Достапни линкови

Вести

Германските обвинители упаднаа во Дојче банка, отворена истрага за инвестициска измама

Германските обвинители денеска извршија претрес во канцелариите на Дојче банк и нејзината подружница DWS по отворената истрага за таканареченото „ зелено перење пари“. Станува збор за тврдењата дека банката ги преувеличува одржливите акредитиви на некои од производите што ги продава, пренесува германската новинска агенција ДПА.

Новинската агенција цитирајќи го обвинителството во Франкфурт објави дека истрагата е фокусирана на наводите за инвестициска измама, но сè уште не се идентификувани конкретни осомничени.

Поранешен менаџер задолжен за одржливост во DWS тврди дека фирмата за управување со средства ги преувеличувала еколошките и климатските акредитации на одредени фондови - наречени „зелено перење“.

„Мерките на Јавното обвинителство се насочени против непознати лица во врска со наводите за перење пари против DWS“, се вели во соопштението на Дојче Банк.

„DWS континуирано и целосно соработуваат со сите релевантни регулатори и органи за ова прашање и ќе продолжат да го прават тоа“, се вели во нивното соопштение.

види ги сите денешни вести

Лидерот на ДП Сали Бериша излегува од домашен притвор

Сали Бериша, лидер на Демократската партија
Сали Бериша, лидер на Демократската партија

Специјалниот суд против организиран криминал и корупција, го ослободи од домашен притвор лидерот на Демократската партија Сали Бериша, поранешен албански претседател и екс-премиер.

Во изјава за медиумите неговиот адвокат, Генц Ѓокутај, изјави дека нема друга безбедносна мерка за Бериша, што подразбира и враќање на патната исправа, откако судот утврдил дека за него не постојат услови и критериуми за каква било мерка на безбедност.

„Судот заклучи дека за господинот Бериша веќе не постојат услови и критериуми за каков било вид мерка. Со судијката Ирена Ѓока се караме една година и нешто. Ставот на Стразбур е одлучувачки и има примарна улога во оваа работа. Специјалното обвинителство, СПАК, нека прави што сака“, изјави адвокатот Ѓокутај.

Бериша (80) беше во „куќен притвор“ од 30 декември минатата година, откако одби да ја спроведе мерката „обврска за јавување“ против него, сметајќи ја за неуставна, но беше многу активен на социјалните мрежи а секоја вечер се обраќаше од прозорецот на станот на негови приврзаници.

Тој е обвинет од СПАК за сторено кривично дело „Пасивна корупција на високи државни функционери или локални избраници“, извршено во соработка во врска со приватизацијата на поранешниот спортски комплекс „Партизан“ во Тирана.

Во истото досие, обвинет е и неговиот зет за ќерка, кој, според СПАК со помош на Бериша, како премиер го приватизирал и на големиот простор изградил повеќекатници, здобивајќи се со профит од над 5 милиони евра.

Двајца загинати во руски напад со дрон на Киев

илустрација
илустрација

Две лица беа ранети, а нестанбена зграда беше оштетена во напад на руски дрон врз Киев рано утрината на 27 ноември, изјави градоначалникот на главниот град на Украина, Виталиј Кличко на својот канал Телеграм.

Во меѓувреме, воздухопловните сили на Украина соопштија дека Русија лансирала 89 беспилотни летала во осум региони - Киев, Чернихив, Суми, Харкив, Полтава, Житомир, Хменницки и Миколаев.

Украинската противвоздушна одбрана собори 36 беспилотни летала во нападот, додека 48 беа изгубени поради електронско заглавување на нивните навигациски системи, соопштија воздухопловните сили на платформата Телеграм.

„Пет други беспилотни летала ја напуштија територијата на Украина во правец на Белорусија и назад кон Русија“, се наведува во соопштението.

Руското Министерство за одбрана одделно соопшти дека нејзината противвоздушна одбрана соборила 10 украински беспилотни летала над регионот Ростов и два во близина на пристаништето Севастопол на Црното Море.

Главчев: Политичките сили да постигнат консензус и да се фокусираат на граѓаните

Димитар Главчев, технички премиер на Бугарија
Димитар Главчев, технички премиер на Бугарија

Сите очекуваме политичките сили да постигнат консензус, да формираат мнозинство и редовна влада и да започнат да се занимаваат со проблемите кои ги засегаат бугарските граѓани. Ова го изјави техничкиот премиер на Бугарија Димитар Главчев на почетокот на денешната владина седница.

„Денеска е 27 ноември, точно еден месец од последните вонредни парламентарни избори, а сè уште сме на првата седница на Народното собрание. Да не ги префрлаат проблемите од 'болната глава на здрава', да престанат да се занимаваат со привремената влада и да ги прекинат шпекулациите. Ако се фокусираат на решавање на проблемите на граѓаните, нема да им остане време за шпекулации“, рече привремениот премиер.

Главчев увери дека привремената влада ќе продолжи со својата работа, пренесува БТА.

„Позитивни сигнали за нашата работа дојдоа од далечни места како Сингапур и Виетнам. Таму претседателот изјави дека зад привремената влада не стои политичка волја. Каква подобра оценка може да има за привремена влада?“ рече тој и ги отфрли тврдењата за политички влијанија како шпекулации.

Изјавата на Главчев следува откако лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов ја повлече кандидатурата за премиер и истакна дека нема да се занимава со проблемите кои биле создадени во последните четири години.

На 27 октомври се одржаа седмите предвремени парламентарни избори во последните три години. Победник беше ГЕРБ со 69 пратеници, потоа ПП-ДБ со 37, „Преродба“ со 35, „ДПС - Нов почеток“ со 30, БСП со 20, АПС со 19, „Има таков народ“ (ИТН) со 18 и MECH со 12 пратеници.

ГЕРБ ќе добие мандат од претседателот Румен Радев за формирање влада, а потребни и се уште најмалку два коалициски партнери за да има парламентарно мнозинство.

Фон дер Лајен: Ќе ги поддржуваме кандидатите за членство сè додека не бидат подготвени да ни се приклучат

Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската Комисија
Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската Комисија

Борбата за слобода „не поврзува како Европејци“ и таа е причината за постоењето на нашата Унија и денес станува нејзина движечка сила повеќе од кога било досега, порача денеска (27 ноември) претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред Европскиот парламент во пресрет на денешното гласање за одобрување на новиот Колеџ на комесари.

„Оваа борба за слобода не се однесува само на нашите 27 земји членки. Сонот за Европа се протега до Западниот Балкан, до Украина, до Молдавија и пошироко. Ја видовме храброста на народот на Украина во продолжувањето на нивниот европски пат. Ја видовме издржливоста на народот на Молдавија да се држи до својата европска иднина. Ја видовме посветеноста на Западниот Балкан да се реформира, да расте и да се подготви да се приклучи на нашата Унија“, нагласи Фон дер Лајен.

Таа нагласи дека Русија нема ништо да ја запре во напорите за да ги спречи овие земји да имаат европска иднина, но посветеноста на Европа кон нив секогаш ќе биде посилна од обидите на Москва.

„Нека нема сомнеж, ние ја сакаме Украина како дел од Европската Унија. Значи, ќе стоиме покрај Украина онолку колку што е потребно. Ќе се подготвиме со реформите што се потребни од наша страна. И ние ќе ги поддржуваме овие земји на секој чекор од нивниот пат заснован на заслуги додека не бидат подготвени да се приклучат на нашата Унија“, порача Фон дер Лајен.

Таа потенцираше дека војните, конфликтите и страдањето на луѓето продолжуваат со несмалено темпо во европското соседство и затоа ЕУ мора да игра посилна улога во овие региони и има должност да помогне да се стави крај на уништувањето и загубите.

Фон дер Лајен нагласи дека првата голема иницијатива на новата Комисија ќе биде „Компасот за конкурентност“, кој ќе се базира на три столба - стеснување на јазот во иновациите со САД и Кина, потоа декарбонизацијата и зајакнувањето на конкурентност и зголемување на безбедноста и намалување на зависноста.

По нејзиното обраќање започна дебата на европратениците околу предложениот состав и програмата за работа на новата Еврокомисија. Новата Европска комисија ќе има шест извршни потпретседатели од кои четири жени и двајца мажи.

Хрватска ќе инвестира 2 отсто од БДП за одбрана во модернизација на војската

илустрација
илустрација

Хрватската влада спроведува „историска модернизација на хрватската војска“, изјави министерот за одбрана Иван Анушиќ, нагласувајќи дека следната година Хрватска ќе достигне издвојување од 2 отсто од БДП за одбрана и 29 отсто за модернизација, како што бараат актуелните стандарди на НАТО.

Анушиќ истакна дека Хрватска и Европската Унија мораат да бидат подготвени и со јасен став за прашањата за одбрана и безбедност во услови на криза.

„Безбедноста има своја цена. Мирот не е загарантиран, туку во него треба да се вложува, а Владата и Министерството за одбрана токму тоа го прават преку историска модернизација и опремување на хрватската војска“, рече Анушиќ.

Тој додаде дека вложувањето во одбрана е вложување во мир и слобода, и дека новата техника и оружје се набавуваат за да се обезбеди подготвеност за одвраќање на заканите и да се спречи повторување на искуствата од 90-тите години, пренесе Хрватската радио телевизија.

Неодамна, претседателот на Воениот комитет на НАТО, Роб Бауер соопшти дека сојузниците на НАТО ќе мора да потрошат речиси три отсто од бруто домашниот производ (БДП) на своите воени сили за да ги спроведат новите одбранбени планови на алијансата.

Опозицијата не учествува во работата на српскиот парламент, најави кривична против Брнабиќ

Прес-конференција на пратениците од опозицијата во Собранието на Србија, 27 ноември 2024 година
Прес-конференција на пратениците од опозицијата во Собранието на Србија, 27 ноември 2024 година

Претставниците на опозициските партии во српскиот парламент најавија дека на 27 ноември нема да учествуваат во работата на парламентот, на чиј дневен ред е гласање за предлогот за државниот буџет за 2025 година и за 50 други точки на дневен ред.

Тие на прес-конференција во собраниската сала пред седницата најавија дека ќе поднесат кривична пријава против претседателката на Собранието Ана Брнабиќ за, како што наведоа, злоупотреба на службената положба.

Најавија и дека ќе започнат процедура за нејзино разрешување.

„Властите ја узурпираа оваа институција и се што ќе се случи денеска ќе биде резултат на незаконското однесување на Ана Брнабиќ. Сето ова е добро инсцениран настап на Српската напредна странка и нивните партнери, сакаа да се случат инциденти, да се провлечат низ закони на „мали врати“ од кои зависат животите на граѓаните на Србија“, рече пратеникот Мирослав Алексиќ од Народното движење.

Пратеничката Билјана Ѓорѓевиќ од Зелено-левиот фронт изјави дека нема да влезе во салата и да гласа за прашања за кои не се разговарало, а гласањето е незаконско.

Седницата на парламентот почна на 25 ноември, но беше прекината по неколку инциденти и тепачка меѓу претставниците на власта и опозицијата, кои побараа на дневен ред да биде изгласана недоверба на Владата на Србија поради смртта на 15 лица кога на 1 ноември падна покривот на железничката станица во Нови Сад.

По паузата во која пратениците од опозицијата, како што тврди власта, ги оштетија микрофоните и екраните во собраниската сала, пратениците од мнозинството без расправа ги усвоија сите точки на дневниот ред, а претседателката на Собранието Ана Брнабиќ веднаш ја затвори седницата.

Европратениците ќе гласаат за одобрување на новата Европска комисија

Седница на Европскиот парламент
Седница на Европскиот парламент

Европскиот парламент денеска (27 ноември) треба да гласа за одобрување на новата Европска комисија на Урсула фон дер Лајен со мандат за следните пет години.

Сесијата ќе започне со тричасовна дебата на европратениците со Фон дер Лајен околу составот и програмата за работа на новата Европска комисија, по чие завршување ЕП ќе треба да гласа за нејзино одобрување во пакет.

За да биде одобрена, новата Европска комисија треба да добие мнозинство од гласовите на европратениците што ќе учествуваат во гласањето.

Одобрувањето следи откако во периодот помеѓу 4 и 12 ноември, сите кандидати за членови на ЕК беа сослушувани од страна на ресорните комитети на Европарламентот околу соодветноста и способноста да ги извршуваат должностите поврзани со ресорите што им се доделени, по што беа потврдени нивните номинации.

Согласно процедурите во Европската Унија по одобрувањето на новата Еврокомисија од страна на европратениците, Советот на ЕУ со квалификувано мнозинство гласови формално ги назначува еврокомесарите. Се очекува целата постапка да заврши до крајот на месецов, со што новата Еврокомисија ќе стапи на должност на 1 декември.

Инаку, постапката на потврдување на еврокомесарите беше заокружена минатата седмица, откако по еднонеделни преговори трите групации од проевропско центристичко мнозинство во Европскиот парламент - Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ) минатата среда постигнаа договор за одобрување на шестмината кандидати за извршни потпретседатели на ЕК и на еврокомесарот за здравство и благосостојба на животните Оливер Вархеји.

Покрај за изборот на новата Европска комисија, европратениците денеска треба да гласаат и за одобрување на Предлог-буџетот на ЕУ за 2025 години.

Доколку европратениците го одобрат предложениот буџет, претседателската на Европарламентот, Роберта Мецола веднаш по гласањето ќе ја потпише одлуката за негово усвојување, откако тој претходно беше одобрен и од Советот на ЕУ.

Протестите против прорускиот романски претседателски кандидат се проширија и надвор од Букурешт

Романија - Протести против подемот на прорускиот политичар Калин Георгеску
Романија - Протести против подемот на прорускиот политичар Калин Георгеску

Протестите против подемот на прорускиот политичар Калин Георгеску се проширија надвор од Букурешт и во другите романски градови по неговата ненадејна победа во првиот круг од претседателските избори во текот на викендот.

Протести против Џорџеску се одржаа вечерта на 26 ноември во Букурешт, Темишвар, Јаши, Брашов и Сибиу.


Георгеску на 8 декември во втор круг се соочува со прозападниот десничарски кандидат Елена Ласкони, откако освои 22,94 отсто од гласовите во првиот круг од гласањето на 24 ноември во земјата-членка на ЕУ и НАТО.

Околу 1.000 луѓе излегоа во Букурешт на втората ноќ од протестите против Георгеску на универзитетскиот плоштад во романската престолнина.

Повеќето од оние кои излегоа на улица беа млади луѓе кои ја изразија својата загриженост за радикалните ставови на Џорџеску и за иднината на нивната земја.

Цивилите почнаа да се враќаат во јужен Либан по стартот на примирјето меѓу Израел и Хезболах

Прекинот на огнот меѓу Израел и Хезболах поддржан од Иран стапи на сила во јужен Либан по речиси 14 месеци борби што предизвикаа загриженост од поширок конфликт во регионот.

Откако започна прекинот на огнот во 4 часот по локално време, израелската војска ги предупреди цивилите да не се враќаат во своите домови во јужен Либан и да не се приближуваат до израелските позиции.

Сепак, конвои цивили преминаа во јужен Либан, пркосејќи на израелското предупредување и апелот на либанската армија, која треба да се распореди во областа за да ги замени израелските сили.

Хезболах е прогласен за терористичка организација од САД, а неговото воено крило е на црната листа на Европската унија.

Либан 27.11.2024
Либан 27.11.2024


Прекинот на огнот беше одобрен од безбедносниот кабинет на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, соопшти кабинетот на Нетанјаху на 26 ноември, означувајќи можен развој кон мир меѓу Израел и милитантите на Хезболах.

Овој потег веднаш беше поздравен од американскиот претседател Џо Бајден, кој рече дека тоа претставува нов почеток за Либан и покажува дека мирот е можен по речиси 14 месеци прекугранични борби.

Во телевизиско обраќање, Нетанјаху не кажа колку долго ќе трае примирјето, но истакна дека должината на прекинот на огнот „зависи од тоа што се случува во Либан“.

Тој додаде: „Ако Хезболах го прекрши договорот и се обиде да се вооружи, ние ќе нападнеме. Ако тие се обидат да ги обноват терористичките активности во близина на границата, ние ќе нападнеме. Ако лансираат ракета, ископаат тунел или внесат камион со проектили, ќе нападнеме“.

Израел и Хезболах се договорија за прекин на огнот во Либан

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху

Безбедносниот кабинет на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху со големо мнозинство го одобри договорот за прекин на огнот со Хезболах, соопшти канцеларијата на Нетанјаху на денеска (26 ноември), означувајќи голем чекор кон мир меѓу Израел и милитантите на Хезболах поддржани од Иран.

Овој потег веднаш беше поздравен од американскиот претседател Џо Бајден, кој рече дека тоа претставува нов почеток за Либан и покажува дека мирот е можен по речиси 14 месеци прекугранични борби кои принудија десетици илјади Израелци да избегаат и во кои беа убиени илјадници Либанци.

Кабинетот на Нетанјаху соопшти дека планот бил одобрен со 10-1 разлика. Претходно, Нетанјаху го бранеше договорот за прекин на огнот бидејќи му препорача на неговиот безбедносен кабинет да го усвои планот, ветувајќи дека ќе го нападне Хезболах силно ако го прекрши очекуваниот договор.

Во часовите пред состанокот, Израел го изведе најинтензивниот бран напади во Бејрут и неговите јужни предградија и издаде рекорден број предупредувања за евакуација.

Во телевизиско обраќање, Нетанјаху не кажа колку долго ќе трае примирјето, но истакна дека должината на прекинот на огнот „зависи од она што се случува во Либан“.

Тој додаде: „Ако Хезболах го прекрши договорот и се обиде повторно да се вооружи, ние ќе нападнеме. Ако тие се обидат да ги обноват терористичките активности во близина на границата, ние ќе нападнеме. Ако лансираат ракета, ископаат тунел или внесат камион со проектили, ние ќе нападнеме“.

Прекинот на огнот би го означил првиот голем чекор кон ставање крај на насилството предизвикано од нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, од страна на Хамас – од САД и ЕУ означена како терористичка организација.

Бајден рече дека, според договорот постигнат меѓу Израел и Хезболах, прекинот на огнот ќе стапи на сила во 4 часот по локално време на 27 ноември. Тој нагласи дека Израел го задржува правото да ги продолжи операциите во Либан доколку Хезболах ги прекрши условите на примирјето.

„Ова е дизајнирано да биде траен прекин на непријателствата“, рече Бајден во Белата куќа веднаш откако Нетанјаху го објави одобрувањето на примирјето од безбедносниот кабинет. Доколку некоја страна ги прекрши условите од договорот, „Израел го задржува правото на самоодбрана“.

Тој рече дека во текот на следните 60 дена цивилите од двете страни ќе можат безбедно да се вратат во своите заедници. Договорот бара израелските трупи да се повлечат од јужен Либан и либанската армија да се распореди во регионот, додека Хезболах ќе го прекине своето вооружено присуство долж границата јужно од реката Литани.

Либанскиот премиер Наџиб Микати го поздрави прекинот на огнот и рече дека тоа е „фундаментален чекор кон воспоставување смиреност и стабилност во Либан“.

Примирјето не се однесува на војната во Газа, но Бајден рече дека овој конфликт заслужува договор за прекин на огнот.

Нетанјаху рече дека Израел сега ќе ги фокусира своите напори кон милитантите на Хамас и неговата најголема безбедносна грижа, Иран.

„Од вториот ден од војната, Хамас сметаше на Хезболах да се бори покрај него. Со Хезболах надвор од сликата, Хамас е оставен сам на себе. Ќе го зголемиме притисокот врз Хамас и тоа ќе ни помогне во нашата света мисија да ги ослободиме нашите заложници“, рече тој.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен претходно изјави дека прекинот на огнот ќе спаси животи и средства за живот во Либан и во Израел.

„Ќе направи голема разлика во создавањето услови што ќе им овозможат на луѓето безбедно да се вратат во своите домови во северен Израел и во јужен Либан“, рече Блинкен на брифингот на крајот од состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Фиуџи, Италија.

Тој рече дека исто така верува оти деескалирањето на тензиите може да помогне да се стави крај на конфликтот во Газа, давајќи му до знаење на Хамас дека не може да смета на други фронтови кои се отвораат во војната.

„Во однос на самата Газа, исто така мислам дека ова може да има значително влијание… Затоа што една од работите што Хамас ја бара од првиот ден е да ги привлече другите во борбата, да создаде повеќе фронтови, да се увери дека Израел мора да се бори на цела низа различни места“, рече Блинкен.

Во војната се убиени најмалку 3.799 луѓе во Либан од октомври 2023 година, според либанското Министерство за здравство.

Од израелска страна, во воените дејствија загинаа најмалку 82 војници и 47 цивили, велат властите.

Војната во Либан ескалираше по речиси една година ограничена прекугранична размена на оган иницирана од Хезболах.

Либанската група соопшти дека дејствува како поддршка на Хамас по неговиот напад на Израел на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната во Газа.

Извори: AП, Ројтерс

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG