваат картотните бидејќи сакаат да продолжат да се лекуваат во амбулантата каде се лекувале цел живот“, објаснува сестрата.
Токму поради ваквите проблеми со кои се соочуваат здравствените работници, едно од долгогодишните барања на Здружението на приватни матични лекари (ЗПМЛ) е пациентите да се водат на име на ординацијата, а не кај матичниот лекар, бидејќи во случај кога лекарот се пензионира, со тоа автоматски згаснува и ординацијата, а сестрите и другиот тим лекари остануваат без работа.
„Тоа значи кога пациентот бира ординација каде што прима услуга, ако се случи нешто со сопственикот, да нема дисконтинуитет за пациентите кои што ја избрале таа амбуланта, затоа што таму има уште кадар и опрема, сега ако јас имам доктор и тој си замине, финансиски се оштетува непотребно, се бришат пациентите, додека се запишат е тешко. Мора да се грижиме за опстанокот на примарното здравство и да одиме напред, затоа што долго време тапкаме во место“, вели Претседателката на здружението, д-р Лилија Чолакова Дервишова.
Голем број матични лекари се пред пензија
Д-р Дервишова предупредува дека огромен број од матичните лекари се веќе пред пензија.
Според нејзините податоци се работи за бројка од стотина доктори треба да се пензионираат, што значи дека постои опасност голем број на сестри и помлади лекари да останат без работа.
Токму поради тоа вели д-р Дервишова едно од клучните и најзначајни барања на матичните е лиценцата за работа да биде на приватната здравствена установа, што повлекува измени во постојните закони.
Друга опција е министерството да им дозволи на лекарите кои сакаат наместо да одат во пензија да продолжат да работат, за што д-р Дервишова веќе имала средба со министерот за здравство на која му укажала за состојбите.
„Министерот рече дека сите што имаат 64 години или повеќе да достават барање лично до него и дека ќе им овозможи да продолжат со работа, бидејќи укажавме колку ќе се наруши здравствениот систем, бидејќи тие доктори прикрепуваат огромен број на пациенти, а освен тоа имаат вработено и млади лекари кај нив и ако се случи таква хаварија да се пензионираат тогаш огромен број на доктори и сестри ќе останат на улица, така што министерот вети дека позитивно ќе одговори на сите кои сакаат да продолжат да работат“, нагласува д-р Дервишова.
Друг проблем вели е што се уште не е остварено и ветувањето за покачување на капитацијата на матичните лекари, за што пред неколку месеци лекарите излегоа и на штрајк.
Капитациониот бод последен пат беше покачен од 55 на 63 денари пред три години. Ваквите состојби и услови за работа ја прават професијата матичен лекар неатрактивна за младите лекари, поради што нема кој да ги замени матичните кои одат во пензија.
Министерството за здравство ги разгледува можностите за решение
На прашањата на РСЕ од министерството за здравство кусо одговорија дека комуницираат со здруженијата на матични и ги разгледуваат можните решенија.
„Министерството за здравство е во постојана комуникација со здруженијата на матични лекари, се разгледуваат законските процедури во однос на можностите за продолжување со работа и пролонгирање на одењето во пензија“.
Во земјава има околу 1 400 матични лекари кои примаат средства од Фондот за здравство и се задолжени за грижата за здравјето на целото македонско население.