Владата донесе мерки за парична помош за социјални случаи, невработени и пензионери со ниски плати. Но, ова е интервентна мерка за следните четири месеци, а не станува збор за зголемување на социјалната помош.
Пари ќе добијат ранливите категории кои досега не добиле помош од државата, а во категоријата невработени опфатени се само стечајците и пензионерите со пензии до 14 илјади денари, додека со новата мерка не се земени предвид луѓето со ниски плати.
Растечката инфлација веќе изеде голем дел од месечните примања на граѓаните, со што прашање е колку оваа помош ќе биде доволна ако трошоците за живот се зголемени за 18,7 проценти во однос на септември минатата година, храната е поскапена за 30 проценти според официјалните податоци.
Дали оваа помош ќе биде доволна за да се издржи кризата, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска смета дека потребна е поголема помош, но посочува дека со новата мерка парична помош ќе примаат голем број граѓани.
„Секогаш може повеќе, меѓутоа треба да земеме предвид дека со овој сет на антикризни мерки ние ќе опфатиме околу 180.000 граѓани“, вели Тренчевска во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.
Тоа значи дека со мерката се опфатени 10 отсто од луѓето во земјава, која според последниот попис има 1,8 милиони граѓани.
Покрај новата мерка, Тренчевска укажува и на претходно донесените мерки за постојан раст на платите, како и зголемувањето на минималната плата и пензиите. Таа вели дека така е според политиките за следење на инфлацијата и со тоа раст на платите.
„Методологијата за минималната плата и усогласувањето на пензиите е направена така да се следи порастот на трошоците на живот и порастот на просечната плата и ова е системско решавање на проблемите со порастот на платите и порастот и пензиите“, вели Тренчевска.
Државниот систем континуирано ќе ги следи порастот на трошоците за живот и растот на просечната плата и според тоа соодветно ќе бидат зголемени и усогласени платите, според министерката за труд и социјална политика.
Но, синдикатите деновиве предупредија дека владата планира на дел од вработените во администрацијата да им бидат намалени платите.
Синдикатот на УПОЗ прво реагираше дека е најавено кратење на платите на вработените во администрацијата. Од УПОЗ предупредија дека постои владин план одреден проценти од вработените да работат дома и со тоа да им бидат намалени платите од 10 до 30 отосто, како и можност за суспендирање и укинување на колективните договори.
Со реакција излезе и Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ. Од таму рекоа дека ниту еден колективен договор на ниво на гранка или, пак, општ колективен договор не може да биде откажан или ревидиран.
„Нема да дозволиме намалување на работничките права преку кратење на плати, неисплаќање на додатоци и надоместоци од плата. ССМ и гранковите синдикати при ССМ нема да даваат согласност за какви било измени и дополни на колективните договори во насока на намалување на работничките права“, се вели во реакцијата на Синдикатот.
По реакциите на синдикатите премиерот Димитар Ковачевски рече дека платите на вработените нема да бидат намалени.
Според Ковачевски, со Планот за фискална консолидација што го усвоила Владата е предвидено да се намалат трошоците на институциите со заштеда на стуја. Некои институции кои имаат голем број на вработени, треба да размислат дали сите им се потребни цело време или може дел од вработените да одат на одмор, за да се заштеди струја. Додека со покуси плати може да останат директорите на јавните претпријатија, особено на оние кои прават загуби. Претпоставените на овие институции имале високи плати според менаџерските договори.
Пакетот мерки за справување со енергетската и ценовната криза што Владата го усвои минатиот викенд сега e на разгледување во министерствата и откако ќе бидат предложени потребни измени во некои закони, ќе оди на усвојување во Собранието.