Достапни линкови

Опасни сипаници или мајмунски обид за страв


Илустрација
Илустрација

Здравствените експерти велат дека нема причина за страв од мајмунските сипаници. Болеста не е толку опасна и не се шири толку лесно како коронавирусот, па тешко дека може да дојде до пандемија каква што имавме со ковид-19.

Едвај куртуливме од ковид-19, на сцена дојдоа мајмунските сипаници. Светските медиуми се полни со вести за појава на мајмунски сипаници надвор од земјите од западна и централна Африка, каде што заразата обично се појавува. Главните жаришта, надвор од Африка, во моментов се Шпанија и Португалија, а вирусот е потврден и во уште десетина земји од Европа, како и во САД и во Израел.

Здравствените власти се подготвуваат за евентуална појава на оваа болест во Македонија, некои земји препорачуваат заштитни мерки слични како оние против коронавирусот. Здравствените власти најавија дека ќе набавуваат тестови и терапија против оваа болест.

Домашните експерти велат дека нема причина за страв. Болеста ни е толку опасна, ни се шири толку брзо и лесно како коронавирусот.

Доктор Нико Беќаровски на Фејсбук напиша дека нема причини за паника и оти граѓаните слободно може да си го планираат летниот одмор.

Микробиологот Никола Пановски, кој беше многу присутен во јавноста со совети за заштита од коронавирусот, исто така вели дека мајмунските сипаници не заслужуваат никакво внимание, освен научно-истражувачко.

Со сличен став е и епидемиологот, доктор Драган Даниловски. Според него, мајмунските сипаници се „како прошетка во парк“ во однос на коронавирусот.

Светската здравствена организација во вторникот соопшти дека 131 инфекција со вирусот на мајмунска сипаница и 106 други сомнителни пациенти се потврдени по првиот откриен случај во Европа на 7 мај.

Експертот за инфективни опасности со епидемиски потенцијал Дејвид Хејман од СЗО пред неколку дена изјави дека досега невиденото ширење на мајмунски сипаници во развиените земји го смета за случаен настан, кој може да се должи на ризично сексуално однесување на два неодамнешни масовни настана.

Најголем дел од заразените се геј и бисексуални мажи кои, според СЗО, веројатно се заразиле на сексуални забави.

Дел од граѓаните на социјалните мрежи иронично коментираат дека и едни сипаници ќе измајмунисаме.

Мајмунски сипаници не можеа да поминат без досетки на сметка на прилепчани.

Вирусот на мајмунски сипаници првпат бил откриен кај мајмуните во 1958 година. Првиот случај кај човек бил регистриран во 1970 во Демократска Република Конго. Тие се помалку опасни од обичните сипаници. Се смета дека најчести преносители на болеста се глодарите. Вирусот повремено се појавува во Централна и во Западна Африка, а поретко во други делови од светот. Преносот од човек на човек може да се случи преку близок контакт со слузниците или со раничка со инфективен материјал или преку големи капки во воздухот при продолжен контакт лице в лице“. Против оваа болест има вакцини, но и вакцините против морбили штитат од болеста.

Комисијата за заразни болести последен пат за мајмунски сипаници расправаше во 2018 година, кога се појавија случаи во Велика Британија.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG