Достапни линкови

Светско признание: Наши дечки ја имаат најдобрата игра за мобилен од Европа


Средношколците Марио Павлески и Виктор Попов
Средношколците Марио Павлески и Виктор Попов

Наши дечки со нивната игра за мобилен телефон „Paint Тhe Thing“ , ја добија наградата за Најдобра игра од Европа на светското финале на ‘GAME JAM +’ кое се одржа во Бразил. Со нас го споделија искуството и намерата да успеат на домашниот и на светскиот пазар

Средношколците Виктор Попов и Марио Павлески од финалето на глобалното натпреварување ‘GAME JAM +’ си заминаа со наградата Best Game Europe или Најдобра игра од Европа.

Со изработка на играта за мобилен телефон „Paint Тhe Thing“ прво биле еден од најдобрите тимови дома, а потоа и на европско ниво. Па овие успеси на почетокот на јули им обезбедија пласман и на светското во Бразил. Тие таму се прогласени за најдобри меѓу четирите најуспешни од Европа.

„Кога ја направивме оригинално играта не верував дека ќе добиеме нешто повеќе од признанието на национално ниво, но излезе дека им се допадна играта и идејата ни беше добра, па успеавме да ја истуркаме до светско првенство. Веќе кога стигнавме до Бразил, секако се надевавме на шанса дека ќе победиме, но искуството ни беше повредно отколку наградата што ја добивме“, изјави за РСЕ, 16-годишниот Виктор Попов.

Имале предизвик првичната верзија да ја направат за 48 часа. Тоа го правеле во домот на Марио. Кога ќе се одземе времето за одмор, јадење и останати активности, велат дека работеле по 9 часа дневно или играта ја направиле за вкупно 18 часа.

„Имаше притисок, но ние сме навикнати. И порано сме имале вакви активности, па не ни беше до толку тешко колку што би им било на почетници“, изјави за РСЕ, 17-годишниот Марио Павлески.

Виктор и Марио во Бразил за време на доделувањето на наградата
Виктор и Марио во Бразил за време на доделувањето на наградата

Младите охриѓани се радуваат на искуството и контактите што ги развиле со врсниците со кои се запознале во Бразил, а се надеваат дека оваа награда ќе биде важна за нивната биографија.

„Во Бразил беше многу убаво да се запознаеме со сите други ‘девелопери’ од целиот свет и со нивните игри и да размениме контакти, а Рио Де Жанеиро е многу убав град. Не е нешто што се гледа секој ден“, вели Виктор.

„Мислам дека оваа награда може многу да смени во моето ‘cv’ бидејќи сепак на толку мала возраст е тешка работа до финале да се стигне“, додава Марио.

Шанса за светски успех од локација - Македонија

Според Виктор, во светот на развивање и изработка на игри, може да се успее и дома, но шансите надвор се сепак поголеми.

„Мислам дека со доволно труд сè може да се направи, ама тоа во Македонија е тешко бидејќи не можеш да добиеш многу поддршка и помош, како што тоа се случува во странство, каде мали тимови од млади луѓе имаат можност да се истакнат. Овде нема толку шанси како во странство“, истакна Виктор.

Но, вели дека ова не го обесхрабрува.

„Сè уште сум млад, па имам добри шанси да успеам во тоа што го пробувам. Мојот сон е да имам некое, не мора да е светски големо, нека е некое мало студио кадешто ќе можеме со група луѓе да си ги оствариме идеите и да го правиме тоа што го сакаме“, вели младиот Попов.

Во листата со желби на Марио, стојат две светски компании.

„Со доволно труд и промоција може скоро секој да успее. Имам планови и за компјутерски игри, бидејќи правам и такви. Мојата желба е да работам за поголеми компани, како на пример 'Нинтендо' и 'Valve'“, додаде Павлески.


Играта која им донесе светска награда, периодов ја надградуваат и усовршуваат и велат дека планираат конечната верзија да биде достапна на 'Play store' за бесплатно преземање во октомври оваа година.

„Сакаме да додадеме повеќе работи за да биде уште поинтересна. И сега е интересна, но сепак има уште многу работа. Играта ќе биде бесплатна, но ќе има додатоци кои не влијаат на самата игра, туку на изгледот и тие може да се наплаќаат“, сподели Марио.

Целта на играта е да се собираат четки што се појавуваат околу мапа, за да се обои одредена фигура што се појавува во средината на екранот, додека се избегнуваат пречки.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG