Достапни линкови

Отворен Балкан: Да ја преживееме зимата и да го направиме регионот просперитетен


Учесниците на Самитот на Отворен Балкан, Охрид, 8 јуни 2022
Учесниците на Самитот на Отворен Балкан, Охрид, 8 јуни 2022

На дводневниот самит на Отворен Балкан во Охрид, лидерите на Македонија, Србија, Албанија и Црна Гора порачаа дека Балканот мора да соработува, да си помага на патот кон ЕУ, а специјалниот американски пратеник за Балканот Ескобар порача иницијативата Отворен Балкан да остане економска

Работни групи наскоро треба да почнат да работат врз тоа како земјите од Отворен Балкан, но и другите земји од регионот, да ја пребродат кризата со снабдување на храна и енергенси, најави српскиот претседател Александар Вучиќ на Самиот на регионалната иницијатива Отворен Балкан кој вчера и денеска се одржува во Охрид.

„Да си помогнеме како да ја преживееме зимата. А во договорите се добредојдени сите, и БиХ и Црна Гора и Приштина“, рече Вучиќ и додаде дека „сите се добредојдени во иницијативата, но нема никого да моли да се вклучи“.

Лидерите на Отворен Балкан од синоќа се во Охрид каде се одржува Самитот на оваа регионална иницијатива. Централниот настан е денеска, на кој освен лидерите на Македонија, Србија и Албанија - Димитар Ковачевски, Александар Вучиќ и Еди Рама, ќе учествуваат и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и претседавачот со Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија. Иницијативата е отворена, повторуваат лидерите, и се надеваат на скорешно проширување.

Отворен Балкан: Заедно да ги решаваме проблемите, а ЕУ да го вреднува тоа
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:05 0:00

Рама: Сега сме пред нож со две острици

Албанскиот премиер Еди Рама вели дека се гледаат бенефитите од соработката меѓу земјите од Отворен Балкан, а допрва ќе се гледа, како на пример при гаснење на пожари во регионот, во туризмот, соработката при снабдување со храна.

„Сите сме пред нож со две острици, нема да има енергија, а ние нема тогаш да ги отвориме тефтерите со конфликти, туку ќе бидеме заедно. И со пченицата беше исто така. Ако има пожари нема да оставиме се да изгори“, рече Рама.

Тој и порача на ЕУ дека веќе неговата земја не се подготвува за „свадба“, како што претходно ги нарекувале самитите на ЕУ на кои очекувале старт на преговорите.

„Не се подготвуваме веќе, нема да се облечеме свечено, туку како што сме, без свечена музика и без голем банкет. Опен Балкан е маж, а ЕУ е невестата. Ако ние бевме жена ќе не земеа побргу, а ние сме маж со проблеми во минатото. Кога тие ќе сакаат свадба ќе бидеме подготвени. Затоа му порачувам на Ковачевски време е стресот да заврши, нема да ве земат, завршена работа, тука се појави Бугарија, а Бугарија е исто така маж со проблеми. Балканот нема да умре, а овој отворениот уште помалку“, порача Рама.

Еди Рама, Димитар Ковачевски, Александар Вучиќ, Дритан Абазовиќ и Зоран Тагелтија на самитот на Отворен Балкан во Охрид, 8 јуни 2022
Еди Рама, Димитар Ковачевски, Александар Вучиќ, Дритан Абазовиќ и Зоран Тагелтија на самитот на Отворен Балкан во Охрид, 8 јуни 2022

Ковачевски: Проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан сега веќе е и стратешко и безбедносно прашање

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски вели дека од исклучителна важност е Европската Унија и земјите членки максимално одговорно да прифатат дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан сега веќе е и стратешко и безбедносно прашање.

„Нашата визија за Балканот во 21 век е визија за напреден регион интегриран во Европа каде мирот, стабилноста и развојот веќе никој не ги доведува во прашање. Ние дејствуваме прагматично и економски. Бараме ЕУ да го поддржи овој наш напор и да го препознае како инспирација за решавање на сопствените проблеми“, рече Ковачевски.

Ескобар: Иницијативата да остане економска

Преку видео врска на настанот се обрати и Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД, специјален пратеник за Западен Балкан. Тој им порача на лидерите оваа инцијатива да остане економска, оти како што вели не е политичка, и ако остане економска ќе има поширока поддршка.

На овој самит, како гости се и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и Зоран Тегелтија, претседавач на Советот на министри на Босна и Херцеговина. Абазовиќ порача дека Балканот треба да се ребрендира ако сака да влезе во ЕУ.

„Ние мораме да се смениме, никој нема да го направи тоа за нас, никој не сака да увезува проблеми, Брисел е барем искрен со тоа. Иако не сме формално членки, но тоа што седиме денеска петмина тука, а наскоро се надевам и шесторица, тогаш пораката ќе биде појасна и ако некој е скептичен за Западен Балкан, ќе сфатат дека припаѓа кон европското семејство, а да се случи тоа мора да го смениме однесувањето и да го ребрендираме Западне Балкан“, рече Абазовиќ.

Абазовиќ: Ако некој мисли дека може сам, нека му е со среќа

Тој вели дека ги поддржува сите инцијативи кои се за развој на регионот, како зелената линија за камионитее на границите, работни групи за справување со недостаток на храна, гаснењето пожари, туризмот.

„Ако некој мисли дека може сам, нека му е со среќа“, рече тој.

Босанскиот претставник вели дека, за жал, нема консензус во неговата земја за приклучување на оваа иницијатива, но сепак, како што вели, е за поздравување секоја регионална соработка.

Комесарот Оливер Вархеји, сепак дојде на Самитот, иако првично беше посочено дека ќе има видео обраќање. Тој рече дека регионалната иницијатива е одлична можност за надминување на предизвиците со кои се соочува регионот, како и можност за побрз напредок кон ЕУ.

Самитот во Охрид продолжува денеска со средби меѓу работни групи, потпишување меморандуми за соработка, а во фокусот е соработката во областа на туризмот и културата.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG