Достапни линкови

Вести

ССМ бара средба со Владата во ребалансот на Буџетот нема зголемување на платите

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски
Претседателот на ССМ, Дарко Димовски

Од Сојузот на синдикатите на Македонија- ССМ соопштија дека бараат итна средба со Владата, бидејќи ребалансот на Буџетот не го испорачува договореното.

„Потсетуваме дека во преговорите за нов Општ колективен договор за јавниот сектор беше прифатено дека линеарното зголемување на платите за најмалку 2806 денари ќе се случи со ребалансот на буџетот, како што бевме убедувани од Владата, но за жал се покажува дека тоа било само купување на време и играње со судбината на 130 илјади работници во државата во време кога економската, енергетската криза и инфлацијата ги јадат работничките плати“, се наведува во реакцијата на ССМ.

Ако не биде постигнат договор за 2806 денари сега, како што наведуваат од ССМ, од септември истото ќе изнесува 18,4 проценти односно онолку за колку што се зголеми минималната плата согласно Закон, каде што рокот од 6 месеци мора да се испочитува за што и Владата јасно истакна дека во рок од 6 месеци ќе се усогласат останатите плати и од тоа, според синдикатот, назад нема.

Од ССМ потсетуваат дека се барало зголемување на платите уште од 1 мај и поради тоа на улица излегле преку 7500 работници, кои јасно ја упатиле пораката дека зголемени плати им се потребни веднаш. Но, како што истакнуваат, очигледно пораката не е разбрана.

„ССМ настојува да се помогне на работниците со најниски примања и поради тоа барањето за зголемување на платите за 2806 денари веднаш е солидарно решение, а во спротивно и од сигналите кои со ребалансот се испраќаат, солидарноста ќе ја снема и работниците ќе го бараат тоа што им следува по закон“, соопштија од ССМ.

Министерот за финансии Фатмир Бесими на прес-конференција за ребаланост на Буџетот изјави дека со него се обезбедени нови дополнителни 76 милиони евра за мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на стопанството како и дополнителни 52 милиони евра за субвенции за земјоделците.

Со ребалансот на Буџетот, како што посочи, се обезбедени и средства за покачување на пензиите на пензионерите, на платите за наставниците, за субвенции за покачување на минималната плата, и во јавниот и во приватниот сектор, како и повеќе средства за социјални надоместоци и субвенции за гарантиран минимален приход.

види ги сите денешни вести

Ја чувствуваме разликата, рече Зеленски за зголемената помош од сојузниците

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Сојузниците на Киев ја зголемија воената поддршка за Украина овој месец, рече претседателот Володимир Зеленски, откако Европската унија (ЕУ) вети нов заем од 39 милијарди долари за да ѝ помогне на земјата да закрепне.

„[Помошта] се забрза во септември и ја чувствуваме разликата“, рече Зеленски вечерта на 20 септември.

Заемот од ЕУ поддржан од приходите од замрзнатите руски средства, го објави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која го посети Киев на 20 септември.

Пред патувањето, таа рече дека ЕУ ќе обезбеди дополнителни 178 милиони долари за да ѝ помогне на Украина да ја поправи оштетената енергетска инфраструктура, да ги прошири обновливите извори на енергија и да финансира засолништа.

Сепак, Зеленски укажа и на отпорот на САД да му дозволи на Киев да користи западно оружје за напади длабоко на руска територија, велејќи дека тоа е резултат на стравувањата на Белата куќа од потенцијална ескалација на потезите на Кремљ.

Експертите предупредија дека претстојната зима би можела да биде најтешката за Украина досега, бидејќи енергетската инфраструктура на земјата е под силен притисок поради руските удари врз нејзините електрани, топланите и преносните мрежи.

Чесите гласаа на изборите и покрај поплавите

Чешка - Пожарникарите поставија импровизирано избирачко место во Широка Нива, Чешка, петок, 20 септември 2024 година.
Чешка - Пожарникарите поставија импровизирано избирачко место во Широка Нива, Чешка, петок, 20 септември 2024 година.

Во Чешка на 21 септември во 14 часот беа затворени избирачките места каде Чесите и покрај катастрофалните поплави на истокот на земјата, избираа вкупно 675 советници во 13 од 14 региони на Чешка од во петокот попладне, а дополнително се одржаа дополнителни избори на третина од територијата на земјата.

Владата одлучи да не ги одложува изборите поради поплавите бидејќи ќе мора да прогласи вонредна состојба, за која смета дека нема правна основа.

Министерството за внатрешни работи помогна да се гласа во пет од 35 најтешко погодени општини кои не можеа сами да го направат тоа.

Избирачките комисии и медиумите проценуваат дека излегле нешто повеќе од 30 отсто од гласачите, делумно поради поплавите, но главно затоа што Чесите и онака не се заинтересирани за регионални избори.

Причината е и тоа што кампањите не се водат за теми за кои се одговорни регионите - за училишта, болници, патишта, туку кампањата и гласањето најчесто изгледаат како да се копирани од парламентарните избори.

Вака во кампањата се вклучени и лидерите на партиите, пред се лидерот на опозициската партија АНО, поранешниот премиер, милијардерот Андреј Бабиш, кој на сите плакати и билборди е со насмевка како да е носител на партиската листа, иако тој нема никаква врска со регионалните избори.

Партијата на Бабиш АНО е фаворит на регионалните избори што се одржаа според пропорционалниот изборен систем.

Изборите за 27 од вкупно 81 сенатор во Чешка се одржаа според мнозинскиот изборен систем, а доколку нема кандидат кој би добил повеќе од 50 отсто од гласовите, за една недела ќе се одржи втор круг.

Броењето на гласовите почна веднаш по затворањето на избирачките места, а портпаролот на чешкиот завод за статистика Јан Цислер предупреди дека во поплавените подрачја пребројувањето може да трае подолго, но дека до вечерва треба да се пребројат гласовите од мнозинството од над 14.000 избирачки места.

Официјалните резултати ќе бидат објавени во недела на 22 септември.

Во израелски напад на училиште загинаа 22 лица

Оштетени згради во јужниот дел на Појасот Газа.
Оштетени згради во јужниот дел на Појасот Газа.

Во израелски оган загинаа 22 лица во напад на училиште во северниот дел на Газа, соопшти Министерството за здравство на Газа на 21 септември.

Во нападот на училиштето во областа Зејтун во градот Газа повредени се уште 30 луѓе, се вели во соопштението.

Претходно, на 21 септември, израелската армија соопшти дека нападнала „командно-контролен центар“ на Хамас, кој Вашингтон и ЕУ го прогласија за терористичка организација.

Израел рече дека центарот „бил вграден во комплекс што претходно служел“ како училиште.

Унгарските власти: Поплавите на Дунав ќе предизвикаат „голем стрес“

Реката Дунав во Унгарија.
Реката Дунав во Унгарија.

Водостојот на реката Дунав се очекува полека да се зголемува за 50 сантиметри до вечерва на 21 септември, додекаУнгарија и другите централноевропски земји се справуваат со последиците од силната бура од дожд што го зафати регионот.

Иштван Ланг, генералниот директор за управување со водите во Унгарија, на 20 септември објави дека ќе биде многу значаен товарот за заштитата од поплави кој веќе е поставен.

„Ова е многу голема поплава, ќе предизвика голем стрес“, рече тој на унгарската телевизија.

Фериботите на Дунав во Унгарија се запрени, а водата се излеа над долните кејови на градот во Будимпешта, заканувајќи се да стигне до линиите на трамвајот и метрото.

Ланг рече дека најлошото од поплавите од силниот дожд ќе трае подолго од очекуваното. Дунав се повлекува побавно од предвиденото поради значителната количина на дожд што падна во Германија по избувнувањето на циклонот Борис, додаде тој.

Ланг рече дека областа јужно од Будимпешта во голема мера ќе биде безбедна од поплави благодарение на големите инфраструктурни подобрувања во регионот со текот на времето по катастрофалната поплава во 1956 година, а браните во земјата се во многу добра состојба. Насипите јужно од Будимпешта се посилни и повисоки по подобрувањата и ќе можат подобро да штитат од поплавите, рече тој.

Золтан Гора, унгарскиот национален генерален директор за превенција од катастрофи, потврди дека Будимпешта е заштитена до 9 метри водостој. Прогнозите покажуваат дека водата ќе достигне 8,5 метри или пониско.

Властите за вода во главниот град, исто така, ги уверија жителите дека снабдувањето со вода за пиење ќе биде безбедно. Владиното тело за управување со вода ги затвори резервоарите за вода за пиење што беа поплавени од Дунав и додаде дополнителна заштита на оние што сè уште не се поплавени.

Градоначалникот на Будимпешта Гергели Карачони додаде дека канализациониот систем е особено ранлив, предупредувајќи ги граѓаните на можни пукнатини и непријатности на цевките.

Заштита од поплави е воведена и долж делови на Дунав во Србија, објави на 20 септември управата за управување со вода во регионот Војводина на северот од земјата.

Спроведени се редовни мерки за одбрана од поплави на 253 километри од реката, вклучително и на делови од насипот на Дунав, од државната граница со Унгарија до областа Ковиљ источно од Нови Сад, како и на структурите на хидроелектричниот систем и во руралните обласи.

Управата за управување со водите во Војводина соопшти дека прогнозите на Хидрометеоролошкиот институт на Србија покажуваат дека водостојот на Дунав ќе се зголеми во наредните денови.

„Врвот на брановите кај Бездан се очекува на 25 септември, а кај Нови Сад меѓу 27 и 28 септември. Прогнозите велат дека нивото на водата на Дунав кај Нови Сад ќе биде под границите на итна заштита од поплави“, посочуваат од компанијата.

Во Романија, каде што поплавите веќе предизвикаа хаос, властите соопштија дека најновиот биланс покажува дека шест лица загинале. Во над 24 заедници во источниот регион на Романија, повеќе од 20.000 жители беа погодени од поплавите.

Жителите во најтешко погодените области на Дунав во таа земја, Галати и Васлуи, ги чистат своите домови поплавени од кал.

Унгарското разузнавање го интервјуираше директорот на фирмата поврзана со експлозиите на пејџерите на Хезболах

Фотографија направена на 18 септември 2024 година во јужните предградија на Бејрут се прикажани остатоци од експлодирани пејџери на неоткриена локација.
Фотографија направена на 18 септември 2024 година во јужните предградија на Бејрут се прикажани остатоци од експлодирани пејџери на неоткриена локација.

Унгарските разузнавачки служби спроведоа неколку интервјуа со извршниот директор на BAC Consulting, компанија со седиште во Будимпешта, поврзана со смртоносните експлозии на пејџери што ги користеа членовите на Хезболах оваа недела, соопшти унгарската влада на 21 септември.

Тајванската компанија за пејџери Gold Apollo на 18 септември соопшти дека моделите на пејџери користени во детонациите во Либан биле направени од BAC Consulting.

Компанијата додаде дека само го лиценцирала својот бренд на компанијата и не била вклучена во производството на уредите.

Кристијана Барсони-Арцидиаконо (49), италијанско-унгарската извршна директорка и сопственицка на BAC Consulting, изјави за NBC News претходно оваа недела дека таа не ги правела пејџерите и рече дека таа е „само посредник“.

Вучиќ: Гробот на Тито останува во Белград

Јосип Броз Тито.
Јосип Броз Тито.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека гробот на Јосип Броз Тито нема да биде преместен од Куќата на цвеќето во Белград.

„Јосип Броз е дел од нашата историја. Овде живеел, тука е погребан и ќе остане дел од југословенската и српската историја“, изјави Вучиќ за „Политико“.

Неговиот партиски колега Александар Шапиќ, функционер на Српската напредна странка (СНС) и градоначалник на Белград, претходно изјави дека ќе иницира преместување на гробот на Јосип Броз Тито.

„Тоа е исклучително важна работа за српскиот народ и иднината на земјата“, рече Шапиќ.

Тој предложи Тито, чиј гроб се наоѓа во Куќата на цвеќето во комплексот на Музејот на Југославија, да биде пренесен во неговото родно место Кумровец во Хрватска.

Јосип Броз Тито беше командант на југословенската партизанска армија во Втората светска војна, претседател на Сојузот на комунистите на Југославија и доживотен маршал и претседател на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ).

Јосип Броз загина на 4 мај 1980 година, а земјата чиј неприкосновен лидер беше се распадна во војната на почетокот на деведесеттите.

Бројот на загинати во израелскиот воздушен напад врз предградието на Бејрут се искачи на 31

Луѓе и членовите на војската го проверуваат местото на израелскиот напад во јужните предградија на Бејрут, Либан, 20 септември 2024 година.
Луѓе и членовите на војската го проверуваат местото на израелскиот напад во јужните предградија на Бејрут, Либан, 20 септември 2024 година.

Либанскиот министер за здравство на 21 септември изјави дека бројот на загинати во израелскиот воздушен напад врз предградие на Бејрут претходниот ден се искачи на 31, меѓу кои седум жени и три деца.

Фирас Абиад изјави за новинарите дека 68 лица биле ранети, од кои 15 се во болница, во најсмртоносниот израелски воздушен напад врз Бејрут од војната Израел-Хезболах во летото 2006 година.

Меѓу загинатите е Ибрахим Акил, командант на Хезболах кој беше задолжен за елитните сили на групата Радван.

Исто така загинати се и десетина членови на милитантната група кои се состануваа во подрумот на зградата што беше уништена.

Во Белград се отстранува бомба тешка 300 килограми од Првата светска војна

Отстранување на бомба во Белград.
Отстранување на бомба во Белград.

Министерството за внатрешни работи на Србија (МУП) соопшти дека отстранува граната која останала од Првата светска војна, пронајдена на градилиште во близина на зградата на српскиот парламент во центарот на Белград.

Во јавниот оглас е наведено дека на 22 септември артилериската граната ќе биде неутрализирана и транспортирана од локацијата во Влајковиќева.

Од станарите на таа и околните улици беше побарано да ги почитуваат наредбите и упатствата на надлежните органи.

„Доколку можат да ги напуштат становите во периодот од 8 до 11 часот. Ако не можат тоа да ги отворат прозорците, да се оддалечат од нив и да ги спуштат ролетните“, велат од МУП.

Од граѓаните на Влајковиќева и две околни улици, плоштадот „Косовска“ и „Никола Пашица“ беше побарано да ги отстранат паркираните возила.

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, на 18 септември изјави дека припадници на полицијата и на Одделот за вонредни состојби го обезбедуваат просторот каде што е пронајдена експлозивна направа на австроунгарската армија од Првата светска војна.

Тој изјави дека ископаната граната е тешка 287 килограми и долга повеќе од еден метар.

Работите на изградбата на подземната гаража при која беше пронајдена се прекинати од средата.

Израел започна истрага откако негови војници фрлaле тела на загинати Палестинци

Фото архива: израелска војска на улиците на Тубас на Западниот Брег, 11 септември 2024 година.
Фото архива: израелска војска на улиците на Тубас на Западниот Брег, 11 септември 2024 година.

Израелската војска започна истрага откако нејзините војници беа снимени како ги фрлаат телата на тројца загинати Палестинци од покрив за време на рација на Западниот Брег.

Како што јавува Би-Би-Си, ситуацијата е снимена во Кабатија кај Џенин, а на едно од видеата се гледа како израелски воен булдожер ги крева и ги отстранува телата.

„Ова е сериозен инцидент кој не е во согласност со нашите вредности и очекувања на нашите војници“, соопштија израелските одбранбени сили (ИДФ) на 20 септември.

Локалните палестински власти соопштија дека израелските сили убиле најмалку седум лица во Кабатија на 19 септември.

ИДФ соопшти дека извршила контратерористичка акција во Кабатија при што во размена на оган загинале четворица милитанти, како и дека тројца биле убиени по напад со дрон врз автомобил.

Новинар од Кабатија за Би-Би-Си изјави дека во четвртокот наутро, израелските војници опколиле зграда во тој град и снајперисти пукале во четворица мажи кои побегнале на покривот.

Тој додаде дека откако борбите во градот стивнале, видел дека израелските војници се качуваат на покривот и ги спуштаат телата, кои потоа биле натоварени во булдожер.

Израелската армија објави дека еден од убиените во антитерористичката операција во Кабатија е Шади Закарне, кој според неа е одговорен за нападите во северната област на Западниот Брег.

Според меѓународното право, војниците се обврзани да гарантираат дека телата на борците се третираат со почит.

Палестинското Министерство за надворешни работи соопшти дека станува збор за „злосторство што ја разоткри бруталноста на израелската армија“.

Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби ја опиша снимката како длабоко вознемирувачка.

„Ако се докаже дека е автентично, јасно би претставувало одвратно и ужасно однесување на професионалните војници“, рече Кирби.

Според палестинското Министерство за здравство, повеќе од 41.000 Палестинци се убиени во Појасот Газа од нападот врз Израел на 7 октомври од страна на Хамас, кој САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација.

Руски војници обвинети за вмешаност во убиство на Американец во Украина

Американскиот државјанин Расел Бонер Бентли, поранешен припадник на проруската сепаратистичка воена единица во Доњецк, Украина.
Американскиот државјанин Расел Бонер Бентли, поранешен припадник на проруската сепаратистичка воена единица во Доњецк, Украина.

Расел Бентли, човек од Тексас, кој како „Каубој од Донбас“ се прослави затоа што им се придружил на силите поддржани од Русија во источна Украина, бил мачен пред да биде убиен во украинскиот град Доњецк окупиран од Русија, соопштија руските власти.

Тие исто така рекоа дека неговите наводни грабнувачи се обиделе да ја прикријат смртта детонирајќи автомобил во кој се наоѓало неговото тело.

Во соопштението објавено на 20 септември, Истражниот комитет наведе дека четворица членови на руските вооружени сили, Виталиј Вансјацки, Владислав Агалцев, Владимир Бажин и Андреј Јорданов, биле обвинети во врска со смртта на Бентли во април.

Бентли (64) беше вклучен и во рускаиот упад на ниско ниво во Украина, која датира од 2014 година.

Нарекувајќи се себеси каубој од Донбас, Бентли стана популарна личност на руските пропагандни мрежи поради неговата критика кон американската влада.

Бентли исчезна во Доњецк во април.

Маргарита Симонјан, водечката руска про-Кремљ новинарка и главен уредник на телевизијата РТ контролирана од државата, напиша на Х во тоа време дека Бентли умре за „нашиот народ“ во Доњецк.

Командантот на баталјонот „Восток“ на сепаратистите поддржани од Русија, Александар Ходаковски, тогаш на Телеграм рече дека „оние кои го убиле Расел Бентли“ ќе се соочат со „казна“. Но, пораката беше отстранета од Телеграм набрзо откако беше објавена.

Сопругата на Бентли, Људмила, тогаш тврдеше дека руски војници од тенковски баталјон го киднапирале.

Според Истражниот комитет, Вансјацки, Агалцев и Јорданов го мачеле Бентли на 8 април, а тој умрел набргу потоа.

Вансјацки и Агалцев се осомничени дека разнеле автомобил со телото на Бентли во него и му наредиле на Бажин да се ослободи од она што останало од неговите останки.

Четворицата мажи се обвинети за злоупотреба на службената должност, тортура што довела до смрт, сквернавење на тело и заговор за криење на телото.

Истражниот комитет не прецизираше зошто четворицата мажи го мачеле Бентли до смрт, но многу негови пријатели во Доњецк сугерираат дека Тексашанецот можеби бил помешан за шпион.

Бентли се борел за баталјонот Восток помеѓу 2014 и 2017 година и добил руско државјанство во 2021 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG