Во прво одделение без поголеми поместувања и проблеми. Во второ пандемија, со три изгубени месеци од наставата. Трето одделение со маски во клупа, но и многу често префрлување на онлајн настава. А во четврто, со целосно нов концепт на настава со дигитални материјали и без печатени учебници, продолжен зимски распуст и штрајк на наставници. Сведок на сите овие турбуленции беше скопјанката Катерина Јакимова, чие дете годинава го заврши четвртото одделение, како дел од првата генерација што учеше речиси исклучиво од дигитални учебници.
Дигиталните учебници за првпат беа воведени лани во септември за учениците од четврто одделение, паралелно со воведувањето на новата концепција и наставни програми. Ова предизвика низа реакции во јавноста и критики за реформата како поради лошата опременост на училиштата, немањето компјутери во домовите на учениците, така и поради проблеми со функционалноста на системот.
„Во секој случај беше различно. Пред се требаше да ги инсталираме книгите. Во прво време можеше, подоцна не можеше, самата програма не дозволуваше да бидат инсталирани. Среќа на почетокот ги симнавме и така ги имавме сите книги“, се потсетува мајката.
Еден од учебниците на пример, тој по природни науки, никако не успеале да го инсталираат на таблетот на нејзиното дете. Па така, за учење користеле „принт скринови“ и белешки од тетратка. Забележува дека новата концепција будела интерес кај нејзиното дете, наставничката давала се од себе, но некои работи едноставно не можеле да се следат онлајн. Така, честопати била принудена сама да печати текстови или песнички, затоа што читањето од таблет или телефон одело исклучително тешко.
„Значи мора учебници да има. Тешко им е на децава да читаат од таблет, буквите и редовите им се губат, тешко е за учење. Мислам они што се вика учеа како да читаат, а сега оваа година одеднаш треба да читаат од компјутер, таблет или телефон. Потребно е да има книги“, вели мајката.
Нешто подобро е искуството скопјанката Александра С. чие дете исто така годинава заврши четврто одделение. Причината за ова ја гледа во целодневна настава што ја следел нејзиниот син, па скоро се се учело на училиште, без да даваат домашни задачи. Вели дека годината минала без поголеми пропусти, но заклучува дека ќе било подобро ако целата генерација, исто како и останатите ученици, добиеле учебници на хартија.
„Ова беше експериментално, прва година. Мислам дека функционираше ама сепак сметам дека треба учениците да имаат и печатени учебници. Да може дома и да отвори книга, и да повтори. Немаат сите деца внимание да седнат на лаптоп. Некои немаат и лаптоп“, вели мајката.
Нова концепција-стари проблеми
Додека дигитализацијата се однесуваше само на четвртоодделенците, новата концепција за учење опфати уште едно генерација - првачињата. Двете клучни реформи требаше да помогнат децата полесно да го совладаат материјалот, да го поврзуваат наученото и користат во пракса. Реформите се правдаа со поразителните резултати од меѓународните тестирања кои покажаа дека македонските ученици не знаат критички да размислуваат, ниту да го користат она што го научиле. Дигиталните учебници пак беа претставени како придобивка на новото време, поттикнати и од онлајн наставата што мораше да биде воведена поради пандемијата. Така, планот беше од 1-3 одделение да има печатени учебници, од четврото па нагоре дигитални, со тоа што секоја следна година реформата би се ширела кон погорните одделенија, за до 2026 година да се воведат дигитални учебници се до деветто.
Наставникот Добри Јовевски, познат по своите иновативни методи на работа, но и интерес за дигиталните алатки годинава водеше првачиња. Според него, новата концепција и наставни програми им помогнаа на наставниците подобро да ја организираат наставата, да бидат пофлексибилни и да имаат јасен увид во целите кои треба да ги постигнат. Сепак и тука забележува дека не одело се така глатко. На почетокот на годината концепцијата им направила проблем со адаптацијата на првачињата, а голем дел од училиштата, посебно руралните не ги добиле соодветните дидактички ресурси за спроведување на реформираната настава. Сериозен проблем имале и со матрицата на електронскиот дневник, што не се решил до крајот на учебната година.
Како приврзаник на идејата за дигитализација, смета дека тоа е иднината и во образованието, но не по цена да бидат отстранети печатените учебници. Затоа и остро реагира на избрзани решенија.
„Бидејќи она што минатата година беше започнато да се прави во делот на дигитализација, не е тоа дигитализација. Тоа беше само некоја импровизација за дигитализација, затоа што тоа е одраз на оние несоодветни образовни политики коишто се имплементираа изминатиот период во државата. Поддржувам дигитализација, но паралелно со тоа да има и печатени учебници“, вели наградуваниот наставник.
МОН ретерира - догодина учебници за сите одделенија
Дел од четвртооделенците изминатава годинава се снаоѓаа со копирање на дигиталните учебници. Сепак, откако појавата стана масовна, а фотокопираните дигитални учебници почнаа да се продаваат во фотокопирици и книжари, сега веќе поранешната министерка за образование Мила Царовска, инаку главен иницијатор за новиот концепт и дигитализацијата во основно, најави строги контроли поради кршење на авторските права. Така, на терен беа пратени просветни инспектори за да проверуваат дали се користат копирани учебници за четвртоодделенците.
Со промената на Владата, на почетокот на годинава на местото на Царовска дојде сегашниот министер за образование Јетон Шаќири. Тој пак претходно раководеше со Министерството за информатичко општество и администрација, инаку одговорно за дигитализацијата во јавната управа. Непосредно по доаѓањето на функцијата најави дека започнатата дигитализација во образованието ќе биде процес кој ќе се реализира за пет години.
Неколку месеци подоцна, од МОН велат дека продолжуваат со реформирањето на основното образовние, но ретерираат од идејата за дигиталните учебници на сметка на печатените.
„Промена на првичниот план за реформа, има само во делот на форматите во кои новите учебници ќе бидат достапни. Наместо само во дигитален формат, учебниците за четврто и погорните одделенија ќе бидат достапни и во печатена форма, со цел секој ученик да може да учи од учебникот кој најмногу му одговара. Реакциите од наставниците и учениците се позитивни, така што во првичниот план воведуваме позитивни промени кои одат во прилог на постигнување поголема ефикасност на воспитно – образовниот процес“, се наведува во одговорот на МОН.
Воведувањето на дигиталните учебници беше поврзано и со носењето на новиот Закон за учебници, кој требаше да обезбеди континуитет на користењето дигитални учебници. Така, во ова законско решение беше предвидено децата од прво до трето одделение и понатаму да учат од хартиени учебници, но за погорните одделенија предност да им се даде на дигиталните. Последната голема измена на законот беше направена во 2008-ма, кога за првпат државата ја презема обврската да обезбеди учебници за сите ученици, место нив да ги купуваат родителите. По негодувањата и протестите лани по најавите за дигитализацијата, предводени од групата „Учебници и настава мора да има“, законот беше повлечен од собраниска процедура со оправдување дека треба да биде доработен низ јавна дебата. Една година подоцна, од МОН само кусо велат дека „сите информации по однос на постапката за доработка и усвојување на новиот Закон за учебници, ќе бидат навремено споделени со јавноста“.
Директорот на Бирото за развој на образованието, Зекирија Хасипи вели дека во моментов се прават анализите за успешноста на реформите измината учебна година. До него стигнале позитивни критики за програмите и материјалите за првачињата, но појаснува дека ќе има промени за четвртооделенците. Како главна причина за враќањето на печатените учебници за сите ученици ја наведува неопременоста на училиштата.
„Недостиг на техничка опрема во училиштата, поплаките беа дека не располагаа со ресурси за да се спроведе тоа, да се реализира наставата со дигитални учебници“, вели Хасипи уверувајќи дека сите ученици навреме ќе ги добијат учебниците.
Многу пропуштија овие деца
Од септември, детето на Катерина Јакимова ќе биде петто одделение. Таа се надева дека петтоделенците ќе добијат печатени учебници, но и дека дека во иднина ќе се внимава при правењето експерименти со цели генерации.
„Експериментална беше (наставата) и претходните две години затоа што беа онлајн и мораше да се ориентираме на онлајн учење. И сега четврто одделени, кога требаше да се вратиме во нормала ние пак имавме некој нов експеримент со онлајн учебници. Многу пропуштија овие деца“, загрижена е таа.
Анализата направена лани од Парламентарниот институт при македонското Собрание, покажала дека од 27 европски држави во кои се разгледувал образовниот систем, задолжително користење дигитални учебници имало само во една – Италија. И таму, како што се наведува во документот, не било исклучено користењето печатени учебници. Во најголем дел од државите се остава на училиштата или наставниот кадар да процени и одбере кој формат на учебник ќе го користи.
Во многу споменуваната Финска на пример, како репер за добро образование, наставникот сам одлучува кој метод и материјал за настава ќе го применува, па нема задолжителна употреба ниту на печатен, ниту на дигитален учебник. Сепак и во финските основни училишта најкористени остануваат печатените учебници.